Анализи
Страв од стагфлација во еврозоната: Довербата најниска од 2020 година
Стравот од сценарио што економистите го нарекуваат стагфлација повторно се засилува во еврозоната. Најновите податоци укажуваат на влошување на економскиот амбиент – во април е забележан силен пад на економската доверба, додека растот на цените на енергенсите и геополитичката неизвесност по конфликтите во Иран дополнително ги оптоваруваат и граѓаните и компаниите.
Индексот на економско расположение падна на 93 поени, од 96,2 во март, што е најниско ниво од ноември 2020 година. Падот на довербата е присутен кај потрошувачите, претпријатијата и инвеститорите, што јасно укажува на сè поизразен ризик од забавување на европската економија.
Европа повторно се соочува со притисок од раст на цените на енергијата. Само пред неколку месеци се очекуваше смирување на инфлацијата и постепено олабавување на монетарната политика од страна на Европската централна банка. Сепак, новиот енергетски шок целосно ги менува очекувањата.
Растот на цените на нафтата и гасот не влијае само врз трошоците на домаќинствата, туку директно ги зголемува и цените на производството, транспортот и финансирањето низ целата економија. Така, енергетскиот проблем брзо се прелева во вкупната економија.
Европската комисија предупредува дека во април паднале и индексот на економски сентимент и индексот на очекувања за вработување, при што двата показатели се значително под долгорочниот просек од 100 поени. Тоа значи дека компаниите стануваат повнимателни кога станува збор за вработување, инвестиции и планови за раст.
Уште поголема причина за загриженост не е самиот пад на довербата, туку причините што стојат зад него. Инфлациските очекувања кај потрошувачите значително пораснале. Во април достигнале 49,1 поени, во споредба со 43,5 во претходниот месец, што е највисоко ниво од пролетта 2022 година, кога Европа беше под силно влијание на последиците од Ратот во Украина.
Тоа претставува сериозен предизвик за Европската централна банка, бидејќи инфлацијата не е само прашање на тековните цени, туку и на очекувањата на граѓаните за идното движење на цените. Кога луѓето веруваат дека инфлацијата ќе трае подолго, го менуваат своето однесување – трошат повнимателно, ги одложуваат поголемите купувања, вршат притисок врз растот на платите, а компаниите полесно ги зголемуваат цените. Токму тогаш инфлацијата станува поотпорна и потешко се става под контрола.
Според посебна анкета на Европската централна банка, очекувањата на потрошувачите за инфлација во наредните 12 месеци пораснале во март на 4%, додека еден месец претходно изнесувале 2,5%, што претставува нагол скок за краток период.
Во вакви услови, ризикот од стагфлација во еврозоната повторно станува реален. Проблемот за централната банка има две страни. Од една страна, економијата очигледно забавува – послабата доверба, повнимателното кредитирање и падот на активноста укажуваат на можност за дополнително слабеење на растот во текот на годината. Од друга страна, растот на инфлациските очекувања го ограничува просторот за поагресивно намалување на каматните стапки.
Европската централна банка повторно се наоѓа меѓу две неповолни опции – забавување на економијата и инфлација која не попушта доволно брзо. Сè повеќе индикатори го отвораат прашањето дали еврозоната влегува во фаза што потсетува на стагфлација, односно комбинација на слаб раст и упорна инфлација.
Во пракса, тоа значи можност за период во кој економскиот раст слабее, додека инфлациските очекувања истовремено се зголемуваат. Таквото сценарио е особено проблематично, бидејќи монетарната политика тогаш губи дел од својата ефикасност. Ако централната банка агресивно ги намали каматните стапки, постои ризик од нов инфлациски бран. Ако го задржи рестриктивниот пристап, дополнително ја притиска економијата.
Априлските податоци на Европската комисија укажуваат дека проблемот во еврозоната не е само краткорочен. Истовремено се појавуваат повеќе негативни фактори: раст на цените на енергијата, повнимателни потрошувачи, послаби очекувања кај компаниите и инфлација која побавно се става под контрола.
Ваквата комбинација и претходно ја забавувала европската економија, но разликата е што овојпат пазарите немаат исто ниво на сигурност дека монетарната политика брзо ќе го реши проблемот.
Затоа, најновите податоци може да имаат поголемо значење отколку што изгледа на прв поглед. Бидејќи економските забавувања ретко доаѓаат ненадејно – најчесто им претходи токму губењето на довербата.
Извор: Bankar.me
Анализи
Цените на нафтата скокнаа на највисоко ниво во последните четири години по извештаи за нови воени опции на Трамп кон Иран
Цените на нафтата нагло пораснаа, при што „брент“ достигна највисоко ниво во последните четири години, откако се појавија информации дека американскиот претседател Доналд Трамп разгледува нови воени опции против Иран.
Фјучерсите на „брент“ за јуни скокнаа за 6,8% и достигнаа 126 долари за барел, што е највисоко ниво од март 2022 година, на почетокот на Руско-украинската војна. Договорот за јуни истекува денеска, додека јулските фјучерси пораснаа за 3,4% на 114,19 долари.
Американската сурова нафта WTI исто така забележа раст – јунските фјучерси се зголемија за 2,7% на 109,81 долари за барел, а јулските достигнаа 102,84 долари.
Можно ново заострување со Иран
Според извештај на Axios, Трамп ќе биде информиран за можни нови воени активности против Иран. Брифингот ќе го одржи командантот на CENTCOM, адмирал Бред Купер, а ќе опфати неколку сценарија – од напади врз Иран, до операции за повторно отворање на трговскиот сообраќај во Ормускиот теснец, па дури и специјални акции за запленување на иранските залихи на ураниум.
Овие опции се разгледуваат во обид да се надмине застојот во односите меѓу Вашингтон и Техеран, откако неодамнешните обиди за нови мировни преговори не дадоа резултат.
Секое ново воено дејствување најверојатно би значело крај на прекинот на огнот и би можело да предизвика одговор од Иран, што дополнително би ја зголемило нестабилноста на Блискиот Исток.
Ормускиот теснец под притисок
Конфликтот влезе во трет месец, а протокот на нафта низ Ормускиот теснец останува ограничен, откако Иран го блокираше овој клучен поморски канал на почетокот на војната.
Прекините во снабдувањето доведоа до силен раст на цените на нафтата.
Во меѓувреме, според The Wall Street Journal, Трамп бара меѓународна поддршка за формирање коалиција која би помогнала во повторно отворање на теснецот. Сепак, дел од главните американски сојузници досега одбиваат да се вклучат.
Цените на нафтата накратко се стабилизираа откако Обединетите Арапски Емирати најавија излез од ОПЕК, што би можело да значи зголемено производство. Но, поради конфликтот со Иран, не се очекува брзо зголемување на производството.
Нафтениот пазар останува силно чувствителен на геополитичките случувања, а секоја ескалација може дополнително да ги турне цените нагоре.
Извор: Investing
Анализи
Ова се 50-те најголеми банки во светот според актива: Држат над 100 трилиони долари
Педесетте најголеми банки во светот заедно управуваат со имот вреден 101,6 трилиони долари, покажуваат најновите податоци. Ранг-листата е доминирана од кинеските банки, кои ги заземаат првите четири позиции на глобално ниво.
Иако JPMorgan Chase е на петтото место според висината на активата, таа и натаму останува највредната банка во светот според пазарната капитализација.
Банките имаат клучна улога во глобалниот финансиски систем, бидејќи преку нивната актива се одвива движењето на кредитите, депозитите и ликвидноста во економијата.
Вкупно, 50-те најголеми банки држат 101,6 трилиони долари, сума која се приближува до глобалниот јавен долг, проценет на околу 111 трилиони долари во 2025 година.
Податоците за рангирањето се базираат на платформата CompaniesMarketCap, заклучно со 15 април 2026 година, и ја опфаќаат вкупната актива на банките, вклучувајќи готовина, кредити, инвестиции и недвижности.
Кинеските банки на врвот
На врвот на листата се наоѓаат четири државни банки од Кина: ICBC, Agricultural Bank of China, China Construction Bank и Bank of China.
Заедно, тие управуваат со актива од околу 25,5 трилиони долари, што претставува приближно една четвртина од вкупната актива на 50-те најголеми банки во светот.
САД веднаш зад Кина
На второ место според вкупната актива се САД. JPMorgan Chase располага со околу 4,4 трилиони долари, додека Bank of America има околу 3,4 трилиони долари актива.
Останатиот дел од топ 10 го сочинуваат три европски банки — BNP Paribas, HSBC и Crédit Agricole — како и јапонската Mitsubishi UFJ Financial Group.
Азија доминира во глобалното банкарство
Азија доминира во глобалниот банкарски сектор, со речиси половина од вкупната актива на најголемите банки. Ова во голема мера се должи на 13 кинески банки, кои сами сочинуваат околу 39% од вкупната актива.
Европа е на второ место по бројот на банки на листата, но тие се во просек помали, со околу 1,6 трилиони долари актива по банка, во споредба со азискиот просек од околу 2,6 трилиони.
Северна Америка има помал број банки, но тие се во просек поголеми, што укажува на силна концентрација на капитал во најголемите финансиски институции во регионот.
Извор: Bankar.me
Анализи
Волстрит во пад: Разочарувачки податоци за OpenAI и раст на цената на нафтата ги притиснаа индексите
Американските берзански индекси забележаа пад во вторникот, под влијание на извештаи за послаби резултати на OpenAI, како и поради растот на цените на нафтата.
Индексот „S&P 500“ се намали за 0,49% и затвори на 7.138,80 поени, додека технолошкиот „Nasdaq Composite“ загуби 0,9% и заврши на 24.663,80 поени. „Dow Jones Industrial Average“ падна за 25,86 поени, односно 0,05%, затворајќи на 49.141,93 поени. Поголем пад кај „blue-chip“ акциите беше ублажен со растот на акциите на „Coca-Cola“ од речиси 4%, по објавата на резултати подобри од очекуваните.
Според извештај на „The Wall Street Journal“, OpenAI остварил раст на приходите и бројот на корисници под сопствените проекции. Воедно, финансиската директорка Сара Фрајер предупредила дека постои загриженост оти компанијата во иднина може да се соочи со тешкотии при покривање на трошоците за компјутерски договори доколку приходите не се зголемат со побрзо темпо.
По објавата, акциите на производителите на чипови забележаа пад. „VanEck Semiconductor ETF“ ослабна за околу 3%, „Nvidia“ загуби повеќе од 1%, „Broadcom“ падна за над 4%, „Advanced Micro Devices“ за повеќе од 3%, а „Oracle“ се намали за околу 4%.
„Забележливо е одредено повлекување на профит поради претпазливост пред објавите на резултатите од компаниите“, изјави Стивен Колано, главен инвестициски директор во Integrated Partners, алудирајќи на очекуваните извештаи од технолошките гиганти.
Во текот на неделата се очекуваат важни финансиски извештаи, при што „Alphabet“, „Amazon“, „Meta Platforms“ и „Microsoft“ треба да ги објават своите резултати во среда, додека „Apple“ ќе извести во четврток.
Падот на пазарот следува по рекордните нивоа достигнати во понеделникот од страна на „S&P 500“ и „Nasdaq“. Сепак, растот беше ограничен поради застојот во мировните разговори меѓу САД и Иран.
Во текот на викендот, претседателот Доналд Трамп ги откажа плановите за испраќање на специјални пратеници во Пакистан за разговори за примирје со Иран, наведувајќи дека комуникацијата може да се одвива телефонски. Од иранска страна, беше соопштено дека во моментов нема закажани директни средби меѓу Техеран и Вашингтон.
Како ретка позитивна вест, Белата куќа потврди дека се разгледува можноста за повторно отворање на Ормускиот теснец, доколку дојде до завршување на конфликтот и укинување на блокадите.
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка со информација за исплатата на паричната помош од социјална, детска и цивилна заштита за февруари 2026 година
-
Продуктипред 1 месецДо 120.000 денари финансиска поддршка од Easy Finance – брзо и со транспарентни услови
-
Интервјуапред 2 месециГацов во FinSight: Една неиздадена сметка значи над 60% загуба за државата
-
Кариерапред 1 месецНародна банка бара аналитичари: плата до 83 илјади денари и двегодишен договор
-
Кариерапред 1 месецОглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје
-
Кариерапред 1 месецАна Митреска и Игор Величковски предложени за нови вицегувернери на Народната банка
-
Банкипред 2 месециХалк банка нуди потрошувачки кредит до 2,5 милиони денари
-
Анализипред 2 месециКаде е најпрофитабилно да се инвестираат пари во 2026 година?





