Connect with us

Банки

Ангеловска-Бежоска: Девизните резерви растат и се повисоки во споредба со периодот пред пандемијата, како гаранција за стабилноста на девизниот курс

Објавено

на

Нивото на девизните резерви на крајот на минатата година достигна пет милијарди евра и тие се повисоки за околу 50% во однос на претпандемичниот период. Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, посочува дека девизните резерви се најважниот фактор за одржување на стабилноста на домашната валута и дека во изминатиот период, и покрај кризите, тие речиси непрекинато растеа, како гаранција за задржување на стабилноста на девизниот курс.

Ангеловска-Бежоска посочи дека растот на девизните резерви главно се должи на откупот на девизи од страна на централната банка на девизниот пазар, којшто речиси постојано се остварува од средината на 2023 година. „Вкупно за изминатите две години ние како централна банка на девизниот пазар откупивме 750 милиони евра, со што во целост се надомести износот којшто беше искористен за интервенции на девизниот пазар во периодот на пандемијата и во периодот на енергетскиот шок. Сето ова јасно говори за воспоставените силни одбранбени механизми од идни потенцијални ризици и шокови, заради натамошно одржување на стабилноста на девизниот курс на домашната валута“, нагласи Ангеловска-Бежоска. 

Гувернерката посочува и дека несомнено странските директни инвестиции имаат позитивен придонес кон порастот на девизните резерви. „Во претпандемичниот период, странските директни инвестиции изнесуваа околу 3,5% од БДП, во просек, по забавувањето во текот на пандемијата следеше процес на постепено закрепнување, а минатата година во првите три квартали достигнаа 5% од БДП, што е солидно ниво според историските параметри“, истакна Ангеловска-Бежоска. Таа истакна дека странските директни инвестиции не се важни само за порастот на девизниот потенцијал во нашата економија, туку поопшто за инвестицискиот циклус и за побрз раст и зголемување на нивото на доходот, којшто кај нас за жал сѐ уште е низок.

Ангеловска-Бежоска истакна дека за остварување повисок економски раст особено е важна и солидната кредитна поддршка за граѓаните и компаниите од страна на банкарскиот сектор, чијашто стабилност и капацитет за кредитирање се зајакнати и покрај кризниот период, а адекватноста на капиталот е највисока во последниве две декади. Ова се должи меѓу другото и на мерките коишто ги преземаше централната банка. Гувернерката посочи дека важна улога за зголемувањето на инвестициите има и растот на зеленото кредитирање коешто во изминативе години се удвои од 2,2% на 4,4%.

Банки

ЕБОР и ЕУ со 233 милиони евра за зелени инвестиции на компаниите од Западен Балкан

Објавено

на

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со поддршка од Европската Унија, ја проширува програмата „SME Go Green“ на Западен Балкан, со што дополнителни можности за зелено финансирање ќе добијат и малите и средни претпријатија во Северна Македонија.

Програмата, која се спроведува со поддршка на ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), ги опфаќа Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

Во втората фаза се очекува да бидат обезбедени до 233 милиони евра кредитни линии од ЕБОР преку партнерски финансиски институции. Дополнително, предвидени се до 23,3 милиони евра инвестициски стимулации за компаниите што ги исполнуваат условите, како и 5,6 милиони евра за техничка помош.

Средствата треба да им помогнат на малите и средни компании да инвестираат во технологии и решенија со кои ќе го намалат влијанието врз животната средина, ќе ја подобрат енергетската и ресурсната ефикасност и ќе ја зголемат отпорноста на климатските промени и конкурентноста.

Програмата функционира преку локални партнерски финансиски институции, кои средствата од ЕБОР ги пласираат до компаниите. Инвестициските стимулации поддржани од ЕУ треба да ги намалат трошоците за зелените инвестиции, додека техничката помош е наменета за подготовка и проверка на проектите, подигнување на свеста и градење капацитети.

Посебен акцент е ставен на земјоделството и агробизнисот, обновливите извори на енергија и компаниите предводени од жени. Целта е истовремено да им се помогне на компаниите да се усогласат со стандардите на ЕУ и полесно да пристапат до нови пазари.

Програмата „SME Go Green“ беше започната во 2023 година. До средината на 2025 година ЕБОР веќе имаше пласирано 110 милиони евра преку 15 партнерски финансиски институции за поддршка на зелени инвестиции на малите и средните претпријатија низ регионот.

Продолжи со читање

Банки

„BACK TO YOU“ со NLB Next: Есенски попусти и поволности за враќање во форма

Објавено

на

NLB Banka Скопје ја продолжува кампањата „BACK TO YOU“, преку која корисниците на NLB Next можат да искористат есенски попусти и поволности поврзани со фитнес, активен живот и грижа за себе.

Кампањата е насочена кон враќање на здравите навики и мотивацијата за физичка активност, а банката преку своите канали ги претстави поволностите кај повеќе партнери.

Меѓу нив се FitActive, Natura Therapy, Magnus Fitness, Hardcore и FitHub, со понуди поврзани со тренинг, физичка активност, енергија и грижа за себе.

„Уште малку мотивација да продолжиш таму каде што застана. Врати се во форма, наполни се со енергија и направи нешто добро за себе“, порачуваат од NLB Banka.

Новите есенски попусти и поволности се достапни во рамки на NLB Next, како дел од кампањата „BACK TO YOU“.

Продолжи со читање

Банки

Комерцбанк бара договор меѓу УниКредит и германската влада за можната аквизиција

Објавено

на

Извршната директорка на Комерцбанк, Бетина Орлоп, ја нагласи важноста германската влада да биде вклучена во разговорите за евентуалното преземање на банката од страна на италијанската УниКредит.

„Важно е да има разговори меѓу двата големи акционери“, изјави Орлоп на конференција на Barclays, осврнувајќи се на средбата меѓу германскиот министер за финансии и првиот човек на УниКредит.

Според неа, евентуалната трансакција може непречено да се реализира само доколку постои договор и со вториот по големина акционер во Комерцбанк.

Орлоп и извршниот директор на УниКредит, Андреа Орчел, веќе водат формални разговори, додека можноста за преземање на германската банка станува сè поактуелна. Сепак, првите разговори покажале дека договор нема лесно да се постигне, бидејќи двете страни и натаму ги бранат сопствените стратегии.

Германската влада поседува околу 13 проценти од Комерцбанк, удел кој го задржа по спасувањето на банката за време на финансиската криза, и досега ѝ даваше поддршка на Орлоп.

Во понеделникот се одржаа и првите директни разговори меѓу Орчел и германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл за можната трансакција.

„Очекуваме Комерцбанк да остане берзанска компанија со седиште во Франкфурт и да продолжи со своето силно работење со средните компании, и во Германија и на меѓународно ниво“, изјави Клингбајл по средбата.

УниКредит веќе обезбеди удел од речиси 50 проценти во Комерцбанк. Доколку ги добие потребните регулаторни одобренија за целосно преземање на понудените акции, италијанската банка би можела да располага со мнозинство од гласовите на акционерските собранија.

Орчел претходно најави дека по евентуалното преземање би можел да го промени Надзорниот одбор на Комерцбанк, а потоа и највисокото раководство. Тој планира и намалување на меѓународната мрежа на германската банка, предлог на кој Орлоп се спротивставува.

Орлоп, пак, посочи дека Комерцбанк мора јасно да знае во која насока ќе се движи и каква стратегија ќе следи во иднина.

Извор: De.yahoo.com

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange