Connect with us

Банки

Усвоен најновиот Квартален извештај со есенските макроекономски проекции на Народната банка

Објавено

на

Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка. По усвојувањето на Извештајот, гувернерката ги претстави макроекономските проекции пред јавноста, на конференцијата за печатот.

Макроекономската слика за македонската економија во овој циклус проекции не е значително променета во споредба со априлските проекции. 

Во согласност со закрепнувањето на светската економија и странската побарувачка, и натаму се очекува постепено забрзување на растот и на македонската економија. Сепак, најновите проекции упатуваат на малку послаб раст на домашната економија за оваа и за следната година, во споредба со априлските согледувања, а на среден рок оцените за растот се непроменети. Така, за оваа година економскиот раст е проектиран на 2,3%, а за наредната на 3,3%. На среден рок, во периодот 2026 ‒ 2027 година, се очекува натамошно забрзување на растот, во согласност со очекувањата за поповолен надворешен амбиент и засилени инвестициски активности поврзани со подолгорочниот карактер на јавниот инфраструктурен циклус. Ризиците за растот и натаму се нагласени и претежно надолни.

Во периодот на проекциите се очекува натамошно забавување на инфлацијата. Најновите оцени го потврдуваат априлското согледување за просечна стапка на инфлација од 3,5% во 2024 година, иако во последниот квартал се очекуваат одредени нагорни поместувања пред сѐ како резултат на споредбената основа. За следната година се очекува стапка на инфлација од 2,5%, што е мала нагорна ревизија во однос на април, при оцени за поголема инерција кај дел од ценовните категории. На среден рок (2026 ‒ 2027) се очекува стабилизирање на нивото на околу 2%, при очекувано исцрпување на ефектите од надворешните ценовни шокови, закотвени инфлациски очекувања и отсуство на позначителни притисоци преку каналот на домашната побарувачка. Како ризици и натаму се сметаат цените на примарните производи, коишто се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските фактори, како и домашните политики со кои се влијае врз агрегатната побарувачка во домашната економија. 

И натаму се очекува поволна и претежно стабилна надворешна позиција на економијата на среден рок. По суфицитот остварен во претходната година (0,4%), оваа година се проценува умерен дефицит во тековната сметка од 2,1% од БДП, при стабилизирање на салдото во размената со стоки и услуги, како и нормализација на приватните трансфери, по високите нивоа достигнати во 2023 година. За преостанатиот период на проекцијата, 2025 ‒ 2027 година, е проектиран дефицит на тековните трансакции во просек од 2,2% од БДП. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од директните инвестиции и задолжувањето на државата, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се задржат на ниво коешто е соодветно за задржување на стабилноста на домашната валута.

Банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка. До крајот на 2024 година, се очекува дека кредитниот раст ќе биде стабилен и ќе изнесува 7,5%. Се очекува раст и на среден рок, но малку поумерен и со просечна стапка од 7,2% за периодот 2025 ‒ 2027 година, во услови на солидна капитална и ликвидносна позиција на банките. Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, како главен извор на финансирање. На крајот на 2024 година, се очекува солиден годишен раст на депозитите од 7,9%, а на среден рок за периодот од 2025 до 2027 година од околу 7,7%, во просек. 

Во услови на значително забавување на домашната инфлација и поволен девизен пазар, но кога сѐ уште постојат ризици, Народната банка започна со претпазливо нормализирање на монетарната политика. Народната банка внимателно, на дневна основа, ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност.

Банки

Халкбанк ги направи своите услуги достапни и во Пошта

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје ги проширува своите услуги и ги прави подостапни за граѓаните преку шалтерите на Пошта.

Како што информираат од банката, корисниците во Пошта ќе можат да извршуваат платен промет, да поднесуваат документи за отворање платежна сметка, како и да аплицираат за дебитна картичка.

Дополнително, ќе бидат достапни услуги поврзани со електронското и мобилното банкарство, како и информации за кредитните и депозитните производи на Халкбанк.

Со ова, дел од услугите што досега клиентите ги користеа во експозитурите на Халкбанк ќе можат да ги добијат и преку Пошта, со цел тие да бидат поблиску и полесно достапни за корисниците.

Продолжи со читање

Банки

Централна кооперативна банка со нов четиригодишен мандат за двајца членови на Надзорниот одбор

Објавено

на

Централна кооперативна банка АД Скопје соопшти дека на 16 септември 2026 година Народната банка на Република Северна Македонија издала решенија со кои е дадена претходна согласност за повторно именување на Тихомир Ангелов Атанасов и Христо Георгиев Христов за членови на Надзорниот одбор на Банката.

Согласноста е издадена за нов четиригодишен мандат, со што двајцата членови продолжуваат со своето учество во работата на Надзорниот одбор на Централна кооперативна банка АД Скопје.

Издавањето на претходната согласност од страна на Народната банка претставува дел од регулаторната постапка за именување членови на органите на управување и надзор во банките.

Со повторното именување се обезбедува континуитет во работата на Надзорниот одбор и во остварувањето на неговите надлежности во согласност со законската и регулаторната рамка.

Продолжи со читање

Банки

На 28 септември ќе се одржи 59. сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка

Објавено

на

На 28 септември 2026 година (понеделник), со почеток во 14 часот, ќе се одржи 59. сесија на Клубот на истражувачите во просториите на Народната банка.

На сесијата ќе биде презентиран трудот: „Дали може институционалната интеграција на берзите од Западен Балкан да ја зајакне монетарната трансмисија?”, (Can Institutional Integration of Western Balkans’ Stock Exchanges Strengthen Monetary Transmission?), од авторот Стефан Таневски. Авторот е добитник на првата награда за млади истражувачи на Народната банка за 2026 година.

По презентирањето на трудот e предвидена дискусија.

Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Трудовите коишто се презентираат на сесиите на Клубот, треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето.

На сесиите на Клубот како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд во работна верзија. Сесиите се од јавен карактер и фотографиите од настанот се објавуваат на веб страната на Народна банка и на профилите на социјалните мрежи.

Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер.   

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange