Connect with us

Бизнис

Преку-граничната е-трговија – неискористен потенцијал за Македонија и Балканот

Објавено

на

Е-трговијата во Северна Македонија и Западен Балкан бележи континуиран раст, поттикнат особено од пандемијата, но нивото на развој останува значително под просекот на ЕУ. Потенцијалот на овие мали и фрагментирани пазари лежи во преку-граничната е-трговија, која засега е недоволно искористена. Со популација од 17,1 милиони жители и вкупен БДП (PPP) од 376,6 милијарди меѓународни долари (Светска банка, 2022), регионот има можност да создаде значителен заеднички пазар.

Според „Statista“, приходите од е-трговијата во Западен Балкан во 2029 година се проценуваат на 3,98 милијарди евра. Србија има највисока проектирана стапка на раст (CAGR) од 10,6%, додека Црна Гора најниска со 6,2%. Приходот по корисник (ARPU) е највисок во Црна Гора (1.421 евра), а најнизок во Србија (465 евра). И покрај растот, регионот не ја намалува разликата со ЕУ, при што само Србија има повисок CAGR од европскиот просек.

Сепак, преку-граничната е-трговија во Западен Балкан значително заостанува зад ЕУ. Само 4,3% од малите и средни претпријатија (МСП) во регионот учествуваат во преку- гранична е-трговија, за разлика од 8,7% во ЕУ. Во Македонија, бројот е особено низок – само 1% од МСП се вклучени во прекугранична е-трговија, додека Црна Гора се издвојува со 16%, надминувајќи го дури и просекот на ЕУ (DESI 2022 Report).

Со подобрување на логистиката и намалување на регулаторните пречки, преку-граничната е-трговија може да стане двигател за економски раст и интеграција на Западен Балкан во глобалната дигитална економија. Според „Глобалниот извештај за поштенската индустрија 2023“ на Меѓународната поштенска корпорација (IPC), е-трговијата продолжува да игра клучна улога во поштенските и логистичките услуги, додека традиционалниот поштенски приход се намалува. Извештајот покажува дека дури и минимални подобрувања во брзината и квалитетот на преку-граничната достава можат значително да го зголемат онлајн купувањето. На пример, подобрување на брзината на достава за 1% може да ја зголеми стапката на онлајн конверзија за 1,6%, додека подобрување на квалитетот за 1% може да ја зголеми за 2,2%.

„Иако има напредок, потенцијалот за раст на прекуграничната е-трговија сè уште не е искористен. Прогресот е бавен, а високите трошоци за испорака, сложените царински процедури и административните бариери се главни предизвици за компаниите да почнат со прекугранична онлајн продажба. Како резултат, 89% од е-продавниците во Западен Балкан применуваат гео-блокирање, односно не се достапни за купување од други земји надвор од домашниот пазар, согласно истражувањето направено од АЕТМ во 2022 година (Market Analysis on Geo-blocking practices in CEFTA region). Сепак позитивно е што голем дел од нив изразуваат интерес да инвестираат во воведување прекугранична онлајн продажба доколку за тоа се креираат услови, односно се адресираат предизвиците. Ние како Асоцијација за е-трговија работиме на ова поле, како и на зајакнување на регионалната соработка. Со таа цел ја формиравме и Балканската Алијанса за Е-трговија заедно со асоцијациите за е-трговија од Србија, Албанија и Босна и Херцеговина, преку која заеднички се залагаме за забрзан прогрес и создавање подобра бизнис-клима за е-трговците во целиот регион“, изјави претседателката на Асоцијацијата за е-трговија д-р Нина Ангеловска.

Гореспоменатите податоци се дел од годишниот извештај за е-трговијата во Западен Балкан, изработен од Асоцијацијата за е-трговија во своето шесто издание – „Преглед на е-трговијата во Западен Балкан, 2024 година“, поддржан од НЛБ групацијата. Ова издание, за првпат објавено на англиски јазик, има проширен фокус што ги опфаќа сите шест земји од регионот: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Извештајот нуди детален преглед на состојбата на е-трговијата,
трендовите и можностите за развој, како и примарно истражување за искуствата на е-
продавачите и предизвиците со е-плаќањата.

Целосниот извештај и повеќе информации се достапни на следниот линк: https://bit.ly/wbanalysis2024

Бизнис

Фортенова група и ALTA Retail постигнаа договор за продажба на компанијата Idea Marketi и поврзаните друштва

Објавено

на

Фортенова група и ALTA Retail потпишаа договор за купопродажба на деловните удели во компанијата Idea Marketi d.o.o. Со трансакцијата се опфатени уште четири компании – Enna Fruit Grocka Beograd, Super Kartica Beograd, M-Profil SPV Beograd и mStart Business Solutions Beograd, кои претставуваат важен дел од оперативната и технолошко логистичката инфраструктура на системот.

Idea Marketi е еден од најголемите малопродажни синџири во Србија и се вбројува меѓу десетте најголеми работодавачи во земјата. На пазарот е препознатлив по брендовите Idea, Mercator и Roda, со развиена малопродажна мрежа која опфаќа повеќе од 80 градови и општини низ Србија.

Enna Fruit има значајно влијание на пазарот како еден од водечките дистрибутери на свежо овошје и зеленчук во Србија, додека Super Kartica, M-Profil и mStart обезбедуваат клучна поддршка за работењето преку програми за лојалност, управување со недвижности и ИТ-услуги. Заедно, овие компании ја сочинуваат целокупната инфраструктура и технолошко-логистичката поддршка на системот.

„Стратегијата на Фортенова група во малопродажбата е да биде водечки трговец на пазарите на кои работи. За да ја оствари таа цел во Србија, Групата би требало да реализира значителни инвестиции во подолг временски период, на пазар кој има свои специфики и динамика. Поради тоа, донесовме одлука за излез од малопродажниот бизнис во Србија.

Овој потег ни овозможува дополнително да ги насочиме нашите капацитети и фокус кон долгорочно зајакнување на позициите на пазарите на кои веќе имаме лидерска позиција и кои во најголема мера се поврзани со еврото како валута.

Сакам да им се заблагодарам на вработените во овие компании за посветената работа, придонесот кон Фортенова група и посветеноста на заедничките вредности. Новиот сопственик сега има можност да го подигне работењето на повисоко ниво, а ние, како партнер, му посакуваме многу успех во тоа“, изјави Фабрис Перушко, член на Управниот одбор и главен извршен директор на Фортенова група.

ALTA Retail е компанија во состав на ALTA Група, еден од најбрзорастечките деловни системи во регионот. Преку долгорочна стратегија за развој и инвестиции, ALTA Група континуирано го проширува своето работење и гради одржливи платформи за раст во различни сектори од економијата, потпирајќи се на долгорочна визија, оперативна извонредност и одговорно управување. Инвестицијата во малопродажниот сектор претставува значаен чекор кон натамошна диверзификација на работењето и потврда на нејзината определба да инвестира во компании со силни пазарни позиции, препознатливи брендови и значителен потенцијал за понатамошен развој.

„Ова е клучен чекор во развојот на ALTA Retail и еден од најголемите деловни успеси на нашата компанија на пазарот во Србија. Преземаме компании кои со децении уживаат голема доверба кај потрошувачите, имаат силни пазарни позиции и тимови чие знаење, посветеност и професионалност придонеле за постигнување респектабилни резултати.

Покрај инвестицијата во деловниот систем, ова пред сè е инвестиција во луѓето, развојот и иднината на домашната трговија. Нашата намера е преку модернизација, унапредување на процесите и иновации да отвориме ново поглавје на раст, со целосно почитување на идентитетот, вредностите и традицијата што брендовите Idea, Mercator и Roda со години ги градат на пазарот.

Цврсто веруваме дека домашниот капитал треба да биде двигател на развојот на најголемите економски системи и на создавањето нова вредност за вработените, партнерите, локалните производители и купувачите. Оваа трансакција ја потврдува нашата долгорочна определба да инвестираме во Србија, да ја зајакнуваме домашната економија и да градиме компании со силата на регионални лидери“, истакна Бранислава Косовац, директорка на ALTA Retail d.o.o.

Трансакцијата ќе биде заклучена по исполнувањето на сите услови дефинирани во купопродажната документација.

Продолжи со читање

Бизнис

Скопје ја отвора регионалната дискусија за иднината на микрофинансирањето

Објавено

на

Останува уште една недела до почетокот на MicroBalkans 2026 – „Lending Reimagined“, регионалната конференција која по Сараево и Дубровник, на 24 и 25 септември ја носи во Скопје дискусијата за иднината на кредитирањето, микрофинансирањето и новите модели на финансирање.

Како ќе изгледа финансирањето на бизнисите во иднина? Кои можности ги отвораат дигитализацијата, финтек иновациите и алтернативните модели на финансирање? Како да се олесни пристапот до капитал за граѓаните, претприемачите и микро, малите и средните претпријатија, во услови кога сè потешко доаѓаат до средства преку традиционалните извори на финансирање?

Ова се дел од прашањата што ќе бидат во фокусот на MicroBalkans 2026, која ќе обедини над 200 учесници од повеќе од 15 земји и на едно место ќе ги поврзе финансиските институции, инвеститорите, регулаторите, претприемачите и експертите од земјата, регионот и Европа.

Со приближувањето на настанот, MicroBalkans 2026 се најавува како значајна регионална средба и за младите претприемачи, основачите на стартапи, сопствениците на микро, мали и средни претпријатија, како и за професионалците од банкарскиот, небанкарскиот, финтек и ИТ секторот кои сакаат да ги следат најновите трендови и да откријат нови можности за раст и соработка.

На конференцијата свое воведно обраќање ќе има проф. д-р Трајко Славески, гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија.

„Финансискиот сектор има значајна улога во економскиот развој преку насочување на капиталот кон продуктивни инвестиции и претприемништво. Во услови на забрзана дигитализација и технолошки развој, финансискиот систем се трансформира, што бара навремено следење на новите трендови и ризици. MicroBalkans 2026 е значајна можност за размена на искуства за новите модели на финансирање, дигитализацијата и примената на новите технологии, како и за продлабочување на регионалната соработка. За Народната банка, развојот на стабилен, сигурен и ефикасен финансиски систем, усогласен со европските и меѓународните стандарди, останува приоритет“, посочува Славески.

Во официјалниот дел и на церемонијата на отворање, свои обраќања ќе имаат и Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, и Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва.

На конференцијата ќе учествуваат домашни, регионални и меѓународни експерти, претставници на финансиски институции, инвестициски и развојни фондови, финтек компании, регулатори и професионални организации од регионот и Европа.

Меѓу најавените говорници и панелисти се Висар Перани од Меѓународната финансиска корпорација (IFC), Рита Колумбија, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија, Габриеле Џуљети од Банка Етика, Јоргос Пападакис од Европската микрофинансиска мрежа, Амра Омерагиќ од Finance in Motion, Алберто Дидони од Development Guarantee Group, Никола Башановиќ од Централната банка на Црна Гора, Елма Жукиќ од Здружението на микрофинансиски институции во Босна и Херцеговина (AMFI), Арлинда Муја од Kredo и Албанското здружение за микрофинансирање, Милена Ханеш од Microfin, Слободан Раковиќ од Iute Group, Ана Кентера од Alter Modus, Георги Роуков од Credissimo, Теодор Тодоровски од P2P.mk, Бјанка Катру од M Cash и, како и други истакнати претставници на финансискиот и микрофинансискиот сектор од регионот и Европа.

Панелите ќе понудат одговори на клучни прашања: зошто небанкарското финансирање е важно за регионот, кои дигитални модели функционираат на локалните пазари, како да се надмине јазот во микрофинансирањето, од каде доаѓа капиталот за раст и кои регулаторни промени се очекуваат од 2027 година. Дел од дискусиите ќе бидат посветени и на современите модели на наплата, управувањето со ризици и градењето одговорен однос со клиентите.

Настанот ќе отвори простор за директно поврзување со финансиски институции, потенцијални инвеститори, партнери и носители на одлуки, создавајќи основа за нови соработки и деловни можности.

MicroBalkans 2026 ќе обедини над 200 учесници од повеќе од 15 земји, потврдувајќи ја улогата на конференцијата како значајна регионална платформа за размена на знаења, градење партнерства и развој на иновативни решенија за иднината на финансискиот сектор. Конференцијата ќе придонесе кон создавање поинклузивен, подигитализиран и поодржлив финансиски екосистем, со силен фокус на поддршка на претприемништвото и економскиот развој.

Конференцијата ќе се одржи на 24 и 25 септември 2026 година во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје. Организирана од Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија, во партнерство со Алијансата на Западен Балкан (Western Balkans Alliance) и Европската микрофинансиска мрежа (European Microfinance Network), MicroBalkans 2026 се позиционира како водечка регионална платформа за микрофинансирање, финансиска инклузија и дигитална трансформација на финансиските услуги.

Пријавите за учество се сѐ уште отворени, а сите заинтересирани претприемачи, финансиски професионалци, институции, компании и партнери имаат можност во следните неколку дена да се приклучат кон регионалната сцена што во Скопје ќе разговара за иднината на финансирањето.

ПР објава

Продолжи со читање

Бизнис

Visa: Влегуваме во нова ера во која купуваат потрошувачите, компаниите и AI-агентите

Објавено

на

Иднината на трговијата ја обликуваат тројца чинители: потрошувачите, бизнисите и, сè повеќе, AI-агентите кои дејствуваат во име на корисниците. Ова беше една од клучните теми на Visa Connect SEE, регионалниот форум на Visa, кој во Белград собра околу 150 лидери од банкарскиот и финансискиот сектор, како и експерти на Visa, за да разговараат за иднината на плаќањата, трговијата и корисничките искуства.

Во Југоисточна Европа, обемот на безготовинските плаќања расте за 21% годишно, додека околу 80% од граѓаните активно користат банкарски услуги. Истовремено, потрошувачите сè побрзо ги прифаќаат дигиталните искуства и очекуваат плаќањата да бидат брзи, едноставни и безбедни, без оглед на тоа каде и како купуваат.

„Потрошувачот суштински се промени. Луѓето повеќе не го делат искуството на купување на различни начини и места. Тие не го одвојуваат онлајн од офлајн, домашното од прекуграничното, ниту плаќањата од трговијата. Едноставно очекуваат секоја интеракција да биде непосредна, интуитивна и безбедна. Во Југоисточна Европа бележиме континуиран раст на користењето дигитални плаќања, додека потрошувачите сè повеќе бараат искуства што се поедноставни, персонализирани и поврзани. Оваа еволуција создава нови можности за банките, трговците и финтек-компаниите да го преосмислат начинот на кој комуницираат со своите клиенти“, истакна Ана Драшковиќ, потпретседателка на Visa и генерален директор за Југоисточна Европа.

Дискусиите во рамки на Visa Connect SEE покажаа како иновациите ја трансформираат секоја фаза од процесот на купување – од начинот на кој потрошувачите ги откриваат производите и услугите, па сè до начинот на кој плаќаат и префрлаат пари.

Еден од најзначајните развои е појавата на AI-агенти кои можат да им помагаат на потрошувачите во текот на целиот процес на купување. Истражувањата покажуваат дека 78% од граѓаните на Србија веќе користат вештачка интелигенција за да им помогне при донесувањето одлуки за купување, додека само 9% во моментов би му довериле на AI да изврши плаќање во нивно име.

Според експертите на Visa, следната фаза на дигиталната трговија ќе значи надминување на улогата на AI како алатка за препораки и негово постепено насочување кон преземање конкретни активности. Тоа ќе им помогне на потрошувачите поефикасно да пребаруваат, споредуваат и купуваат производи, при што контролата останува во рацете на човекот. Во исто време, користењето дигитални плаќања продолжува забрзано да расте, а Visa во изминатите четири години го прошири бројот на локации на кои се прифаќаат нејзините плаќања во поширокиот регион, од 10 милиони на 21 милион.

Зборувајќи за можностите и предизвиците што ги носи оваа трансформација, Сергиј Мартинчук, виш потпретседател на Visa и директор за Источна и Југоисточна Европа, Централна Азија и Кавказот, истакна:

„Потрошувачите и бизнисите сè повеќе бараат побрзи и поедноставни начини за плаќање, префрлање и примање пари. Истовремено, тие очекуваат безбедноста и довербата да бидат составен дел од секоја интеракција. Додека го менуваме начинот на кој парите се движат низ нашиот регион, нашиот фокус е насочен кон тоа да им помогнеме на клиентите да ги исполнат тие очекувања преку поголема прифатеност на дигиталните плаќања, токенизација, можности за прекугранични трансакции како што е Visa Direct,
како и иновации што ја прават дигиталната трговија поедноставна и побезбедна. Вистинската можност не е само во воведувањето нови технологии, туку во претворањето на иновациите во секојдневни искуства во кои луѓето имаат доверба“
, порача Мартинчук.

Клучната порака од Visa Connect SEE е дека иднината на трговијата нема да биде дефинирана од ниту една поединечна технологија. Додека вештачката интелигенција, токенизацијата и трансферот на пари во реално време го менуваат начинот на кој потрошувачите и бизнисите комуницираат со парите, долгорочниот успех ќе зависи од способноста за комбинирање на иновациите, довербата и соработката во рамки на целиот екосистем.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange