Connect with us

Бизнис

Заврши 33. Копаоник бизнис форум со учество на повеќе од 1.500 учесници

Објавено

на

Со бројни панели, пленарни дискусии и деловни средби, изминатата недела на Копаоник заврши 33. издание на Копаоник бизнис форумот, еден од најзначајните економски настани во регионот. Во текот на четиридневната програма беа одржани 35 панели, три пленарни сесии и шест специјални настани, на кои учествуваа повеќе од 200 панелисти и над 1.500 претставници од бизнис-заедницата, академскиот сектор, државните институции и меѓународните организации.

Претседателот на Сојузот на економисти на Србија, Александар Влаховиќ, оцени дека форумот повторно ја потврдил својата улога како важна платформа за отворање на клучни економски и општествени прашања кои подоцна стануваат дел од поширокиот јавен дискурс.

Тој посочи дека форумот претставува значаен мрежен центар каде се среќаваат носителите на економскиот и општествениот живот, при што во текот на настанот биле одржани и бројни деловнисостаноци. Според него, претставниците на Владата на Србија, вклучително и премиерот, вицепремиерот и министерот за финансии, како и гувернерот на Народната банка, имале можност да ги презентираат резултатите од фискалната и монетарната политика и плановите за наредниот период, што овозможило и отворен дијалог со бизнис-заедницата и академскиот сектор.

На форумот беа отворени повеќе теми од значење за економскиот развој, меѓу кои декарбонизацијата и идната примена на CBAM таксата, која ќе стане реалност од 1 јануари. Се разговараше и за концептот на „економија на дестинацијата“, како и за потенцијалот за развој на конгресниот туризам во Србија, особено во контекст на новите инфраструктурни проекти поврзани со Сава центарот и подготовките за EXPO 2027. Традиционално, дел од дискусиите беа посветени и на образованието и младите.

Централната тема на годинашниот форум беше „Индустриската политика во функција на долгорочниот и одржлив развој на Србија“. Во рамки на оваа тема, учесниците дискутираа за потребата од нов модел на економски раст, кој ќе се темели на повисока продуктивност, технолошки развој и иновации.

Според Влаховиќ, досегашниот модел на раст, кој во голема мера се базираше на евтина работна сила, странски директни инвестиции и државни капитални вложувања, придонел за значително намалување на невработеноста, од околу 25 проценти во 2012 година на помалку од 9 проценти денес. Сепак, тој нагласи дека глобалните економски услови се променети, особено по геополитичките и економските кризи во последните години, што бара нов пристап во економската политика.

Во таа насока, според него, државата треба преку индустриската политика да ги насочува идните инвестиции кон сектори со повисока технолошка вредност, со фокус на продуктивноста, конкурентноста и извозот. Дополнително, беше истакната и потребата од поголеми домашни приватни инвестиции, кои моментално изнесуваат околу 2 проценти од бруто-домашниот производ, а би требало да достигнат најмалку 9 проценти за да се обезбеди поодржлив економски модел.

Меѓу темите што се провлекуваа низ повеќе панели беше и примената на вештачката интелигенција во деловната трансформација, како и значењето на дигиталната инфраструктура и образованието како клучни двигатели на идниот економски развој.

Банки

BEAM 2026: Публицис Груп доби награда за Најдобар корпоративен настан за прославата на 40 години НЛБ Банка

Објавено

на

Секогаш е задоволство да се прославуваат успесите, особено кога тоа се прави на искрен начин, кој јавноста го препознава. Но, за секој успех е потребен труд, многу работа и квалитетен и посветен тим кој е подготвен да ги реализира дури и најамбициозните замисли. Токму таков е тимот на Публицис Груп, кој ја освои наградата за Најдобар корпоративен настан на овогодинешниот BEAM Festival, за организирање на прославата за 40-от роденден на НЛБ Банка Скопје.

Одделот за организација на настани на Публицис Груп, заедно со креативниот тим на Saatchi & Saatchi и во соработка со тимот на НЛБ Банка Скопје организираа спектакуларен гала концерт со нашиот најголем виртуоз на пијано, маестро Симон Трпчевски, кој настапи во придружба на квинтетот Македонисимо и Камерниот ансамбл – солисти од Факултетот за музичка уметност во Скопје, како и поп-дивата Каролина Гочева.

„Со огромна чест и задоволство ја примаме оваа награда и притоа сакаме да се заблагодариме на НЛБ Банка Скопје за укажаната доверба да организираме еден вака важен настан, кој одбележува јубилеј со кој малку компании во земјава можат да се пофалат. Честитки до целата екипа која беше вклучена во процесот и која помогна да го направиме невозможното – возможно“, изјавија од Публицис Груп.

Настанот кој се одржа на 26 ноември 2025 година во Националната опера и балет на едно место ги собра претставниците на институциите, партнерите и соработниците, клиентите, важните и истакнати поединци на Банката, како и вработените, кои ја имаа можност да уживаат во спектакуларна прослава која уште долго ќе се памети.

Претходно истиот ден беше организирана и конференцијата „NLBNext“ на тема „Иднината на банкарството“ која понуди интересни панел дискусии и го задржа вниманието на присутните. Беше креирана и интензивна ПР комуникација која неколку дена ги исполни економските рубрики на најрелевантните медиуми во земјава.

„Нашата прослава инспирирана од јубилејниот слоган Што ако можеш сѐ? и четирите децении посветеност, иновации и раст е доказ дека кога ќе се спојат луѓето, визијата и храброста, само небото е граница. Море од идеи, неколку креативни концепти и стотици часови тимска работа за да се создаде искуство што се памети.

Јубилејот на Банката беше повеќе од само настан. Тој беше живописно патување низ историјата, сегашноста и иднината, прослава посветена на извонредност и партнерства“, изјавија од НЛБ Банка.

Наградата од BEAM Festival уште еднаш ги потврдува високите стандарди кон кои се придржува Публицис Груп, особено кога е во прашање реализацијата на идеите на своите клиенти. Но, исто така претставува мотивација за енергичниот и креативен тим на Агенцијата да продолжи да ги тестира своите можности и да ја поместува границата на она што го дефинираме како успех.

ПР објава

Продолжи со читање

Бизнис

Г7 ќе разговара за ослободување на итните нафтени резерви по растот на цената над 100 долари

Објавено

на

Министрите за финансии на земјите од групата Г7 се подготвуваат да разговараат за можноста за ослободување на итните нафтени резерви, откако војната меѓу САД и Израел со Иран ја турна цената на суровата нафта над 100 долари за барел, највисоко ниво од 2022 година.

Според извештај на „Фајненшл тајмс“, разговорите ќе се одржат на итен телефонски состанок координиран од Меѓународната агенција за енергија (IEA). Состанокот е закажан за 8:30 часот по њујоршко време и ќе се фокусира на последиците од конфликтот во Иран врз глобалниот енергетски пазар.

Досега три земји од Г7, меѓу кои и САД, наводно изразиле поддршка за ослободување на дел од резервите. Стратешките резерви ги чуваат 32 земји членки на Меѓународната агенција за енергија како дел од систем за итни интервенции при енергетски кризи.

Американските власти сметаат дека соодветно би било на пазарот да се пуштат меѓу 300 и 400 милиони барели нафта, што претставува околу 25 до 35 проценти од вкупните резерви од 1,2 милијарди барели.

Во меѓувреме, Европската унија најави дека координациските групи за снабдување со нафта и гас ќе одржат состанок за да го следат влијанието на конфликтот врз европските енергетски резерви. Земјите членки на ЕУ се обврзани да одржуваат резерви што покриваат најмалку 90 дена потрошувачка.

Пазарите веќе реагираа на ескалацијата на Блискиот Исток. Цената на нафтата Брент во раното тргување во понеделникот скокна за дури 29 проценти и достигна 119,50 долари за барел, што е највисоко ниво во последните четири години. Подоцна, по веста за можниот состанок на Г7, цената се стабилизираше на околу 106,73 долари за барел, што претставува раст од околу 15 проценти.

Растот на цените на енергенсите предизвика пад на берзите во Азија и Европа. Британскиот индекс FTSE 100 се намали за 1,9 проценти, германскиот DAX падна за речиси 1 процент, додека францускиот CAC 40 загуби околу 0,7 проценти. Индексот Stoxx Europe 600, кој ги следи најголемите компании во Европа, се намали за 1,5 проценти.

Дополнителна загриженост на пазарите предизвика и ситуацијата во Ормутскиот теснец, преку кој обично минува околу една петтина од светската трговија со нафта и гас по море, а кој практично е затворен веќе една недела.

Во меѓувреме, најмалку пет енергетски објекти во и околу Техеран биле погодени во напади, додека националната нафтена компанија на Кувајт соопшти дека привремено го намалува производството како превентивна мерка поради зголемените безбедносни ризици.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека растот на цената на нафтата е „многу мала цена“ што треба да се плати за безбедноста и мирот во светот, оценувајќи дека станува збор за краткорочна последица од војната со Иран.

Од иранската Револуционерна гарда, пак, предупредија дека нападите врз енергетската инфраструктура можат дополнително да ги зголемат цените на нафтата, порачувајќи дека доколку светот може да издржи цена од над 200 долари за барел, тогаш конфликтот може да продолжи.

Системот за итни нафтени резерви беше воспоставен во 1974 година со создавањето на Меѓународната агенција за енергија, по арапското нафтено ембарго кое тогаш предизвика глобална енергетска криза. Од тогаш до денес, IEA координирала пет заеднички ослободувања на резервите, од кои последните две беа како одговор на руската инвазија врз Украина.

Продолжи со читање

Бизнис

Србија го забрани извозот на нафта и нафтени деривати за погон на мотори

Објавено

на

Владата на Србија на утринската вонредна седница донесе одлука за забрана на извоз на нафта и сите нафтени деривати за погон на мотори, со цел да се заштити домашниот пазар од можни недостиг и раст на цените.

Одлуката се однесува на извозот на дизел, бензин и сурова нафта преку сите видови транспорт, а мерката ќе важи до 19 март, по што ќе бидат донесени дополнителни одлуки.

„Суштината на оваа забрана е заштита на домашниот пазар од недостиг и раст на цените, како последица на глобалните нарушувања на светскиот пазар“, изјави министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, пренесува РТС.

Министерката потсети дека Србија е меѓу земјите во кои граѓаните плаќаат нафтени деривати по пониски цени во споредба со нивната реална берзанска вредност, додавајќи дека државата презема мерки за заштита на граѓаните и економијата.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange