Connect with us
no baners

Интервјуа

Очекувања 2023 година | ГОЦЕ ВАНГЕЛОВСКИ, НЛБ БАНКА СКОПЈЕ

Објавено

на

На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.

Од соговорниците побаравме да направат кратка ретроспектива на изминатата 2022 година, да ги споделат своите очекувања околу новите трендови во банкарскиот сектор во 2023 година, да дадат свој коментар на движењето на каматите на активата и пасивата, да ги истакнат предизвиците со кои ќе се соочи банкарскиот сектор по имплементацијата на новиот Закон за платежни услуги и платни системи и да откријат еден новитет кој банката ќе го воведе во тековната година.

За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на Гоце Вангеловски, помошник на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.

Банкарство: Кратка ретроспектива на изминатата 2022 година. Кои настани ја одбележаа годината, дали истата беше успешна за вас и кои поуки ги извлековте?

Гоце Вангеловски: Интересно е од денешна перспектива да се анализира минатата 2022 година. Започнавме со надежи за закрепнување  од  двете тешки пандемски години.  Оптимизмот почна да се враќа и кај бизнисите и кај населението. Но веднаш на почетокот на годината, се соочивме со уште поголеми предизвици, почеток на војната во Украина и почеток на глобалната светска криза. Наеднаш, предизвиците кои ги донесе пандемијата  прераснаа во предизвици за надминување на глобалната криза, пред сè енергетската. Цените на енергенсите почнаа да се движат во нагорна линија, како никогаш досега. Цената на струјата како главен енергенс, во еден период, достигна рекордна цена од над 700 ЕУР/mWh, повеќе од 10 пати повисока од цената во истиот период претходната година. Инфлацијата во Европа достигна највисоко ниво од Втората Светска Војна, резултирајќи со инфлација на прехранбените производи од околу 18%. Сето ова предизвика големи шокови за бизнисите и економската состојба на клиентите.

Ниту нашата држава не остана имуна на споменатите предизвици. Недостатокот на домашно производство на електрична енергија, високата зависност од увозот на енергенси, креираше нестабилност во економијата. Резултатот на овие движења, неизбежно доведе до сериозни пореметувања во работењето на компаниите и значително зголемување на цените. Инфлацијата на прерханбените производи дојде до ниво од над 20%, што се немаше случено од 90-тите години на минатиот век.

Но, дури и во вакви  услови НЛБ Банка успеа да се избори со предизвиците и да забележи успех. Резултатите кои ги постигнавме ги надминуваат очекувањата, речиси во сите сегменти од работењето, но она што е важно да се истакне е фактот дека и во услови на неизвесен деловен амбиент, Банката продолжи да обезбедува силна кредитна поддршка за населението и домашниот бизнис сектор. Изминатата, 2022 година имаме раст на кредитните портфолија, и кај компаниите и кај населението. Успеавме да излеземе во пресрет на потребите на клиентите и да ги задоволиме нивните барања во делот на банкарските услуги, и благодарение на тоа голем дел од клиентите успеаа да ја одржат, дури и подобрат својата финансиска состојба, и да задржат добро ниво на ликвидност. 

Ако се гледаат нашите деветмесечни резултати за минатата година, вкупните кредити што Банката ги пласираше кон населението и бизнис секторот во споменатиот период достигнаа вредност од 1.107 милиони евра. Во исто време имавме и зголемувањена депозитната база во истите сегменти, а ликвидноста на Банката  ја оддржавме на  исклучително високо ниво, што ни дава простор да веруваме во  уште поголем раст и развој во наредниот период. 

На прашањето, кои поуки ги извлековме од оваа година, би рекол, меѓу најважните е фактот дека промените во светот се случуваат побрзо од она што очекуваме. Па од тука, сметам дека, прилагодливоста, иновативноста и ефикасноста мора да ни бидат главен императив во работењето. Единствено на тој начин можеме да бидеме дел од решението на предизвиците со кои клиентите се соочуваат и да го унапредиме корисничкото задоволство. 

Банкарство: Кои ќе бидат нови трендови во банкарскиот сектор во 2023 година во Македонија?

Гоце Вангеловски: Банкарскиот сектор не е изолиран од трендовите кои се случуваат во економијата. Трендовите кои можеме да ги очекуваме во 2023, не би требало значајно да се разликуваат од оние кои ги видовме во претходната година. Можеби со помал интензитет, но во ниту еден случај не треба да очекуваме враќање на состојбите како пред почетокот на кризата. Ова би значело дека треба да се навикнеме и да ја прифатиме новата реалност и да го прилагодиме нашето однесување и делување кон таквиот амбиент.  Тука пред сè мислам на зголемени трошоци, отежнато функционирање на синџирите за снабдување, недостаток на определени ресурси и материјали, недостаток на енергенси и слично. Генерално гледано, целата оваа нова реалност се пресликува во работењето на бизнисите и се каскадира до крајните потрошувачи. Промените со кои се соочуваме се исклучително динамични и тоа, без исклучок, бара промена и на нашето однесување, без што многу потешко ќе ги надминеме овие кризни години. 

Ќе дадам еден едноставен пример од нашето секојдневие. Недостатокот и цените на електричната енергија се дел од оваа нова реалност. Со цел што полесно надминување на овие шокови кои ни се случија, потребно е сите заедно да придонесеме кон намалување на потрошувачката на електрична енергија и да придонесеме во инвестирање во обновливи извори на енергија. Согласно официјалните податоци на Заводот за статистика, потрошувачката на струја во домаќинствата „по глава“ е зголемена за 22% во периодот 2016 – 2021. Ќе биде интересно да видиме што ќе покаже статистиката за 2022, по сите апели кои беа испратени до населението и компаниите за заштеда на електрична енергија. Ова може да ни биде еден од индикаторите за колективната свест, дали и колку сме подготвени да се справиме со новите предизвици.

Банкарство: Краток коментар околу очекувањата за движењето на каматните стапки на кредитните/депозитните производи во 2023 година.

Гоце Вангеловски: Секако ова е неизбежно прашање за еден ваков специфичен период. Треба да сфатиме дека времето на ниски каматни стапки заврши. Висока инфлација и ниски каматни стапки никако не одат заедно. Зголемувањето на каматните стапки во светот, не само во Македонија, е резултат на обидите да се намалат инфлаторните ефекти. Сигналите кои ги праќа НБРСМ и ЕЦБ се јасни и недвосмислени, а тоа е дека каматните стапки ќе растат во наредниот период. Иако македонската економија, а пред сè банкарскиот сектор, покажаа голема резистентност на промените на каматните стапки и сигналите кои се праќаат, сепак зголемувањето на каматите е реално и се случува. Од друга страна, ако го погледнеме нашето опкружување, каматните стапки кај нас се на пониско ниво. Ова е веројатно резултат на високата ликвидност и стабилноста на банкарскиот сектор. Сепак, ова не е оддржливо на долг рок и сметам дека можеме да очекуваме поголемо зголемување на каматните стапки. Кога и на кое ниво ќе се стабилизираат каматните стапки е тешко да се претпостави бидејќи на ова влијаат многу надворешни, небанкарски фактори. Сепак се надеваме дека стабилизацијата на каматните стапки ќе се случи што побргу, со цел, стабилизација на економијата и намалување на притисокот врз бизнисите и населението.

Банкарство: Со какви предизвици се соочува банкарскиот сектор со имплементацијата на новиот Закон за платни системи и платежни услуги?

Гоце Вангеловски: Новиот Закон за платни системи и платежни услуги, претставува де факто усогласување на локалната регулатива со ЕУ законодавството и PSD2 рамката на ЕУ. Како земја која е на патот кон ЕУ, секако дека мораме да ја усоглсиме регулативата. Ова усогласување од една страна значи дополнителен ангажман и инвестиции од страна на банките, но од друга страна, придобивки за клиентите и потрошувачите. Придобивките се повеќе-димензионални и се однесуваат на неколку сегменти. 

Воведувањето на „отворено банкарство“ е веројатно една од најголемите новини која овој закон ја носи. Oваа промена предвидува поголема транспарентност и отвореност на одредени податоци на многу контролиран, регулиран и сигурен начин, со цел да се овозможат подобри  цени и услуги на клиентите. Ова е тренд кој се случува во светски рамки и со оваа промена нашиот банкарски систем ќе влезе во групата на земји и финансиски системи кои имаат модерен начин на работење. 

Понатаму, се овозмозува влез во платни услуги на небанкарски институции кои добиваат можност да вршат услуги од платниот промет. По дефиниција, зголемената конкуренција дава поголем избор на клиентите, подобрени услови на услугите кои ги добиваат, како и зголемување на квалитетот на истите. 

Следна придобивка за клиентите е поголемата транспарентност која ја предвидува новиот закон. Се предвидуваат рокови за информирање за промените на цените на услугите, потранспарентно прикажувње на висината на трошоците, како и ограничување на трошоците во одредени сегменти во работењето, но и инклузија на социјално ранливите категории во финансискиот систем, преку воведување на сметка со основни функции, што значи дека оваа категорија на граѓани ќе ги добива платежните услуги со поповолни услови од останатите клиенти, што претставува  една битна социјална димензија на новиот закон. За нас банките, ова ќе значи голем ангажман за имплементација на законските измени во тековното работење, но во исто време се очекуваат големи придобивки за клиентите. 

Банкарство: Наведете еден новитет што НЛБ Банка ќе го имплементира во 2023 година и што очекувате од имплементација на истиот?

Гоце Вангеловски: Не би можел да издвојам само еден новитет што НЛБ Банка ќе го воведе оваа година, бидејќи ние  минатата година започнавме серија на проекти, генерално поврзани со услугите и достапноста на клиентите до Банката и банкарските производи, а ефектите од нив би требало да се видат во текот на 2023 година. Дигитализацијата, користењето на податоците, подобрување на процесите и постапките се и остануваат главен фокус на Банката. Посветени на сето ова, уверен сум дека следната година уште повеќе ќе ја унапредиме и така силната позиција на Банката, но и задоволството на клиентите, за кои постоиме и работиме.

Интервјуа

Снежана Станковиќ | Сава пензиско: Родителството мора да биде поддржано и на работното место

Објавено

на

Разговараме со Снежана Станковиќ, претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско друштво, за мерките што компанијата ги воведува со цел подобра поддршка на вработените и нивниот семеен живот.

Според неа, една од клучните политики на ниво на целата Сава осигурителна групација е токму поддршката на родителството и балансирањето помеѓу приватниот и професионалниот живот.

„Една од главните мерки што ги преземаме е заштитата на родителството преку правото на работа од дома“, вели Станковиќ.

Таа објаснува дека вработените имаат значителна флексибилност кога станува збор за организацијата на работата.

„Вработените имаат право 25 дена во еден квартал да работат од дома“, посочува таа.

Дополнително, компанијата овозможува и продолжување на ова право во ситуации кога е потребна поголема семејна поддршка.

„Постои можност за продолжување кога причината е родителство, грижа за мало дете или присуство дома поради потесното семејство“, објаснува Станковиќ.

Според неа, ваквите политики не се само бенефит за вработените, туку и важен чекор кон создавање поздрава и поодржлива работна средина.

„Поддршката на семејството и родителството денес е суштински дел од модерното корпоративно работење“, нагласува Станковиќ во разговорот за FinSight.

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight | Снежана Станковиќ: Сè помалку вработени издржуваат сè повеќе пензионери

Објавено

на

Разговараме со Снежана Станковиќ, претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско друштво, за предизвиците со кои се соочува пензискиот систем и демографските трендови кои влијаат врз неговата одржливост.

Според неа, бројките јасно покажуваат дека традиционалниот модел на финансирање на пензиите станува сè потешко одржлив.

„Првиот столб повеќе не може целосно да ја исполни својата обврска. Тоа значи дека сите ние како граѓани сме загрозени во периодот кога нема да бидеме работно активни“, вели Станковиќ.

Таа потсетува дека во минатото системот функционирал во сосема поинакви економски и демографски услови.

„Во времето кога првиот столб бил функционален, три до четири вработени ‘издржувале’ еден пензионер“, објаснува таа.

Но денес, додава Станковиќ, реалноста е значително променета.

„Во Македонија денес имаме сооднос од околу 1,7 вработен на еден пензионер“, посочува таа.

Според неа, овие податоци не бараат сложени анализи – статистиката сама по себе го покажува притисокот врз системот.

„Зборуваме за бројки што јасно ја покажуваат насоката во која се движи општеството“, вели Станковиќ.

Слични трендови, нагласува таа, се присутни и на европско ниво.

„Проценките биле дека во Европа во 2040 година двајца вработени ќе издржуваат еден пензионер, но денес тој сооднос веќе е околу 1,5 спрема 1“, објаснува таа.

Прогнозите за следните децении се уште позагрижувачки.

„Во 2050 година се очекува само 1,17 вработени да издржуваат еден пензионер“, предупредува Станковиќ во разговорот за FinSight.

Според неа, токму овие демографски промени ја отвораат потребата од нови модели на штедење, инвестирање и долгорочно планирање на пензиската сигурност.

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight | Снежана Станковиќ: Пензиските фондови добиваат три инвестициски стратегии според возраста и ризикот

Објавено

на

Разговараме со Снежана Станковиќ, Претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско друштво, за новите законски измени и промените во начинот на инвестирање на средствата во пензиските фондови.

Таа објаснува дека досега сите членови во пензискиот фонд биле опфатени со една заедничка инвестициска стратегија, без разлика на возраста или профилот на ризик.

„Средствата се инвестираа врз основа на единствена инвестициска стратегија која важеше за сите членови, независно од нивната возраст“, вели Станковиќ.

Со новите законски измени, во рамките на истиот пензиски фонд ќе се формираат различни под-фондови, односно портфолија со различен степен на ризик и инвестициски пристап.

„Сега се предвидуваат растечко, балансирано и конзервативно портфолио, чија суштина е различна инвестициска стратегија и различен ризик“, објаснува таа.

Кај растечкото портфолио, фокусот е ставен на долгорочни инвестиции и повисок потенцијал за принос.

„Растечкото портфолио подразбира инвестициска стратегија на долг рок со финансиски инструменти со повисока ризичност, што овозможува и повисоки приноси“, посочува Станковиќ.

Балансираното портфолио, додава таа, е комбинација од умерен ризик и умерен принос.

„Кај балансираното портфолио имаме умерена инвестициска стратегија и умерен ризик“, вели Станковиќ.

Конзервативното портфолио, пак, е наменето за членови кај кои сигурноста има најголемо значење.

„Тука фокусот е на заштита на средствата, особено за пензионерите или лицата пред пензија, кога ликвидноста и сигурноста се најважни“, нагласува таа.

Според Станковиќ, секоја од трите стратегии ќе има различна структура на инвестиции и различни ограничувања за финансиските инструменти во кои ќе може да се вложуваат средствата на членовите.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange