Connect with us
no baners

Анализи

Македонците месечно трошат 900 денари на дигитални услуги!

Објавено

на

Дигиталната трансформација постојано создава нови трендови, од начинот на кој ги примаме информациите, стекнуваме нови вештини, комуницираме, ги организираме нашите дневни состаноци, до тоа како го поминуваме слободното време.

Без разлика дали се работи за интеракција, едукација, транспорт или забава, дигиталните услуги, апликациите и платформите се дел од нашите животи.

Според најновата анкета на Visa „Нови дигитални навики“, четворица од десет Македонци наведуваат дека нивните навики станале подигитални или се претежно дигитални, како резултат на пандемијата (41 отсто и 38 отсто соодветно). Виртуелните услуги го сменија секој сегмент од нашите животи. За половина од испитаниците, приватното време е најдигиталниот аспект од нивниот живот. Една третина велат дека е работата, а за 15 отсто одговорот е забава, поради големото време поминато на останатите стриминг платформи, а само 5 отсто ја користат за здравје, што подразбира закажување вакцинации и лекарски прегледи, онлајн обуки или следење на здравјето преку апликација.

„Насекаде низ светот сме сведоци на пораст на нови дигитални навики и Македонија не е исклучок, врз основа на резултатите од анкетата. Потрошувачите очекуваат да купуваат, да се информираат и да се забавуваат на најсоодветниот начин, но прифаќањето на новите технологии бара време. Ова е причината зошто нашата цел во Visa е да помогнеме во навигацијата на преминот кон дигиталното и да обезбедиме поддршка онаму каде што е потребна. Една од првите работи што ги правиме е да разбереме колку е променета секојдневната рутина за Македонците и кои се нивните очекувања за иднината. Ова ќе ни овозможи да работиме на подобрување на пристапот до дигиталната економија за сите, заедно со нашите партнери, банки, финтек (fintech) компании и невладини организации“, рече Владимир Ѓорѓевиќ, Генерален директор на Visa за Југоисточна Европа.

Со многу услуги достапни на врвот на прстот, навиките на луѓето станаа толку дигитализирани што дури и одењето во банка за некои е застарено. Меѓу главните платформи, секој втор испитаник најчесто користи е-банкарство и дигитални плаќања (51 отсто), платформите за стриминг се на второ место (30 отсто), а потоа следат апликациите за нарачка и испорака на храна (17 отсто), додека само еден процент од популацијата користат апликации за транспорт со такси.

Речиси една третина од испитаниците од Македонија трошат од 600 до 900 денари месечно (26,5 отсто) за да вршат работи преку апликации или виртуелни платформи. Дигиталниот свет значително ја промени нашата секојдневна рутина бидејќи секој втор испитаник (56 отсто) користи онлајн услуги неколку пати на ден и речиси секој (99 отсто) тоа го прави преку смартфон.

Испитаниците ги разбираат придобивките од изборот на дигитални услуги. Речиси половина од учесниците во анкетното истражување ја имаат посочено „брзината“ како најважен фактор при одлучувањето за користење на виртуелни услуги (49 отсто), потоа „едноставноста“ со 27 отсто, „пристапноста“ со 22 отсто и на крај „безбедноста“ со помалку од еден отсто.

Денешниот потрошувач е подготвен да им даде приоритет на личната благосостојба и слободното време, наместо да прави сѐ пеш. На прашањето кој дел од нивниот живот значително ќе се подобри со поголема употреба на апликации и онлајн платформи, четворица од десет испитаници ја посочиле јавната администрација.

Во иднина, над една третина од испитаниците мислат дека нивните дигитални навики ќе се зголемат во работите поврзани со работата. На второ место се транспортот и здравјето (24 отсто) и финансиските услуги (20 отсто), како и купувањето, со истиот процент.

Ова покажува дека Македонците се прилагодиле на дигиталните светски трендови и сакаат да ги вклучат практичноста и придобивките од дигиталната технологија во нивниот секојдневен живот. Пристигнаа новите дигитални навики.

Анализи

Нафтата скокна над 109 долари, берзите во пад поради стравувањата околу Ормутскиот теснец

Објавено

на

Американските и светските берзи денеска се соочуваат со пад, додека цените на нафтата нагло пораснаа поради новите изјави на американскиот претседател Доналд Трамп поврзани со ситуацијата околу Ормутскиот теснец и конфликтот со Иран.

Цената на нафтата „брент“ порасна за повеќе од 3 проценти и надмина 109 долари за барел, откако Трамп во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека САД немаат потреба Ормутскиот теснец да остане отворен, иако глобалните енергетски резерви брзо се намалуваат. Подоцна, по разговорите со кинескиот лидер Си Џинпинг во Пекинг, Трамп изјави дека и двете страни сакаат конфликтот со Иран да заврши.

Поради растот на цените на нафтата, американските берзански фјучерси забележаа пад, при што технолошкиот индекс Насдак-100 се намали за повеќе од 1 процент. Меѓу најпогодените беа акциите на компаниите од секторот за чипови, кои претходните денови бележеа силен раст.

Во меѓувреме, приносот на 10-годишните американски државни обврзници се искачи над 4,5 проценти, што повторно ги засили стравувањата од инфлација поради повисоките цени на енергенсите.

Падови беа регистрирани и на азиските пазари. Јужнокорејскиот индекс Коспи загуби повеќе од 6 проценти, додека јапонскиот Никеи 225 исто така ослабе поради растот на производствените цени во април, предизвикан од поскапувањето на нафтата и нафтените деривати.

Инвеститорите внимателно ги следат и случувањата во Велика Британија, каде што расте притисокот врз британскиот премиер Кир Стармер. Приносите на британските државни обврзници пораснаа, а британската фунта ослабе во однос на доларот.

Продолжи со читање

Анализи

Цената на златото под зголемен продажен притисок

Објавено

на

Цената на златото забележа пад во текот на последното дневно тргување, потврдувајќи пробивање под помалата нагорна тренд-линија на краток рок, покажува најновата анализа на Economies.com.

Според аналитичарите, овој технички сигнал укажува на зголемен продажен притисок и слабеење на позитивниот моментум кој претходно го поддржуваше движењето на цената.

Падот доаѓа и по пробивањето под 50-периодниот едноставен подвижен просек, што дополнително го засилува негативниот притисок врз златото и ги зголемува шансите за натамошни загуби на краток рок.

Во меѓувреме, индикаторите за релативна сила продолжуваат да испраќаат негативни сигнали, и покрај тоа што пазарот веќе навлегува во зона на силна препродаденост.

Аналитичарите оценуваат дека тоа укажува на продолжена доминација на продавачите врз движењето на цената на златото.

Продолжи со читање

Анализи

Ова се 50-те најголеми банки во САД според вкупната актива

Објавено

на

Две американски банки забележаа двоцифрен раст на активата во четвртиот квартал од 2025 година, што доведе до значајни промени на листата на најголеми банки во Соединетите Американски Држави според вкупната актива.

Шпанската банкарска група „Банко Сантандер“ на 3 февруари објави дека постигнала договор вреден 12,23 милијарди долари за преземање на „Вебстер Фајненшл Корпорејшн“. Станува збор за трета најголема банкарска аквизиција во САД од 2010 година наваму и прво преземање на малопродажна банка во Америка од страна на „Сантандер“ по речиси 17 години.

Според анализата на „Ес енд Пи Глобал Маркет Интелиџенс“, активата на „Сантандер Холдингс УСА“ е зголемена за 84,07 милијарди долари за да се вклучи планираното преземање, што резултирало со квартален раст од 47,9 проценти. Со тоа, банката се искачила на 19. место меѓу најголемите американски банки според актива, од 30. место во претходниот квартал.

Финансиско-технолошката компанија „СоуФај Технолоџис“ исто така забележала силен раст. Нејзината вкупна актива пораснала за 11,8 проценти во четвртиот квартал, што претставува втор најголем раст меѓу 50-те најголеми американски банки и ѝ овозможило за првпат да влезе на листата.

Растот бил поттикнат од зголемување на кредитното портфолио за 3,1 милијарда долари, како и дополнителни околу 1,7 милијарди долари во готовина, готовински еквиваленти и инвестициски хартии од вредност, изјавил финансискиот директор на компанијата, Кристофер Лапоинт.

Според податоците на „Маркет Интелиџенс“, 50-те најголеми американски банки на 31 декември 2025 година имале вкупна актива од 25,580 билиони долари.

Во последниот квартал, овие банки пријавиле раст на активата од 186,20 милијарди долари, при што 38 институции забележале зголемување. За споредба, во четвртиот квартал од 2024 година, тогашните 50 најголеми банки забележале пад на активата од 436,75 милијарди долари.

Најголем дел од тој пад се однесувал на трите најголеми банки — „Џеј Пи Морган Чејс“, „Бенк оф Америка“ и „Ситигруп“.

Во четвртиот квартал од 2025 година, вкупната актива на четирите најголеми американски банки се намалила за 26,85 милијарди долари, односно за 0,2 проценти на квартално ниво.

„Џеј Пи Морган Чејс“, која останува најголема банка во САД со актива од 4,425 билиони долари, пријавила пад на активата од 135,31 милијарда долари или 3 проценти во споредба со претходниот квартал.

Од друга страна, „Велс Фарго“ забележала најголем раст меѓу четирите најголеми банки, со зголемување на активата од 85,70 милијарди долари, односно 4,2 проценти.

„Ситигруп“ остварила раст на активата од 14,73 милијарди долари или 0,6 проценти, додека „Бенк оф Америка“ ја зголемила активата за 8,02 милијарди долари, што претставува раст од 0,2 проценти.

Акциите на четирите најголеми банки паднале по објавувањето на резултатите за четвртиот квартал од 2025 година. Аналитичарите како главни причини ги наведуваат притисокот по повикот на американскиот претседател Доналд Трамп за ограничување на каматните стапки на кредитните картички, како и промените во позиционирањето на инвеститорите.

Аналитичарите на инвестициската компанија „Џефрис“ очекуваат продолжување на консолидацијата во банкарскиот сектор, поттикната од поволна регулаторна средина, банки кои сакаат да го зголемат обемот на работењето и растечки трошоци со кои се соочуваат помалите институции.

Според нив, доколку не дојде до значителни макроекономски промени, поволниот период за банкарски спојувања и преземања би можел да продолжи до конгресните избори во 2026 година, а да заврши по претседателските избори во 2028 година.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange