Анализи
АНАЛИЗА: Кој е кој во финансискиот сектор во Македонија
Финансискиот сектор во Македонија на крајот од 2024 година тежеше 1.083.036 милиони денари – рекордно ниво благодарение на годишниот раст на вкупните средства од 12,7%. Овој раст е побрз од оној во 2023 година (11% или 95.068 милиони денари).
Банките и натаму имаат доминантна позиција, додека другите финансиски институции придонесуваат минимално во финансискиот систем на државата. Иако во 2024 година се забележува рекорден раст на средствата на брокерските куќи и инвестициските фондови, тоа не е доволно за значително да се намали водечката улога на банките.
Според извештајот на Народната банка на Македонија за финансиската стабилност, банките со средства од 824.812 милиони денари учествуваат со 76,2% во вкупните средства на финансискиот сектор и со 86,9% во БДП. Учеството во БДП пораснало за 3,7 п.п. во однос на 2023 година, додека во структурата на секторот е минимално намалено за 1,5 п.п.
На второ место се пензиските фондови со 167.312 милиони денари – 15,4% од вкупните средства на секторот и 17,6% од БДП, со годишен раст од 20,5%.
Брокерските куќи забележуваат највисок раст на средствата од 87,6%, а инвестициските фондови раст од 61,7%. Овој тренд се должи на зголемената активност на граѓаните и компаниите на берзата и растот на цените на акциите. Сепак, нивното учество во секторот е скромно – инвестициските фондови 2%, а брокерските куќи 0,03%.

Во последните десет години, средствата на финансискиот систем се двојно зголемени, најмногу благодарение на банкарскиот систем и пензиските фондови. Во 2024 година, инвестициските фондови придонесоа со 7% во растот на системот, иако нивниот удел е само 2%. Лизинг секторот бележи раст од 29,3%, а друштвата за осигурување раст од 8,1%.
Според НБРМ, околу 80% од банките во земјата се во странска сопственост – 69,5% од странски банки, 7,4% од нефинансиски правни лица и 1,3% од физички лица. Странски капитал доминира и кај друштвата за осигурување (71,4%) и кај друштвата за управување со пензиски фондови (86,6%). Финансиските друштва и друштвата за управување со инвестициски фондови се со поделена сопственост, додека брокерските куќи се претежно домашни.
Учеството на финансискиот сектор во БДП пораснало на 114,1% во 2024 година (раст од 7,1 п.п.), но НБРМ укажува дека нивото на финансиско посредување сè уште е ниско во споредба со земјите од Централна и Југоисточна Европа.
Иако структурата на финансискиот сектор е едноставна и слабо поврзана меѓу сегментите, што го прави поотпорен на надворешни шокови, тоа воедно ја ограничува неговата улога во поддршката на економскиот раст.

Во 2024 година бројот на финансиски институции се намалил од 172 на 166, со осум помалку финансиски друштва, а два нови инвестициски фондови.
НБРМ наведува дека финансискиот систем во земјата има релативно едноставна структура – со малку сложени финансиски инструменти, ниска поврзаност меѓу сегментите и ограничени ризици за прелевање од еден сектор во друг. Банкарскиот систем останува клучен за финансиската стабилност, бидејќи во него се концентрирани заштедите и средствата на повеќето финансиски институции.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.
Анализи
Смртоносни бури во Чиле ја зголемија цената на бакарот
Цената на бакарот продолжува да расте поради нарушувањата во рударското производство во Чиле, предизвикани од обилни снежни врнежи, поплави и силни ветрови.
Екстремното време во изминатата недела однесе 13 животи и го отежна работењето на неколку големи рударски компании, меѓу кои „Англо Американ“, „Антофагаста“, „Лундин мајнинг“ и државната компанија „Коделко“.
„Антофагаста“ привремено ги запре ископувањето и преработката во рудникот Лос Пеламбрес, додека компанијата „Барик“ евакуираше дел од вработените. Во рудникот Касеронес, кој го управува „Лундин мајнинг“, повторното започнување на производството би можело да трае две до три недели поради оштетени далноводи.
Чиле произведува повеќе од една петтина од бакарот во светот, поради што секое подолготрајно нарушување може дополнително да ја намали понудата и да ги зголеми цените.
Бакарот минатиот месец достигна рекордни 6,70 долари за фунта, односно 13.643 долари за метрички тон. Аналитичарите предупредуваат дека глобалниот пазар веќе се соочува со ограничена понуда, неизвесност околу американските царини и намалена достапност на отпаден бакар во Кина.
Побарувачката, пак, расте поради употребата на бакарот во електричните мрежи, паметните телефони, електричните возила, апаратите за домаќинство и центрите за податоци за вештачка интелигенција.
Според експертите, последиците од бурите засега се ограничени и привремени, но нови прекини во производството би можеле да предизвикаат дополнителен раст на цените. Околу 64 отсто од видливите светски залихи на бакар во моментов се наоѓаат во САД.
Анализи
Третина од граѓаните на Хрватска не можат да си дозволат една недела одмор
Речиси една третина од граѓаните на Хрватска не можат финансиски да си дозволат една недела годишен одмор надвор од својот дом, покажуваат најновите податоци на Евростат.
Во 2025 година, 32,6 отсто од населението во Хрватска немало можност да плати седумдневен одмор, што е над просекот на Европската Унија од 27,5 отсто. Во споредба со 2024 година, уделот на граѓаните на ЕУ кои не можат да си дозволат одмор е зголемен за 0,5 процентни поени, но е за 7,7 процентни поени понизок отколку пред десет години.
Најтешка е состојбата во Романија, каде што 61,4 отсто од граѓаните не можат да си дозволат една недела одмор. Следуваат Грција со 46,6 отсто, како и Бугарија и Унгарија со по 39,1 отсто.
На спротивниот крај се Луксембург со 10,6 отсто, Шведска со 12,4 отсто и Холандија со 12,8 отсто. Во Словенија, уделот на граѓани кои не можат да си дозволат одмор изнесува 15,2 отсто.
Податоците покажуваат и дека во 2024 година околу 65 отсто од населението во ЕУ на возраст над 15 години остварило најмалку едно туристичко патување со ноќевање. Во Хрватска тој процент изнесувал речиси 54 отсто.
Околу 71 отсто од сите патувања биле во рамките на матичните држави, додека 29 отсто биле во странство. Вкупниот број патувања во 2024 година се зголемил за четири отсто во однос на претходната година и бил за пет отсто повисок од нивото во 2019 година, пред пандемијата.
Можноста за заминување на одмор сè повеќе се смета за показател на животниот стандард, особено во услови на високи трошоци за домување, храна и услуги, кои ја намалуваат куповната моќ на домаќинствата.
Извор: Bankar.me
Анализи
Златото повторно добива нагорен импулс, клучен отпор на 4.100 долари
Цената на златото повторно бележи позитивно движење, додека инвеститорите го следат обидот за пробивање на силното ниво на отпор од 4.100 долари.
Според техничката анализа на Economies.com, златото во последното дневно тргување се движело променливо, но продолжило да се задржува над 50-дневниот експоненцијален подвижен просек, кој во моментов служи како поддршка за цената.
Ова ја зголемува веројатноста за продолжување на корективниот нагорен тренд, особено доколку цената успее стабилно да го надмине отпорот од 4.100 долари.
Сепак, техничките индикатори покажуваат дека златото се наоѓа во зона на прекумерна купеност, при што се појавуваат сигнали за можно краткорочно намалување, поголема нестабилност или повлекување на дел од инвеститорите поради наплата на добивката.
И покрај тоа, изгледите остануваат позитивни сè додека цената се одржува над подвижниот просек и продолжува да врши притисок врз клучното ниво на отпор.
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Нина Ангеловска Станков: Во политиката аргументот не е крај на разговорот – туку негов почеток
-
Интервјуапред 2 месеци„Ништо случајно“: Нина Ангеловска за бизнисот, животните лекции и патот кој ја обликувал нејзината кариера
-
Интервјуапред 2 месециФиломена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?
-
Банкипред 2 месециНа музиката ѝ е место и меѓу банкарските шалтери – Young Dadi со ексклузивен popup настап за клиентите на Халкбанк
-
Бизниспред 2 месециОд полноќ нови цени на горивата: Бензините поевтинија, дизелот поскапе
-
Интервјуапред 1 месецДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Банка вработува банкарски советник во Штип, рокот за пријавување е 10 јуни
-
Продуктипред 4 неделиИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство

