Connect with us

Анализи

АЕТМ: Пораст од 32% на вредноста и 37% на бројот на направените трансакции од Македонци кон странски е-трговци

Објавено

на

Вредност на реализирани трансакции

Согласно најновите објавени податоци за трансакции на места на продажба за е-трговија (со исклучок на трансакциите со електронски пари) на Народната банка на Република Северна Македонија во првите три месеци од 2025 година вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет продавниците од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички изнесува 13,119.6 милиони денари или 213.3 милиони евра и преставува пораст од 25.4% во однос на истиот период минатата година. 

При тоа, кон македонските е-трговци биле направени онлајн трансакции во вредност од 8,192.9 милиони денари или 133.2 милиони евра од домашни и странски иматели на платежни картички со пораст од 21.7% во однос на истиот период минатата година. Само од македонски иматели на платежни картичи кон домашните е-трговци направена е вредност од 7,452.3 милиони денари или 121.2 милиони евра односно 20.2% повеќе во однос на истиот период минатата година, додека странците кон македонските е-трговци направиле трансакции во вредност од 740.1 милиони денари или 12.1 милиони евра односно оствариле 40.3% пораст. Од друга страна Македонците во странство направиле онлајн трансакции од 4,926.6 милиони денари или 80.1 милиони евра што преставува пораст од 32% во однос на минатата година.

Број на реализирани онлајн трансакции

Вкупната вредност е остварена со направени 6.1 милиони онлајн трансакции што е за 18.3% повеќе во однос на минатата година. Притоа кон македонските е-трговци бројот на направените е-трансакции изнесува 3,652.3 илјади и е за 8.3% повеќе во ондос на истиот период лани. Најголем пораст на бројот на направените е-трансакции од 37% е забележан од домашни иматели на платежни картички кон странски е-трговци.

Вредноста на вкупните реализирани онлајн трансакции во првиот квартал бележи раст од 25.4%, додека кон домашните е-трговци растот е 21.7%, а растот со домашни картички кон странски е-трговци изнесува 32%. Ако земеме предвид дека ова се први податоци во кои се вклучени и трансакциите кон Тему, може да констатираме дека и растот кон домашните е-трговци, како со домашни и така со странски картички е на солидно ниво. Што се однесува до бројот на трансакции очекувано, растот кон домашните е-трговци е значително помал од оној кон странските, и изнесува 7% (дома) спрема 37% (кон странство). Имајќи предвид дека тука се отсликува улогата на Тему каде што се прават повеќе но помали трансакции, просечната вредност на трансакција кон странските се намалила од 34 на 33 евра. Тему кој за сега нуди единствено плаќање со картичка, влијае во насока на едукација на потрошувачите да плаќаат со картички, што е важно за зголемување на дигиталните вештини и вештините за дигитални плаќања. Преференцата за плаќање во готовина се уште доминира на македонскиот пазар, а потребно е забрзувње на транзицијата кон безготовински плаќања, што воедно може да влијае и на намалување на сивата економија која е значаен предизвик за е-трговијата и целокупната економија. Инаку Европската комисија води бројни дискусии во врска со влијанието на Тему, милионите мали пратки кои пристигнуваат и нивното влијание врз околината, одржливоста и целокупно економија.” – вели Претседателката на АЕТМ, д-р. Нина Ангеловска Станков.

Просечна вредност на трансакција

Анализата на просечната вредност на онлајн трансакциите во првиот квартал од 2025 година покажува различни движења по категории, кои може да се разберат во контекст на веќе забележаниот раст во вкупната вредност и бројот на трансакции. Кај трансакциите од домашни картички кон домашни е-трговци, просечната вредност пораснала од 32 на 36 евра односно 12.4%. Овој тренд е во согласност со зголемената вредност на трансакциите (+20.2%) и релативно мал пораст на бројот на трансакции (+7%), што укажува дека македонските потрошувачи трошат повеќе по трансакција кај домашните продавници, веројатно заради зголемена понуда, доверба и навики. Кај странски картички кон домашни е-трговци, просечната вредност се зголемила од 37 на 41 евра (+10.3%), што повторно е во согласност со порастот и на вредноста на трансакциите и бројот на трансакции. Спротивно на тоа, кај трансакциите од домашни картички кон странски е-трговци, просечната вредност бележи намалување од 34 на 33 евра (-3.7%), иако вкупната вредност пораснала за 32%, а бројот на трансакции дури за 37%. Овој пад на просечната вредност по трансакција се објаснува со масовниот пораст на купувања со пониска вредност, во главно поттикнати од Temu, која нуди ниски цени и бесплатна достава. Тоа доведува до зголемен број на помали трансакции, што ја намалува просечната вредност, иако вкупната активност драстично се зголемила. Вкупно, просечната вредност на онлајн трансакциите пораснала од 33 на 35 евра (+6.1%).

Повторливи (recurring) онлајн трансакции

Според усогласувањето на извештаите во податоците од доменот на платежната статистика со Законот за платежни услуги и платни системи се известува и за повторливи онлајн транскации (Recurring payments) кои може да се однесуваат за плаќање на сметки или претплати за најразлини услуги. Тие најчесто се однесуваат на: претплати (на пример за Netflix, Spotify, Microsoft, Apple, ChatGPT и сл.), комунални услуги (струја, интернет, телефон), членарини (фитнес, професионални здруженија), автоматски обновувања на услуги и лиценци.

Во првиот квартал на 2025 година се забележува раст на повторливите трансакции и тоа кај трансакциите од домашни картички кон домашни е-трговци има раст од 29% во вредноста и 18% во бројот на онлајн трансакции, а од друга страна, трансакциите од домашни картички кон странски е-трговци, бележат раст од 29% по вредност, но и значителен скок од 43% по број на трансакции. Сѐ поголем број Македонци користат претплатнички услуги, како што се дигитални содржини (стриминг платформи, софтвер), но и претплати на комунални услуги и се одлучуваат за автоматско плаќање со платежни картички, наместо традиционални уплати.

Нови отворени е-продавници 

Во текот на првото тромесечје од 2025 година, регистрирани се 65 новоотворени онлајн продажни места, што претставува значаен показател за зголемена понуда и заинтересираност на бизнисите да влезат во е-просторот. Овој тренд упатува на сѐ поголема свесност кај трговците за потребата од присуство на интернет пазарот, како и на поволни услови за развој на онлајн продажбата.

Анализи

Трошоците за живот поскапени за 3,2 проценти за една година!

Објавено

на

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, е намалена за 0,7%, додека цените на мало бележат пад од 2,7%, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

На годишно ниво, трошоците на живот во јануари 2026 година во однос на јануари 2025 година бележи зголемување од 3,2 %, а индексот на цените на мало се покачил за 1,2% во споредба со јануари 2025 година.

Месечниот пад на инфлацијата е резултат на значително поевтинување кај транспортот (-9,3%), како и намалување на цените во групите информации и комуникации (-1,6%), рекреација, спорт и култура (-1,5%), облека и обувки (-1,2%) и лична нега и разновидни услуги (-0,5%).

Истовремено, зголемување на трошоците е забележано кај домувањето и енергенсите (+1%), покуќнината (+1%), рестораните и хотелските услуги (+0,7%), како и кај образованието и алкохолните пијалаци (+0,1%).

На годишна основа, најголем раст на цените е регистриран кај покуќнината и апаратите за домаќинство (5,8%), храната (5,5%) и алкохолните пијалаци (5,3%). Кај индустриските прехранбени производи цените се зголемени за 4,8%, а кај земјоделските производи за 3,2%.

Од јануари 2026 година, Државниот завод за статистика започна со примена на новата европска класификација ECOICOP 2, усогласена со стандардите на Евростат и Обединетите нации, без промени во методологијата на пресметка на индексите.

Фото: ВИ

Продолжи со читање

Анализи

БУМ НА ПАЗАРОТ НА НЕДВИЖНОСТИ: Квадратот стигна до 3.000 евра – дали купувањето стан стана луксуз?

Објавено

на

Пазарот на недвижности во Македонија продолжува со силен раст – во последниот квартал од 2025 година се изградени и регистрирани 1.004 нови станови, што е за 159 повеќе од претходниот квартал, покажуваат податоците од Регистарот на цени и закупнини. Истовремено, цените на недвижностите бележат раст од 25% на годишно ниво.

Во Агенцијата за катастар се евидентирани и 27.522 листови за предбележување градба, што укажува на значителен број нови објекти кои допрва ќе влезат на пазарот, дополнително засилувајќи ја градежната активност.

Највисоката цена по квадратен метар е регистрирана во општина Центар, каде што стан од 83 квадратни метри е продаден по цена од 182.404 денари за квадрат (околу 3.000 евра). Најголем број станови се продадени во Аеродром – вкупно 304, додека најмногу куќи се продадени во Битола (91). Продажбата на деловни простории е најизразена во Центар, земјоделско земјиште и шуми најмногу се тргувале во Куманово, а градежно земјиште во Ѓорче Петров.

Во четвртиот квартал се реализирани вкупно 9.283 трансакции со недвижности, од кои 6.230 купопродажби и 3.053 договори за закуп. Најголем обем на трансакции е регистриран во Центар, Аеродром и Штип.

Податоците на Народната банка потврдуваат дека цените на недвижностите во последниот квартал од 2025 година пораснале за 25% на годишно ниво, додека Државниот завод за статистика бележи 304 одобренија за градење во ноември, за изградба на 761 стан, најмногу во Скопскиот регион.

Сите индикатори упатуваат дека побарувачката за станбен простор останува висока, а ценовниот тренд и понатаму е нагорен, особено во Скопје и поголемите урбани центри.

Продолжи со читање

Анализи

Крај на СМС кодовите за онлајн плаќања: што се менува за корисниците?

Објавено

на

Од 1 март стапуваат на сила измените во регулативата за силна автентикација при онлајн плаќања со платежни картички, со кои повеќе нема да биде дозволено трансакциите да се потврдуваат со код испратен преку СМС-порака.

Оваа промена е дел од усогласувањето со европските безбедносни стандарди, чија цел е зголемување на заштитата при електронските плаќања, но воедно наметнува обврска за банките да воведат нови начини на автентикација на корисниците.

Наместо СМС-код, банките ќе треба да понудат алтернативни решенија за потврда на онлајн плаќањата – најчесто преку мобилните банкарски апликации, биометриска автентикација или други безбедносни дигитални механизми.

Засега, само Комерцијална банка и НЛБ Банка јавно информираа на кој начин ќе се одвива новиот процес на автентикација за нивните клиенти, додека останатите банки сè уште немаат објавено детални информации за решенијата што ќе ги применуваат.

Иако промената има за цел повисоко ниво на безбедност, таа несомнено ќе има влијание врз корисничкото искуство, особено кај корисниците кои не користат мобилно банкарство или не се навикнати на ваков тип дигитална потврда на плаќањата.

Банките во наредниот период ќе имаат клучна улога навремено да ги информираат и едуцираат клиентите, со цел транзицијата кон новиот начин на автентикација да помине без застои и проблеми при онлајн плаќањата.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange