Connect with us
no baners

Банки

Гувернерот Славески на Конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура: СЕПА е историски исчекор кон подлабока европска интеграција на земјава со конкретни придобивки за сегашните и за идните генерации

Објавено

на

Народната банка, во соработка со Централната банка на Холандија, денеска во Охрид, ја отвори Шеснаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, што оваа година се одржува под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера“. Настанот ги обединува претставниците на меѓународните институции, европските тела, централните банки, деловните банки, небанкарските даватели на платежни услуги, финтек-компаниите и други релевантни институции од земјава и од Европа, во заедничкото разгледување на трендовите и предизвиците во доменот на платежните услуги.

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во своето обраќање на отворањето на Конференцијата истакна дека интеграцијата на нашата земја во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) покажува дека не само финансискиот систем во земјава, туку и целокупната економија е подготвена за предизвиците што ќе произлезат од делувањето во заедничката европска рамка.

„Ова е историски исчекор кон подлабока европска интеграција, што носи реални придобивки за граѓаните и за компаниите за сегашните, но и за идните генерации“, нагласи гувернерот. Тој потсети дека на 7 октомври годинава, банките од нашата земја, заедно со Албанија, Црна Гора и Молдавија, започнаа со извршување трансакции преку СЕПА, што претставува конкретен чекор кон финансиска и економска конвергенција со Европската Унија.

Славески истакна дека со приклучувањето на земјава во географската област на СЕПА, нашите граѓани и компании веќе ги чувствуваат придобивките од делувањето во единствениот европски платежен простор, во кој плаќањата во евра се побрзи, побезбедни и поевтини, што, пак, на долг рок ќе им овозможи посилни економски врски и полесен пристап до европскиот пазар и до финансискиот сектор.

Според процените на Светската банка, постигнувањето на светската цел за намалување на трошоците за дознаки на 3% би придонесло за заштеда до 500 милиони евра годишно за граѓаните во регионот, посочи гувернерот. Тој додаде дека и за компаниите, особено за малите и за средните претпријатија, СЕПА носи значителни заштеди и овозможува поголема предвидливост на трошоците при прекуграничните трансакции.

Гувернерот Славески најави дека следниот стратегиски чекор на Народната банка ќе биде воспоставување нов систем за инстант плаќања според стандардите и правилата за работа на европскиот систем ТИПС, што воедно е регионална иницијатива за поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан и нивна интеграција со европскиот инстант платен систем.

„Со помош на инстант системите, плаќањата ќе станат уште побрзи и достапни во секое време, со што ќе се намали употребата на готовина и ќе се намали сивата економија. Ова пак, ќе ги поттикне растот и развојот“, рече гувернерот.

Осврнувајќи се на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, Славески истакна дека иновациите и конкуренцијата во овој сектор активно го преобликуваат платежниот пејзаж, создавајќи поголема достапност на платежните услуги и вклученост на населението.

На крајот од своето излагање, гувернерот нагласи дека успехот во оваа област зависи од довербата во платните системи, заснована на три принципи – интероперабилност, пропорционалност на регулативата со интегритетот и финансиска вклученост.

„Плаќањата се крвотокот на финансискиот систем и се неопходни за непречено функционирање на економијата. Клучот за успехот е нашето заедничко работење, бидејќи тоа се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните и влијае и врз стабилноста на економијата“, порача Славески.

Во продолжение на Конференцијата ќе се одржат панел-дискусии посветени на интеграцијата во СЕПА, инстант плаќањата, финтек-иновациите и улогата на довербата во дигиталната ера, со учество на претставници од Светската банка, Банката за меѓународни порамнувања, Европската комисија, Европскиот совет за плаќања, како и на гувернери на централните банки од регионот.

Банки

Инстант плаќањата во фокусот: дводневна работилница на Народната банка со платежната заедница

Објавено

на

Народната банка во соработка со Светската банка одржаа работилница за банките и другите даватели на платежни услуги и релевантните државни институции во земјава посветена на воведувањето на инстант плаќањата засновани на платформата на клонот на ТИПС. Работилницата е дел од постојаните активности на Народната банка за подготовка на целата платежна заедница во земјава за воспоставување на националниот систем за инстант плаќања и за обезбедување навремена координација на сите учесници во веќе започнатиот процес на приклучување кон регионалната платформа којашто ја развива Банката на Италија за земјите од Западен Балкан.

„Во услови на забрзана дигитализација на финансиските услуги и сѐ поголеми очекувања за брзи, едноставни и лесно достапни плаќања, модернизацијата на платежната инфраструктура во земјава претставува основен предуслов за развивање поефикасен, поконкурентен и поиновативен платежен пазар“, истакна директорката на Дирекцијата за платни системи при Народната банка Биљана Доновска-Гечева.

Воспоставувањето национален систем за инстант плаќања е еден од стратегиските проекти на Народната банка и претставува важен чекор кон понатамошна модернизација на платниот систем во земјава. Проектот е дел од пошироките регионални иницијативи за унапредување на платежната инфраструктура и за нејзино постепено усогласување со европските стандарди и практики. Со неговото остварување ќе се создадат услови за развивање нови дигитални платежни услуги и за понатамошно унапредување на условите за користење за граѓаните, компаниите и за институциите.

Во рамките на работилницата беа претставени концептот и функционалностите на платформата на клонот на ТИПС, правилата за учество и приклучување, искуствата од други земји, како и очекуваните активности на давателите на платежни услуги во процесот на спроведување. Посебно внимание им беше посветено на техничката и на оперативната подготвеност на учесниците, во рамките на процесот за  приклучување кон платформата на клонот на ТИПС.

Со воведувањето на инстант плаќањата ќе се овозможат побрзи, подостапни и поефикасни плаќања за граѓаните и за компаниите, 24 часа дневно, седум дена во неделата, што ќе придонесе за понатамошна дигитализација на финансиските услуги и за зајакнување на конкурентноста на домашниот платежен пазар.

Работилницата претставуваше можност за размена на искуства и мислења, разгледување на предизвиците и можностите што ги носи овој процес, како и за координација на активностите на сите засегнати страни во пресрет на очекуваното пуштање во употреба на системот.

Продолжи со читање

Банки

Еко акција на НЛБ Банка за почиста животна средина „НЛБ Тим за почисто Водно“

Објавено

на

Под мотото „За почисто Водно“, повеќе од 130 вработени – еко волонтери, вклучувајќи ги и сите членови на Управниот одбор на НЛБ Банка, ја поддржаа акцијата на Банката за расчистување на отпадот од зелените површини и рекреативните патеки на Водно, како дел од континуираните општествено одговорни активности што НЛБ Банка ги спроведува во рамки на својата ESG стратегија.

Оваа иницијатива претставува потврда за посветеноста на Банката кон заштита на природата и унапредување на квалитетот на животот во заедницата, испраќајќи силна порака за важноста од одговорен однос кон природата и јавниот простор.

Со заеднички ангажман, вработените реализираа повеќе од 400 волонтерски часови, давајќи конкретен придонес за почиста и поздрава животна средина. Особена вредност на настанот му даде и учеството на дел од вработените заедно со своите деца, што дополнително ја нагласи важноста од градење еколошка свест, зачувување на природните ресурси и негување на одговорен однос кон животната средина кај идните генерации.

„Во НЛБ Банка веруваме дека вистинската одговорност кон заедницата се мери преку конкретни дела. Грижата за животната средина не е само наша стратешка определба, туку и обврска што ја живееме секојдневно, со личен пример, со активна вклученост и со јасна намера да придонесеме за подобар свет за генерациите што следат. Како институција што е длабоко поврзана со заедницата, ќе продолжиме да иницираме и поддржуваме активности што создаваат трајна вредност, ја јакнат еколошката свест и оставаат позитивен белег во просторот во кој живееме и работиме“ – истакнуваат од НЛБ Банка.

Во изминатиот период, Банката реализираше и други еко-иницијативи, меѓу кои акцијата за чистење на отпад во Виница под мотото „За почиста Виница“ во која учествуваа вработените во експозитурите на НЛБ Банка од источниот регион, како и донацијата на садници од лаванда за Холандскиот парк во Охрид, кои ги засадија учесниците на Лидерската конференција на Банката.

Еко-свесните и општествено одговорни активности претставуваат значаен сегмент од стратегијата на НЛБ Групацијата и се спроведуваат во сите земји каде што таа е присутна.

Продолжи со читање

Анализи

УНИ банка станува дел од МБИ10, Берзата го проширува индексот на обврзници

Објавено

на

Македонска берза ги објави резултатите од редовната полугодишна ревизија на своите индекси, при што од 30 јуни ќе има промени во составот на индексот МБИ10 и на индексот на обврзници ОМБ.

Најзначајната новина е вклучувањето на обичната акција на УНИ банка во составот на МБИ10, со што таа ќе ја замени акцијата на Македонијатурист.

Според одлуката на Комисијата за берзански индекс, во составот на МБИ10 ќе останат акциите на Комерцијална банка, Гранит, Алкалоид, Макпетрол, Македонски Телеком, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка и Реплек, а нов член на индексот ќе биде УНИ банка.

Промени има и кај Индексот на обврзници на Македонската берза (ОМБ), кој ќе биде дополнет со уште три емисии на обврзници за денационализација. Покрај постојните емисии од 18-та до 23-та, во индексот ќе бидат вклучени и обврзниците од 16-та, 17-та и 24-та емисија.

Од Македонска берза информираат дека новиот состав на индексите ќе започне да се применува од 30 јуни, додека следната редовна ревизија е предвидена за 15 декември годинава.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange