Берза
Неколку акции ја носат ликвидноста: кој доминираше на Македонската берза во јануари 2026-1?
Тргувањето на Македонската берза во јануари 2026 година беше концентрирано кај ограничен број компании, кои со својот промет и движењето на цените имаа клучно влијание врз вкупната пазарна активност и индексот МБИ10. Податоците од месечниот статистички билтен покажуваат дека инвеститорскиот фокус останува насочен кон неколку добро познати и ликвидни хартии од вредност.
Најголем промет во текот на месецот оствари Комерцијална банка Скопје, која повторно се позиционираше како најликвидна акција на официјалниот пазар. Со над 121 милиони денари реализиран промет и 4.375 трансакции, оваа акција имаше доминантна улога во вкупната трговска активност и значително влијание врз движењето на индексот МБИ10.

Веднаш зад неа следува Алкалоид Скопје, чија акција остана меѓу најатрактивните за инвеститорите, како по обемот на тргување (3.223 истргувани акции), така и по стабилноста на цената (25.166 денари). Заедно, овие две компании сочинуваат значителен дел од вкупниот промет на официјалниот акциски пазар, што укажува на висока концентрација на ликвидноста.
Меѓу најтргуваните се најде и Макпетрол АД Скопје, иако кај оваа акција беше забележан умерен пад на цената во однос на претходниот месец. Сепак, обемот на тргување покажува дека интересот кај инвеститорите останува присутен, особено кај компании со стабилно пазарно присуство и долгорочен профил.

Од банкарскиот сектор, покрај Комерцијална банка, забележлива активност имаше и кај Стопанска банка АД – Скопје, која оствари раст на цената на акцијата, додека НЛБ Банка Скопје се соочи со корекција, и покрај релативно солидниот промет. Овие движења укажуваат на различни очекувања на инвеститорите во рамки на истиот сектор.
Кога станува збор за ценовните промени, јануари донесе мешана слика. Од една страна, дел од помалите и средни компании забележаа повисоки процентуални растови, но со ограничен промет. Од друга страна, кај некои акции беше евидентиран и позначаен пад на цената, особено кај компании со пониска ликвидност, што укажува на повисока чувствителност на поединечни трансакции.

Акција со најголем пораст на цената беше Адинг Скопје, чијашто акција порасна за 8,33 проценти. Солиден раст забележа и акцијата на Стопанска банка АД – Скопје со пораст на вредноста за 2,80 проценти. ЗК Пелагонија Битола, Комерцијална банка и Алкалоид Скопје, исто така, забележаа минимален пораст на вредноста на акциите.
Најголем губитник беше акцијата на Хотели Метропол Охрид со пад на вредноста за речиси 13 проценти. Акцијата на Македонски Телеком АД Скопје се намали за 8,70 проценти, додека пад е забележан и кај Жито Лукс Скопје, Тетекс Тетово и НЛБ Банка.
И покрај овие движења, главните и најликвидни акции се карактеризираа со релативно умерени промени, што придонесе за стабилно, но воздржано движење на МБИ10 во текот на месецот. Индексот се движеше без нагли осцилации, што е показател дека токму водечките компании го амортизираат влијанието на поголемите ценовни колебања кај помалите хартии од вредност.
Податоците јасно покажуваат дека македонскиот пазар и понатаму се потпира на неколку компании кои ја носат ликвидноста и го диктираат берзанскиот тренд. За инвеститорите, ова значи дека движењата на МБИ10 во голема мера зависат од перформансите на ограничен број акции, додека пошироката диверзификација останува ограничена.
Во наредниот период, вниманието ќе биде насочено кон тоа дали ќе се зголеми учеството на останатите компании во вкупниот промет или концентрацијата на тргувањето ќе продолжи да биде една од главните карактеристики на домашниот пазар на капитал.
Целосниот месечен статистички билтен за јануари 2026 година можете да го погледнете на следниов линк.
Берза
Берзите во паника, технолошките акции и криптовалутите во слободен пад, инвеститорите го чувствуваат стравот
Американските акции доживеаа пад по тргувањето во четврток, откако инвеститорите се повлекоа од ризични позиции, што влијаеше и на технолошкиот сектор и на криптовалутите.
„Dow Jones“ изгуби 592,58 поени (-1,20%) и заврши на 48.908,72, додека „S&P 500“ падна за 1,23% на 6.798,40, а „Nasdaq Composite“ се намали за 1,59% на 22.540,59.
Пазарот на криптовалути, исто така, забележа остар пад и од ден на ден добива се поголем интензитет драматично намалувајќи ја пазарната капитализација. Енормна количина на паричен капитал се одлева од овој сектор, а криптовалутите се во слободен пад.
Најголемата криптовалута во светот, биткоинот се спушти под 64.000 долари, пад за повеќе од 12%, достигнувајќи најниско ниво од октомври 2024 година, бришејќи ги речиси сите добивки од растот остварен во претходните неколку месеци. Овие движења покажуваат колку ранливи можат да бидат криптовалутите кога инвеститорите се одвраќаат од ризикот.
Биткоинот и другите алткоини почнаа да доживуваат забележителен пад на пазарот кон крајот на минатата недела. Крипто аналитичарите обезбедија клучни пазарни нивоа што биткоинот треба да ги задржи за да се избегне најлошото. Некои аналитичари рекоа дека задржувањето на 80.000 долари би било клучно, додека други рекоа дека 70.000 долари.
Аналитичарите предупредуваат дека паѓање под тие нивоа, би можело да доведе до понатамошен пад, бидејќи инвеститорите се стремат да ги продадат своите средства.
Во секторот на скапоцени метали, среброто ја заврши дводневната корекција со пад од 16%, по претходниот двојно поголем пад од речиси 30%.
Пазарите покажуваат значителна нервоза, што се одразува и на инвеститорите. Индексот Fear & Greed бележи екстремен страв, дури поголем од оној забележан за време на пост-ковид кризата, што ја потенцира несигурноста и ризиците на сегашните финансиски пазари.
Берза
Државата издаде двегодишни обврзници со камата од 4,20%
Државни обврзници во вкупна вредност од 6.100.550.000 денари ќе бидат примени на котација на Официјалниот пазар на Македонската берза, на подсегментот Берзанска котација, почнувајќи од 6 февруари 2026 година.
Како што информираат од Берзата, котацијата се врши согласно барањето поднесено од Министерството за финансии на Република Северна Македонија, а станува збор за државни обврзници без девизна клаузула.
Емисијата опфаќа вкупно 610.055 издадени обврзници, со номинална вредност од 10.000 денари по обврзница. Датумот на издавање е 2 јануари 2026 година, додека датумот на достасување е 2 јануари 2028 година, што значи дека рокот на доспевање изнесува две години.
Обврзниците носат фиксна каматна стапка од 4,20% на годишно ниво. Тие ќе се тргуваат под шифрата M020128, а ИСИН кодот на емисијата е MKMINF20GCS8.
Со котацијата на овие државни хартии од вредност се збогатува понудата на нискоризични инвестициски инструменти на домашниот пазар на капитал, а истовремено се зајакнува и улогата на Берзата како платформа за финансирање на јавниот сектор и за обезбедување транспарентност во управувањето со јавниот долг.
Берза
Европските индекси во пад, се чекаат одлуките на Банката на Англија и ЕЦБ за каматните стапки
Европските берзански индекси денес главно се во пад, како и цените на нафта и злато, додека инвеститорите ги очекуваат одлуките на Банката на Англија (BoE) и Европската централна банка (ЕЦБ) за каматните стапки.
Тековната референтна каматна стапка во Велика Британија изнесува 3,75%, а аналитичарите главно прогнозираат дека BoE ќе ја задржи на исто ниво, бидејќи инфлацијата во земјата во декември пораснала на 3,4%.
Според прелиминарни процени, инфлацијата во еврозоната е падната на 1,7% во јануари, и се очекува ЕЦБ петти пат по ред да ја задржи клучната каматна стапка на депозити на два процента.
-
Интервјуапред 2 месециИнтервју | СИЛВАНА МИЛЕНКОВА И РАДИСАВ БУЛАТОВИЌ: Најважни се добрата комуникација, емоционалната интелигенција, искреноста и создавање на долгорочни односи на доверба со клиентите
-
Продуктипред 2 месециХалки картичка за деца – прва платежна картичка за деца на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециФатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
-
Продуктипред 2 месециПразничен промо депозит од ПроКредит Банка – Повеќе добивка за одличен старт на 2026
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Комерцијална банка
-
Банкипред 2 месециКомплетиран новиот Управен одбор на НЛБ Банка Скопје: Значајна пресвртница на патот кон стабилност и стратешки раст
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка а.д. Битола од денес и официјално е АЛТА банка АД Битола
-
Интервјуапред 2 месециИднината на пензиите во Македонија – разговор со Иван Стојановиќ од КБ Прво



