Connect with us
no baners

Банки

Брошура за платежната сметка со основни функции

Објавено

на

Народната банка објави посебна информативна брошура за граѓаните заради нивно информирање за можностите за отворање и користење на платежната сметка со основни функции.

Новиот Закон за платежни услуги и платни системи, којшто стапи на сила на 1 јануари 2023 година, покрај тоа што содржи одредби коишто ќе ја поттикнат конкурентноста кај давателите на платежни услуги, предвидува и повеќе решенија за подобра заштита на потрошувачите. Меѓу нив е и воведувањето на платежната сметка со основни функции, преку која граѓаните ќе можат да извршуваат платежни трансакции за намирување на вообичаените обврски или пренос на парични средства на друго лице.

Платежната сметка со основни функции овозможува неограничен број уплати и повлекување готовина и неограничен број платежни трансакции во денари, но не е дозволено пречекорување, односно навлегување во таканареченото „минусно салдо“.

За користењето на оваа платежна сметка се плаќа надоместок, но висината на вкупниот месечен надоместок не смее да биде повисока од 0,1% од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци. Во моментот овој надоместок изнесува околу 31 денар во согласност со последните податоци објавени од страна на Државниот завод за статистика за исплатена нето-плата во земјата. Платежната сметка со основни функции ќе биде без надоместок за група корисници на законски права (законска издршка, надоместок на штета настаната поради нарушување на здравјето или намалување, односно губење на работната способност и надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давателот на издршката; надоместок поради телесно оштетување според прописите за инвалидското осигурување; парична помош од социјална заштита; привремена невработеност; додаток на деца, стипендија, кредит и помош на ученици и студенти).

Граѓаните може да бараат трансформирање на „обичната“ платежна сметка во платежна сметка со основни функции кај својата банка или штедилница. Исто така, банките и штедилниците се должни бесплатно да ги информираат граѓаните за платежните услуги и надоместоците коишто ги наплатуваат за користењето на платежната сметка со основни функции, за што се должни да им дадат информативен документ пред склучување рамковен договор за отворање на платежната сметка со основни функции.

Повеќе информации за платежната сметка со основни функции ќе најдете на ВРСКАТА: Брошура за платежната сметка за основни функции

Банки

Старее населението во земјава: расте бројот на пензионери, здравствениот систем под притисок

Објавено

на

Македонија се соочува со сериозни демографски и здравствени предизвици, покажуваат најновите наоди на Државниот завод за ревизија, презентирани од главниот државен ревизор Максим Ацевски.

Според податоците, се бележи континуиран пад на младото и работоспособното население, што резултира со состојба во која бројот на пензионери веќе го надминува бројот на вработени. Овој тренд отвора прашања за одржливоста на пензискиот систем и ја нагласува потребата од системски реформи, како и од развој на услуги за грижа и нега на постарата популација.

Ревизорите укажуваат и на сериозни слабости во здравствениот систем, особено во делот на раното откривање на малигни заболувања. Според извештајот, пациентите чекаат со месеци за резултати од испитувања, а во одредени случаи и до половина година.

Како особено проблематично се издвојува чекањето за мамографски прегледи, каде што од моментот на скрининг до реализација на прегледот поминуваат повеќе од 150 дена.

Од ДЗР потенцираат дека се неопходни итни мерки за подобрување на состојбите, вклучително и зголемување на бројот на медицински кадар, соодветно вреднување на нивниот труд и поефикасно користење на постојната медицинска опрема, дел од која во моментов не е целосно искористена.

Продолжи со читање

Банки

Трка за нов претседател на ЕЦБ: Кои се фаворити и што ќе одлучи

Објавено

на

Во европските финансиски кругови веќе започна трката за наследник на актуелната претседателка на Европската централна банка, Кристин Лагард, иако нејзиното повлекување сè уште не е официјално потврдено.

Се шпекулира дека Лагард би можела да ја преземе водечката позиција во Светски економски форум, што дополнително ги засили позиционирањата и лобирањата меѓу земјите од еврозоната.

Одлуката за новиот прв човек на Европската Централна Банка ќе ја донесат лидерите на 21 земја членка на еврозоната, во период кога се очекуваат и пошироки кадровски промени во институцијата, вклучително и на позициите главен економист и потпретседател.

Како главни кандидати се издвојуваат Клаас Нот, Пабло Ернандез де Кос и Хоаким Нагел. Нивните кандидатури не се само личен избор, туку одраз на пошироката борба за влијание меѓу државите членки.

Процесот е обележан со сложен баланс меѓу „големите“ и „малите“ економии, но и меѓу различните пристапи во монетарната политика – од построги мерки за контрола на инфлацијата до пофлексибилни политики за поттикнување раст.

Според неформалните правила, во раководството на ЕЦБ мора да има претставници од најголемите економии Германија, Франција, Италија и Шпанија, што дополнително го ограничува изборот. Франција веќе двапати ја имала водечката позиција, додека избор на германски кандидат би можел да отвори политички дилеми поради влијанието на Берлин во европските институции.

Во вакви околности, како најсериозни опции се посочуваат Клас Нот, кој има поддршка од северните земји, но важи за „јастреб“ во монетарната политика, и Пабло Ернандез де Кос, кој се смета за поумерен кандидат со силно меѓународно искуство.

Конечниот избор, сепак, нема да зависи само од биографиите, туку од политички договори и распределба на клучните функции, особено позицијата главен економист, која може да биде клучен инструмент за баланс меѓу земјите членки.

Иако процесот веќе е во тек, исходот останува неизвесен, бидејќи ваквите одлуки вообичаено се носат во последен момент, како резултат на комплексни политички компромиси што ќе го одредат идниот правец на монетарната политика во еврозоната.

Продолжи со читање

Банки

Избрани нови вицегувернери на Народна банка: Митреска со втор мандат, Величковски првпат на функцијата

Објавено

на

Собранието, по предлог на гувернерот на Народна банка Трајко Славески, ги избра Ана Митреска и Игор Величковски за вицегувернери, со мандат од седум години.

Ана Митреска доби втор мандат на функцијата, откако првпат беше именувана во 2018 година. Таа е магистер по монетарна економија и има повеќе од 25 години работно искуство во Народна банка. Во својата кариера работела на макроекономски анализи, среднорочни проекции и истражувачка дејност, а учествувала и во комуникацијата со меѓународни финансиски институции и агенции за кредитен рејтинг. Авторка е на повеќе научни и стручни трудови од областа на монетарната и фискалната политика.

Игор Величковски, кој првпат е избран за вицегувернер, е долгогодишен професионалец во областа на платните системи и финансиските пазари. Тој е доктор по монетарна економија на Универзитетот во Стафордшир, Велика Британија, и повеќе од три децении работи во Народна банка. До изборот ја извршуваше функцијата директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи, каде беше вклучен во клучни реформи и модернизација на платната инфраструктура, како и во приклучувањето на земјава кон СЕПА во 2025 година.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange