Connect with us
no baners

Банки

Преку супервизорски циркулар ќе се јакне заштитата на потрошувачите на банкарските услуги

Објавено

на

На одржаната редовна седница на Советот на Народната банка беше донесен Циркулар за финансиските институции за следење и примена на препораките и добрите практики за заштита на правата и интересите на потрошувачите при користењето финансиски услуги од банкарскиот сектор на Република Северна Македонија.

Имено, Народната банка преку донесениот циркулар воспоставува добри практики во поглед на заштитата на потрошувачите корисници, залагајќи се за правични и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги даваат. При изготвувањето на овој циркулар се користени меѓународни стандарди, европски директиви и практики во овој домен, имајќи ги предвид карактеристиките на банкарскиот систем и банкарската регулатива кај нас.

Циркуларот предвидува одредби за понатамошно подигнување на корпоративната култура и вредности кај банките коишто се фокусираат на правичен и еднаков третман кон клиентите. Исто така, предвидени се одредби и за воспоставување практики за обезбедување соодветни совети и препораки за потрошувачите, засновани на финансиските цели, потребите и знаењето на секој потрошувач, земајќи ја предвид сложеноста на финансиската услуга или производ и ризиците поврзани со нив. Значаен аспект на заштитата на потрошувачите е и достапноста до јасни, релевантни и навремени информации за финансиските услуги и производи, па со Циркуларот се дефинираат и практиките во овој домен. Значајни одредби во Циркуларот се посветени и на поставувањето добри практики поврзани со ракувањето со поплаките од клиентите, при што се очекува дека финансиските институции ќе го унапредат системот за ефективно ракување, како и дека навремено и праведно ќе постапуваат во врска со поплаките на потрошувачите.

Практиките опфатени во Циркуларот имаат за цел да поттикнат воспоставување високи стандарди на одговорно и професионално однесување во финансиските институции кон клиентите и градење култура каде што интересите на потрошувачите се составен дел од деловните стратегии и работењето на финансиските институции.

На истата седница, Советот ја потврди висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од земјата во висина од 0,75%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2024 година. Одлуката се темели на редовната квартална оцена на системските ризици за четвртиот квартал на 2022 година, којашто потврди дека банкарскиот сектор е здрав и стабилен и отпорен на шокови. Истовремено, се задржани и оцените за постепено зголемување на цикличните системски ризици, во услови на продолжена неизвесност, вклучително и на пазарот на недвижности. Во вакви услови, кога ризиците сѐ уште не се одразиле врз билансите на домашните банки, со противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за јакнење на капиталната сила на домашните банки, со што се јакне и стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем, а со тоа и на севкупната финансиска стабилност.

На седницата на Советот беше усвоен и Извештајот за управувањето со оперативните ризици на Народната банка на Република Северна Македонија за 2022 година. Основната цел на овој извештај е да се презентираат резултатите од длабинската процена на оперативните ризици за 2022 година. Управувањето со ризиците е неопходен елемент на доброто корпоративно управување коешто придонесува за ефикасно и ефективно остварување на поставените стратегиски цели, мандат и визија.

Банки

Стопанска банка планира промена на седиштето

Објавено

на

Надзорниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје утврдил предлог-одлука за промена на седиштето на Банката, за која треба да одлучува Собранието на акционери закажано за 27 април 2026 година.

Според предлогот, новото седиште на Банката ќе биде на улица „Филип Втори Македонски“ бр. 6 во Скопје, наместо досегашната адреса на улица „11 Октомври“ бр. 7.

Предлог-одлуката е подготвена врз основа на Статутот на Банката и Законот за банки, а за нејзино усвојување е потребно двотретинско мнозинство од акциите со право на глас.

Како дел од постапката, Банката веќе поднела барање за претходна согласност до Народна банка на Република Северна Македонија, која треба да утврди дали новото седиште ги исполнува сите технички, организациски и безбедносни услови за вршење банкарска дејност.

Промената на седиштето е дел од стратешките планови на Банката, насочени кон модернизација, подобрување на оперативната ефикасност и унапредување на услугите за клиентите.

Доколку Собранието ја усвои одлуката, ќе следи упис на промената во Централниот регистар на Република Северна Македонија и спроведување на сите неопходни административни постапки.

Продолжи со читање

Банки

ЕЦБ ги предупредува банките: време е за враќање на редовните кредитни операции

Објавено

на

Банките во еврозоната треба да започнат подготовки за почесто користење на стандардните кредитни операции на Европската централна банка, со оглед на тоа што вишокот ликвидност во финансискиот систем постепено се намалува, се наведува во блог-објава на централната банка.

Повикајќи се на годишното истражување меѓу банкарските трезори, ЕЦБ истакнува дека банките кои претставуваат околу една четвртина од вкупната актива на банкарскиот систем во еврозоната веќе работат блиску до посакуваното ниво на резерви. Тоа е значително зголемување во однос на 15 проценти една година претходно, а се очекува овој удел до крајот на годината да достигне околу 50 проценти.

„Како што резервите продолжуваат да се намалуваат, важно е банките да бидат подготвени да ги користат операциите на Евросистемот како рутинска алатка за управување со ликвидноста и поддршка на пазарните активности“, наведува група економисти на ЕЦБ.

По години обележани со кризен пристап, вклучително долгорочни кредити и масовни откупи на обврзници, ЕЦБ сега се подготвува за премин кон систем во кој нивото на резерви повеќе ќе зависи од реалните потреби на банките.

Вишокот ликвидност достигна врв кон крајот на 2022 година на околу 4,7 трилиони евра, но оттогаш речиси се преполови, главно поради истекување на кредитите и прекинот на реинвестирањето на доспеаните обврзници.

Иако користењето на стандардните седмични и тримесечни операции на ЕЦБ и натаму е релативно ниско, бројот на банки што учествуваат во нив постепено расте. Меѓу оние кои ја поттикнуваат нивната редовна употреба е и членката на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел.

Анализата на пазарот на пари покажува дека ликвидноста и понатаму е рамномерно распределена меѓу банките и државите од еврозоната, без знаци на фрагментација. Банките кои се најблиску до оптималното ниво на резерви се воедно и најактивни на краткорочните репо-пазари.

Краткорочните каматни стапки во моментов се движат блиску до депозитната стапка на ЕЦБ од околу два процента, но евентуален раст, особено на пазарите со подолги рочности, може да сигнализира промени во потребите за ликвидност и атрактивноста на кредитните операции на централната банка.

ЕЦБ подоцна во текот на годината ќе го преиспита оперативниот рамковен систем воспоставен во 2024 година, со цел негово прилагодување на новите услови на финансиските пазари. Во план се и дополнителни инструменти, вклучително рефинансирачки операции и структурен портфолио на средства, кои треба да им помогнат на банките во управувањето со идните потреби за ликвидност.

Продолжи со читање

Банки

ММФ за Народната банка: Стратегиска модернизација на монетарната политика и одржување на стабилноста на финансискиот систем

Објавено

на

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во рамките на соопштението во завршниот исказ по мисијата спроведена врз основа на членот IV, позитивно ги оценува стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор, како и напредокот во монетарната политика и институционалната рамка на Народната банка.

Во изјавата се посочува на отпорноста на домашната економија, што се огледа во одржувањето солиден раст и во забавувањето на инфлацијата. Воедно, се истакнува дека продолжениот конфликт на Блискиот Исток и повисоките цени на енергијата се сериозен ризик, а последиците би можеле да се почувствуваат во повеќе сегменти. Поради тоа, се нагласува потребата од натамошно претпазливо водење на монетарната политика.

ММФ ја истакнува модернизацијата на оперативната рамка за спроведување на монетарната политика како значајно достигнување, со кое се зајакнува оперативната ефикасност и флексибилност на Народната банка.

Се нагласува дека финансискиот систем и натаму е стабилен, со добро капитализирани, ликвидни и профитабилни банки коишто имаат ниско ниво на нефункционални кредити, а спроведените стрес-тестови укажуваат дека системските ризици и натаму се ограничени и се под контрола. Воедно, преземените мерки во делот на макропрудентната политика се оценети како соодветни.

ММФ искажува задоволство и од посветеноста на усогласувањето на домашната регулатива со европските стандарди, што ќе придонесе за натамошно јакнење на супервизијата, решавањето банки и на целокупната финансиска стабилност.

Народната банка и во иднина ќе биде целосно посветена на одржување на ценовната и финансиската стабилност, како и на постојаното унапредување на своите политики и алатки, во согласност со најдобрите меѓународни практики.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange