Connect with us

Банки

Средби со ММФ: Успешен пристап на Народната банка во совладувањето на инфлацијата и одржување на стабилноста

Објавено

на

Одржувањето на стабилноста на домашната валута, успорувањето на инфлацијата на едноцифрени стапки и одржувањето на финансиската стабилност се најдобри показатели за соодветноста на монетарната политика која ја води Народната банка во контекст на неколку последователни кризи. Ова беше заклучено на состаноците коишто ги остварија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Ана Митреска со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка, кои годинава се одржуваат во Маракеш, Кралството Мароко.

На состанокот беше истакнато дека пристапот на Народната банка во справувањето со инфлацијата е соодветен, со постепено и внимателно дејствување, преку коешто се делува на стабилизирање на инфлациските очекувања, со истовремено ограничување на потенцијалните ризици врз финансиската стабилност и растот на економијата. Банкарскиот сектор, според сите показатели останува здрав и стабилен, додека растот на кредитирањето постепено успорува, но за разлика од други земји и понатаму е во позитивната зона и дава поддршка на економијата.

Согласно најновите, есенски проекции на ММФ за македонската економија, растот на инфлацијата годинава ќе забави, а ќе продолжи да забавува и следната година, додека на среден рок инфлацијата би се вратила на историското ниско ниво од 2%. Притоа, гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска истакна дека централната банка постојано и внимателно ги следи релевантните показатели и презема одлучни чекори за справување со инфлациските притисоци и одржување на стабилноста.

Гувернерката посочи дека одговорот на Народната банка, соодветно на карактерот на кризата, се одвива преку затегнување на монетарната политика со користење на повеќе инструменти. Најпрво се делуваше преку затегнување во делот на ликвидноста, понатаму преку постепено зголемување на каматните стапки, како и преку промени во задолжителната резерва со коишто се зајакнуваат монетарните сигнали и истовремено се делува на поголема денаризација на економијата. Зголемувањето на капиталните барања на банките преку контрацикличниот заштитен капитален слој, како и другите макропрудентни мерки со коишто се воведоа прагови на потребните услови за кредит се комплементарни на монетарните мерки и придонесуваат за зајакнување на стабилноста на банкарскиот систем, како еден од предусловите за ценовната стабилност. Кредитниот пазар и инфлацијата веќе реагираат на монетарните промени, а одредени одложени ефекти ќе има и во следниот период, со оглед на тоа што мерките што ги преземаат централните банки вообичаено се пренесуваат со одредено задоцнување.

Од ММФ препорачаа натамошно водење претпазливи политики и будно следење на состојбите.

Во рамки на Годишните средби, делегацијата ќе има состанок и со заменик генералниот директор на ММФ, Бо Ли.

Банки

Halk EZ – банкарски пакет со музички идентитет кој ги одразува темпераментот и бунтовноста на младите

Објавено

на

Музиката е составен дел од секојдневието на младите денес. Без разлика дали се на работа, учат во библиотека, седат во кафуле, патуваат на викенд, тие речиси никаде не одат без своите слушалки за да можат во секој момент да уживаат во звуците на омилените музички жанрови. Токму затоа, новиот банкарски пакет за млади Halk EZ, покрај визуелниот, разви и свој музички идентитет и брендинг. Станува збор за нумерата EZ Generation што ја креираше српскиот диџеј и продуцент Andrew Meller.

„Работев на дизајн на звук кој би одговарал на карактеристиките и животниот стил на една генерација. Со цел да дојдам до најдобар резултат, спроведов цело истражување какви треба да бидат бојата и тонот на тој звук. Кога го креирав и го слушав бесконечно долго во loop, ми дојде идеја дека од него можам да развијам цела песна. Во песната се содржани повеќе под-жанрови помеѓу кои настана фузија која звучи како целина. Исто така добив ефект на певливост и веднаш ја тестирав во клуб пред младите и помина феноменално. Најважната работа кога креирате вакво нешто е и од другата страна да имате разбирање и да делите иста визија што во случајов со тимот на Халкбанк го постигнавме на уметничко ниво“, вели продуцентот Andrew Meller.

Идејата е музичката нумера EZ Generation да биде составен дел од сите активности кои Халкбанк ќе ги спроведува за пакетот за млади Halk EZ. Станува збор за поинаков пакет кој покрај банкарски услуги, на младите на возраст од 16 до 24 години, ќе им понуди и платформа за едукација, дружење, вмрежување и забава.

„Нашата цел е на сите млади корисници да им понудиме пакет кој е прилагоден на нивниот начин на живот. Но, како тим одлучивме дека за да им се доближиме на младите, мора да креираме поинакво искуство кое нема да биде врзано исклучиво за банкарски и финансиски услуги. Затоа пакетот Halk EZ доби свој музички брендинг, како и креативен идентитет чиј носечки симбол е фонтаната Лотос во Градскиот парк во Скопје. Дополнително, преку Halk EZ, младите ќе имаат можност да добијат финансиска едукација, како и пристап до голем број културно – забавни содржини“, вели Маја Наумовска Савеска, директор на корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк.

Пакетот Halk EZ (Halk Easy) е креиран за да одговори на секојдневните потреби на студентите, средношколците, младите претприемачи и сите млади луѓе кои водат брз и динамичен живот и ги користат дигиталните технологии. Тој нуди бесплатно мобилно и електронско банкарство, Visa бесконтактна картичка со која може да се повлекува готовина без надомест на сите банкомати во земјата и во странство, платежна сметка без трошоци за водење, и иновативни услуги како GarminPay, SmartSend, SmartCash.

Продолжи со читање

Банки

Андреева од Народната банка: Макропрудентните мерки на Народната банка придонесуваат за задржување на финансиската стабилност

Објавено

на

„Преку спроведување на макропрудентната политика и преземање макропрудентни мерки кон банките, штедилниците и другите финансиски институции на кои им издала дозвола, Народната банка се грижи за постигнувањето и задржувањето на финансиската стабилност. Една од тие мерки е противцикличниот заштитен слој на капиталот којшто беше „активиран“ во средината на 2022 година и за оваа мерка една од меѓународните агенции за кредитен рејтинг наведува дека придонесла за стабилизирање на растот на станбените кредити и за забавување на растот на цените на становите“, пишува Наташа Андреева, директорката на Дирекцијата за финансиска стабилност и макропрудентна политика, во колумна за билтенот на Македонската банкарска асоцијација.

Андреева објаснува дека целта на воведувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот е да се делува превентивно и навремено да се гради и да се зајакнува капиталната сила на домашните банки, што е во основата на отпорноста на банкарскиот сектор на ризици. „При оцената на системските ризици, посебен акцент беше ставен на геополитичката неизвесност и ризиците поврзани со војната во Украина, што создаваа ризици за домашната економска активност и за инфлацијата. Дополнителен фактор беше растот на цените на становите, којшто забрзуваше во тој период, при натамошен солиден раст на станбените кредити“, пишува Андреева и наведува дека мотивот за првичното воведување на стапката на противцикличниот заштитен слој се присутните ризици од повеќе страни, како што се пред сè зголемените ризици од макроекономското окружување, коишто можеа да го зголемат ризикот од проциклично остварување на кредитниот ризик и наталожување на кредитните загуби во билансите на банките.

Во средината на 2023 година, кај нас за првпат започнаа да се применуваат и макропрудентните мерки насочени кон кредитната побарувачка со цел да се избегне прекумерното задолжување. „Така, за кредит на физичко лице обезбеден со недвижност се ограничи соодносот помеѓу износот на кредитот и вредноста на заложената недвижност на 85%. Потоа, износот на месечните обврски на физичкото лице врз основа на кредити во однос на неговите месечни приходи се ограничи на 55% за кредит во денари и 50% за кредит во девизи или со девизна клаузула. Во услови на сѐ повисоки цени и каматни стапки, целта на оваа мерка беше да се намали системскиот ризик што би произлегол од евентуалната презадолженост на секторот „домаќинства“, при раст на општото ниво на цените, вклучително и на становите“, пишува Андреева во колумната и додава дека одредувањето на максималната висина на овој показател според валутата на кредитот е во согласност со стратегиските определби на Народната банка за денаризација и придонесува за деевроизација на билансите на банките.

Андреева објаснува дека Народната банка ја споделува одговорноста за водењето на севкупната мекропрудентна политика со останатите регулатори на финансискиот систем, при што меѓусебната соработка на надлежните регулатори се остварува преку Комитетот за финансиска стабилност и двата негови поткомитета, во кои членуваат претставници од сите финансиски регулатори.

Продолжи со читање

Банки

Средба Народна банка − СЗПМ: Платежната сметка со основни функции погодна зa пензионерите

Објавено

на

Пензионерите може да отворат платежна сметка со основни функции кај банките којашто нуди повеќе придобивки, како што се ниски трошоци за одржување, со можност за користење релативно широк сет платежни услуги од банките, за надоместок којшто во моментов не може да надмине 38 денари, што е од големо значење за намалување на финансискиот товар на пензионерите. Ова беше нагласено при средбата на претставниците на Народната банка, предводени од гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, со претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ), Станка Трајкова и со останатите претставници на Сојузот.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска ја истакна важноста на поблиската соработка со здруженијата на пензионерите, заради заштита на нивните права како корисници на платежните услуги и нивно информирање за новините и погодностите коишто ги нуди новата законска рамка во оваа сфера. 

Во рамките на посетата на СЗПМ, заменик-директорката на Дирекцијата за платни системи, Биљана Доновска-Гечева, одржа презентација пред претставниците на Сојузот, се осврна на карактеристиките на платежната сметка со основни функции. Таа нагласи дека со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, за првпат во нашата земја се воведе платежна сметка за која законски е ограничена висината на надоместокот. „За услугите коишто се опфатени со платежната сметка со основни функции, банката може да пресмета и да наплати вкупен месечен надоместок до одредена разумна висина којашто не смее да биде повисока од 0,1% од просекот на последните 12 месечни просечни исплатени нето-плати во земјата, според Државниот завод за статистика (или во моментов 38 денари). Овој надоместок вклучува одржување на платежната сметка и дебитната картичка, онлајн користење интернет и мобилна апликација, неограничен број платежни трансакции за уплата или повлекување готовина непосредно на шалтерите во работните простории на банката или преку нејзината мрежа на банкомати, неограничен број платежни трансакции со дебитни картички и извршување минимум пет платежни трансакции во рамките на истата банка“, посочи Доновска-Гечева.

Имајќи го предвид сетот на платежните услуги коишто ги нуди и нискиот месечен надоместок, платежната сметка со основни функции е особено погодна за пензионерите или за учениците и студентите кои користат државна стипендија. За потрошувачите, пак, коишто ѝ припаѓаат на групата корисници на законски права, платежната сметка со основни функции е бесплатна. За отворање платежна сметка со основни функции кај банките се поднесува барање за отворање ваква сметка или за трансформирање на постојната. Прочитајте повеќе на врската:

https://www.nbrm.mk/content/%D0%9F%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B5%D0%B6%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D0%BC%D0%B5%D1%82%D0%BA%D0%B0_%D1%81%D0%BE_%D0%BE%D1%81%D0%BD%D0%BE%D0%B2%D0%BD%D0%B8_%D1%84%D1%83%D0%BD%D0%BA%D1%86%D0%B8%D0%B8.pdf

Продолжи со читање

Популарно