Connect with us
no baners

Анализи

АЕТСМ: 63,5% од интернет корисниците направиле онлајн нарачки во 2024 година

Објавено

на

no baners

Асоцијацијата за е-трговија ги анализираше најновите податоци објавени од Државниот завод за статистика за користење информатичко-комуникациски технологии во домаќинствата и од поединците во 2024 година, според кои се забележува пораст на направените онлајн купувања/нарачки за 10 процентни поени. 63,5% од македонските интернет корисници нарачале/купиле стоки или услуги преку интернет во последните 12 месеци наспроти 53,5% во истиот период минатата година.

Што се купувало најмногу онлајн?

Македонците како и во минатите години, најмногу купувале облека (вклучително и спортска облека), чевли или додатоци (на пр. чанти, накит). Она што е позитивно и се забележува е порастот на онлајн нарачките кај повеќе категории и тоа:

Колку од Македонците користеле интернет во 2024?

90,2% од домаќинствата имале интернет пристап наспроти 88% во истиот период минатата година, додека 91,2% од Македонците на возраст од 15-74 години користеле интернет наспроти 85,3% во истиот период минатата година (Државен завод за статистика, 2024). При тоа, 92,2% од мажите користеле интернет наспроти 90,2% од жените во истиот период. 76,4% од Македонците користеле интернет неколку пати во текот на денот, и тоа 78,3% од мажите и 74,6% од жените.

За што се користел најмногу интернетот во 2024?

Македонците интернетот најмногу го користат за зборување, социјални мрежи и праќање инстант пораки. Дури 94,6% од нив го користат интернетот за телефонирање преку интернет/видеo повици (преку webcam; употреба на апликации, на пример, Skype, Facetime) наспроти 89,2% минатата година. 87,6% од Македонците користеле инстант-пораки, т.е. размена на пораки, на пример, преку Messenger, WhatsApp, Viber наспроти 75,2% минатата година. Учество во социјални мрежи (креирање кориснички профил, испраќање пораки или друго на Фејсбук, Инстаграм, Твитер/X итн.) имале 84,2% од интернет корисниците спрема 76,9% минатата година. Забележано е и зголемување на користењето на интернетот за скоро сите активности. Намалување на користењето на интернетот има за информации поврзани со здравјето (повреда, болести, исхрана, подобрување на здравјето итн.), кое е намалено на 55,5% од интернет корисниците во 2024 година, споредено со од 67,7% минатата година. Од друга страна пак, 53,2% од интернет корисниците праќале/примале електронска пошта (e-mail) наспроти 44% од интернет корисниците минатата година, 72,5% барале информации за производи/услуги наспроти 54,2% минатата година, а особено значајно е дека 13,7% од интернет корисниците учествувале во продажба на производи или услуги, преку аукции како што е на пр. eBay.com наспроти само 6,8% кои учествувале минатата година. Дополнително, забележано е зголемување користењето на интернет банкарство од 40% од Македонците, наспроти 32,8% минатата година.

Во однос на полот, жените повеќе сакаат да зборуваат и да праќаат инстант пораки, но и да бараат информации за производи и услуги поврзани со здравјето, додека мажите повеќе ги користат социјални мрежи, повеќе продаваат производи или услуги онлајн, на пр., преку аукции: eBay и повеќе практикуваат интернет банкарство.

„Најновите податоци на Државниот завод за статистика ни покажуваат дека Македонците се повеќе го користат интернетот, но она што е важно дека е зголемено користењето на интернетот за праќање на е-пошта, за барање информациии за производи и услуги, и најважно, за онлајн продавање на производи и за интернет банкарство. Она што најмногу нѐ интересира е онлајн купувањето кое забележува пораст од 10 процентни поена, како и зголеменото купување на повеќе категории на производи. Зголемената понуда на атрактивни промоции и појавата на нови играчи на пазарот го раздвижува онлајн пазарот и се повеќе интернет корисници го користат интернетот за онлајн купување.“ – истакна Претседателката на АЕТСМ, д-р Нина Ангеловска Станков.

no baners

Анализи

УЈП: За две години утврдени 5,2 милијарди денари дополнителен данок

Објавено

на

УЈП: За две години утврдени 5,2 милијарди денари дополнителен данок, поднесени 78 кривични пријави

Управата за јавни приходи соопшти дека во периодот од јули 2024 до јуни 2026 година спровела повеќе мерки за зајакнување на даночната дисциплина, подобрување на контролите и создавање поправеден даночен систем.

Од УЈП велат дека целта не е само наплата на приходите, туку воспоставување фер даночен систем во кој правилата важат еднакво за сите даночни обврзници.

Во изминатите две години бил унапреден системот за анализа на ризик, со цел подобро таргетирање, поголема објективност и поефикасни контроли. Во таа насока се изработени регистар на ризици по видови даноци, план за подобрување на усогласеноста во градежниот сектор, план за справување со неформалната економија за периодот 2026–2027, рамка за диференција на ризици, критериуми за селекција за контрола, како и софтвер за процена на ризик при поврат на ДДВ.

Според УЈП, новиот пристап опфаќа превентивни, корективни и репресивни мерки, со цел целосно справување со ризиците во даночниот систем.

Во рамки на советодавните активности, реализирани се посети кај 4.169 даночни обврзници за примена на Законот за регистрирање на готовински плаќања, при што биле констатирани 909 неправилности.

Преку акцијата „Нема каса“, персонализирани пораки биле доставени до 6.451 даночен обврзник, откако било утврдено дека илјадници активни обврзници вршат дејност и остваруваат промет без фискален уред. Во акцијата „Матура“ биле дистрибуирани информативни флаери до 6.285 даночни обврзници, додека во акцијата „Концерти“ персонализирани пораки биле доставени до 14 организатори на настани.

Од УЈП посочуваат дека советодавните активности имаат цел навремено да ги информираат и насочат обврзниците кон отстранување на неправилностите и целосно усогласување со законските обврски.

За даночните обврзници кои не ги исполнуваат обврските доброволно, УЈП применува мерки за принуда и санкционирање. Во наведениот период, со контроли биле утврдени 5,2 милијарди денари дополнителен данок, што претставува раст од 70 проценти во 2025 година во однос на 2024 година.

Дополнително, изречени се 13.500 глоби, поднесени се 78 кривични пријави, што е петкратно зголемување, а 1.100 директори и основачи биле задолжени како даночни гаранти за нивните фирми.

УЈП најавува дека ќе продолжи да го унапредува пристапот базиран на анализа на ризици, со цел правична примена на законите и ефикасна заштита на јавните приходи.

Продолжи со читање

Анализи

Инфлацијата во државата забави на 3,4 проценти во јуни

Објавено

на

Годишната инфлација во Северна Македонија во јуни забави на 3,4 проценти, откако во мај изнесуваше 4,8 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

На месечно ниво, трошоците на живот во јуни се намалиле за 0,5 проценти, по растот од 0,6 проценти регистриран во мај.

Според податоците, најголем годишен раст во јуни е забележан кај алкохолните пијалаци и тутунот, од 9,3 проценти, како и кај транспортот, каде што цените пораснале за 6,2 проценти. Раст е регистриран и кај рекреацијата и културата од 5,1 процент, рестораните и хотелите од 4,9 проценти, образованието од 4,6 проценти и опремата за домаќинствата од 4,2 проценти.

Цените на храната и безалкохолните пијалаци во јуни биле повисоки за 2,5 проценти во споредба со истиот месец лани, но на месечно ниво се намалиле за 1,1 процент.

Во споредба со мај, најголем месечен раст е забележан кај транспортот, од 1,6 проценти, и кај рекреацијата и културата, од 1,4 проценти. Кај повеќе категории, меѓу кои домување, електрична енергија, гас и други горива, образование, осигурување и финансиски услуги, не се регистрирани месечни промени.

Продолжи со читање

Анализи

Нафтата поскапе по новите американски удари врз Иран

Објавено

на

Цените на нафтата пораснаа во средата, откако САД извршија нови напади врз Иран како одговор на нападите врз комерцијални бродови во Ормутскиот Теснец, што повторно ги зголеми тензиите на Блискиот Исток.

Американската лесна сурова нафта WTI за испорака во август поскапе за 3,07 проценти, на 72,61 долари за барел, додека меѓународниот репер Брент за испорака во септември порасна за 3,14 проценти, на 76,49 долари за барел.

Американската војска соопшти дека извршила „серија силни удари“ врз Иран, откако три комерцијални брода што минувале низ Ормутскиот Теснец биле нападнати во вторникот. Од Централната команда на САД наведоа дека нападите се одговор на иранската агресија, која ја оценија како неоправдана, опасна и спротивна на договорениот прекин на огнот.

Новата ескалација го става под сериозен притисок кревкиот прекин на огнот постигнат минатиот месец, кој овозможи повторно отворање на Ормутскиот Теснец за комерцијален поморски сообраќај по повеќемесечни нарушувања.

Дополнително, американското Министерство за финансии во вторникот ја повлече дозволата што му овозможуваше на Иран да продава нафта, што се толкува како уште еден сигнал за заострување на односите меѓу Вашингтон и Техеран.

Според Заедничкиот центар за поморски информации предводен од САД, три брода биле нападнати во или во близина на Ормутскиот Теснец, по што нивото на закана за бродовите што минуваат низ оваа стратешка рута било подигнато на „сериозно“. Центарот предупреди дека се можни нови непријателски дејства.

Ормутскиот Теснец е една од најважните светски рути за транспорт на нафта и гас, па секое нарушување на безбедноста во тој регион веднаш се одразува врз цените на енергенсите. Аналитичарите предупредуваат дека продолжување на конфликтот може да го засили инфлаторниот притисок и да влијае врз очекувањата за монетарната политика во САД.

Извор: CNBC

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange