Connect with us

Банки

Средба Славески- Шjиаочjинг Ју: Народната банка внимателно ги следи светските ризици и е подготвена за соодветно реагирање

Објавено

на

Народната банка внимателно ги следи трговските и геополитичките тензии, особено по ескалацијата на кризата на Блискиот Исток и по блокадата на Ормутскиот Теснец, коишто ги зголемија светските ризици, создавајќи нов шок на страната на понудата и брз раст на цените на енергијата. Во услови на висока неизвесност, Народната банка е фокусирана особено на меѓународните и на домашните економски движења и е подготвена за соодветно реагирање.

Ова беше истакнато на средбата помеѓу гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески и директорката на Светската банка за Западен Балкан Шјиаочјинг Ју.

Гувернерот Славески нагласи дека Народната банка, како носител на монетарната политика, постојано ги оценува големината, природата и влијанието на шоковите на домашната економија. Според него, за да се изгради отпорност, потребни се кредибилна монетарна политика и ефикасни макропрудентни мерки со цел да се задржи макроекономската стабилност и стабилноста на банкарскиот систем.

„Народната банка ја покажа својата способност за решително дејствување, придонесувајќи за намалување на инфлацијата и одржување на финансиската стабилност. Соочени со нов бран на неизвесност, нашата цел и натаму е обезбедување стабилност во услови на динамични светски промени“, истакна Славески.

На средбата беше нагласено значењето на партнерството и соработката меѓу Народната банка и Светската банка во рамките на проектот за модернизација на платните системи за земјите од Западен Балкан. Притоа беше искажана силна поддршка за напорите на Народната банка за успешно завршување на процесот за зачленување на земјава во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и за вклучувањето на сите банки во шемата за кредитни трансфери на СЕПA.

„Пристапувањето на Северна Македонија кон СЕПА во 2025 година веќе дава конкретни резултати. Трошоците за трансфер се намалија за 80%, а надоместоците за трансакција од 20.000 евра се намалија од 0,33% на 0,04%. Во поширока смисла, се очекува дека со пристапувањето на земјите од Западен Балкан кон СЕПА, тие ќе имаат заштеда од околу 0,6% од регионалниот БДП или околу 1 милијарда евра“, рече директорката на Светската банка за Западен Балкан Шјиаочјинг Ју.

Tоа претставува значаен чекор во натамошната интеграција на домашниот платен систем во европскиот платен простор и придонесува за унапредување на ефикасноста, брзината и транспарентноста на прекуграничните плаќања во евра за граѓаните и за компаниите. Се разговараше и за продолжување на поддршката којашто Светската банка ѝ ја дава на Народната банка во спроведувањето на системот за брзо плаќање за домашните и регионалните трансакции.

На средбата беше разгледан и напредокот на повеќе проекти за кои Светската банка обезбедува техничка поддршка, а коишто придонесуваат за јакнење на механизмите за задржување на финансиската стабилност. Притоа, беа нагласени придобивките од учеството на Народната банка во студијата за оцена на одржливоста на компаниите и целиот корпоративен сектор во земјава, којашто беше спроведена во 2024 и 2025 година со поддршка на Светската банка. Аналитичката алатка врз основа на која беше изработена студијата значително ќе придонесе за посеопфатни системски анализи и супервизорски оцени на Народната банка, како и за операционализација на рамката за решавање банки.

Банки

Комерцијална банка повторно златен спонзор на Скопскиот маратон

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје и годинава е златен спонзор на Скопскиот маратон, еден од најголемите спортски настани во главниот град.

Банката најави посебна КБ зона, каде учесниците и посетителите ќе можат да уживаат во дополнителни содржини, добра атмосфера и изненадувања и по завршувањето на трките.

Посебно внимание е насочено кон трката „Комерцијална банка 5 км“, за која се предвидени награди за најуспешните натпреварувачи. Првите три места во машка и во женска конкуренција ќе добијат награди во форма на подарок-картички.

Од Комерцијална банка ги повикаа учесниците и навивачите да ја посетат КБ зоната и да бидат дел од атмосферата на Скопскиот маратон.

Продолжи со читање

Банки

АЛТА банка денеска ги исплати пензиите

Објавено

на

АЛТА банка АД Битола ги информира своите клиенти пензионери дека исплатата на пензиите ќе е извршена денеска, 29 септември 2026 година.

Средствата ќе бидат префрлени на трансакциските сметки на корисниците и ќе бидат достапни за користење преку банкоматите и експозитурите на Банката.

Со тоа, пензионерите кои својата пензија ја примаат преку АЛТА банка ќе можат да располагаат со средствата во текот на денешниот ден.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка: Времето може да има значајна улога во долгорочното инвестирање

Објавено

на

НЛБ Банка Скопје, во соработка со НЛБ Фондови АД Скопје, го истакнува значењето на долгорочното и редовното вложување како еден од пристапите за постепено градење на вредноста на инвестициите.

„Износот е ист. Времето прави разлика“, порачуваат од Банката, посочувајќи дека редовните месечни вложувања во подолг временски период можат да имаат значајна улога во акумулирањето на инвестициската вредност.

Од НЛБ упатуваат заинтересираните граѓани да се информираат за можностите за долгорочно вложување преку НЛБ Фондови АД Скопје, при што нагласуваат дека инвестирањето треба да се разгледува во согласност со личните финансиски цели, временскиот хоризонт и подготвеноста за преземање ризик.

Во рамки на актуелната понуда, инвеститорите можат да вложуваат без влезни провизии до 25 декември 2026 година.

Од НЛБ, сепак, нагласуваат дека сите презентирани пресметки се од информативен карактер. Приносите од инвестициските фондови не се гарантирани, а остварените резултати во минатото не претставуваат сигурен показател за идните приноси.

Редовното инвестирање на помали износи е пристап што им овозможува на инвеститорите постепено да градат инвестициско портфолио, без потреба од голема почетна сума. Во подолг период, должината на инвестирањето може да биде важен фактор за конечниот резултат, но вредноста на инвестицијата истовремено зависи и од движењата на финансиските пазари и од избраниот инвестициски фонд.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange