Connect with us
no baners

Банки

Андреева на конференција на Светската банка: Климатските ризици како приоритет во реформите во финансискиот сектор

Објавено

на

Претставници на Народната банка присуствуваа на меѓународната конференција на Светската банка, на тема „Поставување вистински реформски приоритети во финансискиот сектор“ („Getting the financial sector reform priorities right“), која се одржа во Виена, Австрија. На Конференцијата беа опфатени различни актуелни теми кои се однесуваат на стабилноста на финансискиот, пред сѐ на банкарскиот систем, при што се разговараше за новините во банкарската регулатива, микропрудентните и макропрудентните политики за климатските ризици, вреднувањето на средствата, решавањето банки и за дигиталниот оперативен ризик.

Директорката на Дирекцијата за финансиска стабилност и макропрудентна политика, Наташа Андреева, зеде учество на панел-дискусијата на тема: „Политики за ублажување на ризиците од климатските промени“, на која ги презентираше досегашните и идните активности на Народната банка во доменот на управувањето со климатските ризици коишто може да влијаат врз банкарскиот систем, како и можностите и условите за примена на макропрудентните мерки. Народната банка, препознавајќи го значењето на климатските промени и нивното потенцијално влијание врз  финансискиот систем и економијата во целост, во последните години презеде низа активности во оваа насока. Во 2021 година им се приклучи на Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем, а потоа и на Виенската иницијата, а од 2022 година, поддршката на зелените финансии стана дел од стратегиските цели на централната банка. Минатата година го усвои првиот тригодишен план во кој се дефинирани активностите коишто се однесуваат на управувањето со климатските ризици во областа на финансиите. Планот веќе почна да се спроведува, така што неодамна беа донесени насоки за банките за начинот на кој тие треба да управуваа со ризиците поврзани со климатските промени, се направија првични анализи за оцена на изложеноста на банкарскиот систем на физичките и на транзициските ризици поврзани со климатските промени, а минатиот месец за првпат се објави Прегледот со „зелени“ показатели, со цел да се  подобри расположливоста на податоците за климатските промени, која е суштинска при изработката на анализите и носењето на политиките.

Андреева истакна дека во наредниот период е предвидено да се продлабочат анализите и да се воспостави рамка за спроведување стрес-тестирања на климатските ризици, а предвидени се и активности за промена на супервизорскиот пристап, со постепено активно вклучување на климатските ризици при оцената на профилот на ризик на банките. Активната национална и меѓународна соработка, соодветното осмислување на аналитичките и истражувачките активности, но и градењето и зајакнувањето на институционалните капацитети, корпоративната култура и одржливоста на работењето на Народната банка, исто така, се дел од планираните активности во овој домен.

Директорката на Дирекцијата за финансиска стабилност и макропрудентна политика посочи дека Народната банка на редовна основа ги следи промените во билансите на банките коишто произлегуваат од нивните побарувања и обврски со „зелена“ компонента. Во однос на 2019 година, откога се расположливи овие податоци, „зелените кредити“ бележат значителен раст и се зголемени за околу трипати (само во 2023 година нивниот раст изнесува 30%), но сепак нивното учество во вкупните кредити на банките е сѐ уште е ниско (на крајот на 2023 година изнесува 4,5%).

Банки

АЛТА Банка промовира детско денарско штедење за сигурна иднина на најмладите

Објавено

на

АЛТА Банка ги повикува родителите навреме да започнат со создавање финансиска сигурност за своите деца преку производот за детско денарско штедење.

Од банката посочуваат дека штедењето уште од најрана возраст претставува важен чекор кон градење здрави финансиски навики и обезбедување средства за идните потреби и планови на децата.

„Секој голем сон започнува со мала заштеда“, порачуваат од АЛТА Банка, нагласувајќи дека производот овозможува постепено и континуирано штедење, со фокус на долгорочна финансиска стабилност.

Детското денарско штедење е наменето за родители кои сакаат чекор по чекор да создаваат финансиска основа за образованието, развојот и иднината на своите деца.

Повеќе информации за условите и можностите за штедење се достапни на веб-страницата на банката.

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка потсетува: Охридско лето 66 години ја испишува културната историја на Македонија

Објавено

на

Фестивалот „Охридско лето“ веќе 66 години претставува еден од најзначајните културни настани во Македонија, обединувајќи врвни музички и театарски уметници на сцените во Охрид.

По повод долгогодишната традиција на фестивалот, Комерцијална банка потсети на неколку значајни моменти од неговата историја. Приказната започнува во 1961 година, кога во црквата „Света Софија“ настапила оперската дива Ана Липша-Тофовиќ, придружувана од пијано донесено специјално за таа вечер, прво од ваков вид во Охрид.

Со текот на годините, „Охридско лето“ од фестивал посветен на музичката уметност прераснало и во реномирана театарска сцена, привлекувајќи домашни и странски уметници и публика.

Секое свечено отворање на фестивалот започнува со химната компонирана од македонскиот композитор Томислав Зографски, а од 1994 година манифестацијата е дел од европското семејство на најзначајни културни фестивали.

Од Комерцијална банка, која со години е поддржувач на фестивалот, истакнуваат дека „Охридско лето“ не е само календарски настан, туку културно наследство и значаен промотор на македонската култура пред светската јавност.

Благодарение на својата традиција, уметничка вредност и меѓународен углед, фестивалот продолжува да го потврдува местото на Охрид меѓу препознатливите светски културни дестинации.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк овозможува пристап до Истанбулската берза за домашните инвеститори

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје најави нова можност за своите клиенти, овозможувајќи им пристап до тргување на Истанбулската берза, една од најголемите и најдинамични пазари на капитал во регионот.

Од банката посочуваат дека преку оваа услуга инвеститорите ќе можат да го прошират своето портфолио и да вложуваат во компании од различни индустрии, со што ќе ја зголемат диверзификацијата на своите инвестиции.

„Нов пазар. Нови можности. Твојот следен паметен инвестициски потег е тука“, порачаа од Халкбанк, нагласувајќи дека клиентите ќе добијат поддршка од тимот за брокерски услуги за полесен и побезбеден пристап до турскиот пазар на капитал.

Според банката, новата понуда им овозможува на инвеститорите да излезат надвор од домашниот пазар и да ги искористат можностите што ги нуди една од водечките берзи во регионот.

За повеќе информации заинтересираните можат да се обратат до брокерскиот тим на Халкбанк преку телефонските броеви 02/3 285 628, 02/3 285 728 и 02/3 285 450 или на електронската адреса [email protected].

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange