Банки
Средба Ангеловска-Бежоска ‒ Пак и Арнитаси: Народната банка дел од пилот-проектот на ЕБРД за подобрување на пристапот до финансии за жените претприемачи
Женското претприемаштво игра клучна улога во отворањето работни места и придвижувањето на економскиот раст. Оттаму, обезбедувањето пристап до финансии за овие мали и средни компании е од исклучително значење за економијата во целина. Поддршката за поголем пристап на жените претприемачи до финансиите, збогатувањето на базата на податоци за кредитите на фирмите и со податоци за родовата припадност, како и зголемувањето на свесноста за значењето на родовата еднаквост при доделувањето кредити, беше тема на разговор на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и дел од тимот од централната банка, како и заменик-директорката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која е надлежна за инклузивни финансии, родова и економска инклузија, Оксана Пак, претставникот на ЕБОР во земјава, Анди Аранитаси и дел од тим од ЕБОР.
На средбата беше договорено Народната банка да биде дел од спроведувањето на пилот-проектот на ЕБОР во земјава, којшто би опфатил повеќе аспекти, вклучително и збогатување на базите на податоци за кредити со податоци за родовата припадност, како и обуки за поттикнување поголема свесност за потребите на жените претприемачи при кредитирањето. Инаку, поддршката на ЕБОР за поголема застапеност на жените во бизнисот, преку истоимената програма којашто ја спроведуваат, е на повеќе нивоа, од пристап до финансии, до деловно советување, развој на вештини, знаење и пристап до ресурси за развој на претприемаштвото.
Унапредувањето на финансиската инклузија, како и финансиската едукација како основа за поголема вклученост, се стратегиски цели на Народната банка. Родовата еднаквост, како аспект на финансиската инклузија, исто така е дел од приоритетите. Преку едуцирање за можностите и обврските на кредитодавателите и корисниците на кредитите, може да се придонесе кон подобрување на пристапот на жените претприемачи до финансии во земјава.
Според податоците изнесени во Стратегијата за родова еднаквост на ЕБОР 2021 ‒ 2025, од сто претприемачи во светот, само 37 се жени, додека 63 се мажи и само 55% од работоспособното женско население е работно ангажирано. Со промената на овие соодноси ќе се придонесе кон зајакнување на кохезијата и ќе се поддржи функционирањето на пазарната економија, економиите ќе станат поотпорни, ќе се поттикне иновативноста и ќе се поддржи економскиот раст.
Банки
Народната банка го објави Конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за 2027 година
Народната банка го објави Конкурсот за доделување на Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2027 година. Наградата се доделува со цел да се поттикне развојот на научната мисла и изработката на истражувачки трудови од областа на макроекономијата, банките и банкарските системи, како и да се афирмираат млади и стручни кадри.
Право на учество на Конкурсот имаат државјаните на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество.
Трудот со кој се конкурира треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празни места (без фусноти, прилози, графикони, табели, апстракт, библиографија и анекси) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување.
Авторите можат да конкурираат и со труд којшто веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2025 година. При поднесувањето на веќе објавен труд, потребно е да се наведе кога и каде е објавен.
Трудовите се доставуваат по електронски пат, во форматот „Word“, на електронската адреса: [email protected], со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.
Еден автор може да поднесе само еден труд. Трудовите може да бидат напишани на македонски, албански или англиски јазик.
Трудовите ќе се оценуваат според повеќе критериуми, меѓу кои се релевантноста на истражуваното подрачје за македонскиот контекст, квалитетот на освртот на литературата, јасноста на дефинирањето на проблемот и целите на истражувањето, соодветноста на анализата и применетите методи, како и квалитетот на заклучоците и препораките.
Крајниот рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2027 година.
Наградата е во парична форма. За првонаградениот труд се доделува награда во износ од 130.000 денари, а за второнаградениот труд наградата изнесува 65.000 денари.
Конкурсот е објавен на веб-страницата на Народната банка.
Банки
Девизните резерви достигнаа 5,21 милијарди евра на крајот од мај
Девизните резерви на државата на крајот од мај 2026 година изнесувале 5,21 милијарди евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка.
Според структурата на резервите, најголем удел имаат вложувањата во хартии од вредност, кои сочинуваат 68,5 проценти од вкупните девизни резерви. Монетарното злато учествува со 16,6 проценти, додека валутите и депозитите имаат удел од 14,9 проценти.
Девизните резерви претставуваат важен показател за финансиската стабилност на земјата и нејзината способност да одговори на надворешни економски предизвици.
Банки
Унапредувањето на институционалната соработка во фокусот на средбата меѓу гувернерот Славески и гувернерот на Народната банка на Кина Пан Гонгшенг
Во рамките на меѓународниот симпозиум во организација на Банката за меѓународни порамнувања и Народната банка на Кина, одржан во Шангај, гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески, на покана на гувернерот на Народната банка на Кина Пан Гонгшенг, оствари билатерална средба со својот кинески колега.
За време на средбата беа разменети мислења за актуелните светски економски и финансиски текови, како и за предизвиците со кои се соочуваат централните банки во услови на засилена неизвесност во меѓународното окружување. Воедно, беа споделени искуства поврзани со спроведувањето на монетарната политика и зачувувањето на финансиската стабилност.
Во рамките на разговорите им беше посветено внимание на трговските и на финансиските односи меѓу двете земји, при што беа разгледани и можностите за нивно понатамошно унапредување преку продлабочување на институционалната соработка. Притоа, беше нагласена долгогодишната традиција на пријателски односи меѓу двете земји, како и подготвеноста на Народната банка за натамошно засилување на дијалогот и размената на искуства со Народната банка на Кина.
Исто така, соговорниците се осврнаа на можностите за соработка во областа на дигиталната трансформација на финансискиот сектор, унапредувањето на финансиската вклученост, како и јакнењето на институционалните капацитети преку размена на знаења, експертиза и добри практики.
Славески и Гонгшенгсе согласија дека постои потенцијал за понатамошно продлабочување на соработката меѓу двете централни банки.
-
Останатопред 2 месеци
Управата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Продуктипред 2 месециУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Банкипред 1 месец
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Бизниспред 2 месеци
Македонски Телеком предлага повисока дивиденда за 2025 година
-
Фондовипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво потсетува на навремено планирање на пензијата
-
Банкипред 2 месециНЛБ Промотивен депозит – Сигурност што доаѓа во вистинско време
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка ќе започне со исплата на дивиденда на 4 мај
-
Бизниспред 1 месецОд полноќ нови цени на горивата


