Connect with us

Банки

Ангеловска-Бежоска: Политики за поголема финансиска вклученост на жените се неопходни за забрзување на економскиот раст

Објавено

на

Развој на политики кои ќе ги стимулираат жените да се вратат на пазарот на труд, поддршка од државата и работодавачите во однос на обврските на жената во семејството, адресирање на сите извори на родовите разлики и дизајнирање на нови иновативни технолошки решенија кои ќе овозможат поголема финансиска инклузија на жените, се политиките кои ќе придонесат кон поголема вклученост на жените во економијата, а со тоа и забрзување на економскиот раст, посочи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во своето излагање на панел-дискусијата „Поддршка на жените во финансиите-рушење на бариерите”, во организација на Економскиот факултет при Универзитетот во Тетово. Настанот го отвори ректорот на Универзитетот во Тетово проф. д-р Јусуф Зејнели, а се обрати и деканот на Економскиот Факултет, проф. д-р Брикенд Азири.

Гувернерката, на панелот на кој учествуваа и претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Нора Алити, продеканката на Економскиот факултет Вјолца Хасани Лимани, главниот извршен директор на АД „Македонска берза“, Иван Штериев  и претприемачката Гзиме Фејзи, се осврна подетално на пристапот на жените до финансиите и улогата во развојот на претприемаштвото. Таа истакна дека согласно податоците на последната анкета „Барометар на женското претприемништво“, околу 67,8% од анкетираните жени претприемачи сметаат дека пристапот до финансии под поповолни услови е една од значајните форми на поддршка за нивните бизниси. Кога ќе се погледнат статистиките за бројот на кредитокорисници, вредноста на земените кредити, како и лицата кои поседуваат платежни сметки кај нас, очигледна е доминацијата на мажите (околу 55% од вкупниот број кредитокорисници се мажи, 62% од вредноста на кредити на население отпаѓа на мажи, 90% од мажите наспроти 80% од жените имаат платежни сметки). Притоа, гувернерката ја истакна важноста на потребата за поголема финансиската инклузија на жените, но и финансиската едукација на жените, како основа за развој на женското претприемаштво, а со тоа и поттикнување на економскиот развој. 

„Поголемата финансиска инклузија на жените претприемачи преку развивање вештини, знаења, изработката и следењето на соодветните податоци и пристапот до финансиски средства се основните цели на пилот-проектот со кој ќе раководи Народната банка со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку кој ќе се градат мостови помеѓу јавниот и приватниот сектор за зголемување на финансиската вклученост на жените, што ќе придонесе за отворање нови бизниси и работни места и за придвижување на економскиот раст”, истакна гувернерката.

Покрај тркалезната маса, во рамки на работната посета на Универзитетот во Тетово беше потпишан Меморандум за соработка во областа на едукацијата и истражувањето, помеѓу Народната банка и Економскиот факултет при Универзитетот во Тетово, од страна на  гувернерката и ректорот, проф. д-р Јусуф Зејнели. Меморандумот предвидува соработка помеѓу двете институции во реализација на научноистражувачки конференции, семинари, работилници и други настани, како и поддршка во унапредувањето на студиските програми за потребите на монетарната и макроекономската политика и банкарскиот систем и подобра едукација на студентите.

Банки

Пред 59 години беше поставен првиот банкомат: Како започна револуцијата што го промени банкарството?

Објавено

на

Банкоматот, денес едно од најважните и најкористени банкарски решенија, во јуни годинава одбележа 59 години од поставувањето на првиот уред за подигнување готовина.

Првиот банкомат бил инсталиран во јуни 1967 година, во филијала на британската банка „Barclays“ во Северен Лондон. Иако за негов пронаоѓач најчесто се смета Џон Шеперд-Барон, идејата за машина преку која клиентите би можеле да подигнуваат пари датира уште од 1939 година.

Тогаш американскиот иноватор од ерменско потекло Лутер Дорге Симџијан развил уред за автоматско подигнување пари. „Citigroup“ ја тестирала идејата, но по само неколку месеци проектот бил прекинат поради слаб интерес од клиентите.

Речиси три децении подоцна, „Barclays“ повторно ја актуелизирала идејата. Првиот уред користел картички за еднократна употреба, со кои можело да се подигнат 10 фунти.

Следната година, американскиот иноватор Доналд Ветцел придонел за развојот на технологијата, овозможувајќи банкоматите да исплаќаат различни износи, во зависност од расположливите средства на сметката.

Првите банкомати значително се разликувале од денешните. Некои од нив не ја враќале картичката веднаш, па корисниците морале дополнително да ја подигнат од филијалата.

Од едноставна машина за подигнување готовина, банкоматот со текот на годините прерасна во клучна точка на современото банкарство, а неговиот развој го отвори патот кон 24-часовниот пристап до банкарски услуги.

Продолжи со читање

Банки

Маја Михајлова реименувана за член на Управниот одбор на ПроКредит Банка

Објавено

на

Маја Михајлова ќе продолжи да биде дел од Управниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје и во следните четири години, информира Банката преку Македонската берза.

Народната банка на Република Северна Македонија на 15 јули 2026 година издала решение со кое се дава претходна согласност за реименување на Михајлова за член на Управниот одбор на ПроКредит Банка, со мандат од четири години.

Со реименувањето на Михајлова, Управниот одбор на ПроКредит Банка продолжува да работи во состав од четири членови:

  • Емилија Спировска
  • Стевче Кузмановски
  • Милан Дамчевски
  • Маја Михајлова

Михајлова е дел од Управниот одбор на ПроКредит Банка од 2024 година, кога Банката го прошири својот менаџмент со нејзиното именување.

Актуелниот состав на Управниот одбор е наведен и на официјалната веб-страница на ПроКредит Банка.

Продолжи со читање

Банки

4 милиони евра за енергетски поефикасни домови: НЛБ Банка со нова кредитна линија од Европската банка за обнова и развој

Објавено

на

НЛБ Банка преку нова кредитна линија во износ од 4 милиони евра ја зајакнува поддршката и го проширува пристапот на домаќинствата до зелено финансирање за енергетски поефикасни домови. Средствата се обезбедени во соработка со ЕБОР во рамките на програмата GEFF III REpower Residential на Западен Балкан, а ќе се пласираат преку Банката. Наменети се за зелени инвестиции што придонесуваат за енергетски поефикасни, поодржливи и покомфорни домови, овозможувајќи конкретни придобивки за граѓаните – намалени трошоци и подобрен квалитет на живеење.

Во време кога енергетската ефикасност и одговорното користење на ресурсите стануваат сè поважен дел од секојдневието, ваквата финансиска поддршка отвора можност повеќе домаќинства да ги реализираат потребните подобрувања во своите домови – изолација, нови прозори и врати, котли, топлински пумпи, сончеви колектори за топла вода, фотоволтаични системи или други енергетски ефикасни решенија.Сите овие технологии директно придонесуваат за пониски трошоци на домаќинствата, поголема удобност и  порационална потрошувачка.

НЛБ Банка во своето портфолио веќе нуди зелени кредити наменети за поддршка на одржливи и еколошки решенија, а новата кредитна линија од 4 милиони евра од ЕБОР претставува зајакнување на оваа определба.

Дополнителна придобивка на овие кредити е повратот на средства, кофинансиран од Европската Унија, кој може да изнесува и до 20% од вкупната инвестиција. На овој начин, зелените кредити стануваат практичен инструмент преку кој енергетската ефикасност, одржливоста и заштитата на животната средина се претвораат во реални и достижни решенија за секое домаќинство.

Придобивки од „зелените“ инвестиции во домот

Кога домот троши помалку енергија, преку намалените сметки, придобивките се чувствуваат веднаш. Долгорочно, тие имаат и пошироко значење. Секоја инвестиција што ја намалува потребата од енергија придонесува и за помала потрошувачка на ресурси, помал притисок врз енергетскиот систем и помало влијание врз животната средина. Во Македонија, ваквите вложувања се особено значајни имајќи ја предвид потребата од обновување и модернизација на станбениот фонд.

Токму затоа, зеленото финансирање има сè поважна улога во претворањето на одржливоста од концепт во конкретна одлука за секое домаќинство. Со соодветна финансиска поддршка, граѓаните можат полесно да направат чекор кон зелени решенија.

*GEFF програмата на ЕБОР во Западен Балкан е кофинансирана од европската Унија преку инвестициската рамка за Западен Балкан, Австрија, јапонија, данска и швајцарија преку Партнерството со високо влијание врз климатската акција (HIPCA).

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange