Connect with us
no baners

Банки

Величковски од Народната банка: Рамковните договори со банките се клучна алатка за заштита на потрошувачките права

Објавено

на

no baners

Граѓаните во кое било време можат да ги затворат платежните сметки и платежните картички, при што банките не смеат да наплатат надоместок за тоа, доколку договорот којшто клиентот го има со банката е постар од шест месеци. На барање на клиентот, банката е должна веднаш да ја затвори сметката, но доколку во договорот е предвиден отказен рок, тогаш банката има рок најмногу 30 дена за прекинување на услугата, којшто е утврден со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, објаснува директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски, во интервју за емисијата „Само прашај“ на Институтот за комуникациски студии.

Правата и обврските за платежните услуги, како за банките, така и за граѓаните се уредуваат со рамковен договор. Оттаму, многу е важно граѓаните внимателно да го прочитаат пред да го потпишат. Доколку банката не обезбедува услуги во согласност со рамковниот договор, или, пак, надоместоците коишто ги наплатува не се во согласност со прописите, граѓаните имаат право да поднесат приговор до банката, како и поплака до Народната банка којашто соодветно ќе биде разгледана, укажува директорот Величковски. Тој посочува и дека граѓаните имаат право да ги заменат старите договори коишто ги склучиле пред примената на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, односно пред 1 јануари 2023 и да ги заменат со нови рамковни договори, со што би обезбедиле поголема правна заштита.

Величковски наведува дека доколку договорот којшто го има клиентот со банката е пократок од шест месеци, банката не смее да им наплати надоместок со којшто ќе оствари заработка, туку во висина на реалните трошоци коишто таа ги има за затворање на производот. „На пример, ако се обраќаме на 15-ти во месецот за да го прекинеме производот платежна сметка или платежна картичка, надоместокот којшто може да ни го наплати банката ќе изнесува една половина од надоместокот утврден во тарифникот за тој месец. Ако банката наплатува на пример 40 денари месечно за одржување на платежната сметка, а ние се обраќаме на 15-тиот ден од месецот, банката може да ни наплати само 20 денари за месечното одржување на платежната сметка. Доколку банката го наплатила надоместокот на почетокот на месецот, авансно, должна е да ни врати 20 денари при затворањето на платежната сметка“, појаснува Величковски. Тој додава дека истиот принцип се применува и кога граѓаните сакаат да затворат и дебитна или кредитна картичка, или, пак, одредени онлајн услуги како што е мобилното или електронското банкарство, или која било друга услуга за која банката наплатува одредено месечно или годишно одржување на сметката или производот.

Банки

ЕЦБ ја отвора вратата за блокчејн: Парите на банката влегуваат во нова дигитална ера

Објавено

на

Европската централна банка сè поотворено ја разгледува можноста парите на централните банки да станат дел од токенизираниот финансиски систем, односно директно да функционираат на дигитални платформи базирани на технологија на дистрибуирани регистри – DLT.

Членката на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел, на економскиот симпозиум во Џексон Хол порача дека централните банки треба да ја прифатат оваа технологија и самите да „одат on-chain“, наместо нивните пари да останат надвор од новите дигитални финансиски системи.

Според неа, токенизацијата има потенцијал значително да го промени начинот на кој функционираат финансиските пазари, особено во делот на порамнувањето на трансакциите, управувањето со колатерал и обезбедувањето ликвидност.

Доколку централнобанкарските пари станат директно достапни на ваквите платформи, тие би можеле да функционираат како програмабилен дигитален имот. Со користење паметни договори, одредени финансиски операции би можеле автоматски да се извршуваат кога ќе бидат исполнети однапред утврдени услови, со што би се намалиле рачната обработка и потребата од усогласување податоци меѓу институциите.

Шнабел оцени и дека стабилните криптовалути, односно stablecoin-ите, можат да имаат улога во идниот финансиски систем доколку се добро регулирани, но дека не можат целосно да ги заменат резервите на централните банки.

Како една од главните причини ја посочи способноста на централните банки во периоди на финансиски стрес да обезбедат дополнителна ликвидност и да го стабилизираат системот, што приватните издавачи на stablecoin-и не можат да го направат на ист начин.

Евросистемот веќе работи на инфраструктура за поврзување на постојните финансиски системи со DLT платформите преку проектите „Pontes“ и „Appia“.

„Pontes“ треба да ги поврзе постојните TARGET услуги на Евросистемот со DLT платформите, додека „Appia“ има подолгорочна цел – да испита како би можела да изгледа целосната архитектура на токенизираните финансиски пазари во Европа.

Меѓу опциите што се разгледуваат е и заедничка европска инфраструктура во која би можеле истовремено да функционираат централнобанкарските пари, парите на комерцијалните банки и различни видови финансиски средства.

Од ЕЦБ посочуваат дека токенизацијата може да донесе побрзо порамнување на трансакциите, пониски оперативни трошоци и поголема автоматизација, особено кај прекуграничните плаќања и управувањето со колатерал.

Сепак, новата технологија отвора и прашања поврзани со безбедноста, управувањето, интероперабилноста и концентрацијата на ризици.

Конечниот европски модел сè уште не е утврден, но пораката од ЕЦБ е дека централните банки не сакаат да останат само набљудувачи доколку финансиските пазари постепено се преселат на токенизирани и програмабилни платформи.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка со слободен ден за вработените чии деца тргнуваат во прво одделение

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје им овозможува на своите вработени чии деца тргнуваат во прво одделение да искористат слободен ден и да бидат со нив на првиот училишен ден.

Од Банката посочуваат дека почетокот на школувањето е голем чекор за децата, но и незаборавен момент за родителите, поради што сакаат да им овозможат на вработените да бидат дел од овој важен семеен настан.

„Во Стопанска банка ги поддржуваме нашите вработени да бидат дел од овие важни животни моменти, преку можноста да го искористат слободниот ден за прваче“, соопштија од Банката.

Продолжи со читање

Банки

Колку чини станбен кредит од 100.000 евра во Македонија и Хрватска – разликата не е само во каматата

Објавено

на

Станбен кредит од 100.000 евра со рок на отплата од 20 години, при каматна стапка од 2,91%, би имал почетна месечна рата од околу 550 евра. Токму 2,91% е просечната каматна стапка на новоодобрените станбени кредити во Хрватска во јули 2026 година.

Кога оваа бројка ќе се спореди со актуелните понуди на македонските банки, се гледа дека разликата во почетната месечна рата не е голема. Кај дел од домашните банки фиксните каматни стапки во првите години се движат од околу 2,9% до 3,5%, што за кредит од 100.000 евра на 20 години значи почетна рата од приближно 550 до 580 евра.

Но, директната споредба има едно важно ограничување. Стапката од 2,91% во Хрватска е просек на новоодобрени станбени кредити на целиот пазар, додека стапките во Македонија се конкретни понуди на банки, кои важат под различни услови и најчесто за ограничен фиксен период.

Халкбанк, на пример, за станбен кредит за прво купување или изградба на дом со животно осигурување нуди фиксна каматна стапка од 2,9% за првите десет години. Кај кредит од 100.000 евра на 20 години, почетната месечна рата би била околу 550 евра.

Комерцијална банка во еден од своите репрезентативни примери наведува фиксна камата од 3,2% во првите десет години. Тоа би значело месечна рата од околу 565 евра.

Кај ТТК Банка фиксната камата од 3,30% во првите десет години би резултирала со рата од приближно 570 евра, додека кај понуда од 3,40% месечната обврска би била околу 575 евра.

При фиксна камата од 3,50%, која се среќава кај одредени станбени производи на домашниот пазар, месечниот ануитет би изнесувал околу 580 евра.

Тоа значи дека разликата меѓу камата од 2,91% и 3,50% за кредит од 100.000 евра изнесува околу 30 евра месечно.

На годишно ниво станува збор за околу 360 евра, а за период од десет години разликата во платените месечни ануитети би била над 3.500 евра.

Сепак, ова е само почетниот дел од приказната.

Кај голем број станбени кредити во Македонија, фиксната камата важи пет или десет години. Потоа кредитот продолжува со променлива каматна стапка, најчесто врзана за Еурибор или друга референтна стапка.

Токму тука се наоѓа поголемата неизвесност за клиентите.

Кај дел од актуелните понуди, каматите што би се применувале по истекот на фиксниот период, според денешните параметри, се движат околу 4,7% до над 5,5%.

Ако, чисто како математички пример, денешните променливи стапки би важеле и по десет години, месечната рата за преостанатиот долг кај кредитот од нашиот пример би можела да се движи приближно од 606 до 641 евро.

Тоа не значи дека токму такви ќе бидат каматите во 2036 година. Еурибор и останатите референтни стапки во меѓувреме може значително да се променат.

Но примерот покажува зошто при избор на станбен кредит не е доволно да се гледа само почетната камата.

Клиентот треба да провери колку години каматата е фиксна, како ќе се пресметува по истекот на тој период, колкава е стапката на вкупни трошоци, колкаво сопствено учество се бара и кои дополнителни трошоци се поврзани со кредитот.

Тука спаѓаат животното и имотното осигурување, процената на недвижноста, нотарските трошоци, административните провизии и евентуалните банкарски пакети што се услов за добивање пониска камата.

Затоа најниската номинална камата не мора автоматски да значи и најевтин кредит.

Споредбата сепак покажува дека, барем кај почетните фиксни каматни стапки, дел од македонските понуди не се далеку од хрватскиот просек.

Разликата меѓу 2,91% и домашните стапки од околу 3,2% до 3,5% не создава драматична разлика во почетната месечна рата.

Многу поважно е што ќе се случува во вториот дел од отплатата, особено кај кредитите со променлива каматна стапка.

Кај заем од 100.000 евра со рок од две децении, неколку десетинки процентен поен можат да значат илјадници евра разлика во вкупниот трошок. Затоа, при изборот на станбен кредит, прашањето не е само колкава е каматата денес, туку и под кои услови ќе се отплаќа кредитот во следните 20 или 30 години.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange