Connect with us

Банки

Народната банка го објави Конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за 2027 година

Објавено

на

Народната банка го објави Конкурсот за доделување на Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2027 година. Наградата се доделува со цел да се поттикне развојот на научната мисла и изработката на истражувачки трудови од областа на макроекономијата, банките и банкарските системи, како и да се афирмираат млади и стручни кадри.

Право на учество на Конкурсот имаат државјаните на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество.

Трудот со кој се конкурира треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празни места (без фусноти, прилози, графикони, табели, апстракт, библиографија и анекси) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување.

Авторите можат да конкурираат и со труд којшто веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2025 година. При поднесувањето на веќе објавен труд, потребно е да се наведе кога и каде е објавен.

Трудовите се доставуваат по електронски пат, во форматот „Word“, на електронската адреса: [email protected], со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.

Еден автор може да поднесе само еден труд. Трудовите може да бидат напишани на македонски, албански или англиски јазик.

Трудовите ќе се оценуваат според повеќе критериуми, меѓу кои се релевантноста на истражуваното подрачје за македонскиот контекст, квалитетот на освртот на литературата, јасноста на дефинирањето на проблемот и целите на истражувањето, соодветноста на анализата и применетите методи, како и квалитетот на заклучоците и препораките.

Крајниот рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2027 година.

Наградата е во парична форма. За првонаградениот труд се доделува награда во износ од 130.000 денари, а за второнаградениот труд наградата изнесува 65.000 денари.

Конкурсот е објавен на веб-страницата на Народната банка.

Банки

Големо признание за НЛБ: Избрана меѓу 36 институции кои ќе го тестираат дигиталното евро

Објавено

на

Нова Љубљанска банка (НЛБ Групацијата) е избрана меѓу 36 банки и финтек компании кои ќе учествуваат во пилот-проектот на Европската централна банка (ЕЦБ) за тестирање на дигиталното евро.

Пилот-фазата треба да започне во втората половина на 2027 година и ќе трае 12 месеци. Во тој период ќе се тестираат техничките функционалности на дигиталното евро, неговата примена во секојдневните плаќања и корисничкото искуство пред евентуалното официјално воведување на новата европска дигитална валута.

Покрај НЛБ, во проектот учествуваат и големи европски банки, меѓу кои UniCredit, Deutsche Bank, Raiffeisen Bank и Piraeus Bank, како и водечки финтек компании како Revolut, Stripe, Nexi Payments, Satispay и хрватскиот CorvusPay.

Од Европската централна банка соопштија дека за повикот за учество биле доставени повеќе од 50 апликации, што, според институцијата, ја потврдува силната заинтересираност на приватниот сектор за развојот на европскиот систем за дигитални плаќања.

Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ и претседател на работната група за дигиталното евро, Пјеро Чиполоне, изјави дека големиот интерес од пазарот ја потврдува подготвеноста на приватниот сектор активно да придонесе во развојот на проектот и во зајакнувањето на европскиот платен систем.

За време на тестирањето ќе се користи бета-верзија на дигиталното евро, а во проектот ќе бидат вклучени вработени во ЕЦБ, националните централни банки од еврозоната и избрани трговци. Корисниците ќе можат да тестираат различни видови трансакции, вклучувајќи плаќања во продавници, онлајн купувања и трансфери од лице до лице.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка и Прагма продукција ја најавуваат големата летна концертна сезона 2026

Објавено

на

НЛБ Банка и Прагма продукција, на прес-конференција во НЛБ Галерија, ја најавија соработката за претстојната летна концертна сезона, која ќе донесе серија атрактивни музички настани за различни генерации публика. Партнерството опфаќа осум концерти на регионални и домашни музички ѕвезди во текот на летото, меѓу кои настапите на: Дупер, Слаткаристика & Friends, Два Бона, Rita Ora, Senidah, Петар Грашо, Саша Ковачевиќ, Црвена Јабука и Нина Бадриќ. Со ова партнерство, НЛБ Банка ја продолжува својата заложба за поддршка на културата, музиката и настаните што создаваат вредни искуства за заедницата, со посебен фокус на младата популација и на корисниците на NLB Next пакетот за млади. 

На прес-конференцијата како специјални гости присуствуваа Дупер и Слаткаристика, две големи домашни музички имиња, чии концерти се дел од програмата наменета за младата публика. По официјалниот дел беше организирано дружење на артистите со младите посетители, кои си заминаа со бесплатниот NLB Next пакет за млади и влезници за концертите.

Концертна сезона за различни генерации публика

Летната концертна сезона е осмислена како музичка програма што ги поврзува различните генерации публика, од младите кои живеат динамично, дигитално и во чекор со своите интереси, до клиентите кои уживаат во музика блиска до нивниот вкус, навики и очекувања. Дел од концертите се наменети за NLB Next генерацијата, за која музиката, дружењата, патувањата и новите искуства се природен дел од секојдневието, додека другите настани носат содржина за останатите клиенти на Банката и пошироката публика.

На овој начин, партнерството меѓу НЛБ Банка и Прагма продукција создава платформа што ги обединува младешката енергија и музичките вкусови на повеќе генерации. За младите, NLB Next се надоврзува на нивниот животен стил, современ, мобилен и исполнет со избори, додека за останатите генерации е подготвена внимателно избрана музичка содржина, која носи квалитетно концертно искуство и дополнителна вредност.

Со ваквиот пристап, НЛБ Банка го зајакнува присуството во сегментот на младите, но истовремено ја потврдува посветеноста кон сите останати, нудејќи им музички доживувања што се блиски до нивните интереси и начинот на кој сакаат да го поминат летото.

„Со NLB Next сакаме да бидеме онаму каде што се младите, во нивниот ритам, нивните интереси и нивните искуства. Музиката е еден од најсилните начини за поврзување со младата генерација, а ова партнерство ни овозможува да им понудиме повеќе од банкарство, можност за нови доживувања, забава и привилегии што се дел од нивното секојдневие. NLB Next е креиран како современо, дигитално и бесплатно банкарско решение за млади од 18 до 25 години, но и како платформа која ги следи нивните NEXT чекори, од прва сметка и прва плата, до први големи музички искуства“. – изјави Ивона Галиќ Петков, Самостоен советник за односи со јавност во НЛБ Банка.

„Летната концертна сезона 2026 ја подготвуваме како програма што ќе понуди разновидни музички доживувањаод големи регионални до домашни артисти кои имаат силна врска со младата публика. Со НЛБ Банка како партнер, оваа сезона добива дополнителна вредност бидејќи преку музиката се поврзуваме со различни генерации публика и создаваме искуства што се паметат. Веруваме дека заедно ќе реализираме лето исполнето со квалитетна музика, добра енергија и концерти блиски до вкусот на секој посетител“. – изјави Кристијан Стефановски од Прагма продукција.

Како артисти кои имаат силна врска со младата публика и чија музика е дел од нивното секојдневие, Дупер и Слаткаристика ги најавија своите настапи како дел од концертната програма за младите. Дупер е еден од најпрепознатливите современи македонски бендови, познат по свеж звук, позитивна енергија и песни што лесно се поврзуваат со младата генерација. Слаткаристика, пак, е едно од највлијателните имиња на домашната хип-хоп сцена, артист со препознатлив стил, силна концертна енергија и публика која го следи со години.

Многу сме задоволни од соработката и целата организација, ова е една од ретките можности млади музичари од Македонија да соработуваат со идоли од нивната генерацијa. Соработуваме со Слаткар кој што сме го гледале на телевизија, ќе му бидеме гости и на концертот. За добра соработка треба да има и добра дружбаа ние тоа го имаме. Мислам дека ова ќе биде навистина успешна соработка. – изјавија од Дупер.

Ова ми се блиски луѓе, имаме многу убав однос и иста естетика. Мислам дека ова е старт на дружба што ќе трае со години. Нема многу да ви споделувам, ве чекам сите на концертот на 2 август. – порача Марко Маринковиќ – Слаткар.

НЛБ Банка и Прагма продукција најавуваат динамично концертно лето со богата програма, силна музичка енергија и содржини што ги поврзуваат младите, но и сите останати љубители на добрата музика.

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка со активности за поголема финансиска писменост кај младите

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје, преку платформата Zipp.club и иницијативата „Финансиска училница“, го одбележа Светскиот ден на вештините на младите.

Од банката истакнуваат дека финансиските знаења и вештини се важни за носење правилни одлуки, поголема самостојност и сигурно градење на иднината.

Преку едукативните активности, младите добиваат практични знаења што можат веднаш да ги применат, како и насоки за постепено постигнување финансиска независност.

„Добрите финансиски одлуки започнуваат со повеќе знаење“, порачуваат од Комерцијална банка.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange