Connect with us

Продукти

Заврши растот на каматите на депозитите – некои каматни стапки почнаа и да паѓаат?

Објавено

на

Кратко траеше радоста на штедачите од зголемените каматни стапки на депозитите во домашните банки. Од 1 јануари веќе започна надолен тренд кај некои банки, кој се очекува да продолжи и во текот на новата година. Стабилизирањето на референтните каматни стапки на централните банки кон крајот на минатата година беше сигнал за македонските банки прво да го запрат растот на каматите на депозитите. Како и колку тоа ќе се рефлектира и на каматите на кредитите допрва ќе видиме.

Каматните стапки на депозитите после долго време забележаа рекорден раст во текот на минатата година. Но, веќе на 1 јануари 2024 година банките на своите веб страници објавија нови каматни стапки за орочено штедење, кои се пониски од претходните или се задржуваат на исто ниво, а во исто време завршија и промотивните депозитни продукти со атрактивни каматни стапки.

Комерцијална банка од 1 јануари ги намали каматните стапки и на денарските и на орочените депозити во евра. За орочено штедење во денари со фиксна каматна стапка банката сега пресметува годишна камата од 0,10% за орочување на 6 месеци, 0,60% за депозит орочен на една година, 1,65% за две години и 2,30% за депозит орочен на три години. Предходните каматни стапки на денарските депозити беа повисоки и тоа: 0,20% за 6 месеци, 0,60% за една година, 2,30% за две години и 3,10% за три години. Пониски се и каматните стапки за штедење во евра, кои за период на орочување од 6 месеци се намалија од 0,10% на 0,05%, за една година од 1,00% на 0,40%, за две години од 1,50% на 0,85% и за три години од 2,10% на 1,30%.

И покрај намалувањето, каматните стапки за штедење во Комерцијална банка се уште се поатрактивни од тие Стопанска банка Скопје. Редовните каматни стапки што ги нуди Стопанска банка од 1 јануари 2024 година се на истото ниво како и на 1 јануари 2023. Каматните стапки на регуларните денарски депозити со месечна исплата на камата изнесуваат 0,10% за 6 месеци, 0,35% за една година, 1,10% за две години и 1,30% за три години. На депозитите во евра, Стопанска банка ги пресметува следниве каматни стапки: 0,01% за 6 месеци, 0,20% за една година, 0,40% за две години и 0,50% за три години. Стопанска банка со 31.08.2023 година го укина атрактивниотн депозитен продукт Мој план, кој нудеше рекордно високи каматни стапки, кои за денарите се движеа од 2,50% за орочување на 12 месеци до 3,50% на 36 месеци, а кај евро-депозитите од 1,50% до 2,50%.

И НЛБ банка ја започна годината со исто ниво на каматни стапки на депозитите како во 2023 година. Депозитот класик во денари ги има следниве каматни стапки: 0,20% за 6 месеци, 0,60% за 1 година, 1,30% за две години и 1,60% за три години. Намалени се каматите на Златниот депозит во денари за орочување на 6 месеци од 0,40% на 0,25% и на една година од 0,80% до 0,40%. Кај ТИБИ депозитот нема промени. Непроменети се и каматните стапки за депозитите во евра, кои кај Депозит класик изнесуваат 0,05% за орочување на 6 месеци, 0,30% за една година, 0,60% за две години и 1,20% на три години. НЛБ банка во минатата година, во периодот мај-јули имаше и ограничена понуда на Супер депозит со фиксни каматни стапки од 3,5% за штедење во денари и 2,5% за штедење во евра на период од 36 месеци. Со актуелните каматни стапки штедењето во НЛБ банка е помалку атрактивно отколку во Комерцијална банка, но затоа е поисплатливо во споредба со Стопанска банка Скопје. 

Шпаркасе банка, исто така, ги задржа непроменети каматните стапки на депозитните производи, кои во споредба со конкуренцијата на големите банки се повисоки. За штедење во денари, Шпаркасе банка нуди каматна стапка од 0,30% за период од 6 месеци, 0,60% за една година, 1,00% за две години и 1,10% за три години. Во Шпаркасе банка актуелен е и депозитот прогрес со каматни стапки од 3,3% на 13 месеци, односно 3,8% на 24 месеци во денари, додека каматните стапки во евра се 2,3% на 12 месеци, односно 2,8% на 25 месеци. Овие каматни стапки се зголемени во текот на месец ноември 2023 година, актуелни до крајот на февруари годинава. Останува да видиме дали по истекот на промотивниот период и оваа банка ќе се прилагоди на конкуренцијата и на пазарните услови.

Халкбанк исто така сеуште како активна ја води понудата објавена на веб страната на 01.10.2023 година со каматни стапки во денари за период од 13 месеци – 3,3%, за период од 25 месеци – 3,8% и за период од 36 месеци – 3,9%. Додека каматните стапки во евра изнесуваат 2,3% за период од 13 месеци, 2,8% за период од 25 месеци, односно 3% за период од 36 месеци што ги рангира на исто ниво со Шпаркасе Банка, освен депозитот на 36 месеци кој има највисока каматна стапка, рочност која не е достапна во понудата на најголемиот конкурент кога се во прашање каматните стапки.

 

Банки

Таткото троши – ќерката плаќа: смена на улогите во новата реклама за картичката за деца на Халкбанк

Објавено

на

Замислете кога во одреден момент со парите би управувале децата. Тие да можат да одлучат што да се купи, а што не или колку може да се потроши за чоколади и за слатки. Тие да кажат дали овој месец ќе заштедат или ќе го потрошат целиот буџет.

Во ваква улога се најдоа познатиот македонски актер Сашко Коцев и неговата 9-годишна ќерка Јоана, на снимањето на рекламата за првата платежна картичка за деца на Халкбанк. Станува збор за иновативен производ, наменет за деца од 9 до 15 години, кој ним им овозможува да стекнат финансиски навики, додека родителите имаат целосна контрола на тоа каде и колку трошат нивните деца.

Рекламата за картичката Халки се случува во слаткарница. Таткото е возбуден и сака да нарача сè од менито, но за тоа мора да побара дозвола од ќерката. Таа, од друга страна, е смирена и рационална и не дозволува да се претера со нарачките, но и конзумирање на слатко. На крајот, ќерката ја плаќа сметката со својата Халки картичка.

„Целта на кампањата е на забавен начин, со доза хумор, да покажеме дека децата знаат да се однесуваат одговорно кон финансиите доколку им се дозволи и им се покаже како да го прават тоа. Практично, идејата за креирање на првата картичка за деца и тинејџери до 15 години во Македонија е токму тоа – да им помогне да научат како да располагаат со одредена сума пари, да го планираат неделниот или месечниот џепарлак и да стекнат навики за штедење. Секако, со помош и со контрола на родителите“, вели Маја Наумовска Савеска, директор на корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк.

Mastercard Junior дебитната картичка овозможува низа поволности како повлекување готовина без надоместок од сите банкомати во Македонија и во странство, бесплатен трансфер на средства од сметката на родителот или старателот на сметката на детето. Исто така, родителот има можност за поставување лимити на платежната сметка на детето, блокирање на картичката преку електронско банкарство во случај на губење, СМС инфо без надоместок на мобилниот број на законскиот застапник/старател и можност за дигитализирање на картичката на Google Pay или Apple Pay.

Процедурата за аплицирање за картичката за деца е едноставна и може да се направи во сите филијали на Халкбанк, а сите апликации до крајот на март годинава се ослободени од трошоци за издавање на картичката.

Продолжи со читање

Банки

ХАЛКБАНК СО АТРАКТИВНА ДИГИТАЛНА КАМПАЊА: Отвори сметка онлајн и добиј 1.000 денари за гориво

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје од 1 февруари 2026 година започна нова кампања за онлајн отворање платежни сметки, реализирана во соработка со Макпетрол, со цел унапредување на дигиталното банкарство и поедноставување на пристапот до банкарските услуги.

Новите клиенти можат да станат дел од Халкбанк со само неколку клика, преку креирање електронска идентификација со мобилната апликација OneID, по што сметката се отвора целосно онлајн преку официјалната веб-страница на Банката.

Како дополнителен бенефит, првите 200 нови клиенти кои успешно ќе отворат сметка ќе добијат ваучер за гориво во вредност од 1.000 денари, кој може да се искористи на бензинските станици на Макпетрол. Деталите за подигнување на ваучерот ќе бидат доставени по електронски пат во рок од неколку дена.

Кампањата важи до исцрпување на предвидените 200 ваучери и се однесува исклучиво на лица кои досега немале отворена сметка во Халкбанк АД Скопје.

Со оваа иницијатива, Халкбанк продолжува да инвестира во дигитални решенија и корисничко искуство, овозможувајќи брз, безбеден и модерен пристап до банкарските услуги.

Продолжи со читање

Бизнис

25 милиони евра за зелено работење: најмалку 300 компании ќе добијат грантови до 2030 година

Објавено

на

Проектот „Грантова шема за поддршка на претпријатијата за зелено работење“ обезбедува финансиска поддршка од вкупно 25 милиони евра за мали, микро и средни компании во Македонија во периодот 2026–2030 година. Преку оваа шема се очекува директна поддршка за најмалку 300 компании, со цел забрзување на зелената транзиција и зајакнување на конкурентноста на домашната економија.

Од вкупниот износ, 22 милиони евра се наменети за грантови, додека компаниите ќе учествуваат со сопствено кофинансирање од 20 до 50 проценти, во зависност од инструментот. Поединечните грантови ќе се движат од 5.000 до 300.000 евра и ќе опфатат техничка и советодавна поддршка, воведување меѓународни стандарди, набавка на опрема, имплементација на нови технологии и развој на зелени и иновативни производи.

Првите јавни повици се очекуваат во средината на 2026 година. Проектот предвидува и организирање инфо-карван во соработка со општините, стопанските комори, регионалните центри и секторските здруженија, со цел навремено информирање и поголема вклученост на компаниите.

Директорката на ИНОВА, Даниела Димовска, истакна дека проектот претставува важен чекор кон трансформација на македонската економија.

„Ова е можност компаниите да инвестираат со поддршка и да се подготват за новите барања на пазарот. Зелената трансформација не е трошок, туку инвестиција во иднината и конкурентноста на македонските компании на европскиот пазар“, нагласи Димовска.

Проектот е насочен првенствено кон компании од производствениот сектор, но и кон други дејности кои придонесуваат за намалување на отпадот, енергетска ефикасност и зголемена употреба на обновливи извори на енергија.

Од вкупната вредност на проектот, 18 милиони евра се обезбедени од Европската Унија, додека седум милиони евра се национални средства.

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека проектот претставува стратешка инвестиција во долгорочниот развој на економијата.

„Оваа поддршка ќе им овозможи на околу 200 компании подготовка и имплементација на меѓународни еколошки и одржливи стандарди, со што ќе се зголеми нивното учество во европските и глобалните синџири на добавувачи“, изјави Премиерот Мицкоски.

Со проектот се очекува забрзано воведување зелени практики, отворање нови работни места и создавање поодржлив и конкурентен бизнис-екосистем во Македонија.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange