Connect with us

Останато

88,1% од доверителите се eдногласни: потребна е брза продажба на деловната зграда на Еуростандард Банка

Објавено

на

Зградата на Еуростандард банка треба да се продаде што поскоро сметаат 88,1% од доверителите, истакнувајќи дека секое одолговлекување е на нивна штета. На неодамнешното собрание по повод третата лицтација за продажба на деловната зграда на Еуростандард Банка, доверители остро се спротивставиле на предлогот на Стечајниот управник и стечајниот судија дека е потребно повторно да се прави проценка на вредноста на зградата. Тие јасно го изразиле својот став дека со повторната проценка само се одолговлекува процесот и од тоа никој ништо не добива.

На доверителите им е комплетно јасна моменталната ситуација, дека ако не се комплетира успешно третата аукција, се прави прераспределба на имотот, што значи дека доверителите добиваат само на хартија потврда дека поседуваат процентуален дел од деловната зграда на Еуростандард Банка, која може да ја уновчат само од идна продажба, а која е неизвесна дали воопшто ќе се случи во блиска иднина, и по која цена.  А интересот за купување на оваа зграда е мал само една компанија лицитира.

Објектот не може да се продава парцијално туку само интегрално. Имајќи го во предвид фактот дека станува збор за голем износ на средства кои треба да се издвојат, сосем е логично зошто доверителите се за побрза продажба.

Од непродавањето на деловната зграда на Еуростандард банка губат штедачите, доверителите, граѓаните и државата. Поминува време а објектот ќе губи од својата вредност! Истиот повеќе од две години нема сопственик и не се одржува.

Носителите на овој процес (стечајниот управник и стечајниот судија) треба да дадат одговор на  прашањето дали е добро и понатаму да се одолговлекува продажбата?  Дали со ваквото однесување се поттикнува единствениот понудувач да се откаже, и во некоја блиска иднина да се појави некој нов кој за багателна цена ќе ја купи зградата, а доверителите реално да добијат многу малку. Дали самиот чин на распределба е добар?

Работите се очигледни! Потребна е реакција од надлежните институции, и поголема одговорност. А на лицитации очигледно е дека нема голем интерес.

Останато

Професорите по економија во Македонија основаа национално професионално здружение

Објавено

на

Здружението на професори по економија на Северна Македонија беше официјално основано на Основачкото собрание, одржано во кампусот на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Скопје.

Основачите го потпишаа Основачкиот акт и го усвоија Статутот на Здружението, одбележувајќи го основањето на професионална организација посветена на унапредување на наставата по економија и зајакнување на економската писменост во Северна Македонија.

Формирањето на Здружението претставува резултат на четиригодишната соработка помеѓу професорите по економија од целата држава и Либерал Алтернативниот Институт (ЛАИ). Преку иницијативи како што се Националната олимпијада по економија, Програмите за обука на наставници, EconLit Caravans и други активности, професорите континуирано ја истакнуваа потребата од професионално здружение кое ќе ги обедини, ќе ја зајакне меѓусебната соработка, ќе го промовира професионалниот развој и ќе обезбеди одржлива платформа за понатамошно унапредување на наставата по економија. Одговарајќи на оваа заедничка визија, ЛАИ го поддржа основањето на Здружението како дел од својата долгорочна стратегија за зајакнување на екосистемот за економска писменост во Северна Македонија.

„Во изминатите четири години имавме привилегија тесно да соработуваме со професорите по економија од цела Северна Македонија. Во текот на ова патување, една порака постојано се повторуваше – потребата од професионално здружение кое ќе ги обедини едукаторите и ќе обезбеди платформа за соработка, професионален развој и заедничко дејствување. Денес сме горди што гледаме како таа визија станува реалност. Веруваме дека ова Здружение ќе има клучна улога во зајакнувањето на економската писменост, поддршката на професорите и создавањето нови можности за учениците низ целата држава. ЛАИ останува посветен на поддршката на Здружението како долгорочен партнер во остварувањето на овие заеднички цели“, Орхан Цека Извршен директор, Либерал Алтернативен Институт.

Во иднина, ЛАИ ќе продолжи да го поддржува Здружението и заеднички ќе
реализира активности што се во рамките на неговата мисија. Водечките иницијативи, како што се Националната олимпијада по економија, EconLit Caravans и Програмите за обука на наставници, ќе се организираат во партнерство со Здружението, со што дополнително ќе се зајакне активната улога на професорите и ќе се обезбеди долгорочна одржливост и понатамошен развој на овие програми.

Здружението ќе претставува национална платформа за соработка меѓу професорите по економија, ќе ги застапува нивните стручни интереси и ќе придонесува за промовирање на извонредноста, иновациите и континуираниот професионален развој во наставата по економија.

За време на Основачкото собрание, членовите ги избраа органите на управување на Здружението. Абил Идризи (СМЕК „Гостивар“, Гостивар) беше избран за прв претседател на Здружението, додека Весна Ефремова (СОУ „Љупчо Сантов“, Кочани) и Авни Арифи (Универзитет на Југоисточна Европа) беа избрани за потпретседатели.

Извршниот одбор го сочинуваат и Биљана Стаматовска (ОСУ „Мирко Милески“, Кичево), Арта Љеши (СХМК „28 Ноември“, Дебар), Џемал Ибраими (СХМК Гимназија „Сами Фрашери“, Куманово), Дашурије Мехмеди (СМЕК „Гостивар“, Гостивар), Марина Перуновска (NOVA International School, Скопје) и Снежана Кичукова (СОУ „Јосиф Јосифовски“, Гевгелија).

„Како прв претседател на Здружението, ми претставува чест укажаната доверба. Ова Здружение им припаѓа на професорите по економија од цела Северна Македонија. Заедно ќе изградиме активна професионална заедница која ќе промовира извонредност во наставата, ќе поттикнува соработка и ќе придонесува кон подготовка на младите луѓе со знаењата и вештините потребни за разбирање и обликување на економијата на иднината“, Абил Идризи Претседател, Здружение на професори по економија на Северна Македонија.

Надзорниот одбор на Здружението го сочинуваат Викторија Атанасовска Новевски (University American College Skopje), Али Максути (Универзитет во Тетово), Лиза Алил Сулејмани (Меѓународен балкански универзитет, Скопје), Емилија Митева (Универзитет „Гоце Делчев“, Штип) и Шенај Хаџимустафа (Универзитет на Југоисточна Европа, Тетово).

Иако членството на Здружението првенствено ги обединува професорите по економија од средните училишта низ целата држава, вклучувањето на универзитетски професори во Надзорниот одбор создава силен институционален мост помеѓу средното и високото образование. Оваа структура на управување се очекува да поттикне поблиска соработка, размена на експертиза и поддршка на заеднички иницијативи кои ќе придонесат за унапредување на економското образование и економската писменост на национално ниво.

Економската писменост не е само уште еден училишен предмет – таа е животна вештина која им овозможува на младите да носат информирани одлуки, да размислуваат критички и активно да учествуваат во општеството. Со основањето на ова Здружение, ние инвестираме не само во нашата професија како едукатори, туку и во иднината на нашите ученици, граѓани и нашата држава. Вистинските промени започнуваат кога наставниците ќе се обединат околу заедничка цел“, Весна Ефремова Потпретседател, Здружение на професори по економија на Северна Македонија.

Основaњето на Здружението претставува значаен чекор за економското образование во Северна Македонија. Со обединување на едукаторите од училиштата и универзитетите во рамките на една професионална платформа, Здружението има за цел да придонесе кон повисоки стандарди во наставата, посилни професионални мрежи и поголеми можности за учениците да ги развијат знаењата и вештините потребни за разбирање и успешно снаоѓање во денешната економија.

Во следните месеци, Здружението ќе започне со проширување на своето членство, со што ќе ги опфати професорите по економија од цела Северна Македонија и ќе изгради национална професионална мрежа посветена на унапредување на економското образование, промовирање на економската писменост и поддршка на континуираниот професионален развој.

Основањето на Здружението е дел од пошироките напори на ЛАИ за зајакнување на екосистемот за економска писменост во Северна Македонија и е овозможено со поддршка од Economic Fundamentals Initiative (EFI) и Atlas Network.

Продолжи со читање

Останато

Димитриеска-Кочоска го образложи ребалансот: Повеќе пари за инвестиции, земјоделство, социјалната заштита и општините

Објавено

на

Со дополнетиот Предлог-ребаланс на Буџетот за 2026 година се предвидуваат дополнителни средства за капитални инвестиции, земјоделството, социјалната заштита и општините, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска пред пратениците во Собранието.

Според неа, измените се направени за усогласување на буџетските проекции со актуелните економски услови, но и за обезбедување средства за законските обврски и владините развојни приоритети.

Со ребалансот вкупните приходи се ревидираат на 379,5 милијарди денари, што е за 1,2 проценти повеќе во споредба со првично планираниот Буџет. Даночните приходи се проектирани на 213,2 милијарди денари и остануваат речиси на претходно планираното ниво.

Вкупните расходи, пак, се зголемуваат на 425,8 милијарди денари. Дополнителните средства се насочуваат кон исплата на зголемените плати во секторите каде што е предвиден раст, земјоделството, социјалната заштита, општините и капиталните инвестиции.

Во исто време, расходите за стоки и услуги се намалуваат за околу 800 милиони денари преку прераспределба на средствата.

Најголемо зголемување има кај капиталните расходи, кои со ребалансот се предвидени на околу 46 милијарди денари, односно за 5,8 милијарди денари повеќе од првичниот Буџет.

Средствата ќе се користат за инфраструктурни проекти, меѓу кои Коридорите 8 и 10-д, железничката инфраструктура, комунални и енергетски проекти, водоснабдување, управување со отпад, како и инвестиции во образованието, здравството, земјоделството и општините.

Димитриеска-Кочоска информираше дека капиталните расходи во периодот од јануари до јуни годинава достигнале 19,4 милијарди денари, што е раст од 53,5 проценти во однос на истиот период минатата година.

Во рамки на измените, за Министерството за земјоделство се предвидени дополнителни 170 милиони денари за изградба на дистрибутивни центри во Скопје и Струмица, како и за реновирање и адаптација на зградата на ИПАРД.

Дополнително, предвидени се 10 милиони денари за реконструкција на факултети, 12 милиони денари за Јавното обвинителство за продолжување на лиценца за софтвер, шест милиони денари за транспорт на вода за населението во Општина Гостивар поради прогласената епидемија и еден милион денари за Управата за извршување на санкции.

Со прифатените амандмани се обезбедуваат и средства за поддршка на жените кои се занимаваат со земјоделство, воспоставување национална СОС линија за жртви на семејно и родово базирано насилство и отворање два згрижувачки центри за жртви на насилство.

Владините проекции за 2026 година предвидуваат реален раст на БДП од 3,5 проценти, раст на инвестициите од 7,2 проценти и на просечната нето-плата од 8,3 проценти. Стапката на невработеност се очекува да се намали на 11 проценти, додека проектираната просечна инфлација изнесува 4,5 проценти.

Министерката порача дека ребалансот не значи промена на економската политика, туку приспособување на буџетот на новите околности, и ги повика пратениците да го поддржат предложениот документ.

Собраниската расправа за ребалансот, согласно Деловникот, може да трае до пет дена.

Продолжи со читање

Останато

УЈП со засилени контроли во туристичката сезона: Приходите од издавање апартмани и соби мора да се пријават

Објавено

на

Управата за јавни приходи (УЈП) започна со засилени активности во текот на летната туристичка сезона, со посебен фокус на приходите што физичките лица ги остваруваат од краткотрајно издавање сместувачки капацитети.

Од УЈП информираат дека активностите се насочени кон поттикнување на доброволната даночна усогласеност и обезбедување еднакви услови за сите што вршат дејност во туристичкиот сектор.

Во фокусот се приходите од издавање апартмани, станови, куќи, викендички, соби и други сместувачки капацитети, како и приходите од други сезонски дејности поврзани со туризмот.

УЈП најавува практични насоки за пријавување на доходот, директна комуникација со даночните обврзници, размена на информации со други институции на државно и локално ниво, анализи на ризик и насочени контроли. Предвидена е и информативна кампања преку медиумите и социјалните мрежи.

Од институцијата потсетуваат дека секој приход остварен од издавање сместувачки капацитети подлежи на оданочување согласно законските прописи и ги повикуваат граѓаните навремено да ги исполнат своите даночни обврски.

„Целта не е само да укажеме на законските обврски, туку да им помогнеме на граѓаните навремено и правилно да ги исполнат“, посочуваат од УЈП.

Управата најавува дека ќе продолжи со анализи и контроли базирани на ризик, со цел еднаква примена на законите и спречување нелојална конкуренција кон оние што редовно ги исполнуваат своите обврски.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange