Connect with us

Банки

Како неконтролираното кредитирање на населението се рефлектира на економијата

Објавено

на

Во последно време сè повеќе се среќаваме со безброј понуди за брзи и ненаменски потрошувачки кредити. Насекаде околу нас неретко забележуваме реклами кои промовираат кредит со 0% камата или кредит без трошоци. Навидум средствата ни се достапни на дофат на рака, па доаѓаме до искушение да посегнеме по брза апликација се со цел набрзина да задоволиме некоја “итна” потреба. Но, сте се запрашале ли како овие кредити влијаат врз вашиот долгорочен домашен буџет? И воопшто, може ли практиката на издавање ненаменски кредити да доведе кон осиромашување на целата економија?

Што подразбираме под брзи и ненаменски потрошувачки кредити?

Брзите и ненаменските потрошувачки кредити можат да се користат за било која намена и имаат видно повисоки каматни стапки во споредба со инвестициските кредити, како кредит за стан, автомобил и слично. Не ретко овие кредити ги користат луѓе кои немаат пристап до традиционални банкарски производи, како што се заеми и кредитни линии, поради нивните ниски кредитни оценки или статус на вработување.

Ненаменските и брзите кредити се достапни без дополнително обезбедување (гарант, хипотека и сл.). Во пракса, за жал, сведоци сме дека овие типови на заеми можат да бидат користени за покривање на редовни режиски трошоци или за премостување на јазот помеѓу платите.

Секогаш треба да имаме предвид дека не е можно финансиска институција, која има за цел остварување на профит, да дава кредити без камата или трошоци. Но, што е со сите попатни скриени трошоци и информации пишани „со мали букви“? Ако добро го разгледате планот за отплата на кредитот ќе сфатите дека треба да вратите двојно повеќе од износот што сте го земале, поради провизијата за апликација, провизија за брза исплата, административен трошок и уште многу други трошоци кои во самиот старт не биле воопшто презентирани.

Дали брзото „крпење“ на финансиските празнини може да направи поголем проблем на долг рок?

Зголемениот тренд на користење ненаменски и брзи кредити, е една од причините за зголемената финансиска нестабилност на многу домаќинства. Додека лесниот пристап до овие кредити може да биде од корист на краток рок, наместо подобрување на квалитетот на животот и инвестирање во иднината, високите каматни стапки и надоместоци поврзани со нив може брзо да предизвикаат уште поголем дебаланс на домашниот буџет. На пример, кога кредитокорисникот нема да биде во можност да го врати заемот навреме лесно може да се најде во бескраен циклус на долгови плаќајќи високи каматни трошоци далеку над првичниот износ на заемот.

Што се случува како резултат на тоа? Бескрајна финансиска празнина во домашниот буџет која со секој заем се потешко може да се затвори. Така сиромашните стануваат уште посиромашни, а финансиските институции кои нудат брзи и ненаменски кредити остваруваат висок профит.

Што значи ова за целокупниот економски развој на општеството?

Високите трошоци поврзани со овие заеми, исто така, можат да создадат економски дебаланс. Кога корисниците на овие кредити плаќаат високи каматни стапки, постои помала веројатност дека ќе имаат доволно средства за потрошувачка на други стоки и услуги, што може да доведе до намалување на вкупната потрошувачка. Тоа може да доведе до намалување на побарувачката за производи и услуги во економијата, што доведува до намалување на економскиот раст.

Особено значаен е и ефектот од влијанието на интензивното кредитирање на физички лица врз капацитетите на финансиските институции за кредитирање на претпријатијата. Имено, порастот на економијата на една држава го прават растот на претпријатијата кои создаваат производи за широка потрошувачка и креираат нови работни места. Претпријатијата, за да ги зголемат своите капацитети и да прават поголеми инвестиции, а со тоа и повеќе работни места, имаат потреба од средства.

Поради пониските каматни стапки за кредитите кон правните лица, голем дел од финансиските институции имаат намален интерес за пласман на своите средства кај правните лица. Со тоа, во вкупното кредитно портфолио на ниво на државата ќе доминира кредитирањето на населението, што ќе го намали економскиот раст на државата.

Тука се наметнува прашањето, дали потрошувачкото ненаменско кредитирање е одговорно кредитирање?

Многу е важно кредитите кои се исплаќаат на населението да бидат искористени за суштински потреби кои ќе го подобрат квалитетот на животот, а не само за импулсивни консумеристичка потреби, односно истите да претставуваат инвестиција која за корисникот ќе има долготраен бенефит.

Банки

Халкбанк со Е-Касичка: Штедење при секое плаќање со дебитна картичка

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје ја промовира услугата „Е-Касичка“, преку која корисниците можат да издвојуваат средства за штедење при секоја трансакција направена со дебитна картичка.

Услугата овозможува дел од средствата при секое плаќање автоматски да се префрлаат на посебна штедна сметка, со што секојдневните трансакции може да се претворат во едноставен начин за постепено создавање заштеда.

Корисниците сами избираат на кој начин ќе штедат. Една од можностите е износот на секоја трансакција да се заокружува, при што разликата се префрла на штедната сметка. Втората опција е при секое плаќање да се издвојува однапред определен фиксен износ.

Од Халкбанк порачуваат дека на овој начин клиентите можат да создаваат навика за штедење без дополнителни активности, користејќи ја својата дебитна картичка за вообичаените секојдневни плаќања.

Повеќе информации за услугата „Е-Касичка“ се достапни на официјалната интернет-страница на Халкбанк.

Продолжи со читање

Банки

Народната банка со награди до 130.000 денари за млади истражувачи

Објавено

на

Народната банка ги повикува младите истражувачи да учествуваат на Конкурсот за годишната награда за најдобар труд од областа на макроекономијата, банките и банкарските системи.

Целта на наградата е да се поттикнат научноистражувачката работа и развојот на економската мисла, но и да се даде поголема афирмација на младите стручни кадри во земјава.

Право на учество имаат државјани на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. Пријавениот истражувачки труд треба да содржи осврт на македонската економија.

Трудовите може да бидат подготвени на македонски, албански или англиски јазик. Дозволено е учество и со веќе објавен труд, под услов тој да е објавен по 1 јануари 2025 година.

За најуспешните истражувачи се предвидени и парични награди. Авторот на прворангираниот труд ќе добие 130.000 денари, додека за второрангираниот труд е предвидена награда од 65.000 денари.

Крајниот рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2027 година.

Деталите за условите за учество, начинот на пријавување, критериумите за оценување и целокупната постапка се наведени во Конкурсот за доделување на годишната награда на Народната банка за 2027 година.

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка со наградна игра за средба со Ламин Јамал и натпревар на Барселона

Објавено

на

Комерцијална банка организира наградна игра за корисниците на Visa картички, во која главната награда е средба со фудбалската ѕвезда Ламин Јамал и можност за следење натпревар на Барселона во живо на „Камп Ноу“.

Во наградната игра учествуваат плаќањата направени до 31 октомври 2026 година со Visa Debit, Visa Classic Revolving, Visa Classic Standard, Visa Signature и Visa Gold картичките на Комерцијална банка.

Со секоја трансакција корисниците добиваат кодови за учество, додека плаќањата преку Google Pay, Apple Pay или Garmin Pay носат по два кода.

Главната награда вклучува средба со Ламин Јамал за добитникот и негов придружник, како и фудбалско искуство поврзано со Барселона.

Извлекувањето на добитникот е закажано за 3 ноември 2026 година.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange