Connect with us
no baners

Банки

Комитет за финансиска стабилност: Усвоена е Стратегијата за макропрудентна политика, задржана e финансиската стабилност

Објавено

на

На седницата на Комитетот за финансиска стабилност беше усвоена Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија, којашто ја подготви Народната банка, во консултација со останатите финансиски регулатори, во согласност со новиот Закон за финансиска стабилност. Со Стратегијата се зацврстува координираниот пристап на финансиските регулатори за натамошно јакнење на финансиската стабилност. На Комитетот беа посочени и заложбите на регулаторите за продолжување и засилување на евроинтеграциските активности, а во тие рамки беше истакната потребата од заокружување на процесот на донесување неколку системски закони од финансиската сфера коишто ќе придонесат за одржување и натамошно јакнење на финансиската стабилност. Финансискиот систем во земјата е стабилен, а случувањата во банкарскиот систем во САД и Швајцарија речиси и да немаа влијание врз него. Надлежните регулатори координирано ги следат состојбите и се подготвени брзо да делуваат, да ги приспособуваат политиките во согласност со случувањата, заради одржување на финансиската стабилност којашто е приоритет.

Ова се дел од заклучоците од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, со која претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Крсте Шајноски и главниот правен советник во Комисијата за хартии од вредност, Мате Стојановски.

Осврнувајќи се на состојбите во банкарскиот сектор, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека банкарскиот сектор е здрав и стабилен и со висок степен на отпорност на шокови. Директните ефекти од најновите случувања на глобалните финансиски пазари врз македонскиот банкарски систем се ограничени, имајќи ја предвид примената на традиционален деловен модел од страна на банките, ниската изложеност и обврски кон странство, како и ниското ниво на вложувања на банките во хартии од вредност. „И според најновите податоци заклучно со 31.3.2023 година, билансите на нашите банки се солидни, со високо ниво на капитал (највисоко ниво во последната декада), традиционално солидна ликвидност и солиден квалитет на кредитното портфолио при ниско ниво на  нефункционалните кредити од 2,8%. Претходно донесените мерки за зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на 0,75% придонесуваат за јакнење на стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на состојбите и преземање соодветни макропрудентни и микропрудентни мерки за натамошно јакнење на стабилноста. Макропрудентната стратегија е значајна за натамошно јакнење на координираниот пристап на финансиските регулатори“ – истакна Ангеловска-Бежоска.

„Министерството за финансии, како институција надлежна за работењето на финансиските друштва и друштвата за лизинг, постојано го следи работењето во овој сегмент. Законот за финансиските друштва којшто ќе придонесе за поголема заштита на граѓаните кои користат услуги од финансиските друштва е во фаза на второ читање во Собранието, па очекуваме дека многу наскоро ќе стапи во сила. Со новиот закон значително ќе се намалат надоместоците коишто граѓаните им ги плаќаат на финансиските друштва“, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ‒ МАПАС, Максуд Али, истакна дека МАПАС обезбедува постојано функционирање, развој и унапредување на вториот и третиот столб, транспарентност и ефикасна супервизија на вториот сегмент по големина во финансискиот сектор во Република Северна Македонија. МАПАС внимателно ги следи состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување и потенцијалните ризици во вториот и третиот столб, воопшто, и секако со посебен акцент на глобалните состојби и реагирањето на пензиските друштва во однос на нивните инвестициски стратегии и тактики заради остварување највисок принос, единствено во полза на членовите на пензиските фондови.

Максуд Али нагласи дека пензиските фондови минимално ги почувствуваа последните случувања во банкарскиот сектор и пазарите во САД и Швајцарија преку глобалното намалување на вредноста на акциите од финансискиот сектор, бидејќи средствата на пензиските фондови не се директно распределени во Банката на Силиконската долина, Сигничр бенк и Кредит свис.

„Oсигурителниот сектор во Македонија не е директно изложен на ризиците коишто се појавија во глобални рамки. Вкупните вложувања во финансиски инструменти во странство се незначајни и претставуваат само 0,1% од вкупната актива на осигурителниот сектор. Не се утврдени потенцијални неповолни движења за стабилноста на осигурителниот сектор од промена на вредноста на овие вложувања. Најголемиот дел од вкупните обврски и средства на осигурителните компании произлегуваат од договорите за осигурување склучени со домашни клиенти (правни и физички лица). Вкупната актива на осигурителниот сектор на крајот на 2022 година изнесува 30,4 милијарди денари. Вложувањата се главно во државни обврзници и депозити во домашни банки. Капиталот на друштвата за осигурување потекнува од финансиски инструменти со највисок квалитет што е показател за сигурноста и стабилноста на друштвата за осигурување и нивната способност да одговорат на непредвидени настани и обврски во работењето“, истакна Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).

Главниот правен советник во Комисијата за хартии од вредност, Мате Стојановски, истакна дека иако вложувањата на отворените инвестициски фондови во САД изнесуваат 14% од вкупните вложувања во хартии од вредност, не се евидентирани ризични пласмани коишто можат да имаат негативно влијание врз фондовската индустрија, со што се исклучува можноста за каков било ефект врз целиот финансиски систем. Сепак, потребата од будно следење на случувањата постои и за таа цел ќе служи и Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија, усвоена денеска, којашто е добра основа за координиран пристап на регулаторите за одржување и негување на финансиската стабилност во однос на пазарите.

Со Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија, донесена врз основа на Законот за финансиска стабилност, се поставува рамката за оперативно спроведување на макропрудентната политика, којашто ги засега пред сѐ финансискиот систем и неговата стабилност. Поконкретно, со Стратегијата се определуваат целите на макропрудентната политика, активностите за следење и оцена на системскиот ризик, се дефинираат показателите на системските ризици, макропрудентните инструменти и преземањето макропрудентни мерки. Во Стратегијата посебно внимание ѝ се посветува и на транспарентноста во работата на финансиските регулатори и Комитетот за финансиска стабилност, како и соработката меѓу надлежните органи и координацијата меѓу макропрудентната политика и другите политики, како што се монетарната политика, микропрудентната политика, фискалната политика и други релевантни политики. Комитетот за финансиска стабилност се грижи за спроведувањето на макропрудентната стратегија, а секој регулатор може да го доуредува спроведувањето на макропрудентната политика во негова надлежност и да го приспособува кон спецификите на соодветниот сегмент од финансискиот систем.

При изработката на Стратегијата се следеа препораките на Европскиот одбор за системски ризици, како и насоките на ММФ за макропрудентната политика и карактеристиките на домашниот финансиски систем.

Банки

Централниот регистар и МБА ja зајакнуваат соработка со банките за верификација на податоците во Регистарот на вистински сопственици

Објавено

на

На 02.02.2026 година, во просториите на Македонската банкарска асоцијација, беше одржан работен состанок инициран од Централниот регистар, во својство на администратор на Регистарот на вистински сопственици.

На состанокот, претставниците на Централниот регистар, предводени од директорката д-р Анита Стамнова, и претставниците на Комисијата за СПП и усогласеност со прописи при Македонската банкарска асоцијација, предводени од претседавачот г-дин Глигор Пандиловски, дискутираа за можностите за воспоставување решение што ќе вклучува верификација на податоците во Регистарот на вистински сопственици.

Имајќи ја предвид улогата на банките како верификатори на податоците, на состанокот беше презентиран процесот, беа разменети искуства, како и утврдени насоки за соодветна обука и понатамошна соработка.

Како заклучок, беше договорено да се организира заедничка работна средба со претставници од Народната банка, Управата за финансиско разузнавање, Министерството за финансии, Македонската банкарска асоцијација и Централниот регистар, со цел сеопфатно разгледување на проблематиката и постигнување заедничка усогласеност меѓу институциите.

Продолжи со читање

Банки

Комбинација од банкарско и академско искуство: Нови имиња во Надзорниот одбор на АЛТА банка Битола

Објавено

на

Давор Мацура, Уна Сикимиќ, Татјана Куљак, Вељко М. Мијушковиќ и Горан Коевски се предложени за членови на новиот состав на Надзорниот одбор на АЛТА банка АД Битола. Предлогот е вклучен во дневниот ред на Собранието на акционерите закажано за 27 февруари, а опфаќа тројца претставници на најголемиот акционер АЛТА банка АД Белград и двајца независни членови.

Според доставените материјали, акционерите располагаат со детални биографии на сите предложени кандидати, при што структурата на Надзорниот одбор укажува на комбинација од банкарско искуство, управување со ризици и академска експертиза.

Претставници на АЛТА банка АД Белград

Давор Мацура, доктор на науки по менаџмент и бизнис, е основач на АЛТА Груп и долгогодишен носител на стратешките процеси во групацијата. Активен е од 2008 година, а во моментов ја извршува функцијата претседател на Надзорниот одбор на АЛТА банка АД Белград и на АЛТА Лизинг. Тој е индиректен краен сопственик на 95,13% од АЛТА банка Белград, која е 100% сопственик на АЛТА банка АД Битола.

Уна Сикимиќ е доктор на науки од областа на банкарството и финансиите, со изразено професионално искуство во управување со ризици. Од 2021 година е претседател на Управниот одбор на АЛТА банка АД Белград. Претходно има извршувано високи менаџерски функции во Комерцијална банка Белград, вклучително и член и заменик-претседател на Управниот одбор, како и извршен директор за управување со ризици.

Татјана Куљак, економист и правен специјалист за корпоративно управување, од 2021 година ги извршува функциите CRO (Chief Risk Officer) и CFO (Chief Financial Officer), како и член на Управниот одбор на АЛТА банка АД Белград. Повеќе од една деценија работела во Комерцијална банка Белград, претежно во областа на анализа и управување со кредитен ризик.

Независни членови од академската заедница

Како независни членови на Надзорниот одбор се предложени двајца истакнати претставници на академската фела.

Вељко М. Мијушковиќ е доктор по економски науки и доцент на Економскиот факултет при Универзитетот во Белград. Неговата стручна и научна работа е фокусирана на економија, финансии и корпоративно управување, со значајно искуство во високото образование и истражувачка дејност.

Горан Коевски е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје и доктор по правни науки. Има долгогодишно искуство во областа на трговското и корпоративното право, учествувал во изработка на клучни законски решенија и бил член или претседател на повеќе државни комисии, управни и надзорни одбори, меѓу кои и Македонската берза и Централниот депозитар за хартии од вредност.

Предлогот за новиот состав на Надзорниот одбор ќе биде разгледан и одобрен во согласност со статутарните и регулаторните процедури на Банката, како и важечката банкарска регулатива.

Продолжи со читање

Банки

Усвоен Кварталниот извештај: Макроекономските движења се во согласност со очекувањата на Народната банка

Објавено

на

Советот на Народната банка, на седницата одржана на 3 февруари 2026 година, го усвои Кварталниот извештај, во кој се наведува дека макроекономските показатели упатуваат на стабилни остварувања во најважните сегменти на економијата и во најголем дел се во согласност со октомвриските проекции на Народната банка. Домашната инфлација очекувано забави под влијание на забавувањето на базичната инфлација, а домашната економската активност умерено забрза. Банкарскиот сектор и натаму остварува солиден раст на депозитната база и кредитната активност, а девизните резерви се задржуваат на соодветно и сигурно ниво.

Народната банка продолжи со унапредувањето на својот оперативен инструментариум заради поддршка на ефикасното спроведување на монетарната политика. Во последниот квартал од 2025 година, таа изврши приспособување на оперативната монетарна рамка заради подобрување на управувањето со ликвидноста и зајакнување на монетарната трансмисија. Со измените се става посилен акцент на инструментите со пократок рок на достасување и на почестите операции, што овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, без да се менува поставеноста на монетарната политика.

Во Кварталниот извештај се наведува дека во четвртото тримесечје од 2025 година годишната стапка на инфлација изнесуваше 4,2%, што претставува очекувано забавување. Инфлацијата за целата 2025 година, во просек, изнесува 4,1%, што е близу до октомвриските согледувања. Според октомвриските оцени, за 2026 година и на среден рок се очекува забавување на инфлацијата и постепено враќање кон историскиот просек. Сепак, и понатаму постојат одредени ризици, при што главните извори на неизвесност се поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, геополитичките тензии и процесите на трговска фрагментација, како и со одредени домашни фактори што влијаат врз побарувачката.

Во третиот квартал од 2025 година, реалниот годишен раст на бруто домашниот производ забрза и од 3,5% во претходното тримесечје се искачи на 3,8%, што е малку повеќе од оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Според основното сценарио од октомври, за целата 2025 година се очекува забрзување на економскиот раст којшто би изнесувал 3,5% (3,0% во 2024 година), а во 2026 година, како и на среден рок дополнително би се засилил и би достигнал 4,0%.

На крајот на 2025 година, нивото на девизните резерви достигна 4.920,5 милиони евра и според сите релевантни показатели, обезбедува соодветна поддршка за одржување на стабилноста на домашната валута.

Податоците од монетарниот сектор укажуваат на натамошна солидна кредитна поддршка за економијата и зајакнување на депозитната база на банките. Во четвртиот квартал од 2025 година, годишниот раст на вкупните кредити изнесуваше 13%, при годишен раст и на депозитите од 10%, што е малку над нивото проектирано за крајот на годината.

На седницата, Советот на Народната банка разгледа и повеќе други точки поврзани со тековното работење на Банката.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange