Connect with us
no baners

Банки

Зошто е сменет директорот на Развојната банка и кој е неговиот наследник!?

Објавено

на

Директорот на македонската Развојна банка, Кире Наумов, е разрешен од функцијата со одлука на Надзорниот одбор, објави Македонска берза. На негово место за вршител на должноста е назначена Ефимија Димовска, која во јануари годинава беше именувана за член на Надзорниот одбор.

„Согласно член 166-б став 1 алинеја 4 од Законот за хартии од вредност, Ве известуваме дека Надзорниот одбор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје на седницата одржана на ден 23.02.2026 година од функцијата член на Управен одбор – Главен извршен директор го разреши Кире Наумов, а за вршител на должност член на Управен одбор – Главен извршен директор ја именуваше Ефимија Димовска член на Надзорниот одбор“, се вели во соопштението објавено на Македонска берза.

Разрешувањето на Наумов е донесено на 23 февруари, една година пред истекот на неговиот мандат. Во својата професионална кариера, тој има извршувано повеќе значајни функции, меѓу кои советник во Владата и кај претседателот на државата, директор на Агенцијата за разузнавање, заменик-министер за финансии и заменик-министер за економија.

Новата в.д. директорка Ефимија Димовска има повеќе од 18 години искуство во областа на развојното банкарство. Таа е доктор на економски науки со специјализација во финансиите и пристапот до финансирање на мали и средни претпријатија, а својата кариера ја градела на раководни позиции во Министерството за финансии, Развојната банка, енергетскиот сектор и високото образование.

Развојната банка игра клучна улога во финансирањето на македонските компании преку поволни кредитни линии од меѓународни финансиски институции, а неодамна управуваше и со унгарската кредитна линија од 250 милиони евра наменета за поддршка на бизнисите.

no baners

Банки

ЕБОР: Северна Македонија ја зајакнува работната сила за праведна транзиција

Објавено

на

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) обележа успешно завршување на два проекта за развој на работната сила поддржувајќи ја Северна Македонија во праведната транзиција на енергијата, со завршен настан и церемонија на доделување сертификати, која се одржа во Битола, се вели во соопштението од ЕБОР.

Проектите беа имплементирани во соработка со Владата на Северна Македонија, државната компанија АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) и Инвестициската платформа за праведна транзиција на Северна Македонија. Нивната цел е да ги поддржат работниците и заедниците кои се погодени од транзицијата на искористување на јагленот кон зелена енергија преку зајакнување на нивните вештини, подобрување на способностите за квалификување за работа и градење на отпорност во енергетскиот сектор.

Во двата проекта повеќе од 600 вработени на ЕСМ имаа бенефит од структурираните програми за обука, кои опфатија технички, менаџерски и меки вештини, вклучувајќи продуктивност, менаџирање на енергијата, лидерство, комуникации и инсталација на соларни панели. Иницијативите беа поддржани од Јапонскиот фонд за соработка и Блумберг-филантропите преку ЕБОР.

Претставникот на ЕБОР за Северна Македонија, Фатих Туркменоглу, се обрати на настанот и го истакна значењето на инвестирање во луѓето како основа за успешна енергетска транзиција и поддршка на земјата во справување со проблемот на иселување на населението преку креирање работни места. Тој истакна дека регионите како Битола и Осломеј играа централна улога во обезбедување национална енергетска сигурност со децении и дека работниците и заедниците мора да бидат поддржани во согласност со еволуирање на енергетскиот систем.

„Технологиите може да се сменат, но успехот на која било транзиција зависи од луѓето“, додаде Туркменоглу честитајќи им на учесниците што добија сертификати за завршување на програмите за обука.

Паралелно со развојот на вештините, ЕБОР инвестира во иднина на обновлива енергија на Северна Македонија вклучувајќи развој на големи фотоволтаични постројки на поранешните окна на рудниците во Осломеј и Битола.

ЕБОР го најави промовирањето на транзициската платформа за жени во транзиција од јаглен за Северна Македонија во вредност од 150.000 американски долари, која ќе ги поддржува жените што работат во енергетскиот сектор, а се погодени од транзицијата.

Северна Македонија е земја акционер во ЕБОР и комплетно се има посветено на целосната транзиција од јаглен до 2030 година под програмата „Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција“ (JETIP – Just Energy Transition Investment Platform) усогласувајќи ги националната енергија и планирањето на климата со долгорочни климатски цели. ЕБОР останува посветена на поддршката на земјата во градење конкурентен, одржлив и инклузивен енергетски систем, кој не ги изоставува работниците и заедниците.

Продолжи со читање

Банки

Халк Моби ПОС, ново дигитално решение за компаниите од Халкбанк

Објавено

на

Во денешното динамично и дигитално време, кога брзината, флексибилноста и едноставноста се клучни за успехот на секој бизнис, Халкбанк АД Скопје континуирано инвестира во иновативни решенија што ги следат потребите на современите трговци.

Во таа насока, Банката ја воведува новата услуга Халк Моби ПОС (Halk Mobi POS), која што претставува напредно решение што овозможува прифаќање плаќања со картички директно преку мобилен телефон или таблет.

Практично решение и секогаш со вас

Халк Моби ПОС го претвора вашиот паметен уред, телефон или таблет, во сигурна алатка за наплата во продавница, на терен, на настани или при испорака кај клиент.

Процесот на користење е брз и едноставен. Потребно е да ја инсталирате апликацијата Халк Моби ПОС на својот уред и по активирањето, тој станува терминал за бесконтактни плаќања.

Купувачот само ја доближува својата картичка нана телефонот/таблетот, а трансакцијата се обработува во реално време и се потврдува за неколку секунди.

Клучни предности за вашиот бизнис

Со користење на Халк Моби ПОС, добивате низа значајни придобивки. Се овозможува прифаќање плаќања каде и да сте, без ограничување на локација, при што не е потребна дополнителна опрема, односно нема потреба од посебен ПОС уред.

Трансакцијата е безбедна и брза, со високо ниво на заштита и моментална обработка. Се добива и преглед на сите трансакции во реално време, а со тоа и подобра контрола и транспарентност во работењето.

Ова иновативно решение е идеално за мали и средни бизниси, самостојни трговци и теренски продавачи кои сакаат брзо, безбедно и едноставно плаќање, каде и да се наоѓаат.

Едноставна постапка за аплицирање

За користење на Халк Моби ПОС, потребно е да се поднесе апликација во една од филијалите на Банката, по што барањето се процесира и услугата се активира во најкраток рок.

Со Халк Моби ПОС, Халкбанк АД Скопје продолжува да инвестира во дигитални решенија што им помагаат на бизнисите да растат, да бидат поконкурентни и поблиску до своите клиенти. Оваа услуга претставува сигурен партнер за секој трговец кој сака да понуди современо искуство за плаќање и да го унапреди своето работење.

За повеќе информации и активирање на услугата, посетете ја најблиската експозитура на Халкбанк или официјалната веб-страница на Банката.

Продолжи со читање

Банки

Игор Величковски од Народната банка: Значително зголемен интерес за СЕПА – плаќањата од страна на компаниите и граѓаните

Објавено

на

„По приклучувањето на земјата кон СЕПА (Единствената област за плаќања во евра) во октомври 2025 година, се забележува значително зголемен интерес и користење на услугите од страна на компаниите и граѓаните. Според податоците на Народната банка од банките, повеќе од половината од бројот на плаќања во евра кон земјите членки на СЕПА веќе се вршат преку платежната шема за кредитни трансфери во СЕПА“, истакна Игор Величковски, директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи во интервјуто за „Блумберг Адрија“.

Тој посочи дека граѓаните умерено предничат во однос на компаниите во користењето на услугите преку СЕПА, при што над 60% од нивните плаќања во евра се извршуваат преку СЕПА. Кај бизнис-секторот, најмногу ги користат извозно-увозните компании коишто имаат редовни трансакции со партнери во Европската Унија. Речиси половината од плаќањата во евра на домашните компании кон земјите членки на СЕПА веќе се вршат преку СЕПА.

Иако станува збор за релативно нова услуга, очекувањата се дека таа сѐ повеќе ќе се користи, напоредно со зголемувањето на информираноста и довербата, промената на навиките и унапредувањето на дигиталните канали од страна на банките. Со приклучувањето кон СЕПА се овозможија значително поевтини, побрзи и поедноставени плаќања во евра. Конкретните ефекти врз надоместоците зависат од банката и каналот на плаќање, но тарифите на деветте банки коишто во октомври се интегрираа во СЕПА укажуваат на значително намалување на трошоците.

„Кај граѓаните, за електронско плаќање од 500 евра кон земјите од СЕПА, просечниот банкарски надоместок се намали шесткратно — од околу 26 евра преку кореспондентски банки на околу 4 евра преку СЕПА. Во зависност од банката и каналот на плаќање, одредени банки овозможуваат и електронски одливни плаќања со провизија од само 1 евро. Кај компаниите намалувањето на трошоците е уште поизразено. За плаќање од 20.000 евра кон земјите од СЕПА, просечниот банкарски трошок се намали за осумпати — од околу 77 евра на приближно 9 евра. Ова директно придонесува за зголемување на конкурентноста на компаниите, преку намалување на трансакциските трошоци и подобрување на ликвидноста“, нагласи Величковски.

Интеграцијата во СЕПА значи дека прекуграничните плаќања во евра постепено се изедначуваат со условите што важат во Европската Унија, што претставува значаен чекор кон понатамошна финансиска интеграција и унапредување на платниот систем.

Целото интервју е на следната врска: https://www.youtube.com/watch?v=atRahUwc4bM

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange