Банки
Усвоен најновиот Квартален извештај со есенските макроекономски проекции на Народната банка
Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка. По усвојувањето на Извештајот, гувернерката ги претстави макроекономските проекции пред јавноста, на конференцијата за печатот.
Макроекономската слика за периодот 2023 ‒ 2026 година во овој циклус проекции не е значително променета, во споредба со проекциите од април. Во однос на растот, и натаму се очекува умерено забавување во 2023 година и негово постепено засилување во следниот период. Сепак, во услови на малку понеповолно надворешно окружување, на краток рок, закрепнувањето на економијата е малку послабо од претходните очекувања. Така, се очекува дека во 2023 година економскиот раст умерено ќе забави и ќе се сведе на 1,9%, додека со подобрувањето на надворешниот амбиент и спроведувањето на јавниот инфраструктурен циклус во земјава, растот би забрзал искачувајќи се до 3% во 2024 година. На среден рок, се очекува натамошно закрепнување, односно раст од околу 4%, под услов да нема позначителни шокови. Во поглед на структурата на растот, за 2023 година се очекува позитивен придонес од нето-извозот и од домашната побарувачка, додека за следните две години се очекува дека растот ќе произлезе од домашната побарувачка, со најголем позитивен придонес од бруто-инвестициите, заради засилената изведба на капиталните инфраструктурни проекти поврзани со изградбата на патните коридори и приватните домашни и странски инвестиции.
Инфлацијата и натаму ќе се намалува и на среден рок ќе се сведе на историскиот просек од 2%. Според податоците објавени од Државниот завод за статистика, годишната инфлација во октомври забави сведувајќи се на 3,5%. Притоа, со оглед на повисоките годишни стапки од почетокот на годината, просечната инфлација за периодот јануари ‒ октомври изнесува 10,7%. Во натамошниот период се очекува дополнително забавување на просечната инфлација којашто за целата 2023 година би изнесувала околу 9,5%. Инфлацијата и во 2024 година значително ќе се намалува до 3,5% ‒ 4% во просек, а понатаму ќе се сведе на околу 2%.

Последните оцени за кредитната активност на банкарскиот сектор се непроменети во однос на очекувањата од априлските проекции, односно се задржуваат оцените за забавување на растот на кредитите во 2023 година и постепено забрзување на растот во наредниот тригодишен период. Кредитниот раст на крајот на 2023 година би се свел на 5,7%, додека со постепеното забрзување на економскиот раст и стабилизирањето на очекувањата, се очекува забрзување на растот на кредитната активност за периодот 2024 ‒ 2026 на 6,9%, во просек. Со оглед на попривлечните услови за штедење, како одраз на мерките преземени од страна на Народната банка и зголемената доверба во домашната валута, како и очекуваниот раст на паричните примања на населението, на крајот на 2023 година, се очекува солиден раст на вкупните депозити од 8,4%, повисок од очекувањата во април. За следниот период се проектира натамошен солиден раст на депозитите, којшто во просек би изнесувал 7,8% во периодот 2024 ‒ 2026 година, исто како во априлската проекција.
Октомвриските согледувања за надворешната позиција на домашната економија се значително поповолни во однос на априлските оцени, посебно кај тековната сметка, како резултат на помалите увозни притисоци. За 2023 година дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања би изнесувал 1,2% од БДП. Значителното стеснување на дефицитот произлегува од пониските цени на енергијата и храната, но и на понискиот количински увоз на суровини и енергенти, во услови кога сѐ уште има високи залихи од претходната година. За 2024 година, се предвидува благо влошување на дефицитот кај тековната сметка, којшто би изнесувал 2,4% од БДП, што ќе произлезе од постепеното зголемување на трговската размена и стабилизацијата на приватните трансфери. На среден рок, се очекува стабилизирање на дефицитот во тековната сметка на нивото од 2024 година, коешто е близу до претпандемичното ниво. Очекуваните финансиски нето-приливи ќе овозможат целосно финансирање на дефицитот на тековната сметка, како и дополнителен раст на девизните резерви. Се очекува дека во целиот период на проекцијата девизните резерви ќе се задржат на ниво што е соодветно на меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на девизниот курс.
Општо земено, макроекономската слика во поглед на патеката на економскиот раст и на забавувањето на инфлацијата за целиот период на проекциите не се многу променети во однос на априлскиот циклус. Од друга страна, екстерната позиција на домашната економија се оценува како значително поповолна во споредба со претходната проекција, со помал притисок врз тековната сметка, посебно оваа година, и со солидни финансиски приливи, што следствено ќе овозможи задржување на соодветното ниво на девизните резерви на среден рок. Клучните ризици за основното макроекономско сценарио се слични на оние од априлските проекции, при што ризиците од надворешното окружување, и на краток, и на среден рок, и натаму се неповолни. Во овој контекст, неопходно е следење и на политиките коишто влијаат врз агрегатната побарувачка во домашната економија. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок.
Банки
Кредитите во август пораснале за 13,6 отсто, депозитите за 9 отсто
Кредитната активност на банките во август годинава забележала раст од 0,7 отсто на месечно и 13,6 отсто на годишно ниво, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Раст е забележан и кај кредитите на домаќинствата и кај корпоративниот сектор.
Вкупните депозити, пак, во август се зголемиле за 1,6 отсто во однос на претходниот месец, додека на годишна основа растот изнесува 9 отсто. Зголемување е регистрирано и кај депозитите на домаќинствата и кај компаниите.
Кај корпоративниот сектор, депозитите пораснале за 6,2 отсто на месечно и 6,1 отсто на годишно ниво. Кредитите на компаниите, пак, во август се зголемиле за 0,6 отсто на месечно ниво, додека годишниот раст забрзал на 15,1 отсто. Зголемувањето целосно произлегува од кредитирањето во домашна валута.

Депозитите на населението во август се намалиле за 0,4 отсто во однос на јули, но на годишна основа се повисоки за 10,2 отсто. Орочените депозити на домаќинствата пораснале за 0,6 отсто месечно и за 5,8 отсто годишно.
Кредитите на населението продолжиле да растат, и тоа за 0,7 отсто на месечно и 12,3 отсто на годишно ниво. Потрошувачките кредити бележат годишен раст од 12,2 отсто, а станбените кредити од 16,2 отсто.
Истовремено, паричната маса во август се зголемила за 1,3 отсто на месечно и за 8,2 отсто на годишно ниво.
Банки
ЕЦБ и европските централни банки бараат промена на правилата за резервите на стејблкоините
Европската централна банка и националните централни банки во Европската Унија предлагаат да се укине обврската издавачите на стејблкоини да чуваат минимален дел од своите резерви како депозити во банки, објави Reuters.
Во моментов, според правилата на MiCA, издавачите на стејблкоини треба да чуваат 30 отсто од резервите како банкарски депозити, а кај поголемите издавачи тој удел изнесува 60 отсто. Централните банки предлагаат ова правило да се замени со барање одреден минимален дел од резервите да биде вложен во средства што доспеваат во рок од еден до пет работни дена.
Според Европскиот систем на централни банки, чувањето на резервите како банкарски депозити може да ја промени структурата на финансирање на банките, бидејќи постабилните депозити на граѓаните би можеле да бидат заменети со депозити од издавачи на стејблкоини, кои се почувствителни на пазарни движења.
Европските монетарни власти предупредуваат и на ризиците поврзани со таканаречените модели на повеќекратно издавање на стејблкоини, кај кои токените издадени во ЕУ се третираат како заменливи со оние издадени надвор од Унијата. Според нив, ваквите модели можат да создадат ризици за финансиската стабилност.
Централните банки дополнително укажале дека европските регулатори се соочуваат со значителни предизвици во спроведувањето на правилата за крипто-секторот, бидејќи дел од компаниите што не се усогласени со прописите и натаму имаат пристап до клиенти во ЕУ.
Банки
Околу 80 вработени во Стопанска банка даруваа крв во крводарителска акција
Околу 80 вработени во Стопанска банка АД – Скопје вчера учествуваа во крводарителска акција, покажувајќи хуманост и солидарност преку доброволно дарување крв.

Од Банката истакнаа дека со оваа акција вработените уште еднаш покажале дека и еден мал гест може да има големо значење за оние на кои им е потребна помош.
Стопанска банка упати благодарност до сите вработени кои учествуваа во акцијата, нагласувајќи дека со својата несебичност придонесуваат за поддршка, надеж и шанса за живот.

Крводарителската акција е дел од активностите преку кои Банката и нејзините вработени ја поддржуваат хуманоста и општествената одговорност.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати јулската пензија
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита





