Connect with us
no baners

Останато

Пантелеон ГС – Македонска компанија која обединува млади и талентирани луѓе кои од земјава работат за американскиот пазар

Објавено

на

Македонија е земја која често се споменува како голем извозник на квалитетен и образован кадар за земјите од Западна Европа и Северна Америка, поради што огромен број млади веќе по завршувањето на образованието размислуваат како да најдат работа во странство и да ја напуштат земјата. Во последните години, се отворија повеќе компании кои нудат аутсорсинг на домашен кадар за странските пазари, а притоа им отвораат шанси на заинтересираните македонски професионалци да работат за големи глобални компании и проекти. Една од нив е Пантелеон ГС, компанија која започна со работа во 2020 година и оттогаш бележи постојан раст на бројот на вработени и клиенти.

Кога во 2020 година започна како стартап компанија, Пантелеон ГС го одбра патот на квалитетна работа и обучување на способен кадар, со цел постојан раст и задоволување на високите барања на високопрофилните клиенти. Стратешката определба на компанијата да привлече и да вработи амбициозни млади професионалци се покажува како успешна одлука за сите страни, бидејќи а) тие добиваат квалитетен кадар; 2) создаваат повеќе работни места, што резултира во повеќе можности за домашните професионалци; 3) клиентите добиваат квалитетен и обучен кадар.

Токму во овој поглед, Пантелеон ГС се разликува од повеќето компании на нашиот пазар. Наместо да им нуди на младите потенцијални вработени само шанса за преселба и работа во странство, Пантелеон ГС создава тим кој работи локално и придонесува кон локалната економија, а притоа добива можност да се надградува во текот на самата работа и да стекне значајни квалификации и искуство од работа со некои од најдобрите компании во индустријата.

Специфичната гранка на Пантелеон ГС ѝ овозможува да нуди аутсорсинг услуги каде се нудат само умствените капацитети и компаниските пракси, на тој начин задржувајќи ги вработените во рамки на Македонија, со што и директно придонесува кон домашната економија. Дополнително, искуството кое овие луѓе го стекнуваат при работата со странски професионалци е непроценливо, бидејќи отвора нов свет на знаења кои се едноставно различни од она што го знаеме и можат да бидат од корист во идните професионални ангажмани. 

Компанијата се придржува кон мотото „Нашите луѓе се нашиот бренд“, кое ја потенцира заложбата на компанијата да биде работно место во кое вработените ќе бидат задоволни, успешни, ќе напредуваат и ќе уживаат во работата. Така, Пантелеон ГС не само што обезбедува нови и модерни физички простории за работа, низа на лични бенефити и услуги, туку се залага и финансиските пакети кои ги нуди да бидат компетитиви, па дури и натпросечни во поглед на индустријата. 

„Се залагаме за отворена комуникација на сите нивоа во компанијата, преку политика на отворени врати, што на секој вработен му овозможува директен и непречен пристап до членовите на врвниот менаџмент на дневно ниво. Ова сметаме дека е особено важно за градење на квалитетна комуникација внатре во компанијата и одржување на долготрајни релации“, вели Влатко Палчевски, Административен Директор на Пантелеон ГС.

Често се соочуваме со дилеми околу работните можности достапни на домашниот пазар на труд, особено во поглед на перспективата и финансиската сигурност. Пантелеон ГС е една од ретките компании кои на македонска територија им овозможуваат на амбициозни професионалци да го пронајдат „својот повик“ и да се одлучат за кариера работејќи со финансиски компании за факторинг, лизинг, осигурување и финансирање, брокерска компанија, мрежа за продажба на возила, компанија за регрутација, маркетинг и многу други, со конкурентни и натпросечни финансиски примања. Намерата и целта на Пантелеон ГС е да остави значаен белег на домашниот пазар преку креирање на нови вредности кои ќе бидат трајни и да ја приближи Македонија кон најразвиените светски пазари.

Бизнис

Кражба од холивудски размери: Како хакер потрошил половина милион фунти од банкарската картичка на Џони Деп без актерот да забележи!?

Објавено

на

Унгарската полиција уапси 27-годишен државјанин на Јордан под сомнение дека незаконски користел банкарски податоци на холивудскиот актер Џони Деп и потрошил речиси половина милион фунти од неговата сметка.

Според информациите објавени од странските медиуми, истрагата била покрената откако американска финансиска институција пријавила сомнителни трансакции до унгарската филијала на ФБИ. Подоцна било утврдено дека станува збор за сметката на Џони Деп, при што биле евидентирани 308 трансакции во периодот од јануари 2024 до декември 2025 година, во вкупна вредност од околу 619.500 евра.

Она што дополнително го привлекува вниманието е фактот што актерот, според извештаите, не забележал дека средствата исчезнуваат во период подолг од две години, сè додека банката не ги означила трансакциите како потенцијално сомнителни.

Осомничениот бил лоциран преку следење на IP адреси, е-мејл комуникација и телефонски броеви користени за онлајн купувања и резервации. Тој бил приведен во изнајмен стан во Будимпешта, каде што полицијата запленила електронски уреди за кои постои сомневање дека биле користени во измамата.

Истражните органи соопштија дека осомничениот ги негира обвиненијата, но му е одреден притвор, додека истрагата продолжува. Во тек е утврдување на начинот на кој биле компромитирани банкарските податоци на актерот, при што не се исклучуваат можности за кражба на податоци или злоупотреба при онлајн трансакции.

Случајот повторно ја отвора темата за дигиталната безбедност и заштитата на финансиските податоци, особено во услови на сè почести онлајн трансакции и глобална поврзаност на платежните системи.

Продолжи со читање

Останато

УЈП: Само 3% од граѓаните ја провериле годишната даночна пријава за 2025

Објавено

на

Само три проценти од граѓаните ја провериле својата годишна даночна пријава за 2025 година, информираат од Управата за јавни приходи (УЈП).

Според податоците на институцијата, од вкупно 862.896 генерирани годишни даночни пријави, заклучно со вчера биле потврдени само 27.788 пријави.

Од УЈП посочуваат дека иако институцијата ја изготвува годишната даночна пријава врз основа на расположивите податоци, законската обврска за пријавување на доходот е на секој граѓанин.

„Бројките покажуваат дека свеста за личната даночна одговорност сè уште не е на потребното ниво“, велат од УЈП.

Во насока на информирање на јавноста, УЈП испратила 493.182 лични пораки преку порталот „мојДДВ“, а комуницирала и со 1.349 буџетски корисници, 339 големи даночни обврзници, како и со стопански комори, со цел граѓаните да ги проверат своите даночни пријави.

Од институцијата предупредуваат дека непроверена пријава може да значи нецелосни или неточни податоци, што може да доведе до дополнителни постапки, одговорност и трошоци.

УЈП апелира граѓаните да ја проверат, потврдат или коригираат својата годишна даночна пријава најдоцна до 1 јуни.

Продолжи со читање

Останато

Македонија учествува на 71-та пленарна седница на MONEYVAL во Стразбур

Објавено

на

Делегација од Македонија учествува на 71-та Пленарна седница на Комитетот на експерти за евалуација на мерките против перење пари и финансирање тероризам – MONEYVAL, што од 26 до 29 мај се одржува во Стразбур, во организација на Советот на Европа.

Во составот на македонската делегација се државниот секретар во Министерството за финансии Андриана Матлиоска, директорот на Управата за финансиско разузнавање Кујтим Ибиши и директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски.

Од Министерството за финансии информираат дека учеството на пленарната седница претставува потврда за континуираната посветеност на државата кон унапредување на институционалниот и регулаторниот систем во согласност со меѓународните стандарди и препораките на Financial Action Task Force (FATF).

„Нашата земја придонесува во споделувањето на најдобрите практики за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот, со што ја зацврстува својата позиција како партнер во глобалните безбедносни стандарди“, наведуваат од Министерството.

Во рамки на седницата се разгледуваат прашања поврзани со унапредување на меѓународните стандарди и политики во областа на спречување перење пари и финансирање тероризам, како и активности поврзани со процесите на евалуација и следење на земјите членки.

На состанокот ќе се дискутира за извештаите за заемна евалуација од шестиот круг за Ерменија и Словенија, ќе се разгледува напредокот и извештаите за следење на Романија и Бугарија, како и унапредување на процедурите за усогласеност на Грузија и Полска.

Од Министерството посочуваат дека членството во MONEYVAL им овозможува на земјите да ги следат промените во меѓународното законодавство во областа на спречување перење пари и финансирање тероризам, како и нивна имплементација во домашното законодавство.

Комитетот на експерти за евалуација на мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам – MONEYVAL е мониторинг тело на Советот на Европа, кое поднесува извештаи директно до Комитетот на министри на Советот на Европа. Неговата задача е да ја процени усогласеноста на земјите членки со меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање тероризам и ефективноста на нивното спроведување.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange