Connect with us
no baners

Банки

Народна банка: Банкарскиот систем останува здрав и стабилен, а мерките на Народната банка придонесуваат за дополнително зголемување на неговата отпорност

Објавено

на

Советот на Народната банка на истата седница го разгледа и го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2023 година. Во Извештајот се оценува дека банкарскиот сектор е стабилен и соодветно се справува со тековните предизвици, при што окружувањето и натаму е неизвесно како резултат на глобалните фактори и проследено со сѐ уште високи, иако намалени, стапки на инфлација и затегнување на финансиските услови.

Заклучно со крајот на првиот квартал од оваа година, депозитите од домаќинствата и корпоративниот сектор на годишна основа забележаа забрзан раст, додека растот на кредитите беше помал Во услови на задржана доверба во банкарскиот систем, депозитите забележаа забрзан годишен раст до нивото од 7,8%, a oсобено карактеристични се поволните поместувања кај долгорочните депозити, коишто по подолгиот период на намалување, во првиот квартал забележаа раст на годишна основа. При извесно затегнување на финансиските услови, годишниот раст на кредитирањето забави и изнесуваше 6,4%.

Солвентноста на банкарскиот систем бележи подобрување. Стапката на адекватност на капиталот забележа квартално зголемување за 0,3 п.п., достигнувајќи го највисокото ниво во последните шеснаесетина години, од 18%. Подобрата солвентност најмногу е резултат на реинвестирањето на добивките од минатата година. Безмалку една третина од сопствените средства на банкарскиот систем отпаѓа на заштитните слоеви на капиталот или се „слободни“ над потребното минимално ниво, коишто банките може да ги користат за справување со различни предизвици при надолните движењаи од економските циклуси и во кризни услови. Добивката на домашниот банкарски систем се зголеми, додека периодот на посилен раст на приходите на банките се искористи за јакнење на капацитетот за справување со евентуални идни кредитни загуби.

Показателите за ликвидноста се на задоволително ниво. Стапката на покриеност со ликвидност на банкарскиот систем е на значително повисоко ниво од регулаторниот минимум и го потврдува задоволителниот обем на ликвидност со кој располага македонскиот банкарски систем. Резултатите од стрес-тестовите упатуваат на задоволителна отпорност на банкарскиот систем на претпоставените екстремни, поединечни и комбинирани ликвидносни одливи.

Квалитетот на кредитното портфолио на банките се задржа. Вкупните нефункционални кредити продолжија да се намалуваат, со што и нивното учество во вкупните кредити се намали за 0,1 п.п., до ново историски најниско ниво од 2,8%. Сепак, неизвесното окружување, заедно со постепеното затегнување на финансиските услови, наметнува потреба банките и натаму внимателно да го следат кредитниот ризик.

Со цел понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор, на својата редовна седница Советот на Народната банка донесе макропрудентна мерка за зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на домашните банки за 0,25 процентни поени, од претходно утврдените 0,75% на 1%, со почеток на примена од 1 јули 2024 година. Зголемувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот има за цел да делува превентивно и да води кон натамошно зајакнување на капиталната позиција на банките, земајќи ги предвид тековните макроекономски услови и движењата на пазарот на недвижности. Оваа мерка е во согласност со мерките што се преземаат во поголем број земји во Европската Унија со кои се бара повисока адекватност на капиталот на банките како заштита од можните ризици од окружувањето.

Банки

Народната банка: Предлозите за вицегувернери се доставени, изборот е во надлежност на Собранието

Објавено

на

Народната банка ја информира јавноста дека предлозите за вицегувернери се доставени до Собранието по завршување на јавниот повик и во согласност со законските процедури.

Во оваа фаза, постапката за избор е во надлежност на Собранието. Категорично ги отфрламе тврдењата дека се кочи изборот на вицегувернери или дека функционирањето на Народната банка е доведено во прашање.

Согласно член 55, став 3 од Законот за Народната банка, член на Советот на кој му истекол мандатот, до именување на нов член, ги има истите овластувања и ги извршува истите задачи утврдени со закон. Ова обезбедува континуитет во работењето и гарантира стабилност и непречено функционирање на институцијата, што е во согласност и со насоките на Меѓународниот монетарен фонд

Ваква ситуација не е новост и одредени пролонгирања се забележани и во претходни избори на членови на Советот на Народната банка. Потсетуваме дека во 2018 година, кога СДСМ заедно со својот коалициски партнер ДУИ го имаа мнозинството во Собранието, Советот на Народна банка повеќе месеци функционираше во нецелосен состав, што не е случај сега.

Законот и сегашната практика јасно обезбедуваат континуитет и стабилност во работењето на Народната банка до избор на нови носители на функциите.

Народната банка изразува загриженост, што преку неосновани и селективни информации пласирани во јавноста се доведува во прашање работењето на една високопрофесионална и одговорна институција.

Продолжи со читање

Банки

АЛТА Банка го продолжи промотивниот период до 30 јуни 2026 година за најповолниот потрошувачки кредит на македонскиот пазар

Објавено

на

АЛТА Банка го продолжи промотивниот период за својот потрошувачки кредит со најповолни услови на македонскиот пазар, кој сега ќе биде достапен до 30 јуни 2026 година. Понудата е дел од стратегијата на Банката за зајакнување на присуството на македонскиот финансиски пазар и обезбедување современи и достапни финансиски решенија за граѓаните.

Со оваа понуда клиентите можат да аплицираат за потрошувачки кредит до 2.500.000 денари, со каматна стапка од 4,5% и рок на отплата до 120 месеци. Дополнителна поволност е што кредитот се одобрува без провизија за исплата, што претставува значајна финансиска заштеда за корисниците.

Како една од најголемите предности, АЛТА Банка ги издвојува едноставните процедури и брзината на одлучување, овозможувајќи навремено одобрување на кредитните барања и поголема флексибилност, фактор кој е од исклучителна важност за клиентите денес.

Со продолжувањето на промотивниот период, АЛТА Банка ја потврдува својата заложба да понуди стабилни, сигурни и конкурентни финансиски решенија и да се позиционира како доверлив партнер на македонските граѓани.

Повеќе информации за условите и потребната документација се достапни на официјалната веб-страница на Банката.

Продолжи со читање

Банки

Утре започнува Конференцијата на високо ниво за централното банкарство во услови на светски промени

Објавено

на

Утре, Народната банка, со поддршка на Европскиот форум за европски пари и финансии (SUERF – The European Money and Finance Forum), ја организира Конференцијата на високо ниво на тема: „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост“, којашто ќе се одржи на 24 март во Скопје.

Настанот претставува уникатна можност за продлабочување на меѓународната соработка и размената на знаења, искуства и мислења меѓу гувернерите, претставници на централните банки, меѓународните финансиски институции и академската заедница. Темите ќе ги опфаќаат актуелните предизвици со кои се соочува централното банкарство и улогата на централните банки во обезбедувањето стабилен и отпорен финансиски систем во време на забрзани светски промени.

Конференцијата ќе ја отвори гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески, а ќе се обратат и премиерот Христијан Мицкоски и генералниот секретар на СУЕРФ Ернест Ган.

Во рамките на настанот ќе се одржат повеќе панел-дискусии на кои гувернери и високи претставници на централните банки и на меѓународните финансиски институции ќе разговараат за главните предизвици за централното банкарство во услови на зголемена светска неизвесност. Учесниците ќе зборуваат за макроекономските политики, искуствата од справувањето со светските економски шокови и улогата на економските политики во одржувањето на финансиската стабилност.

Посебна панел-дискусија ќе биде посветена на дигитализацијата и иновациите, каде што излагачите ќе ги разгледуваат можностите и предизвиците што ги носат новите технологии за централните банки и за финансискиот систем. Во рамките на панел-дискусијата за финансиската стабилност ќе се зборува за улогата на макропрудентните политики, нивната интеракција со другите економски политики и за ризиците поврзани со пазарот на недвижности. Учесниците ќе ги споделат и своите искуства од примената на инструментите за зајакнување на отпорноста на финансискиот систем.

Конференцијата ќе може да се следи во живо на каналот на Народната банка на „Јутјуб“.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange