Connect with us
no baners

Бизнис

ЕОС Матрикс Македонија со силен раст на приходите – Групацијата ги објави финансиските резултати

Објавено

на

ЕОС Матрикс Македонија забележа значаен раст на приходите во финансиската 2024/25 година. Овој резултат е нотиран и во Годишниот финансиски извештај кој го објави ЕОС групацијата. Имено, во периодот од март 2024 заклучно со февруари 2025 година, подружниците од Источна Европа во рамките на ЕОС Групацијата оствариле вкупни приходи од 369,2 милиони евра, што означува раст од 7,6 отсто во однос на претходната година, а во рамките на ЕОС Групацијата овие приходи учествуваат со 35,1 отсто. Во извештајот се нотира дека растот на регионот на Источна Европа се должи на значајните зголемувања на приходите забележани во Грција, Полска, Романија, Србија и Македонија.

„Бројките говорат дека нашето работење бележи нагорен тренд, и покрај промените и предизвиците што се случуваат на домашниот пазар. Нашите инвестиции во иновации и модернизација растат, а оперативната ефикасност е стабилна. Дополнителна мотивација е фактот што заедно со нас растат и нашите клиенти, кои сѐ повеќе ја бараат нашата експертиза. Како членки на групацијата ЕОС која е присутна на пазарите во повеќе од 20 земји, ние имаме пристап до иновации и нови технологии во индустријата, што овозможува развој на нашата компанија, но и развој на секундарниот финансиски пазар. Активно придонесуваме за подобрување на финансиската солвентност на македонските граѓани и компании“, изјави д-р Катерина Бошевска, генерална директорка на ЕОS во Македонија и Косово.

ЕОС Групацијата во 2024/25 година бележи консолидиран раст на приходите и на добивката, на сите пазари каде што е присутна. Вкупните приходи изнесуваат 1,1 милијарди евра, што е зголемување за 5,6 проценти во однос на 997,3 милиони евра во претходната година. Групацијата успешно ја заврши 2024/25 година со остварена EBITDA (добивка пред камата, даноци, амортизација и отписи) во износ од 460,8 милиони евра, што е значаен раст во однос на 412,9 милиони евра во претходната година. Лани и годинава, на ниво на групација, во портфолијата се инвестирани 826,6 милиони евра. Како водечки инвеститор и давател на услуги во управувањето со побарувања во Европа, EOS ги комбинира бизнис успехот со одговорноста и одржливоста.

„Нашиот претприемачки дух е нашата најсилна движечка сила. Затоа, прво сакам да им се заблагодарам на сите вработени. Без нивната посветеност, овој резултат не би бил возможен. Доживуваме стабилен и здрав раст. Минатата година, нашите приходи се зголемија за 5,6 проценти – тоа првенствено е резултат на силни инвестиции во купување на побарувања и одличен оперативен перформанс“, вели Марвин Рамке, извршен директор на ЕОС Групацијата.

Високите ЕСГ оценки и признанија говорат и за достигнувања во областите на животната средина, општеството и управувањето, а како позитивен пример е истакната ЕОС Матрикс Македонија.

„Нашите национални подружници се фокусираат посебно на своите сопствени проекти за заштита на животната средина, кои се поврзани со специфичните потреби и можности на нивните региони. Нивната посветеност се протега од образовни иницијативи до конкретни намалувања на емисиите на стакленички гасови. На пример, EOS во Северна Македонија учествуваше на конференција за регулативата во делот на екологијата, која во декември 2024 година ја разгледа одржливоста во корпоративниот сектор на широк начин“, велат од ЕОС Групацијата.

Компанијата го имплементираше сопствениот софтвер за наплата “Kollecto+” во 11 земји. Дополнително, ги користи роботската процесна автоматизација и вештачката интелигенција за да ги направи процесите поефикасни, да ги забрза операциите и постојано да го подобрува квалитетот на услугите.

Бизнис

Гранит АД Скопје ќе гради и реконструира објекти на границата со Србија во проект вреден 6,8 милиони евра

Објавено

на

Гранит АД Скопје потпиша договор вреден 6,8 милиони евра со Министерството за транспорт и врски на Северна Македонија за изградба и реконструкција на објекти на граничниот премин со Србија.

Според информациите, договорот предвидува изградба на нов објект и придружни капацитети, како и реконструкција на постојните станици на граничниот премин.

Проектот е дел од активностите за модернизација и подобрување на инфраструктурата на границата меѓу двете земји.

Гранит АД Скопје е една од најголемите градежни компании во земјата, со долгогодишно искуство во реализација на инфраструктурни и градежни проекти.

Продолжи со читање

Бизнис

Европа АД Скопје ќе исплати повисока дивиденда: 50 денари по акција за 2025 година

Објавено

на

Европа АД Скопје ќе исплати повисока дивиденда за 2025 година, откако акционерите ја одобрија одлуката за распределба на бруто-дивиденда од 50 денари по акција.

Минатата година компанијата исплати дивиденда од 30 денари по акција, што значи дека годинава износот е значително повисок.

Одлуката била донесена на собранието на акционери на компанијата, а повисоката дивиденда укажува на подобри финансиски резултати и зголемен принос за акционерите.

Европа АД Скопје е една од најпознатите кондиторски компании во Северна Македонија, препознатлива по производството на чоколади, бисквити и други слаткарски производи.

Продолжи со читање

Бизнис

Трамп: Кина ќе купува американска нафта

Објавено

на

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Кина се согласила да купува нафта од САД, во однапред снимено интервју за Fox News емитувано во четвртокот вечерта.

Изјавата доаѓа во време кога Вашингтон и Пекинг се обидуваат да постигнат конкретни трговски и економски договори за време на билатералниот самит што се одржува во Кина.

„Се согласија дека сакаат да купуваат нафта од Соединетите Американски Држави. Ќе одат во Тексас, ќе почнеме да испраќаме кинески бродови во Тексас, Луизијана и Алјаска“, изјавил Трамп по средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг.

Трамп додал и дека Кина се согласила да помогне во преговорите со Иран и да не испорачува воена опрема за Техеран. Според него, кинескиот лидер сакал да го види Ормускиот Теснец отворен и без наплата за поминување.

Кина е најголемиот купувач на иранска нафта и купува околу 90 проценти од иранскиот извоз на сурова нафта. Според податоците на американската влада, Кина во текот на 2025 година увезувала околу 1,4 милиони барели иранска нафта дневно.

Во исто време, извозот на американска сурова нафта и нафтени деривати во Кина бележи пад втора година по ред. Минатата година извозот бил намален за 25 проценти на годишно ниво и достигнал 237,8 милиони барели.

Особено голем пад е регистриран кај извозот на сурова нафта, кој во 2025 година се намалил за 95 проценти во споредба со 2023 година, на околу 8,4 милиони барели.

Кинеското Министерство за надворешни работи во петокот соопшти дека двајцата лидери постигнале „низа нови консензуси“ за време на средбата, вклучително и договор за изградба на „конструктивна и стратешка стабилност“ во билатералните односи во следните три години и понатаму.

Во однос на конфликтот со Иран, Пекинг повикал на што побрзо повторно отворање на бродските рути и ги повикал завојуваните страни да работат на „сеопфатен и траен прекин на огнот“, со цел стабилизација на Блискиот Исток и регионот на Заливот.

Трамп и Си Џинпинг треба повторно да се сретнат и денеска за да го заокружат дводневниот самит, кој привлече големо внимание во јавноста, но и отвори можности за нови договори, вклучително и пристап на американски компании до кинескиот пазар и купување американски производи.

Пекинг воедно предупредил дека погрешното решавање на прашањето за Тајван би можело сериозно да ги наруши односите меѓу двете земји.

Посетата на Трамп е прва посета на актуелен американски претседател на Кина по речиси девет години. Според најавите, двајцата лидери ќе одржат работен ручек пред американската делегација да отпатува за Вашингтон.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange