Connect with us
no baners

Бизнис

“ГОСПОДИНОТ ТАРИФМЕН“ ПОВТОРНО ВО АКЦИЈА – САД ги зголемуваат царините за увоз од Јужна Кореја на 25 проценти

Објавено

на

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави ги зголемуваат царините за увоз на стоки од Јужна Кореја, вклучувајќи автомобили, фармацевтски производи, дрва и други реципрочни производи, од 15 на 25 проценти.

Во објава на својата платформа „Truth Social“, Трамп посочи дека одлуката е донесена поради, како што наведе, непочитување на договорот од страна на јужнокорејското законодавно собрание, кое не го ратификувало билатералниот трговски договор договорен меѓу двете земји во текот на 2025 година.

„Претседателот Ли Џе Мјунг и јас постигнавме одличен договор за двете земји на 30 јули 2025 година, кој повторно го потврдивме за време на мојата посета на Кореја на 29 октомври 2025 година. Зошто корејското законодавно собрание не го одобри?“, напиша Трамп, додавајќи дека зголемувањето на царините е директна последица на таа одлука.

Од кабинетот на јужнокорејскиот претседател соопштија дека досега немаат добиено официјално известување или детално образложение од американската Влада во врска со конкретниот опсег и времетраењето на мерката.

Трамп првично најави можност за воведување царини од 25 проценти уште претходно, но по преговорите во јули и октомври 2025 година беше договорена пониска стапка од 15%. Новата одлука претставува заострување на трговските односи меѓу двете земји, иако Јужна Кореја минатата година најави инвестиции од околу 350 милијарди долари во САД, планирани да се реализираат во наредните неколку години.

Јужна Кореја е еден од клучните трговски партнери на САД, со значителен извоз на автомобили (Киа, Хјундаи), полупроводници, електроника и други индустриски производи. Аналитичарите предупредуваат дека зголемувањето на царините може да има негативно влијание врз синџирите на снабдување, трошоците за производство, како и врз профитабилноста на компаниите, со можни последици и за финансиските пазари.

За банкарскиот и финансискиот сектор, ваквите трговски мерки отвораат прашања поврзани со кредитниот ризик, валутните движења, инфлациските притисоци и инвестициските стратегии, особено кај институциите изложени на глобалната автомобилска и технолошка индустрија.

Бизнис

Најавено намалување на цените на горивата: можно поевтинување од околу 2,5 денари по литар

Објавено

на

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека се очекува намалување на цените на нафтените деривати, по договор постигнат со компанијата „ОКТА“ и со дел од сопствениците на бензински пумпи.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски посочи дека Владата во изминатите денови работела заедно со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини со најголемиот снабдувач на пазарот, компанијата „ОКТА“, со цел да се намалат цените на горивата.

Според него, „ОКТА“ од денеска ќе одобри попуст од околу 45 до 50 долари по тон за компаниите со кои соработува, што би значело намалување на цената на горивата од околу 2,5 денари по литар.

Мицкоски додаде дека разговарал и со дел од сопствениците на бензински пумпи, кои, како што рече, најавиле дека намалувањето ќе го пренесат и на крајните потрошувачи.

„Бидејќи Регулаторната комисија ја утврдува највисоката цена, очекувам по објавувањето на оваа одлука, веќе во текот на денот цената на нафтата и нафтените деривати да се намали за околу 2,5 денари по литар“, изјави премиерот.

Тој посочи дека со ваквото намалување цената на дизелот би се движела околу 1,35 евра за литар. Споредбено, како што наведе, цената на дизелот во Србија и Албанија е околу 1,80 евра, во Косово се движи меѓу 1,50 и 1,60 евра, додека во дел од земјите на Европската Унија надминува 2 евра за литар.

Мицкоски оцени дека со координација и дијалог со компаниите Владата успева да обезбеди пониски цени на горивата за граѓаните, и покрај, како што рече, предизвиците поврзани со безбедносната состојба во регионот.

Продолжи со читање

Анализи

ИКТ индустријата руши рекорди: извоз од 676 милиони евра во 2025 година

Објавено

на

Македонската ИКТ индустрија се наметнува како една од најдинамичните и најбрзорастечки извозни гранки во земјата. Според податоците на Народната банка, извозот на информациски, компјутерски и телекомуникациски услуги во 2025 година достигнал 676 милиони евра, што претставува раст од 7 проценти во споредба со 2024 година.

Овој сектор е меѓу ретките во македонската економија што континуирано бележи раст и остварува позитивен трговски биланс. Во текот на 2025 година увозот на ИКТ услуги изнесувал 197 милиони евра, што значи дека нето ефектот за економијата е суфицит од околу 438 милиони евра.

Најголемиот дел од приходите доаѓа од компјутерските услуги, чиј извоз достигнал 599,6 милиони евра. За споредба, извозот на храна од Македонија во 2025 година изнесувал 564 милиони евра, додека извозот на железо и челик достигнал 496 милиони евра, што дополнително ја нагласува важноста на ИКТ секторот во структурата на македонскиот извоз.

Растот на оваа индустрија е особено видлив ако се погледне подолг временски период. Во 2016 година извозот на ИКТ услуги изнесувал околу 150 милиони евра, што значи дека за седум години е зголемен за повеќе од четири и пол пати, односно за околу 351 процент.

Континуираниот раст покажува дека македонските компании се сè поконкурентни на глобалниот пазар и дека ИКТ индустријата има потенцијал да стане еден од стратешките столбови на економијата, со дополнителни можности за развој, диверзификација и нови работни места.

Според податоците на Стопанската комора за ИКТ секторот МАСИТ, во 2024 година во оваа индустрија работеле 2.921 компанија со речиси 24 илјади вработени. Во изминатите пет години секторот бележи стабилен и конзистентен раст по повеќе економски индикатори, што укажува на постепено созревање на индустријата и нејзино зајакнување и на домашниот и на меѓународниот пазар.

Од МАСИТ оценуваат дека ИКТ индустријата покажува висока отпорност на надворешни економски влијанија и силна способност за прилагодување на глобалните технолошки трендови, со што се позиционира како еден од најзначајните двигатели на македонската економија.

Продолжи со читање

Бизнис

Милановиќ на fintech конференција: Готовината е прашање на лична слобода и заштита на приватноста

Објавено

на

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, предизвика бројни реакции со својот говор на отворањето на конференцијата Money Motion, најголемиот fintech настан во Централна и Источна Европа, кој се одржа на Загрепскиот велесаем. Иако конференцијата е посветена на дигиталните финансии и иднината на плаќањата, Милановиќ силно се заложи за зачувување на готовината и правото на граѓаните сами да изберат како ќе плаќаат.

Неговиот настап, во кој во народски стил ја повтори пораката „куме, кеш, кеш“, претставуваше неочекуван контрапункт на програмата на конференцијата, каде доминираа експерти од fintech индустријата и поддржувачи на дигитализацијата на финансиските текови. Говорот веднаш предизвика различни реакции, од поддршка за неговата директност, до изненадување што на технолошка конференција се брани традиционалното плаќање со готовина.

Милановиќ нагласи дека правото на користење готовина е прашање на лична слобода. Според него, денешниот финансиски систем овозможува невидено ниво на надзор над трансакциите на граѓаните. Тој предупреди дека вмешувањето на државата, регулаторите и финансиските институции во финансиските текови се претвора во „24-часовна контрола над животите и трансакциите на луѓето“.

Според претседателот, овластувањата на државата и регулаторите во финансискиот систем веќе ја достигнале границата што може да се толерира во едно демократско општество и затоа треба да бидат ограничени. Во тој контекст, fintech технологиите можат да послужат како алтернатива на монополот на државата и регулаторите врз парите, односно како средство за демократизација на финансиските текови.

Сепак, прашањето што се отвора е дали дигиталните плаќања навистина можат да понудат приватност. Најголемиот дел од дигиталните трансакции се вршат преку картички, банкарски апликации и платежни платформи, кои овозможуваат увид во трансакциите од страна на регулаторите. Дури и популарните fintech апликации како „Revolut“ и „N26“ не се анонимни и функционираат во тесна врска со регулаторните институции.

Одредено ниво на приватност нудат криптовалутите, особено кај псевдонимните трансакции, но и тие не се целосно анонимни. Трансакциите со Bitcoin и Ethereum се јавно видливи и можат да се поврзат со идентитет ако адресата се поврзе со лични податоци. Од друга страна, таканаречените приватни криптовалути, како Monero, Zcash или Dash, овозможуваат ниво на приватност слично на готовината.

И покрај тоа, криптовалутите сè уште не се широко распространети. Според проценките на Statista, оваа година во Хрватска околу 345 илјади луѓе користат криптовалути, што претставува приближно девет проценти од населението. Поради тоа, готовината и натаму останува најголемиот „океан на приватност“ кога станува збор за плаќањата.

На конференцијата настапи и познатиот британски економист Ричард А. Вернер, кој исто така ја критикуваше централизацијата на финансискиот систем. Тој предупреди дека сегашниот систем ги уништува малите компании и средната класа бидејќи централизираните институции го контролираат кредитот и капиталот, наместо да ги насочуваат кон локалната економија.

Вернер предложи децентрализација преку отворање поголем број локални банки. Според него, на Хрватска ѝ се потребни меѓу 50 и 100 локални банки, а технологијата и софтверот за тоа веќе постојат. Тој смета дека политиките на централните банки водат кон депопулација и зависност од увоз на работна сила, наместо кон вистински економски развој.

Иако на прв поглед ваквите ставови може да изгледаат како враќање кон аналогните финансии, пораките од говорите на конференцијата всушност отвораат поширока дебата за тоа како треба да се структурира финансискиот систем. Прашањето за приватноста во плаќањата, кое долго време беше дел од традиционалното банкарство, денес се прелева и во дигиталниот свет.

Се нагласува дека заштитата на приватноста не значи прикривање незаконски активности, туку зачувување на личната автономија и правото на избор. Финансиските трансакции откриваат многу за навиките, интересите и начинот на живот на луѓето, информации кои можат да бидат злоупотребени или искористени за профилирање и контрола.

Пораката од овогодишниот Money Motion е дека иднината на финансиите не се сведува само на технологија. Таа мора да обезбеди рамнотежа меѓу дигиталниот напредок и зачувувањето на слободата на поединецот, овозможувајќи економски развој и просперитет што ќе им служи на луѓето.

Извор: Netokracija

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange