Анализи
ФЕД: Монетарната политика е добро поставена и покрај ризиците од војната и инфлацијата
Претседателот на Федералната резервна банка на Њујорк, Џон Вилијамс, оцени дека актуелната монетарна политика на САД е соодветно поставена за справување со зголемените економски ризици, и покрај неизвесноста предизвикана од конфликтот на Блискиот Исток.
Во обраќање на економски настан, Вилијамс истакна дека светот се соочува со „невообичаени околности“, но нагласи дека политиката на ФЕД е доволно флексибилна за да одржи рамнотежа меѓу целите за стабилност на цените и максимална вработеност.
Според него, војната на Блискиот Исток веќе има економски последици, особено преку раст на цените на енергенсите и нарушувања во синџирите на снабдување. Ова, како што посочи, најверојатно ќе доведе до зголемување на инфлацијата на краток рок.
„Значителниот раст на цените на енергијата ќе ја поттикне инфлацијата во наредните месеци“, рече Вилијамс, додавајќи дека дел од тие притисоци може да се намалат доколку дојде до смирување на конфликтот.
Тој не најави непосредни промени во каматната политика, но предупреди дека ризиците за економските цели се зголемени. Истовремено, истакна дека идните одлуки ќе зависат од економските податоци во наредниот период.
Во меѓувреме, финансиските пазари внимателно ги следат сигналите од ФЕД, при што дел од инвеститорите очекуваат можни намалувања на каматните стапки во текот на годината, иако инфлацијата останува над целното ниво од 2%.
Федералните резерви неодамна ја задржаа основната каматна стапка во опсег од 3,5% до 3,75%, со проекција за евентуално намалување во текот на 2026 година.
Вилијамс прогнозира дека економскиот раст ќе достигне околу 2,5% оваа година, додека инфлацијата може да се искачи до 2,75%, пред повторно да се врати кон целните 2% во 2027 година. Истовремено, се очекува постепено подобрување на состојбата на пазарот на трудот.
Анализи
ЕУ од суфицит премина во дефицит, трговскиот биланс се влоши за 89 милијарди евра
Европската унија го заврши првото полугодие од 2026 година со дефицит во стоковната размена со остатокот од светот од 14,9 милијарди евра, откако во истиот период минатата година имаше суфицит од 74,1 милијарда евра, покажуваат најновите податоци на Евростат.
Тоа значи дека трговскиот биланс на ЕУ за една година се влошил за дури 89 милијарди евра.
Од јануари до крајот на јуни, извозот на стоки од ЕУ во земјите надвор од Унијата изнесувал 1.317 милијарди евра, што е намалување од 2,1 отсто во однос на истиот период во 2025 година. Во исто време, увозот се зголемил за 4,7 отсто, на 1.331,9 милијарди евра.
Само во јуни, ЕУ остварила суфицит од 3,9 милијарди евра, во споредба со 5,2 милијарди евра во истиот месец минатата година. Извозот на годишно ниво пораснал за 12,5 отсто, на 241,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,5 отсто, на 237,7 милијарди евра.
Евростат наведува дека трговскиот биланс во јуни се влошил за 1,3 милијарди евра во споредба со истиот месец во 2025 година. Главната причина е зголемениот дефицит во трговијата со енергенси, кој делумно бил ублажен со поголемиот суфицит кај хемиските и сродните производи.
ЕУ во јуни извезла енергенси во вредност од 12,2 милијарди евра, додека увозот достигнал 42,6 милијарди евра. Со тоа, дефицитот во оваа категорија изнесувал 30,4 милијарди евра, наспроти 23,8 милијарди евра една година претходно.
Најголем суфицит бил забележан во трговијата со хемиски производи, во износ од 17,3 милијарди евра, додека кај машините и возилата бил остварен вишок од 14,6 милијарди евра.
Најголем трговски дефицит ЕУ имала со Кина, во износ од 35,1 милијарда евра. Со Соединетите Американски Држави бил остварен суфицит од 11,2 милијарди евра, а со Обединетото Кралство од 17,1 милијарда евра.
Еврозоната, пак, во јуни повторно се вратила во суфицит, кој изнесувал 8,6 милијарди евра, по дефицитот од девет милијарди евра во мај. Во јуни минатата година суфицитот изнесувал 4,8 милијарди евра.
Извозот од еврозоната во јуни пораснал за 14,4 отсто, на 272,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,1 отсто, на 264 милијарди евра.
Сепак, резултатот за целото прво полугодие е значително послаб од лани. Суфицитот на еврозоната се намалил од 82,2 милијарди евра во првите шест месеци од 2025 година на само 9,8 милијарди евра во истиот период годинава.
Анализи
Европските берзи тргуваат претпазливо и покрај рекордот на Волстрит
На европските берзи во петокот претпладне се тргуваше претпазливо, и покрај растот на Волстрит претходниот ден и новото рекордно ниво на американскиот индекс S&P 500.
Индексот STOXX 600, кој ги следи водечките европски компании, околу 9:30 часот беше речиси непроменет во однос на претходниот ден.
Лондонскиот FTSE се намали за 0,12 отсто, на 10.758 поени, додека германскиот DAX порасна за 0,55 отсто, на 26.445 поени. Парискиот CAC забележа минимален раст од 0,02 отсто и достигна 8.650 поени.
Мирно тргување беше забележано и на Загрепската берза, каде прометот остана релативно скромен.
Околу 10:30 часот индексот Crobex беше во плус од 0,09 отсто, на 4.433 поени, додека Crobex10 порасна за 0,06 отсто, на 2.865 поени.
Редовниот промет со акции до тој момент изнесуваше околу 370.000 евра, што е приближно 270.000 евра повеќе во споредба со истиот период претходниот ден.
Најголем промет, од околу 250.000 евра, беше остварен со акциите на Končar, чија цена остана непроменета на 1.010 евра.
Акциите на Maistra забележаа промет од околу 36.000 евра, а нивната цена се намали за 0,8 отсто, на 65,50 евра.
Промет поголем од 20.000 евра беше остварен и со уште две акции. Акциите на Zagrebačka banka поевтинија за 0,4 отсто, на 22,40 евра, додека повластените акции на Adris grupa пораснаа за 0,5 отсто, на 107 евра, пренесува Хина.
Анализи
Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, Северна Македонија на 30. место
Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, покажуваат податоците од Националниот индекс за сајбер-безбедност (NCSI), кој ја оценува подготвеноста на државите да спречат и да одговорат на сајбер-напади.
На ранг-листата што ја изработува естонската Академија за е-управа се опфатени 155 држави и територии, а Албанија го освои првото место со 98,33 од максимални 100 поени.
Со овој резултат, балканската земја зад себе остави некои од технолошки најразвиените држави во светот, меѓу кои Германија и САД, како и второпласираната Чешка.
Особено впечатлив е напредокот на Албанија во последните неколку години. Минатата година земјата се наоѓала на 15. место, додека во 2023 година била дури на 54. позиција.
Индексот ја оценува способноста на земјите да спречуваат сајбер-закани, да ја заштитат критичната инфраструктура и најважните услуги, да реагираат на сајбер-инциденти, да развиваат национални стратегии, да ги подобруваат стручните капацитети и да ја зајакнуваат меѓународната соработка.
Некои од најголемите светски економии се пласираа значително пониско. Франција е на 16. место, Германија на 19., а Соединетите Американски Држави се на 31. позиција.
Северна Македонија се најде на високото 30. место, една позиција пред САД. Од земјите во регионот, Словенија е на 15. место, Хрватска на 35., додека Србија е на 40. позиција.
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување на референт за работа со благајна
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка објави оглас за вработување во Тетово
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 2 месециИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули





