Connect with us
no baners

Анализи

АНАЛИЗА: Како платежните картички ја покажуваат трагата на македонската миграција?

Објавено

на

Платежните картички не се само средство за вршење трансакции, туку во македонскиот случај се и огледало на движењето на населението. Или поточно кажано веројатно ја покажуваат патеката на македонската миграција во последната деценија.

Податоците за тоа каде Македонците најмногу трошат пари со картички во странство откриваат интересна приказна: за 1-2 години драматично се смени географската структура на земјите во кои се врши најголем дел од плаќањата. Она што до неодамна беше карактеристика на туристичките патувања, денес се повеќе личи на трага од иселување или студирање во странство.

Најдобар показател за тоа е фактот дека Германија во 2024 година се искачи на прво место како дестинација каде Македонците извршиле најмногу плаќања со картички издадени од домашни банки – дури 4 милијарди денари се потрошени преку трансакции на физички продажни места. Потоа доаѓаат Србија, каде Македонците лани со картички потрошиле 2,9 милијарди денари, па Бугарија со 1,2 милијарди денари, Грција и Турција со по 1,1 милијарда денари секоја.

Потрошени средства од страна на македонските граѓани во 2024 година со картички на странски ПОС терминали

Последно објавените бројки на германскиот Федерален завод за статистика се од декември 2024 година и покажуваат дека  бројот на македонските државјани регистрирани како странци во Германија изнесувал 156.845 лица, што е двојно повеќе отколку пред 10 години. Но, Институтот за јавна политика „Арбен Џафери“, кој се повика на повика на последниот попис на населението во Германија, во 2023 година објави дека околу 222.000 лица од Македонија живеат во Германија. Според истражувањето, од 2020 до 2022 година, бројот на граѓани во Германија со потекло од Македонија бил зголемен за 44%, од 154.000 на 222.000. Така само за две години земјата загубила 85.000 граѓани, односно 4,6% од населението.

Во 2023 година, прва дестинација на картичките на македонските граѓани била Грција со плаќања во вкупна вредност од 2,5 милијарди денари, а Германија била на петто место со само 735,5 милиони денари. И во 2022 година, Грција е на прво место со платежни трансакции во вредност од 1,7 милијарди денари.

Потрошени средства од страна на македонските граѓани во 2024 година со картички на странски ПОС терминали

Од податоците на Народната банка, која ги сумира платежните трансакции на македонските граѓани кои странство, може да се вратиме назад до 2016 година за да видиме во кои земји физички најмногу се користат македонските картички и во колкав обем.

Во 2023 година, Србија повторно е на второ место (1,9 милијарди денари), веројатно најмногу поради близината како како наш северен сосед, каде голем број Македонци одат на шопинг или по ресторани, но во последно време и на работа. Во оваа категорија спаѓа и Бугарија (781 милион денари), а Турција со 811 милиони денари се истакнува како шопинг и туристичка дестинација за Македонците. После овие земји и после Германија, доаѓаат Италија (643 милиони денари), Обединетото Кралство (470 милиони денари), САД (441 милион денари), Холандија (379 милиони денари) и Словенија (279 милиони денари). Последниве пет држави, исто како Германија, може да се стават на листата за омилени дестинации за работа и студирање на македонските граѓани. 

Сликата е слична и во 2022 година, каде исклучок е само Ирска, која се појавува меѓу топ 10 земји каде се извршени најмногу плаќања на ПОС терминали со македонски картички (325 милиони денари). Ирска е присутна и во 2021 година со вкупен износ на извршени плаќања од 525 милиони денари и е на високо 4 место. На прво место е Србија со 1,5 милијарди денари, а на второ Грција со 1,4 милијарди денари. Следуваат Турција и Обединетото Кралство.

Ковид-пандемијата во 2020 година ги затвори границите и го ограничи движењето на Македонците, а со тоа и физичките плаќања во странство. Поради тоа, Србија со своите отворени граници е на прво место со 591 милион денари, а потоа следуваат Бугарија со 453 милиони денари и Ирска со 360 милиони денари. Во периодот 2026-2019 година Грција е вообичаено на прво место пред Србија и Бугарија.

Потрошени средства од страна на македонските граѓани во периодот 2016-2019 година со картички на странски ПОС терминали

Овие бројки покажуваат и дека по Ковид-периодот движењето на Македонците главно било насочено кон соседните земји, додека од минатата година доминацијата убедливо ја презема Германија.

Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.

Анализи

Трошоците за живот повторно растат: минималната кошничка повисока за 2.326 денари од почетокот на годината

Објавено

на

Минималните трошоци за живот за едно четиричлено семејство во март повторно се зголемија, покажуваат најновите пресметки на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Во однос на февруари, вредноста на синдикалната минимална потрошувачка кошничка е повисока за 436 денари.

Вредноста на синдикалната минимална кошничка за март изнесува 67.818 денари, додека со изнајмен стан од 60 м² трошоците достигнуваат 83.193 денари.

Во првите три месеци од годината, односно за периодот јануари–март 2026 година, трошоците се зголемени за вкупно 2.326 денари.

Порастот на цените на горивата, кој трае веќе две недели по ред и е поврзан со случувањата на Блискиот Исток, почнува да се прелева и врз цените на основните прехранбени производи. Веќе се регистрирани поскапувања кај зејтинот и јајцата, а експертите предупредуваат дека трендот може да се прошири и во други сектори.

ССМ поставува прашање дали животниот стандард на македонските работници ќе се подобри без редовни пресметки на минималната кошница, во услови на растечки трошоци, додека владата засега само ја следи ситуацијата.

За разлика од нашата Влада, дел од земјите во регионот и Европа веќе презедоа мерки со намалување на акцизите и даноците на горивата.

Продолжи со читање

Анализи

Победа на неолиберализмот? Светската економија без правила и контрола

Објавено

на

Во време на зголемени геополитички тензии и економски неизвесности, сè почесто се поставува прашањето дали светот влегува во нова фаза на економски односи, фаза во која регулаторите ја губат својата улога, а моќта се концентрира кај најсилните држави и корпорации, пренесе Bankar.me.

Анализите укажуваат дека актуелните политики на САД, особено во вториот мандат на претседателот Доналд Трамп, ја редефинираат глобалната економска сцена. Наместо традиционалниот систем на меѓународни правила и институции, сè повеќе доминира пристап кој се темели на директна економска и политичка моќ.

Во таков контекст, американската економија сè повеќе функционира како централизирана структура, каде големите корпорации се вклопуваат во поширока стратегија диктирана од политичкото раководство. Истовремено, институции кои некогаш имаа клучна улога во регулирањето на глобалниот пазар како Светската трговска организација, Обединетите нации и Меѓународниот монетарен фонд се соочуваат со намалено влијание и ограничена способност за делување.

Особено индикативен е внимателниот јазик што го користат овие институции во однос на актуелните конфликти, што според аналитичарите укажува на зголемен притисок и политичка чувствителност.

Овој развој, според дел од економистите, парадоксално може да се толкува како „победа“ на неолибералната економска логика – но не во класичната форма на слободен пазар, туку како глобален простор со минимални ограничувања, каде правилата се диктирани од најмоќните актери.

Во отсуство на ефикасни меѓународни механизми, се отвора прашањето дали светската економија се движи кон состојба на „див запад“, каде секоја држава дејствува според сопствените интереси и капацитети.

Паралелно, некои аналитичари предупредуваат на историски паралели со периодот од 17 до 19 век, кога економската експанзија била тесно поврзана со политичка и воена моќ, а трговските компании функционирале како продолжена рака на државите.

Иако современиот свет е далеку поразвиен и технолошки напреден, дилемата останува иста дали отсуството на правила ќе донесе поголема ефикасност и раст, или ќе доведе до нови кризи и нестабилност на глобално ниво.

Продолжи со читање

Анализи

Цената на златото во остар пад: Пробиено нивото од 4.900 долари

Објавено

на

Цената на златото забележа значителен пад во текот на денешната трговска сесија, достигнувајќи го и вториот проектиран ценовен таргет, покажува најновата анализа на Economies.com од 19 март 2026 година.

По пробивањето на поддршката на ниво од 4.900 долари, што претходно беше означено како прв таргет, падот продолжи и кон тестирање на следната клучна зона од 4.800 долари. Аналитичарите оценуваат дека движењето се одвива под влијание на краткорочен негативен тренд, при што цената се движи долж надолен тренд-канал.

Дополнителен притисок врз златото создава тргувањето под 50-дневниот експоненцијален подвижен просек (EMA50), што дополнително ја зацврстува доминацијата на мечешкиот тренд. Сепак, индикаторите за релативна сила сигнализираат можен краткорочен технички одскок, откако претходно влегоа во зона на препродаденост, што може привремено да го забави падот.

Според анализата, доколку цената остане под нивото од 4.900 долари, се очекува продолжување на надолниот тренд со следна цел околу 4.700 долари.

Очекуваниот опсег на тргување за денес се движи помеѓу поддршката на 4.700 долари и отпорот на 5.000 долари, додека генералната прогноза останува негативна.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange