Connect with us

Анализи

Цената на златото се стабилизира во негативна зона

Објавено

на

Цената на златото бележи пад во последните интрадневни тргувања, при што се задржа под нивото на поддршка од 4.600 долари, што претставува јасна техничка потврда за пробив надолу и трансформација на тоа ниво во отпор.

Овој развој укажува на зајакнување на краткорочниот надолен тренд, при што притисокот од продавачите останува доминантен на пазарот.

Иако се појавија одредени позитивни сигнали кај индикаторите за релативна сила, по достигнување на зона на препродаденост, нивното влијание остана ограничено и не успеа да обезбеди поддршка за цената.

Дополнително, фактот што златото продолжува да се тргува под својата 50-дневна експоненцијална подвижна просечна вредност (EMA50) го зајакнува негативниот изглед и ја зголемува веројатноста за понатамошен пад на краток рок.

Анализи

Напуштањето на ОПЕК од ОАЕ може да го промени глобалниот нафтен пазар

Објавено

на

Одлуката на Обединети Арапски Емирати да го напуштат ОПЕК претставува значаен пресврт на глобалната енергетска сцена, со потенцијал да влијае врз цените на нафтата и односите меѓу водечките извозници.

ОАЕ беа дел од ОПЕК уште пред нивното формирање како држава во 1971 година. Организацијата со децении играше клучна улога во регулирањето на цената на суровата нафта преку ограничување или зголемување на производството и распределба на квоти меѓу членките.

Иако најголем производител во рамките на ОПЕК е Саудиска Арабија, ОАЕ имаа втор најголем неискористен производствен капацитет, што ги правеше еден од најважните „балансирачки“ производители способни брзо да ја зголемат понудата и да влијаат врз намалување на цените.

Токму ограничувањата наметнати со квотите на ОПЕК, кои ја држеа нивната продукција меѓу 3 и 3,5 милиони барели дневно, беа една од главните причини за преиспитување на членството. ОАЕ настојуваат да ги искористат инвестициите во зголемување на капацитетите и да остварат поголеми приходи.

Одлуката доаѓа во чувствителен геополитички момент, во сенка на тензиите со Иран и заладените односи со Саудиска Арабија, што дополнително ја усложнува ситуацијата во Персискиот Залив.

За ОПЕК, ова претставува сериозен удар во време кога веќе се отвораат прашања за долгорочната кохезија на организацијата. Аналитичарите предупредуваат дека по излезот, ОАЕ би можеле да го зголемат производството до околу пет милиони барели дневно, што би можело да предизвика ценовна војна на пазарот на нафта.

Клучен фактор ќе биде реакцијата на Саудиска Арабија. Доколку Ријад одговори со зголемување на производството и намалување на цените, тоа би можело да создаде дополнителен притисок врз послабите економии во рамките на ОПЕК.

Паралелно, ОАЕ веќе инвестираат во алтернативни транспортни рути, вклучително и нафтоводи од Абу Даби кои го заобиколуваат Ормуски теснец и водат кон пристаништето Фуџаира, со цел да се намали зависноста од чувствителните поморски коридори.

Иако краткорочно, поради нарушувањата во транспортот низ теснецот, овој потег нема веднаш да го промени пазарот, на долг рок може значително да влијае врз глобалната понуда на нафта.

Во меѓувреме, влијанието на ОПЕК денес е помало отколку во 1970-тите, кога контролираше околу 85 проценти од глобалната трговија со нафта. Денес тој удел е блиску до 50 проценти, а нафтата има помало значење во глобалната економија отколку порано.

Излезот на ОАЕ се гледа и како сигнал за поширока енергетска транзиција, во услови кога побарувачката за нафта постепено се намалува. Големите инвестиции на Кина во електрификацијата веќе придонесуваат за намалување на потрошувачката на нафта, а слични трендови се очекуваат и глобално.

Во таков контекст, стратегијата на ОАЕ е да ги монетизираат своите нафтени ресурси додека побарувачката сè уште е висока. Со силен финансиски сектор и диверзифицирана економија, земјата има капацитет да ја издржи евентуалната нестабилност на пазарот.

Дали овој потег ќе предизвика домино ефект и кај други членки на ОПЕК, ќе зависи од развојот на геополитичките односи и стабилизацијата на транспортот низ клучните енергетски коридори.

Продолжи со читање

Анализи

Светска банка предупредува на раст на цените на енергенсите и нов притисок врз инфлацијата

Објавено

на

Светска банка во најновиот извештај предупредува дека војната на Блискиот Исток ќе предизвика значителен раст на цените на енергенсите, кои во 2026 година би можеле да пораснат за околу 24 отсто. Истовремено, вкупните цени на суровините се очекува да се зголемат за повеќе од 16 проценти, што дополнително ќе ја засили инфлацијата и ќе го забави глобалниот економски раст.

Според извештајот, конфликтот довел до еден од најголемите шокови во снабдувањето со нафта, со почетен пад на глобалната понуда од околу 10 милиони барели дневно. Ситуацијата дополнително се влошува поради нападите врз енергетската инфраструктура и нарушувањата во транспортот низ Ормуски теснец, преку кој се одвива околу 35 проценти од светската поморска трговија со сурова нафта.

Цената на нафтата од типот Brent crude oil веќе во средината на април била повисока за 50 проценти во однос на почетокот на годината, а за 2026 година се прогнозира просечна цена од 86 долари за барел, во споредба со 69 долари во 2025 година. Овие прогнози се базираат на очекувањата дека најтешките нарушувања ќе се стабилизираат до мај, а транспортот низ клучните рути ќе се нормализира до крајот на годината.

Главниот економист на Светска банка, Индермит Гил, предупредува дека ефектите од војната се шират во „бранови“ – прво преку раст на цените на енергенсите, потоа на храната, а потоа и преку инфлацијата и зголемените каматни стапки, што го поскапува задолжувањето.

Во извештајот се наведува и дека цените на ѓубривата би можеле да пораснат за 31 процент во 2026 година, што дополнително ќе ги намали приходите на земјоделците и ќе влијае врз приносите.

Паралелно, цените на индустриските метали како алуминиум, бакар и калај би можеле да достигнат рекордни нивоа, поттикнати од зголемената побарувачка во сектори како дата-центри, електрични возила и обновливи извори на енергија.

Раст бележат и благородните метали, со очекувано зголемување на просечните цени за околу 42 проценти во текот на годината, како резултат на засилената побарувачка за сигурни инвестиции во услови на геополитичка неизвесност.

Во економиите во развој, инфлацијата би можела да достигне 5,1 процент во 2026 година, што е за еден процентен поен повеќе од претходните проценки, додека економскиот раст се ревидира надолу на 3,6 проценти.

Во понегативно сценарио, доколку конфликтот продолжи или дојде до дополнителни оштетувања на клучната инфраструктура, просечната цена на нафтата би можела да достигне и 115 долари за барел. Во такви услови, инфлацијата во економиите во развој би се искачила на 5,8 проценти – ниво споредливо со енергетската криза од 2022 година.

Заменик-главниот економист на Светска банка, Ајхан Косе, предупредува дека владите имаат ограничен фискален простор за реакција и препорачува избегнување на широки и неселективни мерки, со фокус на таргетирана и привремена поддршка за најпогодените категории.

Извор: Bankar.me

Продолжи со читање

Анализи

Наместо недвижности, младите се вратат кон инвестиции во криптовалути: Расте трендот на „финансиски нихилизам“

Објавено

на

Сè поголем број млади луѓе денес се откажуваат од традиционалните финансиски патишта и се свртуваат кон поризични инвестиции како криптовалути и т.н. „меме“ акции, тренд што економистите го дефинираат како финансиски нихилизам.

Овој феномен произлегува од чувството дека класичните модели – стабилна работа, сопствен дом и сигурна пензија – стануваат сè потешко достижни за генерацијата З. Наместо долгорочно планирање, дел од младите избираат побрзи и поризични начини за заработка, не затоа што ги сметаат за подобри, туку затоа што ги гледаат како единствена опција.

Според анализи, значителен дел од младите вложуваат во инструменти кои се надвор од класичните финансиски системи, што веќе почнува да влијае врз економските текови. Истовремено, прогнозите покажуваат дека генерацијата З во наредните децении ќе стане најбогатата генерација во историјата, со огромно влијание врз потрошувачките навики и пазарите.

Сепак, парадоксално, оваа генерација се соочува и со зголемена невработеност и нестабилност на пазарот на труд. Тоа дополнително го намалува интересот за долгорочни инвестиции и штедење, додека краткорочната потрошувачка и ризичните вложувања бележат раст.

Економистите предупредуваат дека ваквото однесување може да има пошироки последици, вклучително и намалување на ефективноста на монетарните политики, бидејќи сè поголем дел од средствата се движат надвор од банкарските системи.

Дополнителен фактор е недостапноста на недвижностите, кои некогаш претставуваа симбол на финансиска стабилност. Денес, за многумина млади, купувањето стан е речиси недостижна цел, што дополнително го поттикнува отстапувањето од традиционалните финансиски модели.

Стручњаците сметаат дека клучот за справување со овој тренд е поголема финансиска едукација, како и прилагодување на финансиските институции кон новите генерации и нивните навики.

Извор: Nin.rs

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange