Бизнис
Македонскиот олимписки комитет потпиша Меморандум за соработка со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и Алијансата за родова еднаквост
Македонскиот олимписки комитет (МОК) потпиша Меморандум за соработка со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) и Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA), поставувајќи нови основи за поврзување на спортот, дигиталната економија и родовата еднаквост во нашето општество. Меморандумот беше потпишан од страна на Нина Ангеловска Станков, Претседателка на АЕТМ и на Алијансата за родова еднаквост, и Даниел Димевски, Претседател на Македонскиот олимписки комитет.
Оваа соработка претставува значаен чекор кон создавање мост меѓу е-трговијата, дигиталната трансформација и спортот, со заедничка визија за унапредување на спортските организации преку современи решенија за е-трговија и користење на дигитални алатки. Главните цели на соработката се насочени кон развивање заеднички активности и проекти за промоција на спортот и дигиталната економија како и поддршка на дигиталната трансформација и одржливоста на спортските организации.
„Со оваа иницијатива сакаме да покажеме дека спортот не е изолирана област — тој може и треба да биде дел од дигиталната економија, да користи иновации, и да промовира еднакви можности за сите“, истакна Даниел Димевски, Претседател на МОК.
Соработката предвидува размена на знаења и ресурси меѓу спортот и е-трговијата, со цел поттикнување на еднакви можности, инклузивност и женско лидерство како двигатели на иновации и напредок.
„Спортот и бизнисот имаат многу заедничко, и двата бараат дисциплина, истрајност, тимска работа и јасна стратегија. Во двата света успехот не доаѓа преку ноќ, туку преку континуирано учење, посветеност и работа. Денес, без дигитализација и без разбирање на можностите што ги носат технологијата и вештачката интелигенција, нема вистински напредок, без разлика во која индустрија работиме. Верувам дека заеднички ќе може да реализираме иницијативи и проекти кои ќе придонесат за унапредување на спортот, бизнисот и еднаквоста. Со оваа соработка верувам дека и ќе покажеме како преку дигитални алатки спортските организации можат да станат поиновативни и поодржливи“, изјави Нина Ангеловска Станков, Претседателка на Асоцијацијата за е-трговија и Алијансата за родова еднаквост.
Меморандумот опфаќа развој на заеднички иницијативи за дигитална писменост, едукации и обуки, како и воспоставување интерактивни платформи за промоција на спортските активности и вредности. Дополнително, активностите ќе бидат насочени кон вклучување на младите во дигиталниот спортски екосистем и отворање можности за стартапи и претприемачи кои создаваат иновативни решенија за спорт и здрав живот.
„Нашата цел е да создадеме општество каде технологијата му служи на човекот – каде дигиталните решенија го поддржуваат здравјето, спортот и еднаквоста“, додаде Димевски.
Ова партнерство е пример како преку визија, иновации и заедничка работа може да се создаде поинклузивно, дигитално и праведно општество – каде спортот и е-трговијата одат рака под рака, поттикнувајќи економски и општествен развој. Како дел од оваа иницијатива, МОК најавува нови активности и кампањи насочени кон унапредување на дигиталните компетенции на спортските организации, промоција на родова еднаквост и зголемување на видливоста на жените во спортот и лидерството.
Бизнис
Лагард бара европска платна независност: Може ли “Wero” да ја прекине доминацијата на американските Visa и Mastercard?
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, ги повика европските носители на одлуки итно да развијат домашна дигитална платна инфраструктура, предупредувајќи дека речиси секоја картична или мобилна трансакција на европските граѓани денес поминува низ системи под контрола на американски или кинески компании.
Неколку дена по нејзината порака, на 2 февруари, Европската иницијатива за плаќања (EPI) и сојузот EuroPA потпишаа договор за изградба на паневропска интероперабилна платна мрежа која би опфатила околу 130 милиони корисници во 13 земји. Срцето на системот е дигиталниот паричник Wero, замислен како европска алтернатива на Visa, Mastercard и PayPal.
Проблем за кој ретко се зборува
Секојпат кога жител на ЕУ плаќа со картичка, онлајн или дели сметка преку апликација, податоците за трансакцијата, кој што купил, каде, кога и за колку – поминуваат низ инфраструктура во сопственост на компании како Visa, Mastercard, PayPal и слични.
Картичните плаќања сочинуваат околу 56% од сите безготовински трансакции во ЕУ, додека Visa и Mastercard заедно годишно обработуваат околу 24 трилиони долари трансакции ширум светот.
Лагард во интервју отворено изјави дека Европа мора да има „дигитални плаќања под сопствена контрола“. Во геополитичка средина во која ЕУ настојува да ја намали зависноста од САД во областа на енергетиката, одбраната и трговијата, платните системи останаа речиси незабележана стратешка ранливост.
Искуството на Русија дополнително ја засили загриженоста. По западните санкции во 2022 година и исклучувањето од системите Visa и Mastercard, домашните плаќања во таа земја беа сериозно нарушени. Прашањето што сега се поставува во Брисел гласи: Што ако ЕУ еден ден биде изложена на сличен притисок?
Wero – европски одговор
EPI, конзорциум од 16 големи банки и платни процесори, меѓу кои BNP Paribas, Deutsche Bank и Worldline, го лансираше Wero во јули 2024 година.
Бизнис
Македонија добива уролог обучен за роботска хирургија на глобална програма
Mакедонскиот уролог д-р Виктор Станков, од Универзитетската клиника за урологија во Скопје, кој е на меѓународна програма за едукација по роботска хирургија во Кина, доби признание за „Outstanding Fellow“, доделено во рамки на годишното собрание на болницата First Affiliated Hospital of Guangzhou Medical University во Гуангжу, каде што ја обавува едногодишната fellowship програма.
Станува збор за високо-специјализирана програма која се реализира во рамки на глобалната Endourological Society – водечка светска организација во областа на минимално инвазивната и роботската уролошка хирургија. Програмата овозможува интензивна практична обука и директно учество во комплексни роботски хируршки процедури со најсовремени технолошки системи.
Инаку признанието се доделува на учесници кои покажале исклучителни професионални резултати, посветеност и високо ниво на експертиза во текот на програмата.
Неговата едногодишна програма завршува наскоро, по што ќе се врати дома сертифициран за работа на робот. Со стекнатото знаење и практично искуство во областа на роботската хирургија, д-р Станков изразува подготвеност и амбиција да придонесе кон развојот на оваа високо-софистицирана медицинска гранка во земјата, со цел воведување и унапредување на најсовремените, минимално инвазивни хируршки техники.
„Се надевам дека знаењето стекнато во еден од најнапредните центри за роботска урологија ќе имам прилика да го споделам и имплементирам кај нас. Верувам дека Македонија ќе создаде клима и услови за да ги овозможиме придобивките од роботската хирургија и за нашите граѓани“, изјави д-р Станков.
Роботската хирургија претставува глобален тренд во современата медицина, овозможувајќи поголема прецизност, побрзо закрепнување и подобри клинички резултати за пациентите. Со неговото враќање, Македонија добива дополнителен капацитет за развој на оваа област и можност за приближување кон светските стандарди во уролошката хирургија.
Инаку ова е второ признание на Д-р Станков, тој претходно победи на натпреварот на млади уролози во Кина, каде од вкупно 200 учесници тој го освои првото место за најдобра презентација на операција. Натпреварот беше следен онлајн од 9000 уролози од цела Кина.
Бизнис
Невработеноста во Македонија продолжува да опаѓа, најниска во последниве години
Минатата година е забележан континуиран пад на бројот на невработени лица, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување на Македонија (АВРСМ). Во ноември 2025 година, како невработени биле евидентирани 90.278 лица, додека категоријата „други лица кои бараат работа“ броела 42.614 граѓани.
Трендот на намалување е стабилен, во октомври невработеноста изнесувала 94.729 лица, а во август 95.032 лица. Најмногу невработени се регистрирани во Скопје (20.160), следат Тетово (11.807), Куманово (8.930), Гостивар (6.508) и Прилеп (5.379).
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, истакна дека новиот Закон за работно ангажирање, кој стапи на сила од 1 јануари 2026 година, ќе ја поддржи тенденцијата на раст на вработеноста и регулација на повремените и сезонските ангажмани.
Според Државниот завод за статистика, во 2024 година во земјава имало околу 694.000 вработени, од кои околу 85.000 биле неформално ангажирани, што укажува на потребата од системски решенија за целосна формализација и регулација на пазарот на труд.
-
Продуктипред 2 месециХалки картичка за деца – прва платежна картичка за деца на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециФатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Комерцијална банка
-
Банкипред 2 месециКомплетиран новиот Управен одбор на НЛБ Банка Скопје: Значајна пресвртница на патот кон стабилност и стратешки раст
-
Интервјуапред 2 месециИднината на пензиите во Македонија – разговор со Иван Стојановиќ од КБ Прво
-
Интервјуапред 2 месециFinSight со Слободан Трендафилов (ССМ): Што ако минималната плата не се зголеми до Нова година?
-
Интервјуапред 1 месецСлавески за FinSight: Пониски провизии и повеќе бесплатни услуги за граѓаните од следната година
-
Кариерапред 2 месециИуте Македонија вработува Специјалист за плаќања



