Банки
[Конференција INFINTECH 2025] Digital Onboarding – од концепт до реалност: Дали регионот е подготвен за целосна дигитализација?
На конференцијата INFINTECH 2025, една од најочекуваните дискусии беше посветена на прашањето кое ја зафаќа целата финансиска индустрија во регионот – дали дигиталното онбордирање конечно преминува од идеја во реалност. Под модераторство на Данијела Вуксановиќ, од Addiko Bank Montenegro, панелот „Digital Onboarding – Reality or still a concept?“ обедини претставници од банкарскиот сектор, регулаторите и технолошките партнери, кои дискутираа за реалните чекори, предизвиците и иднината на дигиталното вклучување на клиентите.

Панелот го сочинуваа Владислав Василев, регионален менаџер за Западен Балкан во Evrotrust, Гордана Калезиќ, директорка на директоратот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам во Централната банка на Црна Гора, и Драган Будиќ, потпретседател за глобални податоци и генерален менаџер за Србија во NCR Atleos.
“Дигиталното онбордирање”, според соговорниците, не е само технолошки проект, туку целосна трансформација на банкарскиот процес – од првиот контакт на клиентот со банката до склучување на договор. Владислав Василев го опиша процесот како „патување од нула до потпишан договор“, кое мора да биде едноставно, брзо и безбедно. Тој нагласи дека секоја интеракција со клиентот мора да гради доверба, бидејќи токму сигурноста и транспарентноста се основата на успешната дигитална идентификација.

Биометриската идентификација, дигиталниот потпис и напредните системи за верификација веќе се присутни во регионот, но нивната целосна примена зависи од усогласеноста со регулаторната рамка. Василев подвлече дека технологијата е подготвена, но клучното прашање е дали институциите и клиентите се подготвени да ја прифатат целосно.
Од аспект на регулаторот, Гордана Калезиќ од Централната банка на Црна Гора истакна дека дигитализацијата бара балансиран пристап – со јасна, но флексибилна инфраструктура на државно ниво. Таа потенцираше дека потребно е создавање доверливи структури кои ќе овозможат масовно прифаќање на дигиталниот потпис и електронските трансакции. Успехот, според неа, ќе зависи од тесната координација меѓу банките, технолошките компании и регулаторите, но и од континуирана едукација на граѓаните, бидејќи довербата е клучниот двигател на дигиталната економија.

Технолошката перспектива ја сподели Драган Будиќ од NCR Atleos, кој истакна дека решенијата базирани на вештачка интелигенција и биометрија веќе нудат високо ниво на безбедност и можност за елиминирање на најчестите ризици при идентификација. Сепак, тој предупреди дека технологијата сама по себе не е доволна без изградена култура на дигитална безбедност и доверба. „Корисниците треба да веруваат во дигиталниот потпис исто како во физичкиот документ,“ додаде Будиќ.

Панелот заврши со заклучок дека дигиталното онбордирање не е проект со краен рок, туку процес што постојано се развива. Регулаторите ја отвораат рамката, технолошките компании нудат решенија, а банките имаат обврска да ја едуцираат јавноста и да ја градат довербата. Како што беше истакнато, вистинската дигитална трансформација нема да се мери со бројот на имплементирани алатки, туку со тоа колку клиентот ќе се чувствува сигурно – дури и без физички потпис.
Банки
Кои лица ќе бидат дел од Управниот одбор на НЛБ Банка во 2026 година?
Народната банка донесе Решенија со кои се дава согласност за промени во составот на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје, информираат од Банката преку соопштение објавено на Македонска берза.
Со одлуката на НБРСМ од 18 ноември 2025 година, издадена е претходна согласност за следните кадровски промени во Управниот одбор:
- г-ѓа Катерина Јанковиќ е реименувана за член на Управниот одбор со мандат од 4 (четири) години, започнувајќи од 30.01.2026 година;
- г-дин Кирил Бухов е именуван за член на Управниот одбор со мандат од 1 (една) година, кој стапува на сила од 03.01.2026 година.

Катерина Јанковиќ е финансиски експерт со над 20 години искуство во банкарскиот сектор. Работејќи за две големи банкарски групации – Société Générale и Steiermärkische Sparkasse, таа успешно напредува до високи менаџерски позиции, стекнувајќи длабоко познавање и искуство во корпоративно банкарство и банкарство за население, со особен фокус на продажна стратегија, планирање и воведување на нови банкарски продукти.
Во Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје доаѓа од Шпаркасе Банка Скопје, каде од 2021 година ја извршуваше функцијата Директор на Секторот за население.

Кирил Бухов се приклучи на тимот на НЛБ Банка Скопје во јануари годинава како помошник на Управниот одбор. Професионалната кариера ја започнува во областа на телекомуникациите во 2001, а во банкарството преминува во 2006 година. До 2017 година работи во Халкбанк АД Скопје каде напредува до позицијата Директор на сектор за информациски системи. Бухов е дипломиран инженер на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде завршува и магистерски студии по проектен менаџмент. Поседува богато искуство од областа на дигиталната трансформација, сајбер безбедноста, банкарските операции и информациските технологии.
Со стапувањето во сила на решението за именување на Кирил Бухов, престанува мандатот на Игор Давчевски, член на Управниот одбор, заклучно со 2 јануари 2026 година.
Од НЛБ Банка истакнуваат дека промените се во согласност со стратегијата за понатамошно јакнење на корпоративното управување и континуиран развој на клучните управувачки структури.
Банки
Народната банка организира Конференција за климатските ризици и финансиската стабилност
Народната банка и Фондот за зелен развој (GGF − Green for Growth Fund) организираат Конференција за климатските ризици и финансиската стабилност, којаштоќе се одржи на 25 ноември во Скопје. Настанот претставува значаен чекор кон унапредување на дијалогот и поддршка на финансискиот сектор во приспособувањето на економијата кон зголемените климатски предизвици.
На Конференцијата под наслов „Климатските ризици и финансиската стабилност: справување со денешните предизвици и искористување на утрешните можности“, ќе се обединат централните банки, финансиските регулатори, меѓународните организации, како и претставници од банкарскиот сектор, со цел да ја продлабочат регионалната соработка и размената на најновите практики во управувањето со климатските ризици. Конференцијата ќе ја отворат гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и директорот на Фондот за зелен развој, Борислав Костадинов, а посебно обраќање ќе има претседателката на Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (НГФС) и првата заменик-гувернерка на централната банка на Германија, Сабине Маудерер.
На Конференцијата, високи претставници од централните банки од регионот и експерти од Светската банка ќе се осврнат на супервизорскиот пристап кон управувањето со климатските ризици. Излагачите ќе зборуваат за интеграцијата на климатските ризици во супервизорските процеси, примената на европските и меѓународните стандарди и искуствата од нивното спроведување. Ќе бидат опфатени и најдобрите практики на комерцијалните банки во управувањето со климатските ризици и зелената трансформација на деловните модели. Високи претставници од водечките банки од регионот и Европа ќе ги споделат предизвиците и можностите од воведувањето зелени производи, подобрените системи за известување и процената на физичките и транзициските ризици.
Во рамките на Конференцијата ќе се засегнат прашања и за климатските промени во контекст на финансиската стабилност, со учество на излагачи од Европската централна банка и од централните банки од поширокиот регион. Ќе се разгледаат најновите пристапи во моделирањето на климатските ризици и спроведувањето на климатските стрес-тестови, начините за надминување на недостатокот на податоци, како и транспарентноста и обврските за известување за одржливото работење (ЕСГ), при што ќе бидат претставени најважните регулативни новини и очекувањата за финансиските институции.
Конференцијата ќе може да се следи во живо, на каналот на Народната банка на „Јутјуб“.
Банки
Комерцијална банка по 15. пат избрана за најдобра FX банка од магазинот „Global Finance“
Комерцијална банка е прогласена за „Најдобра FX банка во Северна Македонија“ за 2026 година од угледниот меѓународен магазин „Global Finance“ како признание за високо квалитетната услуга и современите технолошки решенија што им ги нуди на клиентите во областа на девизните пазари.
Ова признание повторно ја вброи Банката меѓу водечките финансиски институции 87 држави ширум светот. Статусот „Најдобра FX банка“ го доделуваат аналитичари, извршни директори и технолошки експерти врз основа на повеќе критериуми: големина на трансакции, пазарно учество, обем на глобална покриеност, услуга кон клиентите, конкурентни цени и користење иновативни технологии.
„Размената на странски валути сè повеќе се гледа како клучен стратешки бизнис и за банките и за корпоративните клиенти. Сепак, секторот и понатаму се наоѓа во период на зголемена волатилност, поттикната од геополитички тензии, променливи каматни стапки и притисок врз валутите засолништа“, изјави Џозеф Џиарапуто, основач и уреднички директор на Global Finance.
Наградите Best FX Banks на Global Finance, ги одликуваат институциите кои продолжуваат да бидат лидери и иноватори во динамична и конкурентна пазарна средина. Се доделуваат во чест на Гордон Плат, кој со години беше главниот носител на програмата за доделување награди за најуспешно работење во доменот на тргување со финансиски инструменти во голем број земји во светот.
Комерцијална банка го добива ова признание 15. година по ред затоа што во девизните услуги, кои се меѓу клучните сегменти во работењето на банката, континуирано вложува за да обезбеди извонредно искуство и целосна поддршка за потребите на клиентите.
-
Продуктипред 2 месециMastercard до 2030 ќе ги замени бројките на картичките со токени
-
Продуктипред 2 месециЌе ни донесе ли септември нова банка со Apple Pay?
-
Продуктипред 2 месециХалкбанк со Промо депозит по повод месецот на штедење
-
Осигурувањепред 1 месецДигитализацијата во осигурувањето: SignPlus како пример за модерно и безбедно е-потпишување
-
Банкипред 2 месециСЕПА во Македонија: Брзи, поевтини и дигитални плаќања во Европа од 7 октомври
-
Анализипред 2 месециАНАЛИЗА: Потрошувачките кредити повторно во фокус: пониски камати, промоции и полесно аплицирање
-
Банкипред 2 месециСрпската банка што ја купува Стопанска банка а.д. Битола најави изградба на облакодер од 35 ката за свое ново седиште!?
-
Банкипред 1 месецХалкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит





