Connect with us
no baners

Фондови

КБ Прво пензиско друштво: Грижата за клиентите секогаш е на прво место

Објавено

на

Во деловниот свет секојдневно сме опкружени со многу индивидуи со кои применуваме најразлични видови на комуникација – дали е тоа семејството, колегите на работа, претпоставените, клиенти/членови со кои веќе подолг временски период соработуваме или пак нови потенцијални клиенти со кои сакаме да изградиме заедничка долгорочна иднина.

Со сите, ама баш со сите треба да бидеме на „висина на задачата“ или народно кажано, не правете го тоа што не сакате да Ви го прават Вам.

Кога велам „висина на задачата“, мислам на високо ниво на професионалност, навременост, точност, прецизност, концизност, подготвеност, одговорност и стручност.

Само на овој начин можеме да воспоставиме долгорочен однос и врска, да бидеме ценети и работите да се движат во вистинскиот правец и насока кон зададената цел. Квалитетната услуга на клиентите е таа која со текот на времето влијае на идните одлуки на клиентите да останат корисници, членови кај одреден понудувач на услуги.

Со врвна услуга на клиентите, компаниите можат да ги намалат трошоците за стекнување нови клиенти/членови/корисници и да развијат лојални клиенти/членови/потрошувачи. Лојалните клиенти дури им носат многу повеќе бизнис на компаниите. Тие се Вашите најдобри продавачи, тие одлично и бесплатно го рекламираат Вашиот производ или услуга.

Продажбата е неминовно локомотива во секоја компанија. Моето долгогодишно искуство во КБ Прво пензиско друштво ми овозможи градење на долгорочни релации со клиентите/членовите. Релации на меѓусебна доверба, посветеност, искреност и високо ниво на професионалност и стручност.

Секогаш се трудиме на нашите клиенти/членови да им дадеме информации од прва рака. Да ги информираме навремено, точно и прецизно за законските измени од пензиската реформа, намалување на надоместоците за трошоци, за приносот од инвестициите, за вредноста на нивните сметки, со цел да имаат јасна слика и цел што треба да преземат за подобрување на нивната финансиска иднина.

Една од најважните работи во кои уживам во текот на продажбата е нашата советодавна карактеристика како дел од грижата за клиентите. Ние сме финансиски советници и имаме задача да ги насочиме да размислуваат за третото доба во кое нема да бидат продуктивни и да заработуваат дополнителен приход. Нашата улога како консултанти има за цел да им помогне, да им изгради поквалитетен животен стандард и посигурни пензионерски денови. Едуцирајќи ги им помагаме да креираат стабилна финансиска иднина.

Особено ќе ме радува моментот во иднина кога моите клиенти ќе дочекаат пензија. Ми претставува задоволство кога ќе склучам нов договор и почнувам да градам релација со младите кои за првпат се вработуваат, посакувајќи им да си дочекаат пензија.

Од оваа гледна перспектива, горд сум што сме дел од една од најуспешните реформи во нашата земја, пензиската реформа која оваа година прави јубилеј од 20 години. Нашиот тим имаше јасна цел и визија и веќе трасиран пат кон успешна финансиска сатисфакција за нашите членови. Преку континуираниот заеднички раст со нашите клиенти ќе дојдеме до посигурна и побезбедна пензиска иднина.

Знам дека не е едноставно да создадете доверба, да дојдете до голем број на клиенти и таа база да ја надградувате секојдневно. Тој пат е макотрпен процес. Довербата се гради и негува. Се учи низ самиот процес на продажба. Резултатите не доаѓаат веднаш. Многумина кои работат во оваа дејност знаат дека не е едноставно веднаш да се реализира продажба, меѓутоа со многу труд, фокус, посветеност и планска обработка успехот е неминовен.

Јас со моите клиенти/членови градам релација балансирајќи помеѓу професионалниот однос и пријателството. Во кое било време да можат да ми се јават или јас на нив, без разлика за која тема станува збор. Да ме прашаат за совет, да ми се пожалат, да ми се пофалат или да споделат убава вест. Да си честитаме роденден, именден или слава. Сметам дека овој модел на функционирање дава подобри резултати од класичен деловен однос меѓу две странки.

Моите совети за сите кои работат на ова поле е дека грижата за клиентите/членовите бара проактивна континуирана услуга која се базира на:

– Идентификување на нивните потреби, персонализација;

– Навремена комуникација – секогаш поставувајте им прашања и направете ги свесни пред да се соочат со нивните потреби, а посебно брзо решавајте ги сите забелешки и поплаки;

– Денес е многу важно да применувате најразлични канали за комуникација, меѓу кои и социјалните канали за комуникација кои денес се користат, така станувате поблизок и градите нераскинлива врска;

– Посетувајте обуки и секогаш бидете во тек со новостите, градете се како професионалец,

– Користете го фидбекот од вашите клиенти и

– Понудете им вредност.

Бидете свои, оригинални, трпеливи, флексибилни и адаптибилни. Задржете професионален изглед и однесување, покажете емпатија и проактивност. Сето тоа клиентите ќе го забележат, ценат и вреднуваат. Овие квалитети не само што помагаат во решавањето на потребите на клиентите, туку и создаваат долгорочна лојалност кон компанијата.

Ова е мојот начин на грижа за клиентите во КБ Прво, а тие секогаш ќе бидат на Прво место!

Подготвил: Мартин Јаковлески

Мартин Јаковлески е магистер по маркетинг и деловни комуникации, вработен во Сектор за продажба во КБ Прво пензиско друштво, со над 15-годишно искуство. Одговорен е за работа со деловни кленти во рамките на доброволниот пензиски фонд. Неколку години од својот професионален ангажман има работено и како новинар-репортер во Телевизија Телма.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел.:  02/ 32 24 229

Фондови

КБ Прво пензиско друштво АД Скопје – две децении извонредност во пензиското управување

Објавено

на

Приказната на КБ Прво започна пред 20 години – кога пензискиот систем на земјата влезе во нова ера, поставувајќи темели за сигурност, доверба и поттик за финансиска одговорност за генерациите што доаѓаат. Со идеја, визија и верба дека може подобро, уште од самите почетоци кога се креираше реформата, бевме активни чинители во нејзината имплементација, свесни за улогата која ја имаме на пазарот за пензиско осигурување.

Дваесет години посветена работа за финансиска стабилност на нашите членови, 20 години градење силна врска со членството, преку транспарeнтно и професионално работење.

Дваесет години финансиска едукација, информирање и запознавање на јавноста со карактеристиките на вториот столб и третиот пензиски столб, со цел правилно управување со своите лични финасии.

Денес, кога ќе погледнеме назад, зад нас стојат 20 години исполнети со предизвици, посветеност, но и голем успех. Со портфолио од над 1,2 милијарди евра (извор: КБ Прво пензиско друштво АД Скопје) и над 300 000 членови (извор: mapas.mk 30.04.2025), кои за нас се многу повеќе од бројка. Тоа е суштината на нашето постоење, визија и иднина. Зад секој член стои неговата доверба кон нас како Друштво, кое има за цел да ги заштити неговите интереси, да овозможи сигурност и да создаде вредност на нивните средства.

Затоа, нашето „благодарам“ не е само збор – тоа е признание за сите што избраа да ја градат својата иднина со нас. За сите што веруваа во нашата мисија. Вие сте срцето на нашата приказна.

Веруваме дека вистинската вредност не се мери само со финансиски резултати, туку со влијанието што го оставаме. Преку нашите активности, проекти и поддршка на еколошки, едукативни и општествено корисни иницијативи, постојано ги живееме нашите слогани: „Иднината денес“ и „Нешто што ќе остане“.

Поддржани од нашите акционери Skupina Prva zavarovalniski holding d.d. Ljubljana и Комерцијална банка АД Скопје, го градиме својот пат преку иновации, одржливост и вредности. Со многубројни меѓународни признанија, меѓу кои е последната значајна награда за „Најдобро пасивно управување со инвестициите за 2024 година“ од IPE, добиваме потврда дека чекориме во вистинска насока.

Но, зад секој успех стои човечка приказна. Нашиот тим навработени и агенти е она што нè прави силни. Луѓе кои се грижат. Кои вложуваат. Кои остануваат.

КБ Прво е повеќе од Друштво – тоа е избор на стабилност, партнерство што трае и обврска што ја прифаќаме со гордост. Иднината нè чека, а ние сме подготвени да ја дочекaме заедно со Вас.

20 години се темел на доверба. Иднината почнува денес – заедно со Вас.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mkтел. 02/32 24 229

Продолжи со читање

Фондови

КБ Прво пензиско друштво: Пензија без ризик – Како доброволните пензиски фондови се штитат од перење пари

Објавено

на

Кога мислиме на перење пари, обично помислуваме на банкарски трансакции, офшор компании и големи износи на пари кои се „движат во сенка“. Но, вложувањето во доброволните пензиски фондови може да биде дел од оваа приказна. Не затоа што правиме нешто погрешно, туку затоа што доброволните пензиски фондови се дел од финансискиот систем и имаат обврска да ги преземаат сите мерки согласно регулативата за спречување перење пари како и останатите финансиски институции. Иако членувањето во третиот столб е врз доброволна основа, друштвата кои управуваат со доброволните пензиски фондови подлежат на строги правила и закони исто како и банките. Зошто ова е добро за лицата кои вложуваат во третиот столб:

– Поголема безбедност: уплатите во третиот столб задолжително се уплаќаат преку трансакциска сметка, што значи двојна контрола – од страна на банките и од пензиските друштва

– Доверба во системот: знаеме дека вложувањата се во сигурно опкружување и систем кој е строго регулиран

– Заштита од измами: контролите помагаат да не се злоупотребуваат вложените пари

Што значи перење пари

Перење пари значи обид да се „исчистат” парите добиени на нелегален начин – од дрога, измами, корупции и слично и да изгледаат како легално заработени и внесени во финансискиот систем. Тоа најчесто се прави преку создавање фиктивни компании, непрофитни организации и вршење навидум легални трансакции преку банки. 

Кои мерки за спречување перење пари ги преземаат пензиските друштва 

Идентификација и верификација на клиентите (KYC – Know Your Customer)

– Се обезбедуваат лични податоци (име, презиме, МБГ, адреса)

– Се обезбедува валиден документ за идентификација (лична карта/пасош)

– За правните лица се обезбедуваат податоци за компанијата и податоци за управителите и вистинските сопственици, и соодветно се прибираат документи за идентификација

Проценка на ризикот

– Секој клиент се категоризира според степенот на ризик (низок, среден и висок)

– На лицата категоризирани со повисок ризик (на пример, политички експонирани лица, лица на црна листа, непрофитни организации и слично) им се врши посебен надзор

Собирање податоци за потеклото на средствата

– Доколку некој сака да вложи позначаен паричен износво доброволниот пензиски фонд, се бара документ со кој ќе образложи од каде потекнуваат вложените пари

Следење на трансакциите

– Се анализираат уплатите дали се вообичаени според профилот на клиентот

– Доколку некоја трансакција изгледа сомнително (неочекувано висока) се разгледува дополнително

Внатрешни контроли и обуки

– Пензиските друштва мора да имаат интерни програми за управување со ризикот од перење пари

– Вршење внатрешни контроли на процесот за спречување перење пари

– Организирање интерни обуки на вработените и агентите на друштвата

Зошто пензија без ризик?

Согласно Извештајот за спроведена национална проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам од Април 2020 година, објавен од Управата за финансиско разузнавање, инхерентниот ризик за перење пари во рамките на друштвата кои управуваат со доброволни пензиски фондови е мал. Не постојат готовински активности, односно уплатите се вршат исклучиво преку трансакциска сметка на клиентите. Поради природата на дејноста, договорите со членовите/компаниите сесклучуваат исклучиво преку агенти посредници. Агентите посредници се обучени и лиценцирани од Агенцијата која врши супервизија на пензиските друштва. Овие се дел од елементите поради кои ризикот за перење пари во рамкитена доброволните пензиски фондови е мал. Но, иако доброволните пензиски фондови не се прва асоцијација кога зборуваме за финансиски криминал, тие се дел од финансискиот систем кој мора да биде подготвен и буден.Токму поради тоа, вложувањето во третиот столб може да се гледа како извор на безбедно инвестирање на нашите средства и заштеди.

Планирањето на пензијата не мора да биде извор на несигурност и страв од иднината. Со вложување во доброволниот пензиски фонд добивате можност за сигурна и предвидлива финансиска поддршка во златните години од животот. Доброволните пензиски фондови нудат флексибилност, професионално управување со средствата и раст на вложеното преку долгорочни инвестиции. Со редовно вложување и информираност, можете да изградите стабилна пензиска заштеда без да преземате голем ризик. Започнете навреме и обезбедете си спокојна пензија и живот без стрес – затоа што иднината започнува денес.

Елена Биневска е дипломиран правник на позиција Стручен соработник за усогласеност со прописи и спречување перење пари во КБ Прво пензиско друштво, со околу 15-годишно искуство во Друштвото на различни позиции.Одговорна е за следење и контрола на усогласеноста на работењето на Друштвото со регулативата, советување и поддршка на организационите единици и Управниот одбор на Друштвото и е овластено лице за СППФТ кое се грижи за спроведување на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, како и за соработка со Управата за финансиско разузнавање.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел.  02/ 32 24 229

Продолжи со читање

Фондови

КБ Прво пензиско друштво: Младите и пензиското осигурување – Како транспарентноста носи подобри одлуки

Објавено

на

Пензионирањето е период од животот во кој се уживаат плодовите од долгогодишниот труд. Тоа е животен стадиум кој носи слобода и време без работни обврски, исполнето со лични задоволства и повеќе моменти со семејството.

Пензиското осигурување е клучно за осигурување на финансиска стабилност во третата доба од нашите животи. Генерално, важи тоа дека како што еден човек напредува во кариерата, така растат и неговите приходи. Како резултат на тоа, стапувањето во пензија може да значи откажување од некои задоволства кои човекот можел да си ги дозволи во текот на работниот век.

Решение за овој предизвик е доброволното пензиско осигурување со кое се обезбедува поголема материјална сигурност и одржување на животниот стандард, затоа е важно уште од рана возраст да се размислува во таа насока, сѐ со цел да се искористат придобивките од долгорочното инвестирање на личните средства и остварување на принос кој би овозможил сигурна пензија.

Доброволното пензиско осигурување е финансиски производ кој нуди флексибилност преку можноста на членот да уплаќа колкав износ сака и кога сака. Исто така, содржи и социјална компонента, придонесувајќи за подобрување на општата благосостојба поради тоа што возрасната група на лица кои ги исполнуваат условите за користење на пензиски надоместок опфаќа значителен дел од вкупната популација во државата.

Финансиска транспарентност карактеристика на новиот пензиски систем

Воведувањето на пензиската реформа претставува фундаментална промена на пензискиот систем, а со тоа голем акцент се става на транспарентноста на работењето на пензиските фондови и јакнење на довербата во пензискиот систем.

Оттука, друштвата кои управуваат со пензиски фондови имаат обврска квартално да ги објавуваат финансиските извештаи кои претставуваат „крвна слика“ на фондовите. Поради тоа посветуваме особено внимание при подготовката на финансиските извештаи, со што се зајакнува довербата на членовите и се дава можност да донесат правилна одлука при избор на фондот во кој сакаат да членуваат.

Дополнително во насока на транспарентноста, друштвото секојдневно врши проценка на средствата на фондот и ја пресметува вредноста на сметководствената единица. Таа претставува пропорционален дел од вкупните нето средства на фондот и е основен индикатор кој го покажува растот на вкупните нето средства на фондот. Средствата од придонесите на членовите коишто се уплаќаат во фондовите се конвертираат во сметководствени единици чија вредност расте со текот на работењето на фондот.

Едноставен пример би бил следниот: Доколку членот направи уплата од 10.000 денари кога вредноста на единицата изнесува 200,00 уплатата се конвертира во 50 сметководствени единици. Но, со текот на времето вредноста на единицата пораснала на 210,00 што значи дека членот во тој момент има 10.500 денари на својата лична сметка во однос на иницијалните 10.000 денари.

 Оттаму, во директна зависност од вредноста на сметководствената единица е износот на акумулирани средства на секоја лична сметка од кои пак, во голем дел зависи и висината на пензијата од задолжителниот или пензискиот надоместок од доброволниот фонд којшто членовите ќе го добиваат.

Затоа, ги поттикнувам членовите на КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд и КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд да пристапат на дигиталниот сервис „Моја Сметка“ каде имаат можност да направат увид кога се уплатени нивните придонеси, колкав е износот на акумулирани средства на личната сметка и движењето на вредноста на сметководствената единица. На овој начин се создава директна врска помеѓу придонесите и пензиите со што се мотивираат членовите да носат одлуки чии бенефиции лично ќе ги почувствуваат.

Инвестиција во својата иднина: Зошто младите треба да размислуваат за пензиско осигурување?

Неретко се случува новите членови да не бидат запознаени со начинот на функционирање на пензискиот систем сè до своето прво вработување или пак до добивањето на „зелениот плик“. Од исклучителна корисност е секој што стапува во работен однос за првпат, веднаш да провери во кој задолжителен пензиски фонд е привремено распределен и во следните 3 месеци да одлучи дали ќе остане во фондот каде што е случајно распределен или ќе склучи договор за членство во друг задолжителен фонд.

 Ние како друштво секогаш се трудиме да ја поттикнеме финансиската писменост, а со тоа да ја истакнеме и важноста на доброволното пензиско осигурување, кое на одреден начин претставува алтернативно штедење, особено кај помладата популација.

Младите личности, без разлика дали се во работен однос или не, имаат можност да уплаќаат одреден износ на средства во доброволниот фонд, а со тоа да го искористат потенцијалот на своите години и вкаматувањето, и да остварат експоненцијален принос. Од суштинско значење е на рана возраст да се осознае потребата од доброволното пензиско осигурување и да се стекне навика за редовно уплаќање. Со тоа се добива пазарна изложеност на долг временски период и на одреден начин им се дозволува на парите да „работат“ за нив.

Поради ова, ги охрабрувам младите да бидат дисциплинирани, особено управувајќи со личните финансии и да започнат со редовно уплаќање на средства во доброволниот фонд, затоа што времето е на нивна страна.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел.  02/ 32 24 229

Напишано од Дарко Костовски

Авторот на текстот е дипломиран економист и дел од Секторот за сметководство и финансии на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, кој активно учествува во подготовката на финансиските извештаи и вреднувањето на пензиските фондови.

Продолжи со читање

Популарно