Connect with us
no baners

Банки

Вицегувернерката Нацевска: Со новиот Закон за платежни услуги се зајакнува заштитата на правата на потрошувачите

Објавено

на

„Со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, чија примена започна од почетокот на годината, се зголемува заштитата на правата на корисниците на платежни услуги. Давателите на платежни услуги се обврзуваат да ги уредат правата и обврските на потрошувачите со рамковен договор во стандардизирана форма, пред чие склучување се должни да им достават информативен документ за надоместоците, како и најмалку еднаш годишно да им доставуваат извештај за наплатените надоместоци. Давателите ќе имаат и обврска на редовна основа да доставуваат до Народната банка податоци за висината на надоместоците за најрепрезентативните услуги поврзани со платежната сметка, коишто на граѓаните ќе им бидат достапни на споредбена основа преку интернет-страницата на Народната банка. Се предвидува и дополнителна заштита во делот на неавторизирани трансакции“, посочува вицегувернерката Емилија Нацевска, во интервју за МИА.

„Новата регулаторна рамка сосема јасно ги уредува обврските на давателите на платежни услуги во сегментот на заштитата на правата на потрошувачите коишто произлегуваат од користењето на платежните услуги. За првпат во историјата на платежните услуги во нашата земја, со одредбите на новиот закон се воведува обврска за давателот на платежни услуги да ги уреди правата и обврските на потрошувачите со рамковен договор во стандардизирана форма, којшто треба да содржи задолжителен сет информации, како и можностите и условите под кои може да биде изменет или раскинат. Со овие одредби се постигнува поголема транспарентност на давателите на услугите и се обезбедува подобра информираност, правна сигурност и еднаков третман на потрошувачите“, вели Нацевска и додава дека новата регулаторна рамка на недвосмислен начин ги прецизира не само содржината на документите, туку и формата, роковите и начинот на достава.

Давателите на платежните услуги добиваат обврска редовно да доставуваат податоци до Народната банка за висината на надоместоците за најрепрезентативните услуги на платежната сметка, коишто Народната банка ќе ги објавува на својата интернет-страница во компаративен контекст. Предвидено е до крајот на септември оваа година да се објават првите податоци.

„На овој начин, граѓаните ќе имаат брза и лесно достапна информација за надоместоците кога одлучуваат кај кој давател да користат платежни услуги. Се очекува дека, преку зголемената транспарентност и олеснета споредливост на надоместоците, ќе се создадат услови за поголема конкурентност, а со тоа и поповолни цени за платежните услуги за граѓаните.“

Вицегувернерката Нацевска понатаму истакнува дека заштитата на потрошувачите се отсликува и во прецизно дефинираните одговорности на давателите и на корисниците на платежни услуги во случај на неавторизирани платежни трансакции.

„Во одредбите на новиот закон, од аспект на одговорностите на давателот на платежните услуги е уредено дека во случај да извршил платежна трансакција којашто не е авторизирана од имателот на сметката, тој е должен да ја врати состојбата на сметката во истата состојба во којашто би била доколку не е извршена неавторизираната платежна трансакција и притоа датумот на одобрување не може да биде подоцна од датумот на кој била задолжена сметката за износот на трансакцијата. Во случај кога се извршени неавторизирани платежни трансакции поради тоа што имателот на сметката го изгубил или му е украден платниот инструмент (на пример, платежна картичка), законски се ограничува износот до кој може граѓанинот да ги преземе загубите и тој е утврден на најмногу 1.200 денари“, вели Нацевска.

Банки

Стопанска банка АД – Скопје: Неработен ден по повод државниот празник Ден на трудот

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје ги информира своите почитувани клиенти дека дека по повод престојниот државен празник Ден на трудот, филијалите на Банката нема да работат на 01.05.2026 (петок).

За време на празникот, на располагање ќе бидат сите i-bank дигитални услуги достапни 24/7 на телефон, компјутер, мобилен и банкомат, вклучувајќи ги мобилното и електронското банкарство (m-banking и e-banking), банкоматите на Стопанска банка, како и широката партнерска мрежа на трговци кои прифаќаат картички издадени од Банката.

Продолжи со читање

Банки

Вицегувернерот Величковски: Модерна монетарна рамка, адекватни девизни резерви и поевтини и побрзи плаќања како приоритети на Народната банка

Објавено

на

„Народната банка продолжува со унапредување на оперативната поставеност на монетарната политика, заради поефикасен пренос на монетарните сигнали кон финансиските пазари и реалната економија. Нашето внимание и понатаму ќе биде насочено кон унапредувањето на оперативната рамка во согласност со најдобрите практики на развиените централни банки“, ова го истакна вицегувернерот Игор Величковски на гостувањето на поткастот „Финсајт“ со Наташа Мерсовска на порталот „Банкарство.мк“.

Тој нагласи дека со измените воведени во монетарната рамка за пократка рочност на благајничките записи и симетричен распон на каматните стапки, е поставена основата за побрз и поцелосен пренос на монетарните сигнали и поефикасно управување со ликвидноста, дури и во услови на светска неизвесност.

Во однос на девизните резерви, Величковски нагласи дека со нив и натаму се управува исклучиво врз принципите на сигурност, ликвидност и диверзификација. „Во актуелното светско окружување, најважно е внимателно да се балансира меѓу приносот и ризикот, но со јасен приоритет – ликвидноста и зачувувањето на довербата во домашната валута“, изјави тој, нагласувајќи дека стабилноста е во фокусот на политиките на централната банка.

Вицегувернерот се осврна и на платниот систем, најавувајќи значаен исчекор преку воведувањето систем за инстант плаќања и натамошна дигитализација.

„Работиме на систем со кој ќе се овозможат плаќања во реално време, 24 часа секој ден во годината, што ќе донесе нов квалитет кај платежните услуги за граѓаните и за компаниите“, рече Величковски, додавајќи дека интеграцијата со СЕПА веќе дава резултати, што се гледа преку повеќекратното намалување на трошоците за плаќања во евра, како значително олеснување на трансакциите, зголемувајќи ја и конкурентноста на економијата.

Во тој контекст, Величковски посочи дека според последните расположливи податоци за март 2026 година, 55% од вкупниот број одливни прекугранични плаќања во евра и 66% од приливните прекугранични плаќања во евра се извршени преку СЕПА, што укажува на брза и успешна интеграција со СЕПА. Од секторски аспект, граѓаните умерено предничат во однос на компаниите, извршувајќи околу 70% од плаќањата во евра преку СЕПА, што ги потврдува придобивките од зачленувањето во СЕПА.

Продолжи со читање

Банки

Вицегувернерката Митреска: Народната банка со сеопфатни пакет-мерки за стабилизирање на инфлацијата

Објавено

на

„Народната банка спроведува сеопфатен и комплементарен сет на мерки насочени кон одржување на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс“, истакна вицегувернерката Ана Митреска на гостувањето во поткастот „Финсајт“ со Наташа Мерсовска на порталот „Банкарство.мк“.

Таа нагласи дека монетарната политика и натаму се води претпазливо, при што главните инструменти ќе придонесат за постепено стабилизирање на инфлацијата.

„Монетарната политика и натаму е во зоната на претпазливост. Каматната стапка е на непроменето ниво, а истовремено се применуваат и дополнителни мерки – заострување на задолжителната резерва, повлекување ликвидност од банкарскиот систем, зголемени капитални барања за банките и построги кредитни стандарди. Овој пристап овозможува координирано делување врз инфлациските притисоци и кредитната активност“, посочи Митреска.

Во однос на инфлацијата, таа истакна дека централната банка внимателно ги следи движењата на цените и очекувањата на пазарите.

„Согласно тековните пазарни очекувања, по растот на цените на енергентите и храната во првата половина од годината, се очекува нивно постепено стабилизирање во втората половина, што би придонесло за намалувањето на притисоците врз цените“, нагласи Митреска.

Таа додаде дека Народната банка е подготвена за дополнителни интервенции доколку се зголемат ризиците.

„Доколку се појават знаци на подолготрајни инфлациски притисоци, Народната банка е подготвена да реагира со дополнително затегнување на монетарната политика, користејќи ги каматните стапки и другите расположливи инструменти“, истакна Митреска.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange