Connect with us

Анализи

Зошто Ормутскиот теснец е клучна точка за глобалната енергетска стабилност?

Објавено

на

Ормутскиот теснец претставува еден од најзначајните поморски нафтени коридори во светот и има исклучително геостратешко значење. Светската економија во голема мера зависи од протокот на нафта низ овој морски премин, бидејќи тука поминува приближно една петтина од глобалната потрошувачка на нафта, како и значителни количини течен природен гас.

Теснецот се наоѓа меѓу Оман и Иран и овој тесен морски коридор го поврзува Персискиот Залив на север со Оманскиот Залив на југ, Арапското Море и Индискиот Океан. На најтесниот дел е широк само 33 километри, додека самата пловна рута за бродови изнесува околу 3 километри.

На северната страна на теснецот се наоѓа Иран, додека на југ се Оман и Обединетите Арапски Емирати. Контролата врз оваа рута има директно влијание врз глобалното снабдување со енергенси, цените на нафтата и гасот и финансиската стабилност на пазарите.

Според податоците на аналитичката компанија „Вортекса“, од почетокот на 2022 година до минатиот месец, низ теснецот дневно поминувале меѓу 17,8 и 20,8 милиони барели сурова нафта, кондензат и нафтени деривати.

Последните тензии во регионот предизвикаа сериозна загриженост меѓу бродските компании, осигурителите и инвеститорите. Дел од танкерите веќе го избегнуваат коридорот по заканите за можност од затворање на теснецот. Иран претходно предупреди дека би можел да го блокира преминот доколку биде нападнат, а најновите изјави од Техеран најавуваат решителен одговор на воените дејствија во регионот.

Земјите-членки на ОПЕК – Саудиска Арабија, Иран, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Ирак, најголемиот дел од својата сурова нафта ја извезуваат токму преку овој правец, претежно кон азиските пазари. За безбедноста на поморската трговија во овој регион е задолжена Петтата флота на американската морнарица, со седиште во Бахреин.

Што ќе се случи доколку Иран го затвори теснецот?

Иако формално теснецот останува отворен, секоја потенцијална блокада би имала сериозни последици – брзо и значајно зголемување на цените на нафтата, раст на транспортните трошоци, инфлаторни притисоци и дополнителна нестабилност на глобалните пазари.

Но, таквиот потег би бил и сериозен чин на економска самодеструкција за Иран. Иранската нафта, исто така, излегува на светските пазари преку истиот премин. Затворањето на теснецот би можело да предизвика интервенција од страна на арапските земји од Персискиот Залив, кои веќе остро реагираа на израелските напади и би можеле да преземат мерки за заштита на сопствените интереси.

Особено погодена би била Кина, втората најголема светска економија која купува речиси 90 проценти од иранскиот извоз на нафта и покрај меѓународните санкции.

Погодена ќе биде и Европа, бидејќи и во Европа огромни количини на нафта и природен гас стигнуваат преку оваа рута, а тоа ќе значи и нов инфлаторен притисок и дополнителна стагнација на и онака кревката економија во Еврозоната.

Токму затоа Ормутскиот теснец не е само регионално безбедносно прашање, туку фактор од глобално економско значење.

Фото: bloompakistan.com

Анализи

Цените на нафтата пораснаа по новите напади на Блискиот Исток

Објавено

на

Цените на нафтата пораснаа во средата, во услови на нова ескалација на тензиите на Блискиот Исток, откако САД извршија нова серија напади врз Иран, а Техеран, според медиумските извештаи, возвратил со напади врз регионалните сојузници на Вашингтон.

Фјучерсите на меѓународната референтна нафта „брент“ пораснаа за 0,81 отсто, на 95,42 долари за барел, откако претходно бележеа и поголем раст. Американската нафта West Texas Intermediate поскапе за 0,45 отсто, на 90,63 долари за барел.

Американската Централна команда соопшти на платформата X дека нападите следувале по неодамнешните обиди на Иранската револуционерна гарда да нападне комерцијални бродови во Ормутскиот Теснец и американски војници.

Британскиот Центар за поморски трговски операции, според CNBC, претходно пријавил инцидент во кој три неидентификувани проектили погодиле танкер додека минувал низ Ормутскиот Теснец во понеделникот.

Американскиот претседател Доналд Трамп на Truth Social порача дека не се обидува да го принуди Иран да седне на преговарачка маса.

„Многу повеќе ми се допаѓа нашата сегашна позиција, со речиси целосна контрола врз Ормутскиот Теснец и нивната економија која целосно се урива“, напиша Трамп.

Како одговор на последните американски напади, Иран наводно извршил напади со беспилотни летала и ракети врз Кувајт, Јордан и Бахреин, објави „Ал Џезира“.

Продолжи со читање

Анализи

Цената на златото падна до 4.300 долари, негативниот притисок продолжува

Објавено

на

Цената на златото забележа силен пад во последното тргување и се спушти до нивото на поддршка од 4.300 долари, што претходно беше посочено како ценовна цел во анализата на Economies.com.

Според техничката анализа, движењето на цената и натаму е под влијание на силен краткорочен корективен надолен тренд, додека дополнителен негативен притисок создава тргувањето под 50-дневниот експоненцијален подвижен просек, познат како EMA50.

Негативни сигнали покажуваат и индикаторите за релативна сила, додека пробивањето на главната краткорочна линија на раст дополнително ги намалува шансите за посилно закрепнување на цената во блиска иднина.

Според анализата, сè додека златото останува под нивото на EMA50, негативниот притисок врз цената ќе продолжи, бидејќи овој индикатор во моментов делува како динамичко ниво на отпор.

Извор: Economies.com

Продолжи со читање

Анализи

Високите камати требаше да ја погодат технологијата, но пазарот покажа поинаква слика

Објавено

на

Според класичната економска логика, растот на каматните стапки треба најсилно да ги погоди технолошките компании, особено оние чија вредност во голема мера зависи од профитите што се очекуваат во иднина. Сепак, движењата на американскиот пазар во последниот циклус на монетарно затегнување покажаа дека ова правило не секогаш функционира толку едноставно.

Американската централна банка, ФЕД, од март 2022 до јули 2023 година ги зголеми каматните стапки за вкупно 525 базични поени, а во неколку наврати зголемувањето изнесуваше и по 75 базични поени.

Во 2022 година пазарот речиси целосно се движеше според економската теорија. Технолошкиот сектор и поширокиот индекс S&P 500 забележаа значителен пад, додека енергетските компании остварија силни приноси.

Но, веќе во 2023 година ситуацијата драстично се промени. Иако ФЕД продолжи со зголемувањето на каматните стапки, технолошкиот сектор силно порасна, а таканаречената „Величествена седумка“ на најголеми американски технолошки компании беше одговорна за значителен дел од растот на американскиот пазар.

Една од главните причини била промената на очекувањата на инвеститорите. Во текот на 2023 година пазарот сè повеќе очекувал дека ФЕД се приближува кон крајот на циклусот на монетарно затегнување. За инвеститорите, според анализата, не е важна само моменталната висина на каматите, туку и очекувањата за тоа во кој правец тие ќе се движат во иднина.

Дополнителен поттик за технолошките акции бил огромниот интерес за вештачката интелигенција. Тој значително ги зголемил очекувањата за идните приходи и профити на компании како „Нвидиа“ и „Мајкрософт“, па позитивните очекувања успеале да го надминат негативното влијание на високите каматни стапки.

Денешните технолошки гиганти, исто така, значително се разликуваат од компаниите од овој сектор од пред две децении. Компании како „Мајкрософт“, „Епл“, „Алфабет“ и „Мета“ располагаат со големи парични текови, високи профитни маржи, значителни парични резерви и силни позиции на пазарот. Поради тоа тие се помалку зависни од евтиното финансирање отколку класичните брзорастечки компании.

Важен фактор е и сè поголемото значење на пасивното инвестирање преку индексни фондови и ETF-фондови. За разлика од активните инвеститори, овие фондови автоматски ја следат структурата на индексите и не вршат класична секторска ротација само поради промена на каматните стапки.

Анализата покажува дека класичната теорија и натаму може да биде почетна точка: енергетиката, делови од финансискиот сектор, здравството, основните потрошувачки производи, индустријата и суровините вообичаено полесно поднесуваат високи камати, додека технологијата, недвижностите и високо задолжените компании се почувствителни.

Сепак, примерот од 2022 и 2023 година покажува дека само нивото на каматните стапки не е доволно за да се предвиди кој сектор ќе биде најуспешен. Важни се и брзината на нивното зголемување, состојбата на економијата, инфлацијата, очекувањата на инвеститорите, корпоративните профити и структурата на самиот пазар.

Извор: Bloomberg Adria

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange