Connect with us
no baners

Банки

Советот на Народната банка донесе одлука со која натаму се усогласува банкарската регулатива со новините во европската регулатива

Објавено

на

Советот на Народната банка, на седница одржана на 27 февруари 2023 година, усвои нова Одлука за методологијата за управување со кредитниот ризик со која се врши натамошно усогласување со новите регулаторни барања коишто започнаа да се применуваат во Европската Унија, а придонесуваат за натамошно јакнење на стабилноста на банкарскиот систем. Со Одлуката се определува нов начин на утврдување на нефункционалните кредитни изложености и се зајакнуваат критериумите за следење и контрола на квалитетот на кредитното портфолио на банките. Исто така, се унапредуваат правилата за реструктурирање на кредитните изложености на банките кон клиенти кои се соочуваат со финансиски тешкотии.

Заради поголема транспарентност во работењето на банките и следење на нивната усогласеност од страна на Народната банка, Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик ги проширува информациите и податоците коишто треба да ги достават банките до Народната банка, за што треба да го прошират опфатот на системот за известување до централната банка. Така, новина во овој домен меѓу другото се и подетални информации за реструктурираните кредитни изложености, за следење на активностите на банките за намалување на нефункционалните кредитни изложености,  како и за одобрените зелени кредити.

Преку спроведувањето на Одлуката ќе се овозможи подетално следење на движењата во кредитното портфолио на банките и навремена оцена на потенцијални ризици за финансиската стабилност.

Имајќи ги предвид новините коишто се воведуваат со Одлуката, Народната банка предвиде таа да се применува од 1 јануари 2024 година, со што ќе се обезбеди времето потребно за соодветни промени во системите на банките и за приспособување на нивното работење кон овие нови барања. Во исто време, новините поврзани со ризиците поврзани со климатските промени ќе почнат да се применуваат од 1 јануари 2025 година.

На оваа седница беа усвоени и Правилата за работа на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС). Овие правила се дел од подзаконската регулатива којашто ја носи Народната банка заради усогласување со барањата од новиот Закон за платежни услуги и платни системи кој стапи на сила на почетокот на оваа година. Новиот закон претставува значаен исчекор во усогласувањето на платежните услуги со европската регулатива и од него се очекуваат бројни предности за компаниите и граѓаните.

Досега Народната банка донесе 29 подзаконски акти. Оттука, со Правилата се проширува опфатот на учесниците во МИПС со нови субјекти коишто согласно Законот може да даваат платежни услуги и да учествуваат во платните системи, а се уредуваат и други прашања поврзани со извршувањето налози за пренос на парични средства и управувањето со ризиците.

Банки

Гувернерот Славески: Монетарната политика обезбедува стабилен денар, контролирана инфлација и стабилен банкарски систем

Објавено

на

Во гостувањето во емисијата „Вин-вин“ на телевизија „Телма“, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, истакна дека монетарната политика успешно ја исполнува својата основна цел – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност во земјата.

Гувернерот посочи дека стабилноста на девизниот курс на денарот и натаму е цврсто закотвена. Стабилниот курс на денарот во однос на еврото претставува важен фактор за зачувувањето на довербата во економијата, финансиската стабилност и конкурентноста на домашната економија.

Во однос на инфлацијата, беше нагласено дека се бележи стабилизирање на ценовните движења, а во одредени месеци во текот на минатата година има и намалување на ценовното ниво на месечно ниво. Народната банка очекува дека во текот на оваа година инфлацијата и натаму ќе се намалува, што е во согласност со среднорочната цел за ценовна стабилност и приближување кон инфлацијата во еврозоната.

Гувернерот информира дека Народната банка воведе нова и поефикасна оперативна монетарна рамка, со што се унапредува преносот на сигналите од монетарната политика кон финансискиот систем. Во новата рамка, банките имаат можност да пласираат средства кај Народната банка на седум дена со каматна стапка од 4%, со дефиниран каматен коридор за краткорочните операции. Со ваквата поставеност се овозможува појасна насока за движењето на каматните стапки и се придонесува за одржување на стабилноста на финансискиот систем.

Беше истакнато дека банкарскиот систем располага со значителен вишок ликвидност, како и дека бележи постојан раст на штедењето кај населението. Во последните години се забележува и позитивен тренд на денаризација, односно раст на штедењето во домашна валута, што уште повеќе ја зајакнува стабилноста на денарот и довербата во домашниот финансиски систем.

Гувернерот нагласи дека девизните резерви се одржуваат на високо и сигурно ниво од околу 4,9 милијарди евра, што претставува силна гаранција за стабилноста на девизниот курс и за отпорноста на економијата на надворешни шокови.

Во гостувањето беше истакнато и дека постои широк општествен и економски консензус за придобивките од фиксниот девизен курс, што со децении успешно придонесува за стабилноста на македонската економија и претставува важен столб во процесот на европска интеграција и идното воведување на заедничката европска валута.

Народната банка и во иднина внимателно ќе ги следи економските движења и ќе спроведува политики насочени кон одржување на ценовната и финансиската стабилност, како важен предуслов за одржлив економски раст и за стабилност на економијата.

Продолжи со читање

Банки

ХАЛКБАНК СО АТРАКТИВНА ДИГИТАЛНА КАМПАЊА: Отвори сметка онлајн и добиј 1.000 денари за гориво

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје од 1 февруари 2026 година започна нова кампања за онлајн отворање платежни сметки, реализирана во соработка со Макпетрол, со цел унапредување на дигиталното банкарство и поедноставување на пристапот до банкарските услуги.

Новите клиенти можат да станат дел од Халкбанк со само неколку клика, преку креирање електронска идентификација со мобилната апликација OneID, по што сметката се отвора целосно онлајн преку официјалната веб-страница на Банката.

Како дополнителен бенефит, првите 200 нови клиенти кои успешно ќе отворат сметка ќе добијат ваучер за гориво во вредност од 1.000 денари, кој може да се искористи на бензинските станици на Макпетрол. Деталите за подигнување на ваучерот ќе бидат доставени по електронски пат во рок од неколку дена.

Кампањата важи до исцрпување на предвидените 200 ваучери и се однесува исклучиво на лица кои досега немале отворена сметка во Халкбанк АД Скопје.

Со оваа иницијатива, Халкбанк продолжува да инвестира во дигитални решенија и корисничко искуство, овозможувајќи брз, безбеден и модерен пристап до банкарските услуги.

Продолжи со читање

Банки

УНИБанка ќе исплати полугодишна камата од 6% на имателите на перпетуални обврзници од четвртата емисија

Објавено

на

Универзална Инвестициона Банка АД Скопје информира дека ќе изврши исплата на полугодишна камата по каматна стапка од 6% на годишно ниво на имателите на перпетуални обврзници од четвртата емисија, со ИСИН MKBLBA200045 и шифра UNIPO4.

Исплатата на каматата ќе се реализира на 12 февруари 2026 година.

Право на исплата на полугодишната камата ќе имаат сите лица кои ќе бидат регистрирани како иматели на перпетуалните обврзници во книгата на иматели во Централниот депозитар за хартии од вредност, заклучно со 11 февруари 2026 година.

Банката дополнително информира дека тргувањето со овие обврзници на Македонската берза на 10 и 11 февруари 2026 година ќе се врши со пресметана акумулирана камата за 182, односно 183 дена. При порамнувањето, кое ќе се реализира на 12 и 13 февруари 2026 година, купувачот ќе има обврска да му го исплати на продавачот износот на чистата цена на обврзницата зголемена за пресметаната акумулирана камата.

Купувачите кои ќе ги стекнат обврзниците во наведениот период ќе бидат евидентирани како иматели во Централниот депозитар на 12 и 13 февруари 2026 година, соодветно, и поради тоа нема да остварат право на исплата на полугодишната камата која ќе биде исплатена на 12 февруари 2026 година.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange