Банки
Вицегувернерката Митреска на БИС: Силен банкарски сектор, но и натаму се потребни претпазливи политики
„Банкарскиот систем во регионот е со значително подобрени показатели и поголема отпорност во споредба со периодот пред пандемијата, но силниот кредитен раст и растот на цените на недвижностите наметнуваат засилена претпазливост и потребно е постојано следење на ризиците“, порача вицегувернерката на Народната банка Ана Митреска. Овие пораки беа упатени на 24. состанок на Работната група за монетарна политика во Централна и Источна Европа, организиран од Банката за меѓународни порамнувања (БИС), којшто се одржува во Сараево, а чиј домаќин е Централната банка на Босна и Херцеговина.
„Стапката на адекватност на капиталот во регионот сега изнесува 20,7%, наспроти ниво од под 19% пред пандемијата, додека учеството на нефункционалните кредити е намалено на 2,5%, во однос на околу 6% пред кризата“, истакна Митреска.
Таа нагласи дека и покрај солидната состојба на банкарскиот сектор, светското окружување и натаму е исклучително неизвесно, особено поради геополитичките тензии и нарушувањата на светските синџири на снабдување, коишто можат да влијаат врз економскиот раст, инфлацијата и финансиските услови. Покрај ова, беше посочено дека кредитниот раст во регионот достигнува околу 14% во 2025 година, што е највисока стапка во последната деценија, при што растот на станбеното кредитирање е проследен и со значително зголемување на цените на недвижностите, коишто се повисоки за околу 80%, во просек, во изминатите пет години.
Митреска истакна дека, во вакви услови, и натаму се најважни редовното следење на квалитетот на кредитното портфолио, спроведувањето стрес-тестови и употребата на макропрудентни мерки, доколку биде потребно.
На состанокот на БИС учествуваат претставници на Европската централна банка и на централните банки од регионот на Централна и Источна Европа, кои разговараат за економските изгледи, инфлацијата, финансиската стабилност, монетарната политика, геополитичките ризици и примената на вештачката интелигенција во централното банкарство.
Банки
АЛТА банка се шири во регионот: По Северна Македонија, во фокус БиХ и Црна Гора
АЛТА банка го забрзува регионалното ширење, откако во изминатиот период влезе на пазарот во Северна Македонија преку преземањето на Стопанска банка АД Битола и осигурителната компанија ЗОИЛ Македонија. Следни потенцијални пазари за експанзија на групацијата се Босна и Херцеговина и Црна Гора.
АЛТА го презеде мнозинскиот удел во Стопанска банка АД Битола, а на почетокот на 2026 година го зголеми сопственичкиот удел на повеќе од 95 отсто. Банката денес работи под името АЛТА банка АД Битола.
Групацијата истовремено ги презеде и сите акции на ЗОИЛ Македонија АД Битола, со што влезе и во осигурителниот сектор. По завршувањето на регулаторните процедури, компанијата треба да работи под името АЛТА осигурување АД Скопје. Во понудата се предвидени различни видови неживотно осигурување, меѓу кои автомобилско, имотно, патничко и осигурување за домаќинства и компании.
Со тоа, АЛТА го проширува својот деловен модел надвор од класичното банкарство, поврзувајќи банкарски, платежни, лизинг и осигурителни услуги во рамките на една финансиска групација.
Според плановите за понатамошен развој, меѓу следните пазари за потенцијално ширење се Босна и Херцеговина и Црна Гора, каде што се разгледуваат можности за аквизиции. Реализацијата ќе зависи и од добивањето на потребните регулаторни одобренија.
Во Црна Гора, АЛТА Група веќе е присутна преку платежната институција АЛТА pay, која од 2024 година работи на повеќе од 200 локации.
Паралелно со регионалната експанзија, банката бележи и раст на бројот на клиенти во Србија. Според PwC benchmarking анализа, нето-растот на клиентската база изнесувал 29,1 отсто во сегментот на физички лица и 18,8 отсто во корпоративниот сегмент. Стапката на одлив на клиенти изнесувала 2,6, односно 0,3 отсто.
АЛТА воедно инвестира во дигитализација, подобрување на деловните процеси и развој на платежни услуги, вклучително и примена на SEPA стандардите, со цел да изгради поширок финансиски систем на повеќе пазари во регионот.
Банки
Генералниот извршен директор на ТТК Банка купи 1.009 акции
Генералниот извршен директор на ТТК Банка АД Скопје, Драгољуб Арсовски, купил 1.009 акции на банката, се наведува во објавата за трансакцијата.
Датумот на порамнување на трансакцијата е 19 август 2026 година. Со последното купување, Арсовски поседува 2,1 отсто од вкупниот број акции издадени од ТТК Банка.
Информацијата е објавена во образецот за купување и продавање акции на друштвото од страна на членови на Управниот или Надзорниот одбор, односно членови на Одборот на директори.
Извор: Македонска берза – berza.mk
Банки
Халкбанк со пакет за поддршка на жените претприемачки
Халкбанк АД Скопје нуди посебен пакет наменет за жени претприемачки, со поволности кои треба да им овозможат полесно започнување и развој на сопствен бизнис.
Во рамки на пакетот е предвидена можност за бизнис кредит до 500.000 евра, како и платежна сметка без трошоци за нејзино водење.
Корисничките на пакетот добиваат и електронско банкарство без надомест, како и дополнителни поволности наменети за поддршка на развојот на нивниот бизнис.

Од Халкбанк посочуваат дека целта на понудата е жените претприемачки да добијат поголема сигурност и повеќе можности за реализација на своите деловни идеи.
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Банкипред 2 месециИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка почнува со исплата на јунските пензии од 1 јули
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Банка вработува банкарски советник во Струмица
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување во секторот за организација и ИТ
-
Банкипред 2 месециЈунските пензии достапни за пензионерите корисници на Халкбанк





