Connect with us
no baners

Банки

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Банкарскиот самит во Белград: Банкарскиот систем важен фактор за побрза конвергенција кон ЕУ

Објавено

на

Банкарските системи во регионот успешно се справија со кризата, а нивната отпорност дополнително беше зајакната, обезбедувајќи им финансиска поддршка на економиите. Во однос на македонскиот банкарски систем, и покрај кризите адекватноста на капиталот беше зајакната, нефункционалните кредити се намалија на историски ниски нивоа, ликвидноста и натаму е солидна и стабилна, а кредитирањето е на солидно ниво. Ова покажува главно дека банкарскиот систем има капацитет да обезбеди поддршка за економскиот раст, особено за инвестициите. Сепак, пристапот до финансии треба уште да се подобрува, а нивото на кредитната активност треба и натаму да се зголемува. Во регионот на Западен Балкан учеството на кредитите во БДП е во распон од 45 до 55% од БДП, а во ЕУ над 80% од БДП. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата на гувернерите којашто се одржа во рамките на Банкарскиот самит, организиран од Здружението на банки на Србија во Белград. На панел-дискусијата покрај гувернерката учествуваа и нејзините колеги од регионот, гувернерката на Србија Јоргованка Табаковиќ, гувернерот на Хрватска, Борис Вујчиќ, како и вицегувернерот на Црна Гора, Никола Фабрис и вицегувернерот на Босна и Херцеговина, Марко Видаковиќ.

На панел-дискусијата беше посочено дека и покрај последователните кризи, и натаму има конвергенција на земјите од регионот кон ЕУ, но побавна. Гувернерката Ангеловска-Бежоска укажа на значителните економски загуби од кризите коишто се случија изминатите години, при што симулациите покажуваат дека доколку не се случеа, конвергенцијата би била повисока за 5 процентни поени, додека нивото на бруто домашниот производ би било повисоко за 8% на крајот на 2024 година. Притоа, доколку македонската економија и натаму расте со просечната историска стапка на БДП по глава на жител, ќе бидат потребни 40 години за да се достигне нивото на доход на ЕУ, што само укажува на важноста од што побрзо надминување на постојните структурни пречки за економскиот раст, за што ќе биде неопходно и соодветно финансирање.

Оттука, несомнено еден од факторите за забрзување на конвергенцијата, покрај продуктивноста и работната сила, е и пристапот до финансии. На панел-дискусијата, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека според анкетата на ОЕЦД за напредокот во конвергенцијата, пристапот до финансии сѐ уште е предизвик за регионот, особено пристапот до алтернативни извори за финансирање. Индексот на ММФ којшто го мери не само квантитетот, туку и софистицираноста на финансиското посредување, покажува дека регионот е значително зад ЕУ. Оттаму, понатамошното унапредување на финансиското посредување во регионот ќе биде помеѓу приоритетите за забрзување на конвергенцијата и во иднина.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека понатамошното унапредување на финансиското посредување во регионот може да се постигне преку поттикнување на домашното штедење, насочување на дел од готовинските заштеди во евра во финансискиот систем, зголемување на пристапот до надворешните извори на финансирање преку привлекување странски директни инвестиции во финансискиот систем, зголемување на конкурентноста, дигитализацијата и вклученоста, диверзификација на изворите за финансирање и понатамошна интеграција во европските финансиски системи, вклучително и преку пристапувањето во СЕПА, за што нашата држава веќе поднесе барање и наскоро очекува позитивен одговор од релевантните европски институции.

Банки

Halk EZ – банкарски пакет на Халкбанк создаден за динамичниот живот на младите

Објавено

на

Халкбанк го нуди пакетот за млади Halk EZ (Halk Easy) – современ и иновативен банкарски пакет наменет за млади на возраст од 16 до 24 години, кој комбинира практични банкарски услуги со бројни дополнителни поволности прилагодени на нивниот динамичен животен стил.

Покрај основните банкарски услуги, пакетот Halk EZ нуди и активности насочени кон финансиска едукација на студентите и младите претприемачи, како и културно-забавни и општествено-одговорни иницијативи. Дел од овие активности се фокусирани на заштита на животната средина, поддршка на едукацијата, поттикнување на активен спортски живот и создавање простор за дружба и забава меѓу младите.

Пакетот е дизајниран да биде целосно усогласен со современите навики на младата генерација – дигитален, брз и без непотребни трошоци.

Во рамки на Halk EZ, корисниците добиваат бесплатно мобилно и електронско банкарство, како и дебитна платежна картичка Visa PayWave и/или Mastercard Debit Halk EZ без надоместок за годишна членарина. Дополнително, пакетот вклучува платежна сметка без трошоци за водење, како и бесплатно подигнување готовина во земјата и во странство со картичката издадена во рамки на пакетот.

Младите корисници имаат можност и за дигитализирање на платежната картичка преку Apple Pay, Google Pay и Garmin Pay, како и пристап до иновативни банкарски услуги како SmartSend, SmartCash и Е-касичка, кои овозможуваат поедноставно и побрзо управување со личните финансии.

Со пакетот Halk EZ, Халкбанк настојува да создаде банкарско искуство прилагодено на потребите на младите, комбинирајќи модерни дигитални услуги со едукативни и општествено корисни активности.

Продолжи со читање

Банки

Поддршка од Комерцијална банка за врвното книжевно творештво – Избран добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2025

Објавено

на

Со континуирана посветеност кон поддршка на македонската литература, Комерцијална банка и оваа година како Генерален покровител го одбележува прогласувањето на добитникот на престижната книжевна награда „Роман на годината“.

Наградата за 2025 година ѝ припадна на авторката Оливера Ќорвезироска за романот „Три Марии“, објавен од издавачката куќа „Арт Либрис“. Признанието традиционално го доделува Фондацијата Славко Јаневски, со цел да се афирмира современото македонско книжевно творештво и да се поттикне развојот на домашната литературна сцена.

Преку ова партнерство, Комерцијална банка активно придонесува кон зачувување и унапредување на културните вредности, охрабрувајќи ги авторите да создаваат книжевни дела кои оставаат траен белег и значајно наследство за идните генерации.

„Поддршката на наградата „Роман на годината“ претставува важен дел од нашата заложба за афирмација на квалитетното домашно книжевно творештво. Горди сме што веќе деветта година по ред сме дел од оваа значајна културна приказна, која поставува високи критериуми во македонската литература. Во мое лично и во име на Комерцијална банка ѝ упатувам искрени честитки на годинашната добитничка“, изјави Андреј Јовковски, директор на Самостојната дирекција за маркетинг во Комерцијална банка.

Како Генерален покровител на наградата, Комерцијална банка и оваа година обезбеди финансиска поддршка во износ од 360.000 денари. Од нив, 150.000 денари се наменети како парична награда за лауреатот, додека останатите средства се користат за надоместок на членовите на жири-комисијата, како и за изработка на плакета и оригинална статуетка.

Од Комерцијална банка посочуваат дека ваквата поддршка има за цел да биде поттик за нови книжевни дела и инспирација за идните генерации македонски автори, а воедно ја потврдува и долгорочната посветеност на банката кон развојот на културата и општествената одговорност.

Продолжи со читање

Банки

ЕЦБ и Банката на Англија најверојатно ќе ги задржат каматните стапки поради неизвесноста од конфликтот со Иран

Објавено

на

Европските централни банкари оваа недела се соочуваат со позната, но непријатна ситуација  да донесуваат одлуки во услови на голема неизвесност, додека се чека појасна слика за економските последици од конфликтот поврзан со Иран, пренесува Волстрит џурнал.

Според очекувањата на економистите и пазарите, креаторите на монетарната политика во ЕЦБ и Банката на Англија како и нивните колеги во Шведска и Швајцарија, најверојатно ќе одлучат да ги задржат клучните каматни стапки непроменети на состаноците закажани за оваа недела.

Централните банки се обидуваат да најдат безбеден пат во услови на зголемена геополитичка нестабилност, која дополнително ги комплицира економските прогнози. Конфликтите и тензиите на Блискиот Исток носат ризик од нови шокови во цените на енергијата и во глобалната трговија, што може да влијае врз инфлацијата во Европа.

Поради тоа, носителите на монетарната политика се очекува да испратат порака дека внимателно ја следат ситуацијата и дека се подготвени да реагираат доколку инфлацијата повторно почне да расте. Во исто време, тие засега претпочитаат да почекаат да се расчисти дел од неизвесноста пред да преземат нови чекори со каматните стапки.

Европските креатори на политики веќе подолго време се соочуваат со деликатна рамнотежа: од една страна потребата да се задржи инфлацијата под контрола, а од друга ризикот дека повисоките каматни стапки може дополнително да го забават економскиот раст. Неизвесноста околу геополитичките случувања само ја усложнува оваа задача.

Затоа, според аналитичарите, најверојатниот потег на европските централни банки во моментов е внимателно да ја задржат постојната политика и да почекаат појасни сигнали од економијата и од развојот на меѓународната ситуација.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange