Connect with us
no baners

Банки

Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје со одлуки за промени во составот и бројот на членовите на Управниот одбор

Објавено

на

Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје, на денешната седница, донесе одлуки за ре-именување на постоечки член и именување на тројца нови членови на Управниот одбор. Со ова, Надзорниот одбор го утврди предлогот за зголемување на бројот на членови на Управниот одбор на Банката од досегашните четири, на пет члена во одборот.

Согласно наведените одлуки, Надзорниот одбор ја ре-именуваше Катерина Јанковиќ која е член на Управниот одбор на Банката, со нов 4-годишен мандат, почнувајќи од јануари 2026. Јанковиќ е докажан финансиски експерт со повеќе од две децении банкарско искуство во областа на корпоративното и малопродажното банкарство.

На истата седница Надзорниот одбор на Банката, со мандат од 4 години, ги именуваше Бојан Стојаноски, Драгиша Тадиќ и Кирил Бухов за нови членови на Управниот одбор, почнувајќи од јануари 2026. Членовите на Управниот одбор на Банката, Петер Зелен и Игор Давчевски ќе продолжат да ги извршуваат своите функции до истекот на нивниот мандат, односно до крајот на 2025 година.

Новоименуваните лица официјално ќе ги преземат функциите, членови на Управниот одбор на Банката, по добивање на согласност од Народната банка за именување на членови на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.

Кои се новоименуваните членови на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје

Бојан Стојаноски е банкарски експерт со над 20 години искуство на високо раководни позиции во банкарскиот сектор, во областа на корпоративното банкарство, управување со ризици, кредитирање, финансиски менаџмент и управување со средства. Во НЛБ Банка Скопје доаѓа од Стопанска банка АД Скопје, каде што од 2020 година е член на Управниот одбор и Генерален директор за управување со ризици. Во периодот од 2012 до 2019 година, работи во Халкбанк АД Скопје, најпрво како Заменик генерален директор задолжен за продажба, финансиски пазари и средства, а подоцна како Заменик генерален директор за кредитни ризици и финансии. Стојаноски е магистер по економски науки при Економскиот институт – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и има диплома по економија на истиот универзитет.

Драгиша Тадиќ доаѓа од НЛБ Комерцијална Банка, Белград, од позицијата Извршен директор за кредитни ризици, која ја извршуваше и во периодот помеѓу 2015 и 2020 година во НЛБ Банка, Белград. Од 2020 до 2022 година, тој е помошник на Управниот одбор на Комерцијална банка, Белград. Неговото искуство е поврзано и со лизинг операции. Тадиќ моментално е член на Надзорниот одбор на НЛБ Lease&Go, Белград, а до 2015 година работеше во ПроКредит Лизинг, Белград. Има диплома од универзитетот во Белград во областа на меѓународната економија и трговија, како и од универзитетот во Љубљана во областа на деловната администрација.

Кирил Бухов се приклучи на тимот на НЛБ Банка Скопје во јануари годинава како помошник на Управниот одбор. Професионалната кариера ја започнува во областа на телекомуникациите во 2001, а во банкарството преминува во 2006 година. До 2017 година работи во Халкбанк АД Скопје каде напредува до позицијата Директор на сектор за информациски системи. Бухов е дипломиран инженер на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде завршува и  магистерски студии по проектен менаџмент. Поседува богато искуство од областа на дигиталната трансформација, кибер безбедноста, банкарските операции и информациските технологии.

Банки

Германски банкарски гигант предвидува дека цената на златото ќе надмине 6.000 долари за унца до крајот на годинава!?

Објавено

на

„Deutsche Bank“ се приклучи на водечките финансиски институции на Волстрит кои ги ревидираат нагоре своите прогнози за цената на златото, во услови на силен и продолжен раст на овој благороден метал.

Германската банка објави дека ја зголемува својата прогноза за цената на златото на 6.000 долари за унца до крајот на годината, што претставува раст од 28% во однос на претходната проценка. Со ова, „Deutsche Bank“ се изедначува со прогнозата на „Société Générale“, додека „Goldman Sachs“ и „Morgan Stanley“ исто така неодамна ги зголемија своите ценовни прогнози.

Според аналитичарите на „Deutsche Bank“, клучната поента не е само повисоката целна цена, туку причините зад растот на златото.

„Кои се историските лекции што можат да се научат од претходните зголемувања на цената на златото и дали денешните мотиви на инвеститорите се разликуваат од оние во минатото?“, прашува аналитичарот Мајкл Хсју од Сингапур. Аналитичарите посочуваат дека во две третини од случаите на нагло поскапување на златото, цената продолжила да расте во наредните 6 до 12 месеци.

Анализата покажува дека, за разлика од 1980-тите години, денешните двигатели на растот се структурни, а не привремени. Меѓу нив се издвојуваат: централните банки ја намалуваат изложеноста поради страв од замрзнување на странски средства, зголемена побарувачка за недоларски и реални средства, како и долгорочните проекции за раст на јавниот долг во голем број економии во светот.

Фјучерсите на златото во вторникот се тргуваа стабилно, околу 5.077 долари за унца, по импресивен раст од 83% во последните 52 недели.

Позитивниот став на „Deutsche Bank“ и ревидирање на очекувањата има и за среброто, за кое банката ја зголеми прогнозата за 71 проценти односно на 100 долари за унца. Аналитичарите наведуваат дека од декември е забележан нов инвестициски прилив и дека е можно суверените фондови или централните банки да започнале алокации во сребро, што не мора јавно да биде објавено.

Дополнителен поттик за побарувачката за сребро доаѓа од:

  • напорите на Кина целосно да ги опфати со даноци офшор-инвестициите,
  • планот на Централната банка на Индија да дозволи среброто да се користи како колатерал за кредити.

Иако фјучерсите на среброто во вторникот паднаа за 3%, цената на овој метал бележи раст од дури 262% на годишно ниво.

Пораката од аналичарите на „Deutsche Bank“ е дека структурно повисокиот геополитички ризик ќе продолжи да ги поддржува повисоките цени на суровините, а со тоа и златото и среброто кои се сметаат за сигурно прибежиште на инвеститорите за заштита на капиталот.

Продолжи со читање

Банки

Кристијан Василевски – пример за лидерство и посветеност во банкарството и спортот

Објавено

на

Кристијан Василевски, раководителот на Експозитурата Ѓорче Петров во НЛБ Банка АД Скопје е пример за успешен баланс меѓу професионалниот и спортскиот живот. Со девет години работно искуство во банкарството, неговата посветеност, професионалност и лидерски способности секојдневно се одразуваат во резултатите што ги постигнува со својот тим.

Освен во банкарството, Кристијан е активен и на спортската сцена. Од најмали години се занимава со ракомет, настапувајќи за клубовите Бутел Скопје, Вардар, Тинекс Пролет, Работнички и Преспа. Како дел од РК Бутел Скопје, тој настапи и на европската сцена во EHF Cup во сезоната 2019/20 и EHF European League во сезоните 2020/21 и 2022/23..

Во спортот, Кристијан се истакнува како пивот и централна точка во одбраната, потврдувајќи ја дисциплината, посветеноста и високите стандарди што ги применува и во професионалниот живот. Меѓу неговите најзначајни успеси се: шампионската титула во младинска категорија со РК Вардар, седум настапи за младинската репрезентација на Македонија, како и изборот за најдобар ракометар на четвртото коло во Супер машката лига 2021, кога се најде пред големи имиња од светската ракометна сцена.

Кристијан е лиценциран ракометен тренер со трета категорија, со искуство како тренер на пионерската екипа и помошник тренер во првиот тим на РК Бутел. Неговиот следен професионален предизвик е да се стекне со реномираната европска лиценца Master Coach.

Од НЛБ Банка го истакнуваат како пример за професионалец кој успешно ги спојува дисциплината и тимската работа, како во спортот, така и во професионалниот живот, инспирирајќи ги своите колеги и младите спортски таленти.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк дел од тенискиот турнир „Bankers meet Diplomats – 2026“

Објавено

на

Во духот на спортот, соработката и фер-плејот, Халкбанк АД Скопје учествуваше на Зимскиот тениски турнир „Bankers meet Diplomats – 2026“, кој се одржа на 24 јануари во ТК „Тенис Парк Поинтер“.

Настанот беше организиран во соработка со Министерството за надворешни работи и амбасадите во Република Северна Македонија и претставуваше платформа за поврзување на банкарскиот сектор и дипломатската заедница преку спортот како универзален јазик. Турнирот се одвиваше во пријателска, но натпреварувачка атмосфера, овозможувајќи размена на искуства и унапредување на меѓусебната соработка надвор од секојдневните професионални обврски.

Посебен успех за Халкбанк претставува и одличниот пласман на Влатко Блажевски, вработен во Банката, кој го освои третото место во конкуренција од 20 учесници, демонстрирајќи посветеност, спортски дух и фер-натпреварување.

Како општествено одговорна финансиска институција, Халкбанк континуирано поддржува иницијативи кои негуваат здрави животни навики, соработка и меѓусебна почит, препознавајќи ја важноста на спортот како средство за градење доверба и зајакнување на партнерствата меѓу институциите.

Халкбанк и во иднина ќе продолжи активно да учествува и да поддржува настани кои придонесуваат за позитивна корпоративна култура и поврзување на заедницата.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange