Анализи
Дали централните банки треба да чуваат резерви во биткоин?
По извршната уредба на американскиот претседател Доналд Трамп од 2025 година за воспоставување стратешка резерва во биткоин, дебатата околу улогата на криптовалутите во официјалните девизни резерви доби нов интензитет. Дел од инвестициските банки, приватни компании и академици ги повикуваат големите централни банки да размислат за сличен чекор. Кандидатот на Трамп за претседател на ФЕД, Кевин Ворш, дури го опиша биткоинот како „ново злато“.
Во позадина на оваа расправа стои сè поголемата загриженост кај Кина и голем број земји во развој поради прекумерната зависност од американскиот долар. Настојувањата за диверзификација веќе придонесоа за силен раст на цената на златото, која во изминатата година порасна за околу 65 проценти. Во таков контекст, прашањето е зошто централните банки, покрај златото, не би додале и биткоин во своите резерви, како дополнителен штит од геополитички ризици и финансиски санкции.
Поддржувачите на оваа идеја тврдат дека во сè пофрагментиран глобален поредок, каде што растат тензиите меѓу големите сили, биткоинот може да се наметне како политички неутрална актива. Особено во услови кога Кина и Европа се обидуваат да изградат посамостојни и поотпорни платни системи за јуанот и еврото.
Но, аргументите „за“ се судираат со сериозни ризици. Биткоинот останува исклучително волатилна актива. Неговата цена се намали од над 124.000 долари во октомври 2025 година на под 65.000 долари денес, додека златото продолжи со раст. За разлика од златото, кое служи како монетарна актива илјадници години, биткоинот постои помалку од две децении, што го прави тешко предвидлив во долгорочна перспектива.
Најоптимистичките сценарија предвидуваат дека пазарната капитализација на биткоинот би можела еден ден да ја достигне вредноста на глобалните златни резерви, проценета на 30 до 35 билиони долари. Со оглед дека понудата е ограничена на 21 милион монети, цената би морала да надмине 1,5 милиони долари по биткоин за да се постигне такво ниво.
Од друга страна, бројни истакнати економисти предупредуваат дека сегашната вредност на биткоинот е во голема мера шпекулативна. Според нив, бидејќи нема внатрешна вредност или фундаментална употреба како традиционалните валути, неговата долгорочна рамнотежна цена би можела да биде значително пониска од сегашната.
Сепак, биткоинот има одредена улога во глобалната сива економија, која опфаќа активности како перење пари, трговија со дрога и даночна евазија, а се проценува на повеќе од 20 билиони долари. Дури и ако криптовалутите преземат дел од тој обем, тоа би можело да оправда значителна пазарна вредност.
Дополнителен фактор се таканаречените стабилни криптовалути (stablecoins), најчесто врзани за американскиот долар, кои во моментов доминираат во крипто-трансакциите. Но, со зголемената регулација, тие би можеле да станат подложни на сличен надзор како традиционалните банкарски инструменти, што би ја намалило нивната привлечност за одредени корисници.
За централните банки, особено во земјите во развој, дилемата е комплексна. Диверзификацијата со мал удел во биткоин би можела да понуди дополнителна заштита од геополитички притисоци. Но, широко прифаќање на криптовалутите може да ја ослабне способноста на државите да собираат даноци и да спроведуваат финансиска контрола.
Доколку големите економии воведат строги забрани за крипто-активности, вредноста на биткоинот би можела значително да се намали. Засега, силната поддршка од делови од американската администрација и честата употреба на доларот како инструмент на санкции можат да ги охрабрат некои централни банки да експериментираат.
Сепак, и покрај сите шпекулации за „новото злато“, традиционалното злато засега останува најсигурното засолниште во време на глобална неизвесност.
Анализи
Запишани 2.472 хипотеки во првиот квартал: Банкарски обезбедувања за 246 милиони евра во недвижности
Во првиот квартал од годинава во земјава се запишани вкупно 2.472 хипотеки врз недвижности, со вкупна вредност од 246,36 милиони евра и над 5,9 милијарди денари, покажуваат податоците на Агенцијата за катастар на недвижности.
По месеци, во јануари се евидентирани 619 хипотеки, во февруари 849, а во март 1.004, што укажува на постепен раст на активноста во текот на кварталот.
Најголем дел од хипотеките се запишани во Центарот за катастар на недвижности Скопје – 1.318 хипотеки, со вредност од околу 125,7 милиони евра и 3,2 милијарди денари. Во останатите 29 подрачни одделенија се евидентирани 1.154 хипотеки.
Во споредба со истиот период лани, бројот на хипотеки е намален за 124, додека во однос на претходниот квартал (октомври – декември 2025) падот изнесува 588, кога биле регистрирани 3.060 хипотеки.
Податоците за пазарот на недвижности покажуваат и намалување на активноста кај новоизградените станови – во првите три месеци од годинава се регистрирани 712 станови од инвеститор, што е за 29% помалку во однос на претходниот квартал.
Во Катастарот досега се запишани и 28.013 листи за предбележување градба, што укажува на значителен број објекти во фаза на изградба кои во наредниот период ќе излезат на пазарот на недвижности.
Анализи
Затворањето на Ормутскиот теснец предизвика најголем енергетски шок во современата историја
Тримесечното затворање на Ормутскиот теснец, еден од најважните поморски премини во светот, предизвика најтежок енергетски шок досега и сериозно ги наруши глобалните трговски текови, покажуваат најновите анализи.
Пред прекинот на сообраќајот на 28 февруари, низ теснецот поминуваа околу 25 проценти од светската поморска трговија со нафта и 20 проценти од глобалниот течен природен гас (LNG). Денес тие количини речиси целосно исчезнаа, при што извозот на сурова нафта е намален за 95 проценти, а LNG за 99 проценти.
Последиците се чувствуваат далеку надвор од енергетскиот сектор. Преку Ормутскиот теснец годишно се транспортираат милиони тони алуминиум, метанол, сулфур и вештачки ѓубрива. Поради прекинот, цените на уреата значително пораснаа, а експертите предупредуваат дека во делови од Јужна Азија цените на храната би можеле да се зголемат за 10 до 15 проценти доколку кризата продолжи.
Најголем удар трпат азиските економии. Во 2024 година дури 84 проценти од нафтата што минувала низ теснецот била наменета за азиските пазари, додека Европа преку оваа рута добивала меѓу 12 и 14 проценти од своите испораки на LNG од Катар.
Иако Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати располагаат со одредени алтернативни нафтоводи, тие не можат целосно да ја заменат изгубената транспортна рута. Според проценките, недостига капацитет за најмалку 10 милиони барели нафта дневно, додека Катар воопшто нема алтернативен цевковод за извоз на LNG.
Аналитичарите предупредуваат дека дури и во случај на брзо постигнување мировен договор и повторно отворање на теснецот во јуни, глобалниот економски раст ќе забави во 2026 година. Во најлошото сценарио, доколку блокадата продолжи до крајот на годината, цената на нафтата би можела да достигне 200 долари за барел, а светската економија да западне во рецесија.
„Ова е историски преседан за светскиот нафтен пазар. Ниту кризите од 1970-тите, ниту војната меѓу Иран и Ирак, ниту инвазијата на Кувајт не можат да се споредат со размерите на ова нарушување“, изјави Даниел Јергин, потпретседател на S&P Global.
Анализи
Златото порасна втор ден по ред, но е на пат кон месечен пад
Цената на златото во петокот порасна втор ден по ред и достигна 4.580 долари за унца, откако се појавија информации дека САД и Иран би можеле да го продолжат примирјето, што донесе дополнителна неизвесност на финансиските пазари.
И покрај растот, благородниот метал е на пат да ја заврши месечната трговија со пад од околу 0,8 проценти. Врз цената и натаму влијаат загриженоста поради инфлацијата и очекувањата дека каматните стапки ќе останат повисоки подолг временски период.
Преговорите за завршување на тримесечниот конфликт продолжуваат, а според медиумските извештаи се разгледува можност за продолжување на примирјето за уште 60 дена за да се создадат услови за формални разговори меѓу двете страни. Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп сè уште не дал конечна согласност за предложениот договор.
Пазарите остануваат претпазливи бидејќи евентуалните нарушувања во транспортот и енергетската инфраструктура би можеле да ги задржат високите цени на нафтата, што дополнително го комплицира патот кон намалување на инфлацијата.
Најновите податоци покажаа дека инфлацијата во САД во април забележала најбрз раст во последните три години, што ги зацврсти очекувањата дека Федералните резерви ќе ги задржат каматните стапки непроменети подолг период.
Во меѓувреме, побарувачката за злато во Индија останува слаба поради високите цени и увозните давачки, додека во Кина, најголемиот светски потрошувач на благородниот метал, премиите се намалуваат поради внимателното расположение на пазарот.
-
Продуктипред 2 месециИуте Македонија носи европски здравствен стандард – за првпат во земјава се воведува второ медицинско мислење
-
Останатопред 2 месеци
Управата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Продуктипред 1 месецУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка вработува Помлад соработник за администрирање на кредити и гаранции (Back Office)
-
Банкипред 1 месец
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Горан Ѓорѓиевски | Ценовен шок на хоризонтот: Од септември следува значително поскапување
-
Останатопред 2 месеци
Какво ќе биде работното време за Велигденските празници?
-
Бизниспред 1 месец
Македонски Телеком предлага повисока дивиденда за 2025 година


