Анализи
Каде и колку купуваат онлајн Македонците со платежните картички во странство?

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ направи анализа на објавените податоци од Народната Банка на Република Северна Македонија, од каде што може да се увиди дека Македонците за купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци во 2022 година потрошиле 156.2 милиони евра што што претставува пораст од 46,31% во однос на минатата година и учество од 28% од вредноста на вкупните онлајн трансакции. Ослободувањето на мерките поврзани со пандемијата секако се одрази на е-трансакциите кон странските земји, посебно поврзани со патувања и трансакции за авио-билети и резервации на хотели онлајн.
Покрај вредноста, расте и бројот на е-трансакции кои ги направиле Македонците купувајќи онлајн во странство кој изнесува 3.66 милиони во 2022, што преставува пораст од 21,1% во однос на 2021 година. Поради поголемиот пораст на вредноста на направените трансакции во однос на бројот на направени трансакции во странство во 2022 година се зголемува износот на просечната онлајн трансакција, која од 35.3 евра се зголемува на 42.65 евра во 2022 година. Кај бројот на остварени онлајн трансакции физичките лица учествуваат дури со 89% во вкупниот број и имаат просечна вредност по остварена трансакција од 32.4 евра наспроти 124.1 евра остварена од правните лица.
Со македонски платежни картички најмногу се плаќало онлајн кон Велика Британија, Унгарија и Холандија.
„Очекувано е и понатаму да продолжи растот на вредноста и бројот на реализирани онлајн трансакции од Македонците кон странски е-трговци, особено за патувања, што се гледа од растот остварен во 2022 година во однос на минатата година кон Холандија (114%) и Унгарија (82,4%). Зголемено е и учеството на вредноста на е-купувањата во странство од 24% во 2021 година на 28% во 2022 година во вкупно остварената вредност на е-трансакции направена со домашни и странски платежни картички кон домашни и странски е-трговци. Секој пораст на е-трансакциите е важен за развојот на македонската е-трговија. Важно е да се менуваат навиките и сѐ повеќе граѓаните да ги користат картичките за онлајн плаќања и купувања, бидејќи кога тоа го прават за купување билети, резервации на хотели и порачки на производи од странски е-трговци сѐ повеќе ќе се навикнуваат да го прават и од домашните. А кога има поголема побарувачка, тоа ќе ги стимулира домашните трговци да ја зголемуваат и унапредуваат понудата и целокупното онлајн искуството за купувачите” – вели преседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Д-р Нина Ангеловска.
67% од вкупната вредност на е-трансакциите (156.2 милиони евра) кои Македонците во текот на 2022 година ги потрошиле онлајн за пазарење во странство и 78% од вкупниот број на направените трансакции (3.66 милиони) се реализирале во корист на 7 земји: Велика Британија, Унгарија, Холандија, Ирска, САД, Луксембург и Германија. При тоа, од вкупно остварената вредност на онлајн трансакции, 14% е направена во Велика Британија, 13% во Холандија и во Унгарија.
СПОРЕД ВРЕДНОСТА НА НАПРАВЕНИТЕ ТРАНСКАЦИИТЕ МАКЕДОНЦИТЕ НАЈМНОГУ ПОТРОШИЛЕ ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА, А СПОРЕД БРОЈОТ НА НАПРАВЕНИТЕ Е-ТРАНСАКЦИИ ВО ЛУКСЕМБУРГ.
Македонците во 2022 година потрошиле најмногу пари во Велика Британија (21.8 милиони евра), додека во Луксембург направиле најголем број на трансакции (865.9 илјади). Највисока просечна вредност на е-трнсакција Македонците оставриле во Унгарија односно 142.5 евра, додека во Луксембург Македонците направиле најниска просечна трансакција и истата изнесува 11.2 евра.
Најголемата вредност реализирана од Македонците кон Велика Британија, Унгарија и Холандија е очекувана ако се има предвид дека од овие земји потекнуваат Amazon UK, ASOS (Велика Британија), WizzAir (Унгарија) и Booking.com (Холандија). Ако се има предвид дека во Луксембург е регистрирана европските филијали на Amazon и АliExpress преку кои се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од европските земји, без Велика Британија, очекуван е и најголем бројот на направените трансакции во Луксембург со најмала просечна вредност.
Реализираните трансакции со повисока просечна вредност најверојатно се должат на уплата на авионски карти во Унгарија (седиштето на Wizzair), резервирање хотелски услуги во Холандија (пр. Booking.com) и сл. Ако се анализира пак порастот на направените е-трансакции од страна на Македонците во странство може да се забележи дека најголем пораст во 2022 година е остварен во Холандија, како на вредноста така и на бројот на направените онлајн трансакции.
Анализи
Народна банка: Сѐ поголема употреба на дигиталните канали за плаќање во земјата

Дигитализацијата носи значајни промени во начинот на кој граѓаните ги извршуваат своите плаќања. Во последните години, употребата на дигиталните канали за плаќање во земјава се зголемува, а овој тренд се задржува и во 2024 година, што се потврдува и со најновите податоци за платежната статистика коишто ги прибира, ги обработува и ги објавува Народната банка.
Во текот на 2024 година, граѓаните повеќе ги користеле кредитните трансфери (т.н. платни налози) за извршување на плаќања во земјава во споредба со претходната година, забележувајќи годишен раст од 11,2% кај бројот и 16,3% кај вредноста. Притоа, менувањето на навиките на граѓаните, т.е. сѐ почестото користење на дигиталните канали за извршување на плаќањата се согледува преку високиот годишен раст од 40,2% кај бројот и 47,0% кај вредноста на плаќањата иницирани по електронски пат, во услови на значително понизок раст на плаќањата на хартија на шалтерите на банките (0,2% и 10,0%, соодветно). Кај електронските плаќања, на граѓаните им е сѐ поважна едноставноста и брзината на плаќањата, поради што користењето на мобилните апликации бележи годишен раст од 47,3% кај бројот, односно 72,1% кај вредноста на остварените трансакции.

Исто така, граѓаните сѐ почесто ги користат платежните картички за извршување на секојдневните плаќања во трговијата. Така, плаќањата со платежни картички за купување производи и услуги во земјава во 2024 година забележаа годишен раст од 14,6% кај бројот и 15,4% кај вредноста. Растот на плаќањата со платежни картички е поддржан од широката распространетост на картичките во земјава коишто на крајот на 2024 година броеле 1,9 милиони. Притоа, 98,6% од платежните картички овозможуваат бесконтактни плаќања, што обезбедува удобност за граѓаните во извршувањето на плаќањата. Бројот на уредите за прифаќање плаќања со платежни картички на физичките места на продажба забележа годишен раст од 8,3% и достигна 34.778 уреди поставени кај 14.717 трговци. Притоа, 96,4% од овие уреди ја поддржуваат бесконтактната технологија што овозможува брзо и едноставно извршување на плаќањата во трговијата. Годишен раст од 4,4% е забележан и кај бројот на трговците коишто прифаќаат платежни картички при продажбата на стоки и услуги на физичките места на продажба во земјата.
До објавените податоци може да пристапите на следнава врска: https://www.nbrm.mk/platiezhna_statistika.nspx
Анализи
АЕТСМ: 709 милиони евра се потрошиле онлајн во 2024 – годишен раст од 9%

Согласно најновите објавени податоци на Народната Банка на Република Северна Македонија за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба во 2024 година, вредноста на вкупните онлајн трансакции направени од Македонци кон домашни и странски е-трговци, како и од иматели на странски картички кон македонски е-трговци изнесува 43,629.2 милиони денари или 709.4 милиони евра, со што е остварен пораст од 9.3% во однос на 2023 година. При тоа, бројот на вкупните онлајн трансакции изнесува 21.6 милиони, односно е за 11.4% повеќе во однос на 2023 година.
Просечната вредност на направените онлајн трансакции во 2024 година изнесува скоро 33 евра и е помала за 0.7 евро од 2023 година. При тоа, кон македонските е-трговци од иматели на домашни и странски даватели на платежни услуги направени се 26,136.6 милиони денари или 425 милиони евра што преставува 60% од вкупната вредност на онлајн трансакции. 40% од вкупната вредност на онлајн трансакциите Македонците ја направиле во странство.

Извор: НБРСМ
Што се однесува до структурата на бројот на направените онлајн трансакции според потеклото на картичката и местото на направената трансакција кон македонските е-трговци, Македонците и странците со своите картички оствариле скоро 66% од трансакциите, додека во странство Македонците оствариле 34% од трансакциите.
Во 2024 година, согласно подaтоците на Народната банка има вкупно 1.666 трговци со виртуелни места на продажба, но активни е-продажни места се 1312 односно 15 повеќе во однос на минатата година (активно работење подразбира извршување најмалку една трансакција на продажно место на трговецот во текот на календарската година за којашто се известува).
Асоцијацијата за е-трговија неодамна направи унпаредување на регистарот на е-трговци, кој претставува единствен регистар на онлајн продажни места кој се обновува во соработка со 5те банки кои нудат процесирање на е-трансакции. Регистарот содржи и категоризација, односно може да се прегледаат сите активни е-трговци и може да се пребаруваат е-трговците.

“Вредноста и бројот на онлајн трансакциите бележи и во 2024 година пораст. Минатата година ја одбележа и унапредувањето на понудата односно побогата понуда и примамливи промоции од домашните е-трговци, како и зголемување на понудата за домашните купувачи од интернационални е-трговци како Тему каде единствена платежна опција е плаќањето со картичка. Ефектите врз порастот останува да ги видиме преку податоците за првиот квартал годинава, а секако граѓаните ќе ги менуваат навиките и ова ќе влијае на вештините за онлајн купување кои што еволуираат. Отворањето на интернационалната понуда, од друга страна уште повеќе го истакна главниот предизвик за домашните е-понудувачи односно предизвиците со доставата. Оваа година очекуваме овој придружен и клучен сектор да се унапредува како што расте онлајн купувањето и очекувањата на купувачите, како и плаќањата. Асоцијацијата за е-трговија и минатата година со своите активности придонесе за проширување и зајакнување на понудата во е-трговија, унапредување на дигиталните вештини, намалување на сивата економија и зајакнување на довербата во онлајн купувањето. Преку активности како што е регистарот на е-трговци, беџот за верификувани е-трговци и информативно-едукативните кампањи за јавноста влијаеме на поголема информираност, свесност и само-заштита на граѓаните со што придонесување и за унапредување на страната на побарувачката”, вели Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, д-р. Нина Ангеловска Станков.
Анализи
ММФ: Војната во Украина може да се смири до крајот на годината, но ризиците остануваат високи

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во своето основно сценарио предвидува дека војната во Украина ќе почне да стивнува во последните месеци од оваа година.
„Иако ризиците остануваат екстремно високи, основното сценарио сепак претпоставува дека конфликтот ќе се смири во последните месеци од 2024 година“, се наведува во документот објавен на официјалната веб-страница на ММФ.
Сепак, пречките предизвикани од продолжувањето на војната – вклучувајќи ги неодамнешните масовни напади врз гасната инфраструктура и затворањето на клучниот рудник за јаглен – продолжуваат да влијаат врз економскиот раст во 2025 година, се истакнува во извештајот.
Песимистичко сценарио: Конфликтот може да трае до 2026 година
Во песимистичко сценарио, ММФ предупредува дека конфликтот би можел да се смири дури во вториот квартал на 2026 година, што дополнително би ја влошило економската состојба во регионот.
Аналитичарите проценуваат дека и Киев и Москва во моментов настојуваат да добијат што е можно повеќе стратешки предности на теренот пред евентуалното замрзнување на конфликтот. Ова, според експертите, го објаснува интензивирањето на борбите на границата – украинските сили се обидуваат да се задржат на упоришта во регионот Курск и да напредуваат кон Белгородска област, додека руските сили ги зајакнуваат операциите во регионот Суми.
Економските прогнози за Украина
Покрај политичко-воените предвидувања, ММФ ги ревидираше и економските прогнози за Украина. За 2024 година, се предвидува раст на БДП од само 2–3%, додека проекцијата за 2026 година е намалена за дополнителни 0,8%.
Останува неизвесно како ќе се одвива ситуацијата, но јасно е дека воените и економските последици ќе продолжат да влијаат врз регионот и пошироко.
- Вработувањепред 1 месец
Оглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје
- Фондовипред 2 месеци
КБ Прво пензиско друштво: Преземете чекор и направeте ажурирање на Вашите лични податоци!
- Вработувањепред 1 месец
Оглас за вработување во Шпаркасе Банка АД Скопје
- Вработувањепред 1 месец
Оглас за вработување во Стопанска банка АД – Скопје
- Банкипред 1 месец
НОВО: Кредити од Комерцијална банка со намалени каматни стапки
- Колумнипред 1 месец
Онлајн пристапот е лесен, но дали го чуваме доволно безбеден?
- Вработувањепред 1 месец
Оглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје
- Вработувањепред 1 месец
Оглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје