Connect with us
no baners

Анализи

Ова се десетте најбогати земји во светот според БДП по жител

Објавено

на

Меѓународните споредби покажуваат дека богатството на една земја не се мери само преку вкупниот бруто домашен производ (БДП), туку и преку БДП по жител, кој се смета за клучен показател за економската сила и животниот стандард. Според најновите податоци од извештајот World Economic Outlook на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), објавен во октомври 2025 година, составена е листата на десетте најбогати земји во светот за 2026 година.

На десеттото место се наоѓа Холандија, со БДП по жител од 77.880 долари, благодарение на стабилниот услужен сектор, силната надворешна трговија и високата продуктивност.

Деветтото место го држи Данска, со 82.710 долари по жител, задржувајќи ја својата позиција од претходната година и позиционирајќи се како една од најбогатите земји во Европската унија.

Соединетите Американски Држави се на осмото место со 92.880 долари по жител. Иако имаат најголем вкупен БДП во светот, по овој критериум се рангирани пониско. Воедно, токму во САД живее најголем дел од најбогатите луѓе во светот.

Норвешка е на седмото место со 96.580 долари по жител, задржувајќи ја својата позиција и стабилниот економски раст.

На шестото место е Сингапур со 99.040 долари по жител. И покрај недостатокот на природни ресурси, оваа град-држава се издвојува како глобален центар за трговија, логистика, финансии и технологија.

Исланд се наоѓа на петтото место со 108.590 долари по жител. По тешката финансиска криза во 2008 година, земјата успеа да се опорави и повторно да се позиционира меѓу најразвиените економии.

Четвртото место ѝ припаѓа на Швајцарија, со БДП по жител од 118.170 долари, позната по силниот банкарски сектор и стабилната економија.

На третото место е Ирска со 135.250 долари по жител. Сепак, овој резултат често се доведува во прашање поради даночните политики што привлекуваат големи мултинационални компании, кои таму пријавуваат високи приходи.

Втора најбогата земја е Луксембург, со 154.120 долари по жител, што е значително повеќе од, на пример, Германија, која со 63.600 долари се наоѓа дури на 19-тото место.

На врвот на листата е Лихтенштајн, со убедливо највисок БДП по жител од 246.740 долари. Оваа мала европска држава својата економска моќ ја темели на високо специјализирана и конкурентна индустрија на глобално ниво.

Анализи

Блокадата на Ормускиот теснец не е само прашање на нафта – од него зависат 100 милиони луѓе

Објавено

на

Блокадата на Ормускиот теснец не претставува само енергетски проблем, туку сериозна закана за снабдувањето со храна во регионот на Персискиот Залив. Преку овој клучен поморски коридор поминуваат околу 20 проценти од светските залихи на нафта и природен гас, но за земјите од регионот тој е и витална врска за опстанок на повеќе од 100 милиони луѓе.

Ескалацијата на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран дополнително го загрозува овој теснец, со што се нарушуваат и синџирите на снабдување со храна. Поради екстремните температури, кои во лето достигнуваат и над 50 степени Целзиусови, како и поради ограниченото обработливо земјиште, државите од Заливот се силно зависни од увоз на храна, додека питката вода најчесто ја добиваат преку десалинизација на морска вода.

Саудиска Арабија увезува повеќе од 80 проценти од храната, Обединетите Арапски Емирати околу 90 проценти, а Катар дури 98 проценти. Голем дел од увозот во Ирак, и покрај реките Еуфрат и Тигар, исто така поминува низ Ормускиот теснец. Повеќето пратки со храна за регионот се транспортираат токму преку оваа рута, која сега е речиси блокирана поради напади врз комерцијални бродови.

Поради тоа, превозниците се принудени да бараат алтернативни, поскапи и логистички посложени рути. Дури и Иран, и покрај конфликтот, зависи од овој теснец за значителен дел од својата трговија.

Последиците веќе се чувствуваат на глобално ниво. Контејнери со храна, првично наменети за Дубаи, се пренасочуваат кон Индија или Шри Ланка. Светската програма за храна предупредува дека глобалните синџири на снабдување се соочуваат со можеби најголеми нарушувања од пандемијата на Ковид-19 и почетокот на војната во Украина.

Трошоците за транспорт нагло растат. Компаниите за испорака наметнуваат дополнителни трошоци од околу 4.000 долари по контејнер за Блискиот Исток, додека копнениот транспорт може да чини и до 9.000 долари по контејнер. Дел од овие трошоци неминовно ќе се префрлат врз потрошувачите.

Компаниите веќе најавуваат зголемување на цените на одредени производи, особено млечните и свежите намирници, и до 20 проценти. Сепак, некои трговци уверуваат дека нема да дојде до недостиг на храна, иако признаваат дека ситуацијата е сериозно нарушена.

Како алтернатива, се разгледуваат копнени транспортни рути од Европа преку Турција кон земјите од Заливот, што и покрај подолгото времетраење, се покажува како поевтина опција од воздушниот транспорт.

И покрај тоа што непосредна криза со глад засега не се очекува, блокадата на Ормускиот теснец јасно покажува колку е кревка глобалната мрежа за снабдување со храна и колку е регионот зависен од еден единствен поморски коридор.

Продолжи со читање

Анализи

Цените на храната во регионот „експлодираат“ – дали истото го чувствуваат и македонските граѓани?

Објавено

на

Цените на храната во Црна Гора бележат драматични скокови, при што одредени производи поскапеле и до 180 отсто на годишно ниво, покажуваат најновите податоци на црногорското Министерство за земјоделство. Овие трендови отвораат прашање дали сличен ценовен притисок веќе се чувствува и на македонскиот пазар.

Во Црна Гора, најголем раст на цените е забележан кај зеленчукот. Зелената салата е поскапа за дури 180 проценти во однос на лани, додека путерицата бележи раст од над 175 проценти. Белата пиперка исто така поскапела за повеќе од 100 проценти.

Силен раст имаат и кај увозните производи, особено кај трапист сирењето, чија цена е зголемена за над 100 проценти. За разлика од тоа, сирењата како едамер и гауда бележат пад на цените од околу 30 проценти.

Овошјето не е исклучок од трендот. Јагодите поскапеле за повеќе од 80 проценти, лимоните за речиси 68 проценти, додека цената на јаболката е повисока од 20 до 35 проценти, зависно од сортата.

Во малопродажба, цените се уште поизразени. Во одредени маркети во Црна Гора, јагодите достигнуваат и до 9 евра за килограм, пиперките се продаваат за 4 до 5 евра, а зелената салата чини околу 4 евра. За килограм најевтини јаболка се издвојуваат над едно евро, додека лимоните чинат меѓу 2 и 3 евра.

Покрај тоа, значително поскапеле и доматите (околу 50 проценти), спанаќот (47 проценти), како и јајцата, чии цени пораснале од 23 до 30 проценти. Цената на суровото млеко останува релативно стабилна, со благ раст од околу 4 проценти.

Истовремено, одредени производи поевтинеле. Цената на говедата за колење е пониска за повеќе од 36 проценти, додека зелката, кељот и кромидот исто така се поевтини во споредба со лани. Ретки се производите со стабилни цени – меѓу нив се ротквиците, клементините и пилешкото месо.

Иако станува збор за податоци од Црна Гора, ваквите движења често се прелеваат и во другите земји од регионот, вклучително и Македонија, особено поради преголемата зависност од увоз на овошје, зеленчук и млечни производи.

Во услови кога граѓаните веќе се соочуваат со зголемени трошоци за живот, секое ново поскапување на основните прехранбени производи директно влијае врз домашниот буџет, што ја прави ценовната стабилност едно од клучните економски прашања и во Македонија.

Во моментов освен цените на овошјето и зеленчукот, другите цени остануваат се уште стабилни, но зголемувањето на цените на нафтата со сигурност ќе придонесат до зголемување на сите прехрамбени производи.

Продолжи со читање

Анализи

Златото во пад под притисок на силен отпор кај 4.500 долари

Објавено

на

Цената на златото забележа пад во текот на најновото внатредневно тргување, откако не успеа да го пробие клучното ниво на отпор од 4.500 долари, покажува најновата анализа на „Economies.com“ од 24 март 2026 година.

Според анализата, на краток рок и понатаму доминира корективен надолен тренд, кој врши притисок врз цената. Дополнително, златото се движи под 50-дневниот експоненцијален подвижен просек (EMA50), што дополнително го зајакнува негативниот тренд.

Техничките индикатори исто така сигнализираат слабост. Се појавува негативна дивергенција кај индексите на релативна сила, откако претходно беа достигнати прекупени нивоа во однос на движењето на цената. Истовремено е регистрирано и негативно вкрстување, што укажува на зголемена веројатност за натамошен пад на цената во блиска иднина.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange