Интервјуа
Интервју | Д-р КАТЕРИНА БОШЕВСКА: Професионалното управување со побарувањата игра клучна улога за секоја економија
Банките и компаниите треба да продолжат да го доверуваат управувањето со побарувањата на надворешен партнер како што е ЕОЅ, бидејќи преку услугите за наплата и откуп на побарувања се дава значителна поддршка за компаниите и за економскиот систем. Преку оваа поддршка, тие ја враќаат ликвидноста, а истовремено помагаат граѓаните да се интегрираат повторно во системот овојпат ослободени од нивните задолжувања.
Покрај услугите за наплата и откуп на побарувања, компанијата ЕОЅ нуди услуги за меѓународна наплата на побарувањата исто така се’ повеќе наоѓаат своја успешна примена. Компаниите се свесни дека управувањето со побарувањата е една комплексна област, а особено кога нивните задоцнети и заостанати побарувања се наоѓаат кај субјекти кои се наоѓаат во странство. Мрежата на компании и партнери на ЕОЅ во 180 земји околу светот и експертизата на нивните вработени овозможува решавање на 99% од предметите без започнување на правна постапка, што значи помалку трошоци и побрзо разрешување на проблемот за компаниите.
На тема управување со побарувања и неговото значење за економијата, работењето со фокус на „ги менуваме финансиите кон подобро“, иницијативата „Finance Talks by EOS“, студиите кои ги спроведе EOS Групацијата и предизвиците во периодот кој следи разговараме со д-р Катерина Бошевска, Генерален директор на ЕОЅ Матрих Македонија.
Банкарство: Изминатата 2022 година ја испративме како уште една многу динамична година, исполнета со предизвици и проблеми за бизнисот. Прогнозите за домашната и за глобалната економија во 2023 година се далеку од оптимистички, така што компаниите сигурно ги калкулираат состојбите. Како се носи EOS Matrix Macedonia со овие турбулентни времиња, со какви резултати ја завршувате фискалната 2022/23 година и кои се вашите очекувања?
Д-р Катерина Бошевска: Како и во изминатите неколку години, така и во 2022 година која донесе голем број на потешкотии за општата економска состојба кај нас и во светот, Групацијата ЕОЅ успешно се справува со предизвиците и успеавме повторно да оствариме одлични резултати. Со фокусиран менаџмент, стратешко позиционирање и благодарение на нашата способност за брзо донесување на одлуки се’ повеќе ја зацрвстуваме нашата улога на пазарот како водечки професионален партнер за управување со побарувањата.
EOS Матрих ДООЕЛ Скопје успешно ја комплетираше 2022/23 година со благо намалување на приходите од 0,76 % и покрај сите предизвици со кои компанијата се соочи на групациско ниво и на локално ниво. Заработката пред оданочување е поставена на охрабрувачко ниво во целина во износ од 386 илјади евра. Инвестицискиот обем е зголемен во однос на претходната година, инвестиравме 1,4 милион евра. Можам да заклучам дека во фискалната 2022/23 EOS Matrix остана стабилен.

Гледајќи низ призмата на компанијата мајка и состојбата на ЕОЅ компаниите на ниво на Групацијата, годишниот Извештај на EOS за фискалната 21/22 покажа дека ЕОЅ бележи стабилен развој и во овие турбулентни времиња. Во исчекување на резултатите за фискалната 2022/23 година кои ќе бидат објавени во втората половина од месец јули оваа година, вреди да се осврнеме на постигнатите резултати кои ни втурија ветер в грб. Во финансиската 2021/22 година, приходите на EOS Consolidated останаа на високо ниво, со што се потврди силната оперативна изведба во изминатите неколку години. Изминатата финансиска година ЕОС Групацијата покрај тоа што одбележа одлични бројки, постигна значителни успеси коишто ја издвоија 2022 година од останатите. Овде ќе ги споменам етаблирањето на нова компанија во Португалија, истовремено нашата компанија сестра ЕОЅ во Шпанија го обезбеди своето прво портфолио на обезбедени побарувања во вредност од 60 милиони евра и ЕОЅ во Франција ја склучи најголемата зделка за годината со предвидена вредност од 66.2 милиони евра. Дополнително, изминатата фискална година ЕОЅ уште подобро се позиционираше себеси како составен дел од Otto Групацијата.
Банкарство: Дали во услови на изразена финансиска криза се отвори повеќе работа за EOS Matrix? Колку компаниите и граѓаните ја користат можноста што им ја нудите за изнаоѓање заеднички решенија за проблемите со задоцнето плаќање, односно за ослободување од долговите?
Д-р Катерина Бошевска: Нашите услуги за наплата и откуп на побарувања се вредна поддршка за компаниите и за економскиот систем, бидејќи тие ја враќаат ликвидноста, но и помагаат граѓаните да се интегрираат повторно во системот со тоа што ги ослободуваме од нивните задолжувања. Кон тоа сведочи и изборот на нашите клиенти кои ни го доверуваат процесот на управување со побарувањата како и одличната соработка и прифаќање на граѓаните со нашите офицери за наплата во процесот на изнаоѓање решение за подмирување на нивните задолжувања.
Банките и компаниите треба да продолжат да настојуваат да работат со надворешен партнер и да го пренесуваат управувањето со побарувањата и нивните процеси на наплата. Податоците покажуваат дека и продажбата на побарувањата исто така може да биде добро решение.

Покрај услугите за наплата и откуп на побарувања, нашите услуги за меѓународна наплата на побарувањата исто така се’ повеќе наоѓаат своја успешна примена кај нас. Компаниите се свесни дека управувањето со побарувањата е една комплексна област, а особено кога нивните задоцнети и заостанати побарувања се наоѓаат кај субјекти кои се наоѓаат во странство. Нашата мрежа на компании и партнери во 180 земји околу светот и експертизата на нашите колеги ни овозможува решавање на 99% од предметите без започнување на правна постапка, што значи помалку трошоци и побрзо разрешување на проблемот за компаниите. Професионалните услуги за меѓународна наплата ги нудиме на пазарот од 2011 година и до сега во 153 поединечни инстанци им обезбедуваме парични текови на македонските компании. Особено ме радува тоа што компаниите се’ повеќе ги согледуваат придобивките од соработка со искусен партнер како што е ЕОЅ Матрих и ги користат нашите услуги повеќекратно и континуирано. Бројот на нови компании коишто одбираат да се потпрат на нашите професионални услуги за меѓународна наплата на побарувањата (cross-border услуги) продолжува да расте.
Банкарство: Иако 2022 година, без дилема, е прогласена за кризна година, EOS Matrix сепак започна неколку нови иницијативи и проекти кои имаат за цел подобрување на состојбите и, пред сѐ, имплементирање на европските законски решенија и практики во македонскиот финансиски сектор. Го претставивте и новиот изглед на брендот со фокус да „ги менувате финансиите кон подобро“. На што се должи овој проактивен однос со којшто очигледно цврсто чекорите и во 2023 година?
Д-р Катерина Бошевска: Да се биде водечки финансиски инвеститор на пазарот за нас исто така значи дека ние имаме одговорност да ги поставиме стандардите за професионални деловни практики и да ги применуваме највисоките стандарди. Нашето тврдење: „Ги менуваме финансиите кон подобро“ се темели на нашата заложба да им го обезбедиме најдобриот пристап, најдобриот модел за управување со побарувањата на нашите клиенти, а воедно да понудиме win-win решение каде ќе ги подобриме финансиите и на корисниците кои доцнат со наплата. Со други зборови, на поединците – потрошувачите кои се задолжуваат да им помогнеме да се ослободат од долговите, а компаниите и институциите да ги подмират своите ненаплатени побарувања кои ги оптоваруваат нивните биланси.
Фокусирано продолживме да работиме на нашите цели. Со пристигнувањето на новиот бренд на ЕОЅ одлучивме да започнеме иницијативи и имплементираме процеси кои не’ направат подигитални, подинамични и поефективни во нашата работа. Воедно, преку овие активности секојдневно ги подобруваме нашите услуги и инидивидуалниот пристап кон изнаоѓање решенија за нашите клиенти, партнери и корисници кои ќе ги променат нивните финансии кон подобро, на долг рок.
Банкарство: Минатата година ја започнавте и иницијативата „Finance Talks by EOS“. Се чини дека го погодивте моментот затоа што се чувствува една потреба од финансиска експертиза и помош за надминување на проблемите со ликвидноста и одржливоста на бизнисот, споделување искуства и идеи за надминување на актуелните предизвици и за отворање нови перспективи во услови на динамични промени на глобално ниво. Како можете да помогнете со една ваква иницијатива и дали сте задоволни од интересот и одзивот кај бизнисот, експертската јавност и носителите на закони за разговорите за финансиите?
Д-р Катерина Бошевска: Минатата година ја претставивме нашата платформа за размена на искуства и знаење “Finance Talks” во рамки на која создаваме простор за дискусија и размена на увиди на важни, актуелни теми во светот на финансиите.
Очигледно е дека на македонскиот пазар му е потребно обединување на искуството и отворен простор за размена на успешни приказни и вредни алатки. Единствено на тој начин чинителите на пазарот ќе можат информирано и заеднички да придонесуваат кон економското закрепнување и успешно да се справат со предизвиците. Преку настаните и активностите кои ги организираме под името Finance Talks се ги носиме и преточуваме европските практики во домашниот пазар, да ги искористиме сознанијата и експертизата коишто ги поседува финансискиот свет во земјата.

Сето ова, самата иницијатива Finance Talks постои благодарение на нашата експертиза како компанија којашто веќе 20 години делува на пазарот и директно и активно се залага за промени кон подобро. Преку нашата дејност не само што се обидуваме да изградиме свет без долгови, туку и да придонесеме кон ефективно градење на стабилен и здрав финансиски пазар.
Редовната наплата на побарувањата е од огромно значење за самата економија. Влошениот тренд во последните неколку години со себе донесе големи последици за сите чинители на пазарот. Според нашите анализи дури 51% од компаниите во Европа се соочуваат со назадување на профитот, 42% известуваат за намалување на ликвидноста, а секоја петта компанија стравува за својот опстанок. Од друга страна пак, стапките на успех во процесот на управување со побарувањата на ЕОЅ Матрих, покажуваат дека со стручна помош, компаниите можат да ги ублажат последиците од лошите практики на плаќање. Со изминатите настани многу бргу воочивме дека потребата за иницијатива како што е „Finance Talks“ е навистина голема на пазарот. Добивме огромна поддршка од финансиските институции и друштва, од професионалците во областа, од медиумите, компаниите, како и од самата јавност.
Банкарство: ЕОS како групација спроведува интересни и корисни истражувања како на пример истражувањето „Европски платежни навики 2022“, и студијата на EOS „Граѓаните на Европа соочени со финансиски потешкотии?“ која ја презентиравте оваа прилет. Каде е Северна Македонија во однос на европските состојби?
Д-р Катерина Бошевска: Клучните факти и бројки на истражувањето Европски Платежни Навики покажуваат дека ситуацијата во Европа се влошува и овој тренд не се очекува да запре. Севкупно, навиките за плаќање во поглед на трансакциите меѓу деловните субјекти и потрошувачите и меѓу деловните субјекти во Европа значително се влошија во последните неколку години. Во моментов, секоја петта фактура во Западна Европа и секоја четврта фактура во Источна Европа или се плаќа доцна или воопшто не се плаќа. Главните последици од овие доцнења и заостанати плаќања се тоа што компаниите мораат да се справуваат со сопствените проблеми со ликвидноста (42 проценти) и намалувањето на добивката (51 проценти). За да компензираат, околу една третина од компаниите мораа да ги намалат инвестициите и да ги зголемат цените. Додека во 2019 година, 22 проценти од испитаниците во истражувањето сè уште претпоставуваа дека навиките за плаќање ќе се подобрат, 24 проценти од сегашните испитаници сметаат дека навиките ќе станат уште полоши. Локален осврт на компаниите во земјата обезбедивме на последниот настан во рамки на платформата за која зборувавме предмалку – „Разговори за финансиите“ („Finance Talks“) каде ЕОЅ Матрих претстави анализа според која има влошување на ликвидноста од 2020 кон 2022 година. Очекувањата се дека ќе има дополнително влошување на ликвидноста и ќе се зголемат деновите за исплата на обврските спрема кредити што ги имаат компаниите.
Последно актуелно истражување на Групацијата ЕОС беше на тема „Дали граѓаните на Европа имаат финансиски проблеми?“ и тоа има за цел да ја претстави финансиската состојба на потрошувачите ширум Европа и да покаже што компаниите и банките треба да знаат за оптоварувањето на потрошувачите. Во истото беа анкетирани 7.700 потрошувачи во 13 европски земји. Некои од фактите кои би сакала да ги споделам овде се дека околу една петтина од луѓето се задолжиле во изминатите шест месеци, при што инфлацијата и трошоците за енергија се главните причини за новите задолжувања. Мнозинството граѓани на Европа се загрижени за својата финансиска иднина и како резултат на зголемените стапки на инфлација како и енергетската криза тие се сега далеку посвесни за цените во моментот на пазарење. Она што особено не’ прави горди на ова последно истражување е дека и нашата земја се најде во групата на 13 европски земји каде се спроведе истото. За повеќе детали и факти ве упатувам на нашите страници затоа што има многу што да се каже и многу паралели, а овде просторот не ни дозволува да опфатиме деталните резултати од истражувањето.
Секако, сите увиди од нашите истражувања ни помагаат подобро да ги предвидиме состојбите на пазарот и да понудиме иновативни решенија кои најдобро одговараат на моменталните потреби на пазарот.

Банкарство: Кои се најголемите предизвици со кои се соочи финансискиот сектор во земјава во изминатиот период, па и ќе се соочи во следниот период? Кои се, во тој контекст, и предизвиците и плановите на компанијата EOS Matrix Macedonia?
Д-р Катерина Бошевска: Во овој момент инфлацијата претставува најголемата грижа за иднината. За жал, борбата со инфлацијата не е воопшто при крај иако можеби навидум така изгледа. Мерките за соочување со зголемените цени за енергијата кои значеа контролирање на потрошувачката за овој ресурс не се баш најсоодветни кога станува збор за одговор на инфлација создадена од кусоци на понуда на многу други потрошувачки добра освен енергија. Се чини дека е потребна нова монетарна политика која ќе ја ограничи потрошувачката. Во финансискиот сектор, вистинската загриженост е што ќе се случи кога инфлацијата ќе предизвика забавување на економскиот раст, што и природно следи по инфлација, време кога сите нејзини ефекти ќе станат очигледни. Од оваа перспектива, можни се три последици: забавување на растот на обемот, повеќе трошоци и поголема застареност на пласираните побарување.
Банките како главни чинители на финансискиот сектор исто како и компаниите ќе се соочат со зголемени трошоци и нивното влијание на профитот ќе зависи од степенот до кој тие тоа ќе можат да го пренесат кон своите клиенти. Затоа се очекува дека услугите на банките ќе поскапат, каматните стапки ќе продолжат да растат и во една таква околност банките нема да бидат особено мотивирани да ја привлечат вишокот парична маса преку депозити, а населението ќе се ориентира кон зголемен обем на готовински трансакции, што на некој начин и се потврди во нашето истражување Европски платежни навики. Ваквата ситуација може да доведе до зголемена сива економија и на тој начин дерогирање на една фискална политика која пак е пресудна за стабилно и мирно функционирање на економскиот систем. Од тука, главниот предизвик според мене би бил да се исконтролира потрошувачката и тоа преку насочување на понудата и зачувување на протокот на парична маса низ поставениот фискален систем.
На ниво на компанијата ЕОS, главниот предизвик ни се околностите, условите во кои функционираме. Нашата компанија спроведува специфична дејност која е потребна на високоразвиените економии каде сите се претежно специјализирани во својата работа и не се фокусираат на споредни активности и операции, што за жал не е така кај нас.
Во нашата економија се уште сметаме дека со популистички мерки ќе се држи задоволено населението без при тоа да водиме сметка за штетноста на таквите политики или дали тие ќе предизвикаат однесување на населението кое може да доведе до хаос и безредие. Од тој контекст сметам дека ни е потребно приоритетно усогласување на нашата финансиска регулатива со законската рамка на ЕУ и доследно нејзино применување. Впрочем, тоа и нам како европска компанија ни е потребно за да понудиме решенија, и нови продукти кои посеопфатно ќе придонесат кон решавање на кредитниот ризик на финансиските чинители.
Интервјуа
FinSight | Ненад Тортевски: Ревизијата е столб на довербата во финансискиот систем
Институтот на овластени ревизори годинава одбележува две децении од своето основање, јубилеј што претставува значаен момент за развојот на ревизорската професија и финансиската транспарентност во Македонија. По тој повод, Ненад Тортевски во видео интервју за Bankarstvo.mk и FinSight зборува за состојбите на ревизорскиот пазар, улогата на ревизијата во современиот бизнис и предизвиците што ги носи новото време.
Во разговорот, Тортевски објаснува што всушност претставува ревизијата и колку е важна нејзината улога во создавање доверба во финансиските извештаи и корпоративното работење. Се осврнува и на развојот на професијата во Македонија, улогата на Институтот на овластени ревизори, како и на односот помеѓу глобалните ревизорски компании и домашните ревизорски друштва.
Интервјуто отвора и актуелни теми поврзани со иднината на професијата, интересот кај младите за кариера во ревизијата, процесот за стекнување лиценца, но и влијанието на вештачката интелигенција врз ревизорските услуги и професионалните стандарди.
Во услови кога финансиската отчетност и транспарентност добиваат сè поголемо значење, ревизијата останува еден од клучните столбови за доверба во бизнисот и финансискиот систем.
Целосното интервју со Ненад Тортевски е достапно на YouTube каналот на Bankarstvo.mk.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
Снежана Станковиќ | Сава пензиско: Родителството мора да биде поддржано и на работното место
Разговараме со Снежана Станковиќ, претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско друштво, за мерките што компанијата ги воведува со цел подобра поддршка на вработените и нивниот семеен живот.
Според неа, една од клучните политики на ниво на целата Сава осигурителна групација е токму поддршката на родителството и балансирањето помеѓу приватниот и професионалниот живот.
„Една од главните мерки што ги преземаме е заштитата на родителството преку правото на работа од дома“, вели Станковиќ.
Таа објаснува дека вработените имаат значителна флексибилност кога станува збор за организацијата на работата.
„Вработените имаат право 25 дена во еден квартал да работат од дома“, посочува таа.
Дополнително, компанијата овозможува и продолжување на ова право во ситуации кога е потребна поголема семејна поддршка.
„Постои можност за продолжување кога причината е родителство, грижа за мало дете или присуство дома поради потесното семејство“, објаснува Станковиќ.
Според неа, ваквите политики не се само бенефит за вработените, туку и важен чекор кон создавање поздрава и поодржлива работна средина.
„Поддршката на семејството и родителството денес е суштински дел од модерното корпоративно работење“, нагласува Станковиќ во разговорот за FinSight.
Интервјуа
FinSight | Снежана Станковиќ: Сè помалку вработени издржуваат сè повеќе пензионери
Разговараме со Снежана Станковиќ, претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско друштво, за предизвиците со кои се соочува пензискиот систем и демографските трендови кои влијаат врз неговата одржливост.
Според неа, бројките јасно покажуваат дека традиционалниот модел на финансирање на пензиите станува сè потешко одржлив.
„Првиот столб повеќе не може целосно да ја исполни својата обврска. Тоа значи дека сите ние како граѓани сме загрозени во периодот кога нема да бидеме работно активни“, вели Станковиќ.
Таа потсетува дека во минатото системот функционирал во сосема поинакви економски и демографски услови.
„Во времето кога првиот столб бил функционален, три до четири вработени ‘издржувале’ еден пензионер“, објаснува таа.
Но денес, додава Станковиќ, реалноста е значително променета.
„Во Македонија денес имаме сооднос од околу 1,7 вработен на еден пензионер“, посочува таа.
Според неа, овие податоци не бараат сложени анализи – статистиката сама по себе го покажува притисокот врз системот.
„Зборуваме за бројки што јасно ја покажуваат насоката во која се движи општеството“, вели Станковиќ.
Слични трендови, нагласува таа, се присутни и на европско ниво.
„Проценките биле дека во Европа во 2040 година двајца вработени ќе издржуваат еден пензионер, но денес тој сооднос веќе е околу 1,5 спрема 1“, објаснува таа.
Прогнозите за следните децении се уште позагрижувачки.
„Во 2050 година се очекува само 1,17 вработени да издржуваат еден пензионер“, предупредува Станковиќ во разговорот за FinSight.
Според неа, токму овие демографски промени ја отвораат потребата од нови модели на штедење, инвестирање и долгорочно планирање на пензиската сигурност.
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка АД – Скопје од утре започнува со исплата на пензиите за месец март
-
Продуктипред 2 месециИуте Македонија носи европски здравствен стандард – за првпат во земјава се воведува второ медицинско мислење
-
Останатопред 1 месецУправата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Продуктипред 1 месецУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка: Исплатата на пензиите за март започнува на 1 април
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка предвремено ги исплати пензиите за месец март
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Марјан Ристески: Акцизата на горивата под лупа, можно ново замрзнување на цените
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка вработува Помлад соработник за администрирање на кредити и гаранции (Back Office)


