Connect with us

Анализи

Е-трговијата во ерата на вештачка интелигенција: каде е Македонија?

Објавено

на

Според податоците презентирани во Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година, изработен од страна на Асоцијацијата за е-трговија, 63,2% од интернет корисниците во земјата купувале онлајн во 2024 година, што ја позиционира Македонија меѓу водечките пазари во регионот по учество на онлајн купувачи, но се уште е под европскиот просек. Ова е силен сигнал за растечка побарувачката, но, извештајот покажува дека растот на е-трговијата не е доволен сам по себе.

Клучното прашање е дали економијата е подготвена за следната фаза, а тоа е е-трговија поддржана од вештачка интелигенција (ВИ)? Вештачката интелигенција сè побрзо го менува начинот на кој функционираат бизнисите и пазарите на труд, а е- трговијата е меѓу секторите каде овие промени се највидливи. Од персонализирани понуди и паметен дигитален маркетинг, до оптимизација на логистика, управување со залихи и откривање измами овозможено од алатки на вештачката интелигенција која станува клучен двигател на конкурентноста во онлајн трговијата.

Во таа насока во Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година анализиран е AI Preparedness Index (AIPI) – индекс кој го воведе Меѓународниот монетарен фонд во 2023 година и кој ја мери подготвеноста на земјите да ја применуваат вештачката интелигенција на одржлив и инклузивен начин. AIPI ги оценува земјите преку четири клучни столба:

● дигитална инфраструктура,
● иновации и економска интеграција,
● човечки капитал и политики на пазарот на труд,
● регулатива и етика.

Со резултат од 0,48, Северна Македонија значително заостанува не само зад просекот на ЕУ, но и зад балканските пазари, односно подобар AIPI има само од Босна и Херцеговина. Европските лидери како Данска, Холандија и Естонија покажуваат подготвеност со индекс над 0.76. Ова укажува дека бизнис-екосистемот сè уште нема доволно капацитет целосно да ја искористи вештачката интелигенција во е-трговијата за персонализација, автоматизација, анализа на податоци, логистика и управување со ризици.

Главните ограничувања се поврзани со дигиталната инфраструктура, иновативниот капацитет и интеграцијата во глобалната дигитална економија, иако постојат позитивни сигнали во делот на човечкиот капитал и адаптацијата на пазарот на труд.

„Е-трговијата во Северна Македонија бележи силен раст, но следната фаза мора да биде фокусирана на квалитет, доверба и одржлив развој, не само на квантитет. Вештачката интелигенција не е технологија на иднината, таа е реалност денес што го менува начинот на кој функционира дигиталната економија. Нашата задача е да им помогнеме на е-трговците, институциите и потрошувачите да бидат подготвени за оваа трансформација, преку приближување на клучните трендови и континуирана едукација, иницијативи и кампањи“, изјави претседателката на Асоцијацијата за е-трговија во Северна Македонија, Нина Ангеловска Станков.

Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година јасно укажува дека идниот раст на е-трговијата во земјата зависи од подготвеноста на македонските е-трговци да ја искористат таа трансформација за одржлив раст, поголема конкурентност и подобра заштита на потрошувачите.

Инаку, Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година е изработен од Асоцијацијата за е-трговија (АЕТМ) и беше традиционално презентиран на 8-та регионална конференција за е-трговија. Како седмо издание од серијата, оваа публикација по втор пат е објавена на англиски јазик и со проширен фокус кој го опфаќа целиот регион на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

Повеќе информации за „Прегледот на е-трговијата во Западен Балкан 2025“, како и можност за преземање и читање на извештајот, се достапни на следниот линк:
https://ecommerce.mk/analizi-i-izveshtai/

Анализи

Просечната нето-плата во мај достигна 49.544 денари, за 8,2 отсто повеќе од лани

Објавено

на

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во мај 2026 година изнесувала 49.544 денари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во споредба со мај 2025 година, просечната нето-плата е зголемена за 8,2 отсто, додека во однос на април годинава бележи раст од 1,6 отсто.

Најголем придонес во годишното зголемување има растот на платите во секторот снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад и санација на околината, каде што просечната нето-плата е повисока за 11,9 отсто.

Следуваат секторите уметност, забава и рекреација со раст од 11,3 отсто и транспорт и складирање со зголемување од 10,9 отсто.

Во споредба со претходниот месец, најголемо зголемување на просечната нето-плата е регистрирано во трговијата на големо и мало и поправката на моторни возила и мотоцикли, за 6,3 отсто.

Во рударството и вадењето камен платите пораснале за 5,8 отсто, а во секторот транспорт и складирање за 5,7 отсто.

Просечната нето-плата во периодот од јануари до мај 2026 година изнесувала 47.905 денари и била за 7,8 отсто повисока во споредба со истиот период минатата година.

Реалната нето-плата, со вклучено влијание на инфлацијата, во мај била за 3,2 отсто повисока на годишно ниво.

Продолжи со читање

Анализи

Горивата во ЕУ и натаму поскапи од лани, најголем раст во Бугарија

Објавено

на

Цените на горивата за личен превоз во Европската Унија во јуни 2026 година биле за 13,7 отсто повисоки во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Евростат.

Иако цените продолжиле да растат на годишно ниво, поскапувањето било значително побавно отколку во претходните месеци. Во април годишниот раст изнесувал 20,8 отсто, а во мај 20,7 отсто.

Најголемо годишно зголемување на цените на горивата во јуни било регистрирано во Бугарија, каде што тие поскапеле за 26 отсто. Следуваат Литванија со 23,5 отсто, Романија со 23,1 отсто, Финска со 22 отсто и Луксембург со 20,7 отсто.

Најмал раст е забележан во Унгарија, од 2,3 отсто, и во Полска, од 5,8 отсто. Во останатите земји членки поскапувањето се движело од 7,9 отсто во Шпанија до 18,6 отсто во Кипар.

Сепак, на месечно ниво е забележано намалување на цените. Во јуни дизелот во ЕУ поевтинил во просек за 6,4 отсто во споредба со мај, додека цената на бензинот се намалила за 4,2 отсто.

Цените на дизелот паднале во сите земји членки. Најголемо намалување било регистрирано во Чешка, од 11,3 отсто, потоа во Полска од 9,7 отсто и во Бугарија од 9,4 отсто.

Најмало намалување на дизелот имало во Унгарија, од 0,6 отсто, Италија од 1,4 отсто и Словенија од 1,6 отсто.

Кај бензинот, Кипар и Италија биле единствените земји во кои цените се зголемиле меѓу мај и јуни, за 0,7, односно 0,5 отсто. Во сите други земји бил забележан пад, а најголем во Шведска од 7,8 отсто, Белгија од седум отсто и Полска од 6,6 отсто.

Месечното поевтинување на бензинот и дизелот во најголем дел од земјите членки укажува на постепено стабилизирање на пазарот по периодот на силен раст на цените. Натамошните движења, сепак, ќе зависат од глобалните енергетски и геополитички околности.

Извор: Finansije.hr

Продолжи со читање

Анализи

Златото се повлекува по силниот раст, но техничките изгледи остануваат позитивни

Објавено

на

Цената на златото забележа пад во последното тргување, поттикнат од вообичаено прибирање на добивката по претходниот силен раст, покажува техничката анализа на Economies.com.

Со актуелното повлекување, златото се обидува да ги ублажи условите на прекумерна купеност на индексите на релативна сила. Овие показатели почнаа да испраќаат негативни сигнали, што би можело краткорочно да го ограничи нагорниот моментум.

Сепак, техничките изгледи и натаму остануваат позитивни, откако цената во претходното тргување ја проби главната надолна тренд-линија.

Златото продолжува да се движи и над 50-дневниот експоненцијален подвижен просек, кој во моментов претставува динамично ниво на поддршка.

Според анализата, можноста за продолжување на нагорниот тренд останува присутна по завршувањето на тековниот корективен бран и повторното зајакнување на куповниот интерес.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange