Банки
НЛБ Групацијата донира 350 илјади евра во Фондацијата на МБА „Заедно за едно“
НЛБ Групацијата, најголемата банкарска и финансиска групација со седиште и ексклузивен стратешки интерес во регионот, донира средства за долгорочна поддршка на семејствата на настраданите и повредените во пожарот кој неодамна се случи во Кочани. Сите банки-членки на Групацијата контрибуираат со одреден износ, со што вкупниот износ на донацијата изнесува 350 илјади евра, средства кои треба да помогнат на погодените во справување со последиците од трагедијата.
Средствата ќе бидат уплатени на сметката на неодамна основаната Фондација на Македонската банкарска асоцијација „ЗАЕДНО ЗА ЕДНО“, во која НЛБ Банка е еден од основачите, а чија основна цел е помош и поддршка во рехабилитацијата и медицинските третмани на повредените во пожарот, поддршка на менталното здравје на настраданите и нивните семејства, како и поддршка во образовниот процес и професионалната реинтеграција на лицата и семејствата кои се соочија со загуба.
„Длабоко жалиме за изгубените животи, Кочани е огромна трагедија. Во вакви моменти, важно е да се потсетиме на силата на заедништвото и на нашата подготвеност да се обединиме и да делуваме здружено и со сите капацитети. Впрочем, како основачи и донатори во Фондацијата на Македонската банкарска асоцијација која ја промовира солидарноста и општественатаодговорност на банкарскиот сектор тоа и го потврдуваме. Изразуваме огромна благодарност до нашата групација, НЛБ Групацијата, и сите нејзини членки кои давајќи придонес кон оваадонација уште еднаш ја потврдуваат својата посветеност кон регинот во кој делуваме.“ – изјави Тони Стојановски, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.
„Неодамнешната трагедија од пожарот длабоко нѐпогоди сите нас – не само како банка, туку и како луѓе кои живеат и работат во овој регион. За нас, овој регион не е само точка на мапата – тој е и наш дом. И кога вашиот дом ‘ве боли’, правите сèшто можете да помогнете. НЛБ Групацијата ја дава оваа донација за закрепнување и надеж, затоа што ние не сме само банка туку сме и соседи, и партнери и дел од заедницата. И секогаш ќе бидеме тука да помогнеме и да придонесеме, и во моменти на раст и во моменти на тага“– истакнува Блаж Бродњак, Главен извршен директор на НЛБ Групацијата.
Непосредно по трагедијата, НЛБ Банка Скопје донираше и средства преку сметката на солидарноста на Црвениот крст на Република Северна Македонија, давајќи поддршка на организацијата која уште веднаш ги стави во функција сите механизми за материјална и хуманитарна помош на повредените и семејствата на настраданите, и сите свои расположливи капацитети за поддршка на институциите во справување со последиците од страотниот пожар.
Банки
Вицегувернерката Ана Митреска на Конференцијата на „Блумберг Адрија“: Инфлацијата ќе забавува во следниот период и ќе се доближи до историскиот просек
„Домашната инфлација е значително намалена во однос на врвот од крајот на 2022 година и е сведена на едноцифрено ниво. Просечната инфлација во 2025 година досега се движи околу 4%, а врз основа на сите расположливи претпоставки и мерките преземени досега од Народната банка, очекуваме дека инфлацијата ќе забавува во следниот период и ќе се приближи кон историскиот просек.“ Ова го порача вицегувернерката Ана Митреска на Конференцијата во организација на „Блумберг Адрија“, под наслов „Back to business (Повторно на работа): Економскиот потенцијал и развојните можности за Македонија“, посочувајќи дека Народната банка, во услови на ризици и неизвесност, и натаму ќе биде доследна во своите напори за навремено приспособување на политиките.
На Конференцијата стана збор и за состојбите во домашниот банкарски систем, при што се заклучи дека тој е сигурен, стабилен и отпорен. „Банкарскиот систем не само што ја задржа стабилноста и сигурноста во вакви околности, туку и дополнително ја зајакна својата отпорност. Солвентноста на банкарскиот систем изнесува од 19,6%, што е највисоко ниво од 2006 година наваму, а ликвидноста и квалитетот на кредитното портфолио се солидни, поради што системот е подготвен за ублажување на потенцијалните шокови“, посочи вицегувернерката Митреска.
Во однос на светската геоекономска фрагментација и потребата за поголема регионална интеграција, според Митреска, поголемото регионално економско поврзување не треба да се сфаќа како оддалечување или намалување на зависноста од светските текови, туку како алатка којашто на регионот ќе му овозможи поголема конкурентност. Во оваа смисла, таа го истакна и вклучувањето на нашата земја и на уште неколку земји од регионот во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што ќе овозможи побрзи, поефикасни и поевтини плаќања, придонесувајќи за поголема економска поврзаност на регионот, негова поголема конкурентност и за побрза конвергенција кон доходот на ЕУ.
Банки
Вицегувернерката Емилија Нацевска: Кога плаќањата се извршуваат без напор, економијата расте со доверба
„Единствената област за плаќања во евра, СЕПА, веќе е дел од нашата реалност. Тоа не е само симбол, туку и услуга. Преку пониските трошоци, брзината и едноставниот сет информации потребен за извршување на плаќањето, граѓаните и компаниите од нашата земја веќе ги чувствуваат придобивките кога испраќаат пари или кога плаќаат снабдувачи во странство или, пак, кога примаат дознаки од странство“, порача вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во завршното обраќање на 16. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, одржана под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера“.
Вицегувернерката истакна дека следниот приоритет е развивањето и воведувањето инстант плаќања, како нова навика, а не само можност. „Целта е практична – да можете да платите и да ви биде платено за неколку секунди, во секое време (24/7/365), преку безбеден систем и со сигурно порамнување преку централната банка“, рече Нацевска, додавајќи дека меѓусебното поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан, како и со европскиот ТИПС ќе придонесе за побрза економска интеграција на регионот во Европската Унија.
Покрај СЕПА и инстант плаќањата, во фокусот на Конференцијата беа и отпорноста и довербата во платните системи, како предуслов за стабилност, којашто е неопходна за непречено функционирање на економијата. Нацевска истакна дека размената на искуства, тестирањето и координираното реагирање при инциденти се клучот за одржувањето на довербата на јавноста.
Посебно внимание ѝ беше посветено на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, коишто веќе се рамноправен дел од системот. „Тие носат брзина, практичност и конкуренција, но со тоа и одговорност за заштита на корисниците и податоците“, нагласи таа.
Во однос на иновативните решенија и регулативата, вицегувернерката порача дека тие не треба да се гледаат како спротивности, туку дека регулаторите треба да создадат простор за нови идеи, но и да обезбедат сигурност на плаќањата и заштита на клиентите, бидејќи рамнотежата меѓу иновацијата и стабилноста е исклучително важна, рече Нацевска, нагласувајќи ја важноста на пропорционалноста во регулирањето, заради обезбедување еднакви правила и правични услови за сите учесници на пазарот.
Во своето завршно обраќање, Нацевска потсети дека ако на претходната конференција се зборуваше за планови, оваа година веќе се истакнуваат конкретни резултати и реални решенија.
„Се движиме во вистинската насока – од дизајн кон услуга, од концепти кон видливи придобивки“, заклучи вицегувернерката, изразувајќи им благодарност на сите учесници, партнери и организатори на Конференцијата за нивните идеи, соработка и посветеност во градењето подобар и посигурен платен екосистем.
Банки
Гувернерот Славески на Конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура: СЕПА е историски исчекор кон подлабока европска интеграција на земјава со конкретни придобивки за сегашните и за идните генерации
Народната банка, во соработка со Централната банка на Холандија, денеска во Охрид, ја отвори Шеснаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, што оваа година се одржува под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера“. Настанот ги обединува претставниците на меѓународните институции, европските тела, централните банки, деловните банки, небанкарските даватели на платежни услуги, финтек-компаниите и други релевантни институции од земјава и од Европа, во заедничкото разгледување на трендовите и предизвиците во доменот на платежните услуги.
Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во своето обраќање на отворањето на Конференцијата истакна дека интеграцијата на нашата земја во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) покажува дека не само финансискиот систем во земјава, туку и целокупната економија е подготвена за предизвиците што ќе произлезат од делувањето во заедничката европска рамка.
„Ова е историски исчекор кон подлабока европска интеграција, што носи реални придобивки за граѓаните и за компаниите за сегашните, но и за идните генерации“, нагласи гувернерот. Тој потсети дека на 7 октомври годинава, банките од нашата земја, заедно со Албанија, Црна Гора и Молдавија, започнаа со извршување трансакции преку СЕПА, што претставува конкретен чекор кон финансиска и економска конвергенција со Европската Унија.
Славески истакна дека со приклучувањето на земјава во географската област на СЕПА, нашите граѓани и компании веќе ги чувствуваат придобивките од делувањето во единствениот европски платежен простор, во кој плаќањата во евра се побрзи, побезбедни и поевтини, што, пак, на долг рок ќе им овозможи посилни економски врски и полесен пристап до европскиот пазар и до финансискиот сектор.

Според процените на Светската банка, постигнувањето на светската цел за намалување на трошоците за дознаки на 3% би придонесло за заштеда до 500 милиони евра годишно за граѓаните во регионот, посочи гувернерот. Тој додаде дека и за компаниите, особено за малите и за средните претпријатија, СЕПА носи значителни заштеди и овозможува поголема предвидливост на трошоците при прекуграничните трансакции.
Гувернерот Славески најави дека следниот стратегиски чекор на Народната банка ќе биде воспоставување нов систем за инстант плаќања според стандардите и правилата за работа на европскиот систем ТИПС, што воедно е регионална иницијатива за поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан и нивна интеграција со европскиот инстант платен систем.
„Со помош на инстант системите, плаќањата ќе станат уште побрзи и достапни во секое време, со што ќе се намали употребата на готовина и ќе се намали сивата економија. Ова пак, ќе ги поттикне растот и развојот“, рече гувернерот.
Осврнувајќи се на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, Славески истакна дека иновациите и конкуренцијата во овој сектор активно го преобликуваат платежниот пејзаж, создавајќи поголема достапност на платежните услуги и вклученост на населението.
На крајот од своето излагање, гувернерот нагласи дека успехот во оваа област зависи од довербата во платните системи, заснована на три принципи – интероперабилност, пропорционалност на регулативата со интегритетот и финансиска вклученост.
„Плаќањата се крвотокот на финансискиот систем и се неопходни за непречено функционирање на економијата. Клучот за успехот е нашето заедничко работење, бидејќи тоа се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните и влијае и врз стабилноста на економијата“, порача Славески.
Во продолжение на Конференцијата ќе се одржат панел-дискусии посветени на интеграцијата во СЕПА, инстант плаќањата, финтек-иновациите и улогата на довербата во дигиталната ера, со учество на претставници од Светската банка, Банката за меѓународни порамнувања, Европската комисија, Европскиот совет за плаќања, како и на гувернери на централните банки од регионот.
-
Банкипред 2 месециФатих Шахпаз е новиот генерален директор на Халкбанк АД Скопје?
-
Банкипред 2 месециПромотивно со НЛБ Visa кредитните картички, 5,9% фиксна каматна стапка
-
Банкипред 2 месециVisa Signature – нова премиум картичка од Комерцијална банка, за првпат достапна во Македонија
-
Анализипред 1 месецАНАЛИЗА: Како платежните картички ја покажуваат трагата на македонската миграција?
-
Банкипред 2 месециХрисула Кутуди е нов генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје
-
Банкипред 2 месециКХВ одобри: Српската „Алта банка“ со официјална понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола
-
Продуктипред 1 месецЌе ни донесе ли септември нова банка со Apple Pay?
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во КБ Прво пензиско друштво АД Скопје




