Банки
Учесниците на вториот модул на ПроКредит Бизнис академијата се стекнаа со нови знаења за комуникациски вештини и „growth mindset“

Успешно заврши вториот модул од ПроКредит бизнис академијата – едукативната програма наменета за развој на микро и малите бизниси преку споделено знаење, вмрежување и практична работа. Академијата се реализира од страна на ПроКредит Банка во партнерство со Alphabet Group, регионална консултантска компанија со докажано искуство во поддршка на малите бизниси.

Темата на овој модул беше „Комуникациски вештини и менталитет на раст (growth mindset)“, а обуката ја водеше Лариса Шпурен Шариќ, искусен професионалец за човечки ресурси со меѓународна експертиза и повеќе од 15 години искуство во создавање култура на високи перформанси во различни индустрии.
Во периодот од 14 до 16 мај, учесниците – претприемачи од различни сектори, имаа можност да навлезат подлабоко во темата на ефективната комуникација – не само како техничка вештина, туку како став и пристап кон личниот и професионалниот развој. Преку интерактивни вежби, студии на случај и практични алатки, учеа како да препознаат и надминат комуникациски бариери, како да слушаат активно, да го разберат говорот на телото и да изградат комуникација базирана на доверба и асертивност.
„Кога сакате вашиот бизнис да расте, две работи се клучни – како комуницирате и како размислувате. Добрата комуникација значи помалку недоразбирања, подобри односи и појасни цели, без разлика дали работите со клиенти, со вашиот тим или со партнери. А growth mindset е начин на размислување што ве турка напред, ве мотивира да учите од грешките и да не се плашите од промени – тоа е она што ја прави разликата помеѓу оние кои стагнираат и оние кои напредуваат. Кога ќе ги комбинирате овие две вештини, ја создавате основата за долгорочен успешен бизнис“, истакна Лариса Шпурен Шариќ.

„ПроКредит бизнис академијата е долгорочна инвестиција во претприемачите што ја движат нашата економија. Среќни сме што времето, знаењето и енергијата што ги вложуваме се препознаени од учесниците од коишто континуирано добиваме позитивен фидбек“, велат од ПроКредит Банка.
Првата генерација учесници на оваа академија до октомври ќе помине уште три модули преку кои ќе се стекне со знаења и практични вештини во областите финансиски концепти, дигитална трансформација и продажни концепти за мали бизниси, во просториите на Управната зграда на ПроКредит Банка во Скопје. По завршувањето на програмата, учесниците ќе добијат сертификати за успешно завршена едукација.
ПР објава











Банки
Ангеловска-Бежоска ја промовира иницијативата за подобар пристап до финансии за жените претприемачи и до податоците коишто се подготвени за првпат во земјава заедно со ЕБРД

Живееме во време на значителни предизвици на економски план и мораме да вложиме напори за целосно користење на човечкиот капитал и поголема поддршка на бизнисите предводени од жени. Еден важен аспект е пристапот до финансии на жените претприемачи. Во овој контекст, Народната банка потпиша Меморандум за соработка со ЕБОР за примената на Кодексот за финансирање жени претприемачи, што претставува светска рамка за поттикнување посветеност, лидерство и иновации со цел да се намали родовиот јаз во финансирањето.
Во рамките на активностите предвидени со Меморандумот, Народната банка за првпат во нашата земја направи анализа за пристапот до финансии на микро, малите и средните претпријатија во сопственост на жени (ММСП). „На крајот на првиот квартал од 2025 година, според првичните податоци, на ММСП во сопственост на жени им се одобрени 13,8% од вкупниот број банкарски кредити одобрени на ММСП со само 7,5% од вкупната вредност на кредитите одобрени на оваа група компании. Податоците покажуваат дека жените претприемачи се висококвалитетни клиенти со многу ниска стапка на нефункционални кредити од 1,54%, во споредба со 2,76% од ММСП во сопственост на мажи. Релативно нискиот удел на жените претприемачи во заемите бара подлабока анализа на причините, како и ефективни решенија за посилна финансиска поддршка на жените претприемачи или за започнување или за одржување на нивниот бизнис“, истакна Ангеловска-Бежоска. Притоа, гувернерката ги повика финансиските институции да се приклучат кон поддршката на Кодексот за финансирање на жените претприемачи и за негова поширока примена при осмислување на политиките и производите за микро, малите и средните претпријатија предводени од жени.

„Ги охрабрувам сите банки и штедилници, како и другите релевантни субјекти да се приклучат кон Кодексот и да станат дел од Националната коалиција за спроведување на Кодексот, од што ќе произлезат голем број активности и креативни идеи за надминување на препреките за женското претприемаштво. Им честитам на првите четири банки коишто веќе ја препознаа вредноста на проектот и се приклучија кон Кодексот“, порача Ангеловска-Бежоска, при што истакна дека само со заемна поддршка може да се подобри родовата финансиска вклученост и женското претприемаштво што е основа за посилен, одржлив и инклузивен раст.
Кодексот за осмислување политики за поддршка за жените претприемачи е спроведен или е во фаза на спроведување во 30 земји, меѓу кои и нашата, со поддршка и од ЕБОР, а целта е со заеднички активности да се зголеми финансирањето на женското претприемаштво.
„Во ЕБОР, веруваме дека инклузивните економии се отпорни економии. Жените претприемачи се моќен двигател на иновациите и растот, но често се соочуваат со препреки поради кои имаат нееднаков пристап до финансиите. Преку нашата поддршка на Кодексот за финансирање на жените претприемачи, горди сме што соработуваме со Народната банка придонесувајќи за системски промени и за еднаков пристап до финансиите. Податоците јасно покажуваат дека бизнисите предводени од жени се силни и сигурни клиенти − сега е време да се спои тој потенцијал со реалните можности. Ги покануваме сите финансиски институции да се приклучат кон оваа иницијатива и да помогнат во намалувањето на родовиот јаз во финансирањето“, рече Фатих Туркменоглу, шеф на Канцеларијата на ЕБОР во Северна Македонија.
Банки
Стабилен раст на депозитите и кредитите во април 2025 година

Според најновите податоци, во април 2025 година, паричната маса оствари месечно зголемување од 0,7%, пред сè поради растот на депозитните пари, при забележан раст и на долгорочните депозити до две години и на готовите пари во оптек, во услови на пад на краткорочните депозити. Анализирано на годишно ниво, паричната маса бележи раст од 10,0%, поради зголемувањето на депозитните пари, долгорочните депозити до две години, краткорочните депозити и готовите пари во оптек.
Вкупните депозити, во април, се зголемени за 0,4% на месечна основа, во целост како резултат на растот на депозитите на секторот „домаќинства“, додека депозитите на корпоративниот сектор забележаа намалување. Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,6%, што се должи на зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“.
Во април 2025 година, вкупните кредити, бележат раст од 0,8% и 11,8%, на месечна и на годишна основа, соодветно. Промената кај двете основи е резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Депозити и кредити на корпоративниот сектор
Овој месец, вкупните депозити на корпоративниот сектор забележаа надолна месечна промена од 2,5%. Промената во целост произлегува од намалувањето на краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во денари, депозитните пари и долгорочните депозити во странска валута забележаа зголемување. Споредено на годишна основа, растот изнесува 12,0% и во поголем дел е резултат на повисоките краткорочни депозити во денари и депозитните пари, при позитивен придонес и на останатите компоненти.
Во април, кредитите на корпоративниот сектор5 бележат месечен раст од 1,0%, при годишно зголемување од 14,1%. Промената кај двете основи во целост се должи на зголеменото кредитирање во денари, додека кредитите во странска валута забележаа пад.

Депозити и кредити на домаќинствата
Вкупните депозити на домаќинствата, во април, остварија месечно зголемување од 2,0%, во најголем дел поради растот на депозитните пари, при дополнителен раст и на долгорочните и краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во странска валута, во услови на пад на краткорочните депозити во странска валута. Годишниот раст од 12,1% се должи на повисоките депозитни пари, долгорочните депозити во денари и во странска валута и краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута бележат намалување.
Во април, кредитите на домаќинствата забележаа месечен и годишен раст од 0,6% и 9,8%, соодветно. Притоа, месечната и годишната промена произлегува од зголемувањето на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.
Според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во април, најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, бележат месечно зголемување од 0,9% и 1,1%, соодветно, при годишен раст од 9,1% и 14,0%, соодветно. Во април, автомобилските кредити забележаа раст на месечна и на годишна основа за 0,4% и 2,3%, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитни картички остварија месечен раст од 0,3%, при годишен пад од 7,9%.
Негативните салда на тековните сметки, во април, забележаа месечно намалување од 9,3%, во услови на годишен раст од 0,1%. Во април, кредитите одобрени врз други основи бележат месечен и годишен пад од 2,3% и 9,0%, соодветно.
Банки
Отворена регистрацијата за „Вози право, вози здраво“ vol. 9, најмасовниот вело настан на скопските улици

Дојде периодот од годината познат по најмасовниот и најзабавниот настан на тркала, „Вози право, вози здраво“, во организација на Стопанска банка АД – Скопје. И оваа година, по деветти пат, метежот на улиците низ Скопје ќе го прават велосипеди, тротинети, ролерки, бебешки колички, скироли и други еколошки превози средства кои не ја загадуваат животната средина.
Настанот ќе се одржи на 1 јуни од 17 часот, а стартот е од Порта Македонија, од каде ќе се вози низ улиците во центар до Градскиот парк, каде што ќе се организира голема забава со многу музика и лотарија со вредни награди за учесниците. Пријавувањето за деветтото издание на „Вози право, вози здраво“ почнува денеска. Сите што сакаат да се дел од големиот настан треба да се регистрираат на линкот, а стартните бројчиња може да ги подигнат од просториите на Стопанска банка (поранешно i-bank store) на кејот на Вардар, секој ден од 26 мај (понеделник) до 31 мај (сабота) од 10 до 18 часот.
Само учесниците кои имаат стартни бројчиња ќе учествуваат во извлекувањето на вредната лотарија со многу награди. Оваа година учесниците на „Вози право, вози здраво“ имаат можност да освојат 9 Specialized велосипеди + 1 Specialized електричен велосипед, 9 Garmin часовници + 1 електричен тротинет, 9 сетови за велосипед (кациги и очила) + 1 ваучер од Град Скопје, како и многу други подароци.
„Вози право, вози здраво“ не е натпревар во вештина на возење или брзина, туку настан каде сите се победници бидејќи придонесуваат за промоција на здравите животни навики и користење на еколошки средства за транспорт. Како дел од овој настан, Стопанска банка секоја година донира во проекти за развој на урбаниот велосипедизам во градските средини, а оваа година донацијата ќе биде наменета за изградба на детски вело–парк во Кочани, со што Банката ќе ја поддржи локалната заедница во овој град преку едукација и развивање здрави навики кај најмладите.
Стопанска банка,
На ваша страна
ПР објава
- Банкипред 2 недели
НЛБ Банка Скопје e првата банка во земјата со формална апликација кон СЕПА, единствената област за плаќање во евра
- Банкипред 1 месец
Шпаркасе Банка наскоро започнува со изградба на нова Централа во Скопје
- Интервјуапред 2 месеци
Интервју | ЕМИЛИЈА НАЦЕВСКА: Вклучувањето на Македонија во СЕПА отвора ново поглавје во меѓународните плаќања
- Советипред 2 месеци
Водич за станбени кредити – Дел 1: Што треба да знаете пред да аплицирате?
- Банкипред 3 недели
ПРВ КВАРТАЛ ОД СОНИШТАТА ЗА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА – добивката зголемена за речиси 20,1%!
- Колумнипред 2 месеци
Кон дигиталната ера: Електронскиот потпис, норма и неопходност на модерното банкарство
- Вработувањепред 2 месеци
Комерцијална банка вработува Помлад соработник за администрирање кредити и гаранции
- Банкипред 3 недели
Стопанска банка АД – Скопје во првиот квартал од 2025 година оствари добивка од 13,5 милиони евра!